Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Љуботен - 14-15 ноември 2009

Во деновите сабота и недела 14 и 15 ноември 2009 година се одржа акција на најсеверниот врв на Шар Планина - Љуботен (2948m) - прекрасен врв со алпски карактеристики - убав за гледање и убав за искачување, особено во зимски услови. Учесници на оваа акција освен планинари на ПД "Макпетрол" беа и нашите пријатели од ПД "Балкан" од Белград, а ни се приклучија и други планинари кои имаа желба да се дружат со нас.

Во саботата една (поголема) група планинари ги пречека планинарите од ПД "Балкан" и со нив беа на разгледување на знаменитостите на градот Тетово - Шарена Џамија, Теќе, чаршијата... Во вечерните часови по патот од Старо Село стигнаа во планинарскиот дом "Љуботен" на околу 1600 m. Тука пречекани од секогаш гостопримливиот и добро расположен домар Митко се сместија, вечераа и заеднички се провеселија, а потоа легнаа да се одморат и да соберат сили за утрешното искачување.


групата на поаѓање од Старо Село

Идниот ден - неделата - една друга група (нашата) поаѓаме од Скопје во 5:30 со две возила. Околу 7 часот поаѓаме од Старо Село кон планинарскиот дом. Во домот правиме мал десетминутен одмор за некој залак појадок и краток разгвор со оние членови од другата група која решила да остане во домот. Останатите ги гледавме како се оцртуваат на сртот кон врвот Љуботен. Наскоро и ние се упатуваме натаму.


првата група на пат кон врвот

Времето беше променливо - имаше и сончеви периоди, имаше и облаци, а на моменти ветарот (северо-западен) навистина многу силно дуваше. Наскоро над домот излегуваме на снежна подлога - убаво цврсто снегче, кое на места беше 5-6 cm, а на места погоре беа навеани од ветрот скоро 30 cm. Со постојан чекор, вртејќи ја главата некако ветрот да не ни дува баш в лице, одиме нагоре. Некаде на висина од 2300m се среќаваме со првите од првата група кои веќе се качиле на врвот и се враќаа назад. Се поздравуваме и продолжуваме понатаму.


снеговите на Љуботен


Козја стена - карактеристично обележје на Љуботен

Наскоро и ние сме на врвот - ветрот силно дува, но сепак наоѓаме време и сили за честитање, фотографии.


силниот ветар


групна слика на врвот


нашата група пред врвот - контраст на светло и мрак во долината

Потоа, поаѓаме назад. По пат се сретнуваме се делови од првата група кои решиле да причекаат и да уште малку да уживаат во убавините од височините над 2000m. Во весело расположение и пријатен разговор полека се симнуваме до домот. Таму одмараме, ручаме и подоцна, пак по групи - поаѓаме по патот до Старо Село каде не чека превозот до Скопје.


заедничка фотографија пред домот "Љуботен"

За крај: Љуботен и Титов врв со својата близина и лесна пристапност треба навистина многу да ги користиме - особено во зимскиот период - како тренинг локации за движење и престој во зимски услови.

автор : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje