Љуботен и Пирибег - 1-2 август 2010
Дводневна акција од Старо Село до домот Љуботен, потоа под Козја стена до седлото под Љуботен, искачување на Љуботен и назад до седлото, потоа преку Куле до Ливадица. Спиење во шатор под врвот Ливадица. Следниот ден Кучиногледски врв (Пирибег), па назад, но од другата страна на Љуботен преку ридот Занога, премин преку Љуботенска река - до Старо село.
Ова е краткиот рапорт за акцијата на која учестувуваме Марин, Васко и јас (Трајче). Појдовме од Скопје околу 7 часот. Во 8 и 20 поаѓаме пешки од Старо село. Околу 10 сме во домот "Љуботен". Срдечна средба со домарот Митко, го прашуваме за здравјето, го информираме каде планираме да одиме. Ни кажува дека за Илинден традиционално се собираат многу луѓе на Ливадичко езеро, особено доаѓаат од с. Штрбце - српско село од Косовска страна, но доаѓаат и луѓе од нашите села.
колата со ранците на поаѓање
Додека се спремаме за поаѓање, од котлината се дигнаа облаците и ние патот покрај Козја стена до седлото под Љуботен го минавме речиси постојано во облаци, на моменти и со ладникав ветар. Но тоа не не спречи во моментите кога малку ќе се расчистеа облаците да уживаме во суровата убавина на камењарот и особено на Козја стена.
Козја стена и патеката кон седлото
На седлото наоѓаме мало изворче со вода. Се освежуваме, грицкаме нешто за да надокнадиме енергија и поаѓаме по сртот кон врвот Љуботен. Нешто погоре ги оставаме (тешките) ранци и продолжуваме нагоре по теренот кој е прилично лизгав поради ситните камчиња. За 20-25 минути сме на врвот. Таму среќаваме група планинари кои се искачиле од косовска страна - планинари од П.Д. "Островица" од Прешево. Разменуваме информации, се сликаме заедно и по десетина минути поаѓаме назад. Горе на врвот дува ветар, но не е премногу силен. Наскоро пак сме на седлото.
Поглед кон врвот Љуботен од седлото
Козја стена - на спуштање од Љуботен
Ги земаме ранците и продолжуваме натаму. Времето е облачно, одиме низ не многу густа магла, има доволна видливост.
Кај врвот Кула - на карпестиот гребан сретнуваме планинарка и планинар од Скопје кои ни кажуваат дека биле кај езерото но биле непријатно изненадени дека кога се приближиле таму некои луже почнале да пукаат со огнено оружје. Нашиве, видно изплашени и загрижени се вратиле назад и нас не предупредија да го избегнеме ако можеме езерото. Ние, мирољубиви души, кои навистина не разбираме што бараат луѓе со огнено оружје без никаква потреба да пукаат во планина, каде што ние одиме, меѓу другото да уживаме во мирот, --- наскоро решивме да ѕирнеме од горе на езерото, а да го направиме логорот на друго место. Единствен проблем можеше да биде резервите со вода, но откако се пребројавме, заклучивме дека имаме доволно вода до почетокот на другиот ден.
Ливадичко (Штрбачко) езеро - 2210 m
врвот Ливадица (2497m)
Приближувајќи се кон езерото, на повеќе пати се слушаат истрели од тој правец. Ние се качивме на гребенот над езерото, од таму се гледаше дека има поставено некакви шатори и дека има долу неколкумина. Дури и мафнавме во знак на поздрав, но од таа страна немаше одговор. Ок, си рековме, си најдовме едно убаво место за логор подалеку од езерото и правецот каде "пиштолџиите" би пукале. Го наместивме шаторот. Уште беше облачно и доста свежо. Се облековме соодветно, направивме топла супа, јадевме, се одморивме, прошетавме малку. Се упативме кај едно стадо овци и од овчарот добивме корисни информации за тоа каде утре да најдеме вода на пат кон Пирибег, а исто така и за враќањето назад од ридот Занога.
нашиот шатор
Рано легнуваме, за да се стоплиме во вреќите за спиење. Ноќта минува мирно, со по некој истрел. Следниот ден - Илинен, се будиме околу 6 - 6:30 часот. Пука сонце, а под нас - море од облаци - и лево и десно - и на македонска и на косовска страна. Следно што се гледа пред нас се врвчињата на Солунска Глава.
поглед кон Љуботен - рано наутро
Стануваме, се расшетуваме малку, ги вадиме работите од шатор, она што е мокро (од кондензација) да се исуши на околните камења, а и шаторот го бришеме од влага и го оставаме малку да го "фати сонце". Појадуваме и почнуваме да се пакуваме за поаѓање. Шаторот последен го собираме и е речиси сув.
Додека ние се бавиме со тие работи, постојано минуваат мали групи луѓе, деца, планинари... Ние поаѓаме кон сртот и веќе сме во директен контакт со нив. Испаѓа дека тоа се србите од Штрпце кои денес масовно се искачуваат и одат до езерото. А тие - превентивно, си пуштале луѓе порано да преспијат и да пукаат цел ден и ноќ за да на тој начин ги одвратат "непожелните" случајни посетители - за да остане езерото само за нив. Мој личен став е дека планините се на сите и треба да не зближуваат, а не разделуваат, но очигледно е дека за некои работи на овие наши предели ќе треба да помине уште време па да си дојдат на своето вистинско место.
Ние продолживме кон Пирибег.
сртот кон Пирибег, Езерски врв, Бистра (Пескови), Црн врв
Додека одиме натаму, едно десет минути друштво ни прави прекрасен голем шарпланинец кој дошол со групата од Штрпце, и кој, по неколку упорни повици од газдата, сепак се оддели од нас и се врати кај својата група.
шарпланинецот
Повторно сме само ние и планината. Пирибег е блиску, веќе сме на подножјето пред врвот. Ги гледаме жичарите и ски лифтовите на ски-центарот "Брезовица". Стрмни и убави терени за скијање.
Пред врвот имаше мало плитко езерце кое сепак помогна да се освежиме и измиеме со неговата вода.
езерцето пред Пирибег
На Пирибег има повеќе објекти подигнати од човечка рака - жичара, релејни контејнери, антени... Стоиме тука и гледаме натаму по сртот на Шара - кон Езерските врвови, Бистра (Пескови), Црн врв. Во позадината се гледаат Бориславец (со се уште доста снег), Титов врв, Мал Турчин, Бакардан. На северо-запад врвовите на Проклетије.
гребенот на Шара кон Црн врв (од Пирибег)
Марин и Васко на Пирибег (позади е Љуботен)
По десетина - петнаесет минути поаѓаме надолу, следејќи го правецот каде оценивме, според кажувањата на овчарот - дека има вода. Се испостави дека тоа се всушност изворите на Беловишка река. Прекрасен тревнат амфитеатар, на места нормално има и карпи и вода извира од повеќе места. Избираме едно убаво изворче и уживаме во мирот што владее на ова место. Сите се согласуваме дека тука слободно би можеле да останеме неколку дена и да уживаме. Но ние за жал, мораме понатаму.
изворчето - едно од повеќето кои ја формираат Беловишка река
Се креваме повторно во висина, некои висински 200 метри, кон Ливадица. Марин оди на сртот да фрли поглед на прославата на Св. Илија што долу се одвива, а ние одиме по изохипса, фаќајќи правец кон сртот Занога, кој се наоѓа под Куле и практично е паралелен со Љуботен - сакаме да го скратиме патот кон назад, и - нормално, да се обидеме да најдеме нов пат - онаму каде што досега не сме биле. Во меѓувреме облаците од долината почнаа да не достигаат, и токму кога почнавме да се спуштаме надолу, видливоста ни се намали. Околу еден час се спуштаме по сртот во магла, со видливост од околу стотина метри. Но, токму на оној дел кога треба да се донесе одлука на која страна да појдеме - кога наидуваме на шумата - времето се расчистува, облаците остануваат горе. Консултации, од каде е најдобро да се симнеме во реката - од другата страна го гледаме патот, ама од нашава страна поради стрмниот терен не знаеме што не чека. Марин му "врти" телефон на домарот Митко - Митко вели, симнете се во шумата, може да најдете некое патче. Тоа ни е доолно.
низ шумата
Охрабрени од убавите зборови поаѓаме надолу и по стотина висински метри низ шумата наидуваме на најпрекрасно шумско патче - кое очигледно го користат луѓето од бачилата - широко на некои места и по два метри, кое благо се спушта кон реката.
шумското патче
кон Љуботенска река
Наскоро стигнуваме до реката. По пат мораме да ги спомнеме богатите наоѓалишта на шумски јаготки, малини и (погоре) боровинки. Кај реката патчето врти паралелно со реката надолу и продолжува уште стотина метри па потоа на убаво место преминува на спротивната страна. Тука застануваме да се измиеме во реката - знаејќи дека ориентациониот дел од патувањето ни е успешно завршен и дека ни останува само околу 1 час да го изодиме до колата.
фрагмент од убавините на Љуботенска река
прекрасни игри на природата
Продолжуваме од другата страна. Малку сме изморени во нозете, некој со по некол плускавец од газење бочно по висока трева, но среќни. Сонцето немилосрдно пече и е многу жешко во долниот дел од патеката - се надеваме дека во продавницата во Старо село ќе најдеме сладолед. Така, со позитивна мисла, се враќаме. (П.С. Не земавме сладолед во селото, требаше да го викаме од дома продавачот, ама не сакавме тоа да му го правиме на празник. Во Скопје бевме во 17 часот).
Марин на карпата над Љуботенска река
Технички податоци - приближни (овој пат GPS-от беше на големата акција Monte Cinto, Gran Paradiso, Mangart)
Должина : околу 32 km
Вкупна висинска разлика: околу 2500 m
3D мапа на патеката и теренот
висински профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LjubotenPiribegAug2010
автор : Трајче Панковски
|