Чинам дека ова беше еден од најубавите есенски планинарски викенди. Сите потребни елементи се поклопија - прекрасна природа, убаво дводневно пешачење со над 30км изминати планински патеки, совршени временски услови, убаво друштво...
Саботата ја поминавме на теренот на врвот МУСИЦА и околината. Тоа е убав, питом терен над Крушево. Искачувањето го започнав-ме од с. Пуста река, едно мирно и одалечено село на 1200мнв. Искачувањето до гребенот на околу 1700мнв беше некаде поблаго некаде пострмно но сепак без проблеми за групата од 17 планинари. Наидовме на многу шипови од убави црвени шипинки кои го чекаа првиот мраз да омекнат.
Откако се искачивме на гребенот напредувањето кон врвот Мусица и нашата цел - манастирот ПРЕОБРАЖЕНИЕ се одвиваше побрзо. Еден карпест врв “ не излажа ” со својата височина од 1787м - мислевме дека е тоа Мусица. Но одејќи натаму го видовме камениот столб на Мусица каде со GPS -от измеривме 1800мнв.
Крстот над манастирот ни беше ориентир и по околу еден час пешачење стигнавме во манастирот. Манастирот е убаво среден однадвор но сеуште не е отворен за посетители. Се надеваме дека следната година ќе можеме таму да преноќиме. Отаму слеговме во Крушево каде го посетивме гробот на нашиот непребол Тоше. Потоа купивме од познатиот Крушевски локум и целувки и заминавме за Прилеп. По вечерата во Македонска куќа се прибравме за ноќевање во конакот од манастирот Св.Ѓорѓија каде бевме многу убаво дочекани од домакинката Васе.
По убаво проспиената ноќ рано утрината, откако запаливме свеќи во црквата, се упативме во Прилеп са да присуствуваме на стартот од трката КРАЛИ МАРКО УЛТРА ТРЕИЛ на 64км. Учесниците се собираа, се делеа стартните броеви и напрстоците за регистрација на контролните точки. Се собраа преку 60 натпреварувачи од 11 земји кои беа срдечно поздравени при стартот во 8ч.
Планинарската екипа потоа се упати кон манастирот ТРЕСКАВЕЦ. Таму срцата ни се стегнаа од жалосната глетка-пустош после минатогодишниот пожар. Отецот Калист не утеши со веста дека сите планови и потребни средства за реконструкција се готови и напролет ќе започне обновата на конаците и црквата. Се надева- ме дека така и ќе биде.
По одморот и искачувањето на Златоврв од страна на најхрабрите се спуштивме во Прилеп и се упативме во Велес каде беше во тек Велешката питијада. Се разбира пробавме од пастрмајлиите. Во Скопје пристигнавме околу 21ч.
Благодарност до сите учесници и догледање на некоја од следните акции.
Автор : Никола Доновски