Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Љуботен, зимско искачување - 25 декември 2011

Во недела - 25-ти декември 2011 година - последен викенд во оваа календарска година, мала - петчлена екипа на ПСД Макпетрол го искачи врвот Љуботен во зимски услови. За разлика од претходниот сончев ден - временската прогноза за во недела не ветуваше баш добро време : облачност, слаб снег, ветар. Но нам ова ни се виде како одлична можност за тестирање како на нашата опрема, така и на нашата психо-физичка подготвеност, воља... Поради сериозните временски услови бевме прилично строги во изборот на екипата - ги молиме оние што ги одбивме да ни простат, но без одлична зимска опрема и без неопходни основни познавања на движење во зисмки услови - не сакавме да ризикуваме да земеме некој планинар кој подоцна може да си има проблеми, а со тоа и целата група да се доведе во опасност. Екипата за овој пат беше : Светле, Деан, Александар, Петар и Трајче. Опремени со снегохотки, дерези, цепини, многу пара ракавици, капи, наочари... поаѓаме од Скопје околу 5:40 и се упатуваме прво кон Тетово, а оттаму кон крајот на масивот на Шар Планина - кон Љуботен.


изгрејсонце над с. Рогачево

Стартот на акцијата го договоривме да биде овој пат во село Рогачево. Минатиот пат кога бевме овде селото ни остави одличен впечаток, а особено гостопримливоста на населението од ова село. И овој пат тоа се потврди и дефинитивно Рогачево ќе биде моја омилена стартна точка за брзи - еднодневни акции до Љуботен. И самата патека на искачување која води во една непрекината линија речиси цело време по гребен ми е многу попривлечна. Од селото поаѓаме точно во 7 часот. Тогаш од исток низ тесен процеп од облаците ѕиркаат првите сончеви зраци и со прекрасна блага светлина ги осветлуваат куќите, дрвјата. Ние полека одиме нагоре по многу убаво патче, чакал кој на некој места е покриен со снежна покривка.


врвот Бориславец во далечината осветлен од рана утринска светлина

Одиме така во пријатни временски услови - без снег, без ветар околу 1 час - до викенд населбата во месноста Корита - на висина од околу 1500 m. Малку над колибите е местото каде знаеме дека ќе наидеме на удар на ветрот, па затоа тука правиме мала пауза за да каснеме нешто, дека за подоцна не се знае кога пак ќе имаме таква прилика. Продолжуваме натаму - ветрот од северен правец почнува да дува, па како што тој засилува, така и ние ставаме се повеќе слоеви заштитна облека на нас. Почнува да вее и ситен снег, но поради ветрот, смрзнатите снегулки не боцкаат по лицето, очите. Наскоро ставаме се што имаме од облека на нас. Јас се обидувам да ги искористам и Goggles очилата, но наскоро сфаќам дека тие фатиле по површината тенок слој мраз и се неупотребливи. Гледам дека и Александар го има истиот проблем. Ги ставам на глава, над капуљачите од јакните - повеќе како држач и продолжуваме сите нагоре. На моменти ветрот е многу силен, почнува да не поместува од рамнотежа додека се движиме. Дискутираме дека ако е горе уште посилен ветрот дека ќе биде невозможно да го искачиме врвот. Но решаваме да одиме нагоре и да видиме како ќе биде. Поради добрата облека и опрема никому не му е ладно и можеме да одиме - поддршката од GPS уредите е драгоцена во вакви услови.


навлегуваме во "посложени" временски услови


почеток на креирањето на дедо-мразовците

Видливоста е ограничена најчесто на 20 метри, со ретки моменти кога ќе се прошири до околу 50 метри. Се искачуваме до почетокот на најостриот дел на Љуботен - на висина од околу 2300 метри. Одиме во слабо развлечена колона но гледаме постојано да ни е групата видлива и одвреме-навреме застануваме за да се собереме сите. Ова е инаку група од 5 луѓе, сите во одлична кондиција. да беше поголема група ќе беше навистина тешко да се контролира и успешно да се напредува.

Снегот на места е потврд, но не премногу. Сепак, тројца од нас решаваме да ги пробаме дерезите. Седнуваме и ги местиме. Во меѓувреме Деан продолжува нагоре и тој прв стигнува до врвот, во услови на минимална видливост и силен ветар. Деан е на врвот во 11:20. Јас поаѓам втор и стигнувам десет минути подоцна. Го гледам малку под врвот - се надева дека таму помалку дува. Но тоа е само илузија. Бидејќи веќе доста чека тука, Деан поаѓа полека надолу - се договоривме да се најдеме долу. Јас го причекав да дојде третиот - Перо. Се сликаме некако на врвот - апаратот "запали" од втора - и нему му беше многу ладно.


слика од врвот Љуботен - лево Трајче - десно - Перо

Чекаме уште малку и поаѓаме полека надолу - знаејќи дека Светле и Аце мора многу бргу да се појават. Така и беше - не минавме ни 30 метри кога ги сретнавме како одат нагоре. Им рековме да се качат на врвот и веднаш - назад - дека условите се такви што не дозволуваат подолго задржување на врвот. Ние се спуштивме по остриот гребен и на местото каде што гребенот се шири застанавме да ги причекаме за да случајно не тргнат во некоја друга насока - поради лошата видливост. Сонцето на два-три пати ѕирна меѓу облаците, но секое ѕиркање не траеше подолго од една минута, потоа повторно се запаѓаше во сивило.

Спушањето продолжи - без пауза, ветрот не дозволуваше да застануваме, беше ладен, а завет - никаде. Одевме надолу, делумно по GPS-ите, делумно по нашите траги за нагоре, каде што беа видливи. Дури на висина од околу 1600 метри конечно ветрот стана послаб и можевме да седнеме да јадеме, да одмориме. Кога се видовме меѓу себе настана општа смеа - облепени со мраз по лицата, по облеките, ранците, по цепините и стаповите. Јакните беа тврди како да се од пластика - се беше замрзнато. Каснавме малку и продолживме надолу, кон потоплите предели. Но ја искористивме приликата да се сликаме за да се сеќаваме на овие интересни моменти.


конечно најдовме место за одмор


весели дедо-мразовци (и една деда-мразица) - Хо-хо-хо-хо...


вешто камуфлирана колона - не се разликуваат од околината

Така патувавме уште малку до викенд населбата каде што го најдовме Деан, седнал со некои ловџии собрани во една од колибите. Под колибите направивме уште една мала пауза за да каснеме по еден сендвич и потоа, веќе релаксирани - полека се спуштивме назад во селото, во кое пристигнавме во 15:10 часот. Потворно не пресретнаа љубезни луѓе, еден домаќин не канеше дома кај него на греана ракија... Во продавницата - кафиќ во центарот на селото одморивме малку на топло и пиевме по едно топло кафе или чај, па потоа - точно во 16 часот си појдовме за Скопје. Сите радосни поради успешната - напорна но многу убава акција - одличен тренинг за искачување во зимски услови.


уште еден поглед кон Љуботен и разиграните облаци над него

 

Технички податоци :

Должина на патеката: 18 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1640 m
Макс.процент.успон : 34 %, просечен успон 18 %
Време на движење : 8 часа


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LjubotenZimsko#

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje