Љуботен - традиционално искачување - 10-11 ноември 2012
БРАВО ЗА УЧЕСНИЦИТЕ! БРАВО ЗА НОЕМВРИ! ТЕ САКАМЕ СКОПЈЕ!
Планинарите му подарија убав поклон на Скопје. По петти пат традиционално во чест на 13 ноември се искачија на врвот Љуботен кој е представен на грбот на градот. Искачувањето ќе остане запаметено по солидниот број на учесници а уште повеќе по прекрасното време. Ноември многу пријатно не изненади со два мирни и сончеви денови кои убаво ги искористивме. Подготовките за акцијата ги направивме навреме со подршка на градското собрание и во соработка со пл.друштва "Трансверзалец" и "18 Август" од Скопје. Одзивот на планинарите беше одли чен, се бараше место повеќе во автобусите. Три полни автобуси + планинари кои дојдоа со свои возила, вкупно околу 200 учесници.
на врвот Љуботен - во сабота
Во саботата наутро претходница отиде во планинарскиот дом Љуботен на 1622 мнв и однесе чај за да се спреми за утредента. Благодарност до Спасе од Серта за џипот кој ни го стави на располагање за секој случај. Ја поминавме и патеката до врвот. Маркацијата одлично се гледаше, пред врвот "посеано" малку снег. Сонцето печеше како на крај од лето, без ветар. Во долините облаци од магла а над маглата се извишуваа врвовите на Солунска глава, Титов врв, Пирибег и во далечината снежниот Пирин. Пред врвот среќаваме група планинари од Неготино а на самиот врв група планинари од Косово. Попладнето беше весело во пл.дом. Имаше печени костени, неготинско вино и ракија, ајвар, сиренце, па и малку од печеното јаре од една група на весели планинари од Вратница. Пеевме заедно. Домарот Митко и неговата сопруга љубезно се трудеа околу нас. Припремивме две тенџериња за чај.
логорување во шатори во близината на домот "Љуботен"
Неделно утро - уште поубаво од вчера. Првите планинари - тркачи пристигнаа околу 9 ч. Тенџерето со топол чај е спремно поставено на маса надвор со шеќер и парчиња лимон. Се испива едното па вадиме второ тенџере. Планинарите го испиваат чајот и итаат нагоре кон врвот. Околу 10 ч. тргнуваме и ние полека кон врвот. По патеката растегната колона. Над 2000 м веќе среќаваме тркачи кои се враќаат кон домот. А на самиот врв околу 12.30 ч. голема група од планинари кои уживаат на прекрасното сонце. Некои јадат, некои се сунчаат. Се сликаме со знамињата на Р.Македонија, ПСД Макпетрол и со гостинското од ПК Балкан од Белград. По наша проценка околу 130 - 150 планинари се искачија на самиот врв Љуботен - 2499 мнв. Најмногубројни беа младите. Најмладите беа од 3 и од 13 години. Останатите учесници останаа кај пл.дом. Чекаме и последните планинари да се искачат на врвот и во 14.20ч. го "затвораме" врвот и тргнуваме назад. Кај пл.дом е веќе темно. Синиша и Ѕвонко од Тетово тргнуваат со последните планинари надолу кон Старо село. По околу еден час сите сме кај последниот автобус и околу 18.15ч. поаѓаме за Скопје.
недела - по широкиот пат кон домот
мал одмор кај домот - преоблекување и чајче
кон врвот
врвот Љуботен
на врвот Љуботен
поглед кон Ливадица, Пирибег, Црни Врв
есенски бои - на враќање кон Старо Село
Догледање ЉУБОТЕН до следното искачување. Благодарност до сите учесници и до оние кои придонесоа организацијата да се одвива како што треба.
Автор: Никола Доновски
Фотографии: Радосав Тасевски, Никола Доновски
|