Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Љуботен - традиционално искачување - 09-10 ноември 2013

ВО ЗНАКОТ НА РЕКОРДЕН БРОЈ НА УЧЕСНИЦИ

Овогодишната акција ЉУБОТЕН 2013 – традиционалното шесто искачување по повод 13 ноември – денот на град Скопје помина во знакот на рекорден број на учесници : 500-600 учесници. Домарот од пл. дом Митко не памети некогаш да имало толку учесници во планинарска тура на Љуботен.

Иако временската прогноза не беше поволна како минатогодишната тоа не ги поколеба учесниците организирано со ПСД Макпетрол и ПД Трансферзалец или самоиницијативно да го поминат денот во прошетка по убавите планински падини или до самиот врв.

Уште во саботата при контролното искачување до Козја стена и отаму до врвот и долу до пл.дом сретнавме доста планинари кои беа дојдени да ја искористат убавата саботна временска прогноза – прекрасно сончево и мирно време. Тоа како да наговестуваше масовно присуство во наредниот ден. Во тој контекст течеа и подготовките во кујната од домот : домарот постави да се вари гравче за околу 300 порции и спремивме 2 лонци за 100л чај за утредента. Тука беа и сите други потребштини кои мислевме дека ќе бидат потребни за нормално одвивање на акцијата.

Залезот на сонцето беше импозантен. Над Пирибег блештеше како вулканска ерупција и црвенилото се протегаше надалеку.А во котлините густа магла. Како острови се гледаа Водно и Јакупица со Солунска глава, Пирин во далечината. Нашите маратонци ги имаа поставено своите шатори и вршеа припреми ноќта да се искачат на врв.

Ноќта беше невообичаено мирна и топла. Утрото покажа зошто. Тешки сиво-црни облаци надоаѓаа од запад. Магла започна да шета по падините. А уште од 7 часот почнаа да пристигнуваат првите планинари дојдени до Старо село со сопствени возила или со џипови до домот. Започна делењето на чај чаша по чаша од кујната а околу 9ч со тенџериња надвор на масичка се полнеа забрзано чашите со врел планински чај.

Околу 9.30ч пристигнаа и првите учесници организирани со автобуски превоз. Многу познати лица, неможеш да стигнеш со сите да се поздравиш! Мал одмор, чаша чај и продолжуваа нагоре кон врвот.

До 11ч се поделија 500 чаши чај. Делењето продолжи но јас морав да се упатам кон врвот за во 13ч да го ” затворам ” - да ги натерам сите кои се таму да започнат со слегување, односно да бидам сигурен дека никој не останал на врвот или по патеката. Како што се качував нагоре ветерот стануваше посилен. На моменти ме туркаше од силина. Облаци од магла се лизгаа по падините. Морав да ставам кабаница. Но на врвот се расчисти и огреа сонце на кратко. Помислив : Господ е секогаш со нас.

Врвот го затворив во 14ч. Немаше потреба да бркам некого, последните 5-6 планинари по сликањето со знамето тргнаа пред мене кон домот. Кога околу 16ч пристигнав во домот таму веќе немаше планинари. Сите веќе беа на пат кон Старо село. Започна да врне дожд кој ги накисна тие што отидоа со последниот автобус. Последниот автобус тргна назад за Скопје околу 18 часот.

И се ќе беше завршено во најдобар ред доколку имало доволно гравче. За жал околу пеесетина планинари иако имаа купончиња останаа без гравче (немаше ни за мене). ОБЈАСНУВАЊЕ : иако имаше гравче за 300 порции, иако домарот знаеше дека имаме поделено 160 купончиња за гравче, во гужвата која настанала домарот не можел да води евиденција колку планинари со купончиња земале гравче и уште колку треба да земат. Давал со ред и веројатно гравчето било вкусно па сите сакале да го пробаат. Ако бев присутен можеби ќе беше се во ред.

ИМ СЕ ИЗВИНУВАМЕ НА ТИЕ КОИ ОСТАНАА БЕЗ ПОРЦИЈА ГРАВЧЕ. ГИ ПОВИКУВАМ ДА ГИ ВРАТАТ КУПОНЧИЊАТА ЗА ДА ИМ ВРАТИМЕ ПАРИ. Ова искуство мора да го памтиме.

Среќен сум што Господ ни даруваше време без дожд до 16 часот. Изразувам благодарност до сите учесници што не почестија со своето присуство. Навистина сум изненаден од масовноста на учесниците. Моја проценка е дека имаше 500-600 учесници (беа наполнети со чај 600 пластични чаши). Уште повеќе ме радува што 70% од нив беа млади луѓе! Имаше и бебиња, неколку дечиња но и постари планинари. Имавме гости од ПК Балкан од Белград, од Железничар од Врање, од Крива Паланка, од Пехчево, од Штип, од Струмица, од Берово, од Тетово, од Скопска Црна гора.....

Изразувам благодарност на екипата која помогна околу анимирањето на учесниците во автобусите и потоа при водењето на колоната до пл.дом. Благодарам на Миланка од Белград која се умори делејќи чај. Морам да го спомнам и Богдан кој има 11 години и го искачи врвот и во саботата и во неделата.

 

НА СИТЕ ВИ ПОЖЕЛУВАМ ДОБРО ЗДРАВЈЕ И ДА СЕ ВИДИМЕ НА НЕКОЈА ОД НАШИТЕ СЛЕДНИ АКЦИИ.

Автор: Никола Доновски

Фотографии: Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Никола Доновски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje