Долна Лешница камп - 6-7 јуни 2014
Едно сосема ново планинарско искуство за сите нас, учесници собрани од неколку клубови минатиот викенд на Долна Лешница. Многу ретко посетувана дестинација и покрај тоа што се смета за најубавиот дел од Шара. Можеби поради деликатниот пристап, барем така се мислеше до скоро. Можеби поради некои неоправдани стравови како последица од случувањата 2001 год. или пак не знам од какви причини многу ретко планинари и приоѓаа на Лешница од задната страна како што тоа го направивме ние сега, од село Бозовце, последното село до кое води асфалтен пат.
Лабинот и Алберт се погрижија околу организацијата, детално ни ја опишаа патеката од Бозовце до Долна Лешница, ни организираа контакт со жителите од селото да ни помогнат околу паркирањето на возилата, ни обезбедија коњ за транспорт на опремата и др.
И така се случи уште една роденденска забава, овој пат на Маичка. Беспрекорно осмислена и организирана, не е ни чудо, ова и е колку што јас знам, втора на планина. И јас и Боро правевме пред две недели на Титов ама оваа на Маичка ги надмина сите очекувања, секоја чест. Од Скопје тргнавме 6 возила, подоцна дојде уште едно, околу 25 души, се чекавме во Тетово кај жичарата и заедно се упативме по патот што води накај Попова Шапка, преку Шипковица-Бродец-Вешала-Бозовце, се на се 60 км. мерено од Карпош III.
Во селото не пречека контакт лицето, ни организира паркинг. Самите ќе се плеткавме долго време додека да најдевме паркинг а воедно да не им пречиме на мештаните во извршување на секојдневните работи, поради и така тесните улички. Сe оди така брзо кога е претходно добро организирано, луѓето од селото стручно го натоварија коњот со вишокот опрема (роденденската), голема решетка за скара, ќумур две вреќи од по 3 кг... намирници за два дена богато гоштевање... и буквално се друго што се подразбира под тоа. Тргнавме низ селото, се поздравувавме со љубезните селани, им мавтавме на децата што трчаа по нас како кој знае што да виделе... веројатно никогаш до сега толкава група луѓе со толку тешка опрема на грб. Кога излеговме од селото ни се отвори неверојатна глетка, од десна страна, малку позади нас веќе, се појави Вртоп со еден дел од Трескавец, малку потоа се отвори поглед, лево на Плат.
На излезот од селото по една надолнина водеше земјен пат до бетонскиот мост преку кој ја пoминавме реката Пена и полека навлеговме во неверојатно густа раззеленета листопадна шума прошарана во почетокот со по некое иглолисно растение. Од време на време ќе излезевме на некоја полјана од која ќе ни се отвореше нов поглед на врвовите што се протегаа по границата со Косово од десната страна. Се обидувавме да ги идентификуваме за нас добро познатите врвови, овој пат малку потешко поради новиот агол од кој што ги гледавме за прв пат. Патеката иако немаркирана, сосема логично водеше до нашата цел за тој ден - Долна Лешница, 1480 мнв. По пат, скриена во најгустиот дел од шумата има една чешма од која бидон од 0,5 л. се полни буквално за една секунда, со вода, како што ни кажа Лабинот подобра и од Евиан. И не згрешивме што го послушавме, од Бозовце тргнавме со многу малку резерви на вода, тука ги наполнивме сите шишиња што ги имавме на располагање за наредните два дена и одморивме на клупите поставени покрај чешмата. Може слободно да се констатира дека со своите 5.7 км и 360 м. D+ , ова е дефинитивно најкратката, најбрзата и најлесната патека која ќе ве однесе од последниот асфалтен пат до Долна Лешница и ќе ви заштеди сила и време за останатите активности.
Ние имавме во план тој ден да ги посетиме водопадите на Кривошијска река но понесени од роденденската еуфорија што владееше во моментот на пристигнувањето кај сите присутни, брзо го променивме. Следеше, на огромно задоволство на сите присутни, извонредно припременото сценарио... добредојде со локум и ракија/сок/вода... како кој, па прекрасно аранжирани послужавници со разновидно сезонско овошје итн... кетеринг на ниво... девојчево ја промашила професијата, беше констатацијата на повеќето. Чувство како да се наоѓате во Александар Палас во најмала рака... ама на наша среќа уште поубаво, на едно од најубавите места во Македонија. Наскоро се промени декорот, никнаа еден куп шатори, скарата се распали и воздухот многу брзо се засити со измешани мириси на... не знам веќе што... едно време видов и банана излупена и положена на скарата покрај кобасиците, плескавиците и останатите парчиња месо, леб, кромид, тиквички, пиперки... Не е ни чудо што во текот на ноќта шаторот на Бојан претрпе, како би се рекло, колатерална штета. Најверојатно некоја лисица, непоканета се осмелила да се послужи со остатоците храна што ги прибравме со нас во шаторите, а за да дојде до нив морала да си направи отвор во надворешната настрешница од шаторот помагајќи се со канџите. Не дека не знаевме каде треба да се складира ама бевме премногу опуштени после цел ден славење и заборавивме на основните правила кои важат во планина, храната да се закачи на некоја гранка високо и подалеку од шаторите. Имавме и посета, рутинска контрола од страна на пограничната полиција, но ние регуларно се имавме пријавено за престојот како што е редот. За малку ќе го заборавев огнометот кој се разбира не го пријавивме, ама се надевам дека надлежните служби нема да го читаат извештајот.
Ден втори... официјален дел... планинарење...
Една мала група (9 члена) го испочитува договорот од Скопје. Се разбудивме во 6 ч. и веќе во 7 бевме на пат по течението на Пена до самите извори под врвот Трпезница со своите 2610 мнв. Заобиколувајќи ја Кривошија од десната, западната страна, уживавме во глетките што ни се отвараа, нешто што не сме навикнати да го гледаме на нашите простори, ме потсети малку на Доломити на момент... некој ја спомна Швајцарија ама сепак е Македонија во прашање, заклучивме, дестинација што не чини буквално 200 ден. од човек, колку за превоз... и се разбира многу добра воља и пред се љубов кон природата.
Изворите на Пена не ги ни видов обземен од височините, се упатив директно кон врвот, преку остатоците од снег во комбинација со сипар и... ете ме конечно на Трпезница.
Малку после мене се појави и Бојан кој единствен отиде да ги види изворите и да ни ги раскаже. Истото го направи и Славчо на враќање, со освојувањето на неговиот последен неосвоен врв над 2500 мнв. во тој дел од Шара, а потоа и Ивица со безимениот врв пред Кривошија каде наводно Маичка планирала да ја прави својата свадба... така рекоа нејзините клубски другари. Како ли ќе изгледа нејзината свадба ако вака изгледаше нејзиниот роденден... се надевам дека ке бидам поканет и таму. Оттука глетката кон Титов Врв беше навистина фасцинантна. Веднаш се родија нови идеи и планови како да се искачи од оваа страна, ама во зимски услови. Мислам дека пограндиозен не изгледа ниту од една друга страна. Следуваше стрмно спуштање кон течението на Кривошијска река од каде доминираше највертикалната страна на Среден Камен, извонредна глетка. Конечно дојдовме и до Кривошијскиот водопад на 1900 мнв. Убаво, како и се пред тоа, но неочекувано поубави, според мене беа оние подолу што ги викаат „кадите“. Скриени... едвај ги најдовме, ама бевме упорни во барањето и не зажаливме.
Се вративме уморни ама среќни од поминатото и виденото. Не пречекаа славеничката и останатите кои се одлучија на друг тип на уживање тој ден, ги изедовме остатоците храна од претходниот ден и се разбира роденденската торта која беше направена тазе и буквално на лице место... преубава. Времето ни дозволи само половина час да се одмориме после изминатите 20-тина км. и околу 1400 м. висинска разлика, пред да почнеме со расчистување на теренот и пакување на опремата. До нашите возила во с. Бозовце не делеа истите 5.7 км. оддалеченост но со значително помала висинска разлика, повторно со целата опрема на грб.
Автор на текст и фотографија: Петар Герасимов
|