Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Голем Крчин - декември 2006

- Голем Крчин

На 02.12.2006 година група од 10 планинарки и планинари изведовме акција за искачување на врвот Голем Крчин (2341 m ). Врвот се наоѓа на планината Крчин, која продолжува на југ од Дешат. Тие две планини практично се споени една со друга, но на карта се напишани како посебни. Над нив на север е Кораб, а на југ е Дебар со Дебарско езеро. На исток е Бистра, со Меденица, с. Галичник. Сртот на планината е граница со Албанија.

Членови (од повеќе планинарски друштва) : Марин Стојановски, Трајче Панковски, Стефан Пепоски, Ана Тримоска, Костантин Џеков, Александар Камиловски, Марина Новевска, Влатко Стојановиќ, Иван Џеков, Филип Филиповски.


Екипата пред старт со домаќинот Мојсо
(photo by Стефан Пепоски)

Идејата беше на Ана Тримоска која слушнала дека една група на планинари од Тетово била на Крчин. За сите нас ова беше неискачен врв и непознат терен. Поради тоа направивме сериозни подготовки - ја проучивме топографската карта на теренот со обележаните планински патеки, го проанализиравме теренот и со GoogleEarth. Потоа патеката по која планиравме да одиме ја пренесовме од карта на GPS уредот така да бевме обезбедени со основна ориентација без оглед на временските услови.

Бидејќи теренот по кој планиравме да се движиме е погранична зона, испративме и телефакс до Секторот за гранични работи со списокот на ппаннарите и опис на рутата по која ќе се движиме.

Имавме голема среќа што го контактиравме г-дин Мојсо Фиданоски - претседател на П.Д. " Крчин " , кој работи во Скопје, а за викендите е во с. Битуше. Со него бевме договорени да се сретнеме во с. Битуше.

Од Скопје појдовме со три возила во саботата околу 6 часот наутро. Околу 8:30 бевме во Битуше. Таму кај црквата се сретнавме со Мојсо кој влезе во едно од возилата и продолживме нагоре до месноста Драга, каде што има караула и - фудбалско игралиште, на висина од околу 1100 m. Таму се подготвивме за нагоре, а Мојсо ни кажа некои битни работи за искачувањето, а и, доколку времето ни дозволи, како да се вратиме по друга патека.


Колата на фудбалско игралиште кај караулата на месноста Драга (околу 1100m)
(photo by Марин Стојановски)


Поглед кон Крчин од св. Јован Бигоски
(photo by Тихомир Стојчевски)


Околу 9 часот тргнавме по патеката која во почетокот оди покрај реката Битушница. Потоа појдовме во лево (на југозапад) нагоре по букова шума. Бидејќи групата беше составена од планинари кои ако има две патеки - една поблага и друга пострмна - секогаш ја избираат пострмната, наскоро стигнавме до околу 1500 m височина, на една ливада. На оваа висина веќе имаше стврднат снег.


На ливадата (1520m)
(photo by Стефан Пепоски)

Продолживме понатаму низ ретката букова шума. Теренот беше прилично стрмен и лизгав поради слојот суви букови лисја. Уште 200 m во висина и се најдовме под еден голем комплекс од карпи кој импозантно се издигаше. Тука направивме мала пауза - некој појадуваше, други се фотографираа. Имаше соблекување по маици и кратки пантолани бидејќи бевме заштитени од ветар а сонцето прекрасно печеше.

   
Лево: искачување по буковата шума - Десно: под карпите
(photos by Стефан Пепоски)

Продолживме понатаму по стврднат снег прошаран овде-онде со мали карпи - на места многу стврднат, јас ставив од малите дерези. Теренот беше стрмен но групата беше навистина физички одлично подготвена што не забележавме проблем кај никој од групата, напротив - добро расположение, весели лица.


Влатко - no comment.
(photo by Стефан Пепоски)

Наскоро дојдовме до местото кога преоѓаме од другата страна на карпите (околу 1900m) и пред нас се отвора прекрасен поглед на типично високогорски предел - Мал Крчин и долината помеѓу Мал и Голем Крчин целата прекриена со снег. Ова е местото кое кога ќе го видиш теренот те тера силно да викнеш - што ние во изобилство го правевме. (Ова подоцна испадна дека било многу добро, со оглед на тоа што сме биле блиску до мечката - познат жител на тој терен).


Искачување по снег и карпи
(photo by Стефан Пепоски)


Марина со својата аура - излез на местото за викање
(photo by Марин Стојановски)


На сртот (1900m) - назад Меденица, долу: Битуше, Веле Брдо, св.Јован Бигорски
(photo by Стефан Пепоски)


Поглед кон Мал Крчин (на карта Рудина - 2238m)
(photo by Стефан Пепоски)

Тука повторно мала пауза - уживавме во погледот. Пред нас на едната страна беше теренот на Галичник со Меденица, подесно (на југ) Мал Крчин кој е исто така прекрасен карпест врв. На левата страна се гледаше Кораб во целата своја убавина - никогаш го немавме видено од овој агол.


Кораб виден од кај карпите под Крчин
(photo by Стефан Пепоски)

Теренот сега беше сува трева прошарана со карпи. По многу стрмен терен (понекогаш со ползање на сите четири) се искачивме погоре - на висина од околу 2000 m каде теренот беше нешто поблаг. Веќе се покажа главниот врв - Голем Крчин. Тука направивме пауза за кафе и фото сесија - на југ ги видовме Пелистер, Кајмакчалан и Олимп, на исток - Солунска Глава и Караџица. Глетката беше величествена.


Вака беше патот нагоре пред да се покаже врвот
(photo by Стефан Пепоски)


Голем Крчин (2341m)
(photo by Стефан Пепоски)

Додека правевме пауза забележавме една група дивокози кои трчаа надолу по падината во правец на новата црква св. Преображение сместена во долината помеѓу Голем и Мал Крчин.



Поглед на југ - Стогово, Пелистер
(photo by Стефан Пепоски)

Се искачивме до сртот над нас - тој беше покриен со снег. Мислевме да одиме по околната патека - да ја пресечеме долината и да се искачиме на Крчин од јужната страна, па затоа појдовме малку надолу по постоечката патека. Но тоа траеше не повеќе од 200 m кога групата повторно сврте во десно и право нагоре - за да излезе на седлото од северната страна на врвот - ни се виде премногу вртење да одиме од јужната страна.

Седлото - и ние сме на граница меѓу Македонија и Албанија. Кричин е прекрасен врв со "алпски " карактеристики - карпест, стрмен, од албанска страна два длабоки жлеба кои паѓаат надолу 200-300 m . Искачувањето помина добро, со должно внимание на секој чекор. Ќе беше многу подобро да имавме при себе некое јаже, цепин, дерези. И вака добро поминавме, но во малку поладен ден ќе имаше проблеми. Затоа, секогаш во зима треба да се носи добра зимска опрема.


Искачување на врвот
(photo by Стефан Пепоски)

Во 12:45 се искачија првите на врвот. За некои 5-10 минути сите бевме собрани горе. На врвот има остатоци од мала црква - св. Преображение. Тоа се остатоци од старата црква. Нова црква е направена подолу - во долината - каде што има и чешма. Секоја година во август (19 август - на празникот Преображение) се собираат луѓе од македонската и од албанската страна тука кај црквичката - се носат агрегати и прославата продолжува до доцна во ноќта.


Голем Крчин (2341m)
(photo by Стефан Пепоски)

Горе на врвот - честитки. сликање со знамето на Македонија. Дуваше ветар, па моравме да ставиме капи и да се облечеме. Се одушевувавме од глетката - кои се планини се гледаа. Кораб, цела Шар Планина заедно со крајниот врв - Љуботен. Она што посебно ми се допадна што можеше да се види целиот комплекс на Проклетије - сите врвови побелени од снег. Под нас - Дебарското езеро, Дримот како змија се провира низ албанските ритчиња. Целиот овој дел од Албанија го гледавме како на дланка. На таа страна планината се спушта многу стрмно - има денивелација од околу 1600 m.


Дебарско езеро и Јабланица
(photo by Стефан Пепоски)


Поглед кон Проклетије
(photo by Стефан Пепоски)


Ех, Македонијо...
(photo by Стефан Пепоски)



Групна слика на врвот - подготвени за враќање
(photo by Стефан Пепоски)


Остатоците од црквичката на врвот
(photo by Марин Стојановски)

Во ваква опиеност од импресии поминавме на врвот 45 минути. Имаше сонце, а ветарот што дуваше воопшто не ни пречеше. Потоа моравме да појдеме надолу, имајќи предвид дека денот зимно време е мал.

На спуштање од врвот вниманието беше двојно зголемено. Стрмниот терен, особено во близина на провалијата не натера на крајна внимателност за да не се случи некој да се лизне. Но се помина како што треба.


Спуштање од врвот
(photo by Марин Стојановски)


Поглед на врвот од северна страна
(photo by Марин Стојановски)

Продолживме на север од левата страна на сртот уште некое време - до следното седло. Оттаму - нешто со одење - нешто со лизгање се спуштивме до висина од околу 2000 метри каде што стигнавме до изворот на Битушка река.


Еден од изворите на Битушница (Битушка река)
(photo by Марин Стојановски)

Оттука продолживме право надолу уште околу 200 m . Е тука дојдовме до една точка кога требаше да одлучиме дали ќе одиме лево или десно. Тргнавме по патеката десно (бидејќи на десно имаше патека), но наскоро видовме дека таа патека завршува над карпите што утрото ги гледавме од долната страна. Изгледа дека тоа била патека која води до водопадите кои се формираат таму на пролет. По кусо размислување и барање решение се вративме назад и го пронајдовме патот од другата страна - убава патека која се спушта низ букова шума. На спуштањето одевме нешто поспоро бидејќи еден член почна да го боли ногата во коленото, но можеше да се движи. На патот наидовме и на една чешма (Ташова чешма) на висина од околу 1560 m . Веќе почна да се стемнува, но немаше проблем за движење поради речиси полната месечина, а имавме и светилки кои сосема малку ни беа потребни.

Во 17 часот стигнавме на "стадионот" - игралиштето каде ни беа паркирани колите. Повторно се сликавме и се подготвивме за враќање во Скопје. Со домаќинот Мојсо се слушнавме неколку пати во текот на денот. Сега се јавивме да му кажеме дека успешно сме се вратиле и да му се заблагодариме на целата помош и внимание кое ни ги укажа. Весели и задоволни од успешниот ден и прекрасното време - се вративме во Скопје.


Назад кај колите
(photo by Марин Стојановски)

За оние кои сакаат да ја видат и download-ираат картата од овој предел со изминатата патека, може тоа да го сторат стискајќи <<тука>>.

За GPS записот download - во gpx формат - <<тука>>, во gdb формат <<тука>>, а во mps формат <<тука>>.

Должина на патеката - околу 10 km - висинска разлика - окoлу 1250 m.


Профил на патеката

Забелешка: Оваа патека не е стандардната патека по која се искачува Голем Крчин - ова е поекстремна варијанта по која ние се движевме.

Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje