Шесто издание на веќе во светски рамки познатата и почитувана ултра-планинска трка Lavaredo Ultra Trail - во прекрасниот амбиент на Доломитите во северниот дел на Италија. За нас второ појавување на оваа трка. Ако минатата година беше запознавање со овие преубави терени, оваа година веќе се чувствуваме на свој терен. Минатата година мина и во чести контакти со организаторите на трката кои со своето искуство и знаење ни помагаат во организацијата на нашата голема трка за оваа есен - Krali Marko Ultra Trail. А зад нив стои спонзорот The North Face - што само по себе зборува за квалитетот и нивото на организацијата. Центарот на збиднувањата оваа година е самото срце на Доломитите - Cortina D'Ampezzo - едно од најмонденските места во овој регион.
За трката за која беше потребно да се имаат освоени 2 поени од слични трки во текот на изминатата година, се пријавивме Жикица Ивановски и јас - Трајче Панковски. Третиот наш другар од минатата година - ултрамаратонецот Зоран Димов оваа година ја посвети на пласман и учество на Светското Првенство во трчање на 24 часа кое ќе се одржи во месец септемнври во Катовице - Полска.
Како придружба и поддршка за нашата трка уште од почетокот на годината се пријави Петар Герасимов - рече дека ќе не вози до Италија и ќе шета и фотографира по околните планини додека ние се натпреваруваме. Во меѓувреме, благодарение пред се на Александар Буцевски - се роди идеја да се формира eдна помала група која ќе не следи на патот - и - доколку се поволни временските услови - да се обидат да се искачат на највисокиот врв на Доломитите - Мармолада (3343 m), кој не е многу далеку од Cortina. Така се формираше група од 8 луѓе - Жико и јас на трка, Петар Герасимов, Татјана Герасимова, Тања Манчева, Светлана Стојаноска, Софија Костова-Панковска и Александар Буцевски - за на Мармолада. Тимот Мармолада направи неколку подготвителни тренинзи кои вклучуваа движење во наврска, користење на потребна опрема - цепин, дерези, појаси, јажиња, искачување на карпест терен... И така дојде времето за заминување за Италија.
Со две коли, прилично натоварени, бидејќи планот беше да кампуваме со шатори - во попладневните часови во среда (27 јуни) поаѓаме на пат : Табановце, Предејане, Белград, Загреб, Љубљана, Трст. Точно во 9 часот наутро сме во Удине - на паркингот пред Decathlon - продавница за квалитетна а ефтина спортска опрема. Хендикепот што живееме во држава каде тој што се бави со спорт има голем проблем да си ја набави потребната опрема не тера на овој чекор. Минуваме околу 3 часа во купување на опрема за нас и за нашите пријатели од Скјопје, Велес, Тетово... Со користење на GPS и карти се навигираме низ северниот дел на Италија. Температурите се невообичаено високи за овој регион, доста над 30 степени.
на пат кон Cortina - во Доломитите
Веќе прилично исцрпени од патот - околу 16 часот пристигнуваме во Cortina D'Ampezzo. Веќе од Beluno - регионалниот центар - па нагоре - се движиме помеѓу острите врвови на Доломитите и си ги искривуваме вратовите гледајќи де во овој - де во оној врв, а ги има премногу. Од Cortina се спуштаме околу 2-3 километри долу до рекичката каде на една голема пољана има неколку кампа. Влегуваме во нашиот - Rocchetta International - во кој претходно направивме резервација. По краток разговор со љубезните домаќини си избираме локација за шаторите и за кратко време ги поставуваме. Пријатно сме изненадени од убавиот камп и од многу чистите тоалети. Одмараме малку во кампот па заминуваме кон градот - прошетка пешки, за да се запознаеме со гратчето. Низ градот многу туристи - голем дел од нив се дојдени за трката - натпреварувачи и придружба, но имаше и велосипедисти, моторџии, пензионери... Си легнуваме порано оваа вечер дека бевме изморени од патот и од импресиите од Доломитите.
во кампот Rocchetta
групата во жолти маички и шарени перничиња
на пат кон Cortina D'Ampezzo
во Cortina
Петок, денот кога е стартот на трката. Одиме пак во градот за да ги подигнеме стартните броеви. Се среќаваме со организаторите, оставаме рекламен материјал за нашата трка - Krali Marko Ultra Trail. Се враќаме во кампот и по краток одмор поаѓаме со возилата на прошетка по околните планини. Во консултација со командниот центар од Скопје - Александра Герасимова, прогнозата вели дека во петок (денес) се можни врнежи и грмежи, а за сабота се предвидува убаво време, па затоа тимот Мармолада го планира искачувањето за во сабота, а денешниот ден за прошетка и аклиматизација. Се искачуваме по вијугавото асфалтно патче во подножјето на врвот Cristallo - преминот Passo Tre Croci, а потоа малку се спуштаме и пак се искачуваме до езерото Lago di Misurina - на висина од 1800 метри. Прекрасно вештачко езеро од кое се гледаат многу убави врвови во околината, Cristallo, Sorapiss, а особено трите шилци на најпознатата карпа во Доломитите -Tre Cime di Lavaredo. Се искачуваме уште малку и пешки навлегуваме во територијата на националниот парк - шетаме, фотографираме. Си ги ладиме нозете во планинската рекичка.
Lago di Misurina со Tre Cime di Lavaredo во позадина
во националниот парк под Tre Cime
разладување во рекичката кај Malga Rinbianco
На враќање по пат не фаќа пороен дожд, за среќа кога веќе сме блиску до колите. Кога се вративме во кампот не чека пријатно изненадување - гледаме дека тука не врнело и се е суво. Ручаме нешто и јас и Жико легнуваме во шаторите да отспиеме - стартот на трката е во 22 часот а крајниот рок за завршување на трката е недела наутро - во 6 часот - значи мораме да сме добро одморени за да можеме да го издржиме тој напор. Мене уште од првиот ден ми се поремети состојбата во стомакот - веројтно стомачен вирус и денес се јавија грчеви и пролив. Земам некои лекови во надеж дека проблемите ќе се санираат. Додека одмараме пропрскува малку ситен дожд, но не доволно за да предизвика проблеми.
Околу 18 часот Жико оди со Светле во градот - на Pasta Party - вечера што ја дава организаторот пред трката - јас останувам да поспијам уште малку.
Pasta Party во спортската сала
Во 21 часот веќе сме спремни комплет за трка, облека, стартен број, ранците обезбедени со вода, нешто храна, облека ако застуди во текот на ноќта. Во придружба на нашите пријатели се упатуваме кон Cotina. Таму веќе се е во знакот на големата трка - 118 km со 5740 m висинска разлика. 600 пријавени натпреварувачи, сите искусни, бидејќи беше услов да имаат истрчано барем една слична трка минатата година. Организаторот оваа година направи и помала трка Cortina Trail - 50 km - практично втората половина од нашата патека, за која е предвиден старт следното утро.
Водителите на церемонијата ги претставуваат "ѕвездите" - големи имиња од овој спорт - победници од минатите години на оваа и други светски трки. Ние минуваме на задолжителното активирање на чиповите кои се наоѓаат на стартните броеви. Сите натпреварувачи сме собрани пред стартната линија - напнатоста расте - силна енергија и меѓу натпреварувачите и меѓу публиката - кулминацијата доаѓа кога ја пуштаат познатата композиција на Ennio Morricone - Ecstasy of Gold - заштитната мелодија на трката - одбројување и СТАРТ. Потрчуваме сите како порој - веќе е стемнето, со челните лампи на глава - прво низ улиците на градот, бодрени од бројната публика, потоа полека нагоре - во планината. Секој си ја води својата битка.
ние со придружбата кај стартот на трката
се е спремно за старт
движење во планината во потполна темница - само со челни лампи
Времето е многу топло и прилично влажно - се потиме многу. Со Жико ги трчаме заедно првите 7 километри и се наоѓаме во предниот дел на долгата колона. Јас почнувам да чувствувам повторно грчеви во стомакот, па се разделуваме со Жико - му посакувам среќа и да "брка" добар резултат. По околу еден час завршува првиот голем успон - следува еден порамен дел, а потоа многу стрмно спуштање по тесно патче, со многу пречки - камења и корења кои секој момент може да те сопнат, особено поради послабата видливост од лампите. Но колоната тече надолу како река. На 17-иот километар е првата контрола каде даваат течности, чај, вода, кока-кола. Пијам два чаја и ги полнам двете шишенца со чај за по пат, па пак продолжувам. Следи пак долго искачување покрај една рекичка која се движи под врвовите на Cristallo - само што ништо не се гледа поради темницата. Рекичката на моменти носи студ, па се облекувам уште еден слој. Се искакачуваме до премиот Tre Croci - на висина од околу 2000 метри. Потоа пак спуштање неколку километри до хотел Cristallo - тоа е некаде 35-ти километар каде ќе добиеме тврда храна. Земам двопек намачкан со нутела и неколку парчиња банани - внимавам поради стомакот. Но од оваа точка веќе не можам да трчам по удолница - секој обид предизвикува турбуленции во стомакот. Со брзо одење продолжувам во текот на ноќта. Пак се искачуваме во правец на Lago di Misurina. На овој терен паднал повеќе дожд, па на повеќе места налетуваме на кал која тешко се забележива во ноќта - имам едно шлапнување до глужд во калта и едно помало паѓање на грб. Околу 6 часот наутро веќе е раздренето - јас сум кај езерото Misurina - тука е свежо утро со мала измаглица која испарува. Доаѓа на ред многу стрмното но за мене убаво искачување до домот Ref. Auronzo под Tre Cime. Каменет стрмен терен - баш каков што сакам. Тука по угорницата минувам повеќе натпреварувачи. Стомакот си прави проблеми но се обидувам да ги потиснам некако. Во домот се служи оброк - има и супа која многу помага за враќање на силата. Ги менувам калливите чорапи и продолжувам со уште малку искачување - се прави полукруг околу Tre Cime. Сонцето почнува да пече поинтензивно па наскоро се соблекувам по маица и ја ставам капата со UV заштита.
рано утро кај Lago di Misurina - врвовите на Cristallo
пред домот Rif. Auronzo
третиот дом во близина на Tre Cime - Rif. Locatelli
Tre Cime di Lavaredo одблизу
спуштање по долината кон Landro
Од излегувањето од спротивната страна на Tre Cime - онаа вистинската страна која постојано се прикажува на фотографиите - почнува долг и стрмен спуст по долината Landro - каменест терен во близината на бучен брз планински поток. Долу минуваме покрај езерцето Lago di Landro - теренот тука е попитом. Па пак искачување кон Cima Banche. Проблемите со стомакот веќе се доста сериозни и чувствувам последици на дехидрација и блага вртоглавица. Одлучувам дека нема да бидам во состојба безбедно да ја завршам трката и дека е подобро на време да се откажам - проблемите со проливот можат лесно да излезат надвор од контрола. Се спуштам до прекрасната ливада кај Malga Ra Stua - 76-ти километар од трката. Измината висинска разлика 3650 метри. Тука ја завршувам трката. До крајот ме чекаат уште 43 километри и тоа терен кој според организаторот е најтешкиот во целата трка. Така, во 14 часот и 15 минути, по изминати 16 часа постојано самоиспитување и длабока интимна медитација во движење, за мене трката заврши. Задоволен сум дека и со такви проблеми изминав поголем дел од патеката - притоа ниту еден мускул или зглоб не ме боли. Повеќе среќа идниот пат...
патот кон Cima Banche
Malga Ra Stua - местото на моето откажување од трката
Околу 14 часот добивам порака од тимот Мармолада дека успешно се искачиле на врвот. Среќен сум поради нивниот успех.
Со џип еден љубезен господин од Фиренца - доброволец за трката - ме спушта до Cortina. Таму на организаторите им кажувам дека сум се откажал и потоа извесно време ги следам финишерите - сфаќам дека се тоа првите дваесетина од трката. Малку сум изненаден, дека очекував трката побргу да се одвива. Топлото време и стрмите терени очигледно влијаеле на успорување на натпреварувачите.
на целта
За Жико правам прогноза дека некаде околу 16 часот био можел да стигне на целта. Чекам, но стомачните проблеми не чекаат - морам хитно кон кампот. Се опредечлувам сепак тука да го дочекам и Жико и екипата од Мармолада.
Околу 17 и нешто часот доаѓаат прво Мармолаѓани, а по пет-десет минути се појавува и Жико. Кажува време - 18 часа 23 минути и 48 секунди - 39-то место севкупно, а 36-то место во машка конкуренција. Огромен успех - тој е во друштво на тркачите од светска класа. Од Источна Европа има само неколу унгарци пред него - ниту словенци, ниту хрвати, ниту грци, ниту турци. Жико - цар на планините. Од 600 луѓе на стартот само 367 успешно ја завршија трката. Тоа доволно зборува за нејзината тежина. Дури и Sebastien Chaigneau - ланскиот победник а второпласиран оваа година имаше изјава дека размислувал да се откаже некаде кај 48-иот километар
Многу сме среќни за Жико и за неговиот голем успех. Ниту специјални спонзори, ниту специјални тренинзи, ниту специјална екипа масери и медицински лица, ниту специјална исхрана, а вакви резултати. Паѓаат честитки и до него но и до тимот од Мармолада кој перфектно си ја заврши акцијата - без никаков проблем. Навистина прекрасен ден.
Туширање, јадење, одмор. Жико накривнува - следниот ден изјави дека сите мускулчиња го болат - но напорот навистина се исплатеше овој пат. Околу 22 часот сите одиме на спиење - возбудени но и изморени од активниот ден.
Следното утро станување во 5:30, пакување и поаѓање на долгиот пат за Македонија. Дека ова беше еден навистина прекрасен сон, но утрешниот ден некои од нас веќе треба да се појават на своите работни места.
спакувани за поаѓање назад
Безброј импресии од Италија, од Доломитите, од трката, од љубезноста и културата на луѓето, од односот кон спортот и спортистите - нешто со светлосни години далеку од состојбата што е кај нас. Ама тоа ти е... барем вака во ретки прилики ќе ги наполниме батериите за да издржиме на патот за кој сме се определиле.
Технички податоци :
Должина на патеката : 118 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 7540 m
Макс.процент.успон : 42 %, просек 11,7 %
патеката на LUT 2012
Road Book - висински профил со контролни и окрепителни точки на LUT 2012