Планинари и членови на Планинарско-спортското друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје во сабота (2 март) и во недела (3 март) ја „нападнаа“ Шар Планина.
Во сабота наутро една група планинари и членови на ПСД МАКПЕТРОЛ се искачија на врвот Љуботен (2.498 м.), во неделата наутро друга група тргна од Попова Шапка кон Титов врв (2.747 м.), а трета група планинари во неделата наутро се искачи до врвот Антени и вежбаа извлекување од глечерски пукнатини, сопирање со цепин при излизгување .
Во сабота на Љуботен
Во саботата наутро осумнина планинари тргнаа кон врвот Љуботен од селото Рогачево, тетовско. Заспаното село го разбуди лавежот на кучињата врзани во дворовите. Снегот по патеката започна од високата антена над селото и за околу еден час стигнавме до местото Корита каде што има неколку викендички и над една чадеше оџакот. Кратко се одморивме пред една од нив, и продолживме нагоре. Снегот беше цврст, на некои места и лизгав, и крцкаше под нашите чизми. Времето беше облачно и без ветер, и маглата штотуку почна да се спушта кон котлината, откривајќи го моќниот Љуботен над 2.200 метри надморска височина.
Од селото Рогачево до местото Корита води земјен пат по кого поминува и теренско возило. Над местото Корита необележаната патека го следи сртот наспроти планинарскиот дом „Љуботен“ и некогашниот пограничен пат се до седло каде има цилиндричен граничен камен (обоен црвено бело). Од тука почнува стрмно искачување се до накосеното плато од каде што се гледа врвот Љуботен и почнува обележана патека (видлива кога нема снег). Патеката од селото Рогачево, преку Корита, е погодна за зимско искачување до врвот Љуботен поради ниската шума, соголениот терен и малите снежни наноси. Кога нема снег за искачување до врвот Љуботен погодна е патеката од соседното Старо Село бидејќи таа поминува низ тесна клисура и под сенки на високи дрва.
Во белината единствено шарени беа нашите чизми и јакни. Зелени и жолти чизми (La Sportiva, Millet), дреч зелени јакни (Millet, Marmot), портокалови полари, црни капи, темно сини глечерски очила. Дел од планинарите ја испробуваа новата планинарска опрема купена во Скопје и во Софија. Внимателно се искачувавме по сртот кој водеше кон врвот, бидејќи ветерот само ги прекрил длабоките дупки и на неколку места пропаѓавме до колена во снегот. Од едната страна зјаеше длабокиот амбис кон Козја стена, а од другата источниот ѕид на Љуботен, завршувајќи длабоко долу во маглата.
Точно на пладне бевме на врвот Љуботен (2.498 м.), а цела Македонија и Косово беа потонати во облаци. Од селото Рогачево до врвот стигнавме за околу 4 и пол часа. На врвот, на 2.498 м., видовме интересен феномен. Само една тенка сина линија ја делеше белината на снегот и маглата во долината кон Косово од белината на облаците. Како да чекоревме по некоја бескрајно рамна снежна пустина.
На симнување повторно влеговме во густа магла, а облеката ни ја прекри иње. Блиску еден до друг слегувавме по нашите траги направени искачувајќи се нагоре. Набрзо стигнавме до местото Корита, кај викендичките и домаќинот на викендичка чиј оџак чадеше утрината не почести со топол чај, а сопственикот на соседната, Југослав, ни се пофали дека на тоа место наскоро ќе постави 17 метарски столб со македонско знаме.
Во селото Рогачево повторно не пречека лавежот на селските кучиња и ладен ветер.
Место Корита
Кон врвот
La Sportiva Trango Evo и La Sportiva Batura 2.0 GTX
„Изгубени“ во белината
2,498 м. или рамнина?
Емилијана и Тања над облаците
Сите бои не личат (на 2.498 м.)
Со нашите домаќини во местото Корита
Напишал: Горан Николоски
Фотографии: Боре Андовски, Емилијана Шиковска, Борче Ѓелевски