Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Љуботен и Пирибег - 20-21 ноември 2010

Во деновите 20 и 21 ноември ПД "Макпетрол" имаше заедничка акција со нашите пријатели од Србија од ПК "Балкан" од Белград. Главна цел на акцијата беше искачување на два врва на Шар Планина - Љуботен (2499m) и Пирибег (2524m). Првиот ден - саботата - имавме пријатна можност да земеме учество во акцијата "Ден на дрвото". Имено, во утринските часови ние со нашите пријатели од Белград се собравме во близината на Меѓународната Автобуска станица во Скопје и тука, во присуство на г-дин Борис Трајанов, г-ѓа Атина Бојаџи и други активисти од оваа навистина хумана акција - беа посадени неколку млади садници. Иницијатор на оваа активност беше г-дин Стојанче Величковски - истакнат планинар од Крива Паланка. Оваа акција симболично го означи почнувањето на Балканската соработка - односно придружувањето кон акцијата од страна на другите балкански земји, кои поактивно ќе се вклучат од пролетта идната година, а особено затоа што и името на клубот на нашите пријатели е "Балкан".


моменти од акцијата на садење на млади садници

Потоа учесниците на планинарската акција, вкупно триесетина - се упатија кон Тетово и Лешок каде посетија неколку цркви и други културно-историски споменици. Во попладневните часови пристигнаа до Старо Село од каде го започнаа искачувањето до ПД "Љуботен", на висина од околу 1630m.


групата пред поаѓање од Старо Село кон ПД "Љуботен"

Таму пристигнаа во квечерината. По сместувањето и вечерата - се дружеа низ песни и ора.

За следниот ден беа предвидени две групи - првата со цел да ги искачи Љуботен и Пирибег, втората - до Љуботен и назад до домот "Љуботен".

Јас и г-дин Петар Герасимов имавме обврски во Скопје во саботата, па затоа решивме да се придружиме на акцијата во неделата. Бидејќи поаѓањето на првата група беше закажано за 6 часот наутро, ние од Скопје појдовме околу 2:30. Во 3:45 беме во Старо Село. Со нас, но со свое возило дојде и г-дин Вања Милев. Заедно тројцата со челни ламби и месечева светлина (беше полна месечина) стигнавме во домот "Љуботен" во 5 часот. Домот штотуку почнал да се буди. Испивме по едно кафе додека нашите пријатели се подготвуваа за акцијата.

Во 6:10 групата од 17 планинарки и планинари појдовме од домот. Времето беше убаво,. мирно, повеќе ведро отколку облачно. Наскоро го дочекавме појавувањето на првите сончеви зраци. Со умерено темпо се искачувавме нагоре, знаејќи дека планот за денес е повеќе од амбициозен. Уште кога ја закажувавме акцијата укажувавме на тоа и рековме дека ќе може успешно да ја реализираме само ако појдеме рано, ако е групата кондиционо спремна и ако временските услови ни се наклонети.


почетокот на искачувањето кон Љуботен - осветлени од првите сончеви зраци

По излегувањето на гребенот, некаде на висина од 2250m почнуваме да газиме снег, но во тенок слој - најмногу до 10cm. Со истото темпо продолжуваме нагоре и околу 8 часот најбрзите стигнуваат на врвот Љуботен. До 8:15 сите се на врвот. Краток одмор, некој каснува сендвич, чоколатце... Па фотографирање - групно и одделно. Веќе тука забележуваме дека некои членови од групата потешко се движат и им препорачуваме да размислат за враќање назад, бидејќи не чека уште многу пат.


колоната по гребенот на Љуботен


групна фотографија на врвот Љуботен

По петнаесет минути одмор, групата поаѓа надолу, но сега од другата страна - во правец на запад, кон седлото во близина на Козја Стена - пострмната страна од планината, која беше покриена со тенок слој мек снег, што всушност правеше поголем проблем, поради тоа што снегот во комбинација со камењата под него предизвикауваа повеќе лизгање. Но генерално групата одлично го помина овој најстрмен дел од рутата. Стигнавме до седлото. Колегата планинар Звонко од Тетово поведе помала група до изворот во близина на седлото - оние кои сакаа да си ги обноват резервите со вода. Ги причекавме на седлото па потоа продолживме понатаму - кон Куле.


спуштање од Љуботен


на лизгавиот терен во близина на Козја Стена

На патот кон Куле наидуваме на траги - на траги од мечка и на траги од луѓе. По околу 40-тина минути дознаваме чии се трагите од луѓето - сретнуваме тројца ловџии од Тетово кои се враќаат во правец на Љуботен. Тројца членови од нашата група на кои ова темпо сепак им беше прмногу - или барем така се чувствуваа тој ден - решија да се вратат назад. Останатите продолживме, одејќи по трагите на мечката која тука поминала во својата утринска обиколка.


на пат кон Куле - прекрасниот Љуботен со Козја Стена во позадина

Времето е променливо - некогаш сонце, некогаш влегуваме во облак, понекогаш се појавува и ветар, но за среќа не е многу силен. Се приближуваме кон Ливадично езеро - кое само повремено ни се појавува - овој дел од патот повеќе го поминавме во облак.


Ливадичко (Штрбачко) езеро

Правиме мала пауза за да се собере групата. Некои ја искористија малата пауза од десетина минути за да каснат нешто - вистинска пауза за ручек нема да може да направиме. Правиме калкулација со времето. Ако сакаме да стигнеме до Пирибег, мораме малку да побрзаме. Поаѓаме нагоре кон Ливадица, пречејќи ја малку дијагонално, не го искачуваме врвот за да добиеме во време. Снегот станува подлабок, околу 10-15cm. Некаде после Ливадица среќаваме тројца планинари од Косово. Едниот ме позна - се сретнавме на Љуботен во август - од ПД "Островица" - Прешево. Се поздравивме, краткок разговор, па повторно натаму. Врвот Пирибег го искачуваме во вистински зимски услови. Студен ветар, не многу силен, облачно, зимска светлина, снегот стврднат, крцка под нозете. Убавина. Лесно се искачуваме на врвот. Групата се собира - во 12:20 сме на врвот - десет минути пред предвидениот рок. Честитки, фотографирање... Ладно е, па времето не ни дозволува повеќе да уживаме тука. Каснуваме нешто на брзина, некој менува облека и за десет минути поаѓаме назад.


на пат кон Пирибег - зимски услови


врвот Пирибег (2524m)


групна фотографија на врвот Пирибег


враќање од Пирибег назад - се гледа малото езерце на седлото - напред - Ливадица (2497m)

На враќање се трудиме колку што е можно да се движиме пооптимално - да не се искачуваме непотребно, за да добиеме во време. Нешто после Ливадица, во висина на Ливадичко езеро, почнуваме да се спуштаме постепено. Потоа излегуваме на гребенот на ридот Занога. Снег нема веќе, теренот е трева, измешан со камења. Групата добро се движи. На висина од околу 1700m, на место каде веќе сонцето се заканува дека наскоро ќе престане да не осветлува, ја правиме последната пауза пред да почнеме со спуштањето кон Љуботенска река.


по ридот Занога надолу кон Љуботенска река - наспроти се гледа домот "Љуботен"


кај бачилото веднаш над шумата

Потоа се спуштаме - пред шумата има една колиба - бачило - има и чешма (т.е.црево) со вода. Се миеме и пиеме вода. На некои од групата резервите на вода им беа при крај, па тука ги обновија.

Потоа влегуваме во шумата. Патот не се гледаше веднаш од бачилото, но треба да е на лева страна. Ние, бидејќи не се гледаше веднаш патот, појдовме десно, бидејќи теренот таму беше поблаг - не сакав да им приредувам нови напори на луѓето од групата. За кратко време, по неколку минути, наидовме на мала патека која наскоро почна да се проширува и по некои десетина минути се спои со главниот пат што се спушта кон Љуботенска река. Патот е убав, широк, сега беше покриен со лисја од бука - како тепих. Додека се спуштаме го слушаме звукот од брзата Љуботенска река под нас. Кога стигнавме до реката, патот оди паралелно со реката стотина метри (од десната страна на реката), па потоа наидуваме на место каде може да се премине. Веднаш по преминувањето, на десетина метри во лево, има прекрасен слап - карпа по која лизга водата. Тоа е потокот што минува во близина на домот "Љуботен" - малку над домот, а извира од месноста Жандарска бука. Тука малку се задржуваат "форографите" од групата. Веќе почнува полека да се намалува светлината, се ближи мракот. Мораме да побрзаме кон Старо Село.


слапот веднаш кај преминот на Љуботенска река

Веќе нема никакви проблеми за враќање - излегуваме на широкиот шумски пат што води кон Старо Село. По пат веќе се смрачува, па на кратенката низ шумата повторно вклучуваме челни лампи. Пристигнавме во Старо Село со последните членови на групата во 17:15. Таму веќе не чекаа останатите членови на акцијата, групата што беше со Миланка Арсиќ до врвот Љуботен и потоа назад до домот.

Успешна акција изведена со солидна група планинари и планинарки, сите во добра кондиција, со позитивен став кон животот и планината. Ми беше вистинско задоволство да се дружам со нив.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 33 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2340 m



3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LjubotenPiribegNov2010#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2010/11/22/sar-planina-staro-selo-ljuboten-piribeg/

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje