Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Голем Крчин и Рудина - 20 октомври 2013

Периодот на стабилно и релативно топло време веројатно беше причината да за оваа акција се пријават голем број на планинари. И самата планина е една од поретко посетуваните, па за голем дел од учесниците ова беше прво запознавање со нејзините убавини. Во недела наутро, организирани со сопствени возила, од Скопје рано наутро поаѓаме во правец на Дебар. Од Гостивар ни се приклучува уште едно возило, а од патот под Жировница го земаме и нашиот пријател Даут - така да вкупно 40 планинари пристигнавме на стартното место на акцијата - месноста Драга над село Битуше. На висина од околу 1150 m се наоѓа голема ливада со фудбалско игралиште. Тука ги паркираме колите и се подготвуваме за поаѓање. Некаде околу 7:15 часот почнуваме со пешачењето.

Уште на стартот се поделивме во две групи - првата - побрза група појде прва - со цел да го искачи прво врвот Рудина (2238 m) а потоа да дојде до Голем Крчин (2341 m) каде ќе се спои со втората - нешто побавна група. Планот на крајот се покажа добар така да последните од двете групи приближно во исто време завршија со искачувањето на Голем Крчин.


групна фотографија пред стартот

Првиот дел од патеката се движи низ прекрасна шумска патека - сега добро измаркирана од страна на Националниот Парк Маврово - планинарски маркации и стрелки на поважните места. Имаме убав сончев ден и ние од втората група - полека - без брзање - напредуваме низ шумата. На Џинова ливада го правиме првиот поголем одмор за појадок.


на Џинова ливада - некаде на 1600 m - назад - карпите на Крчинска краста


прекрасната патека низ шумата

Продолжуваме со пешачењето - имаме уште околу 200 висински метри до излезот од шумата - патеката низ шумата е прекрасна - покриена како со килим од паднати лисја - не исполнува со мир. На висина од околу 1800 метри излегуваме од шумскиот појас и уживаме во предел кој потсетува на Алпите - убави карпести врвови и стрмни тревнати падини. Се наоѓаме од источната страна - под врвот Голем Крчин, но заради полесно искачување (во групата имаме и постари лица) се определуваме за искачување од околу - по јужниот гребен. Затоа сега се движиме по изохипса кон југ и наскоро доаѓаме до малата црквичка каде повторно правиме пауза и уживаме во рагледување на околината - особено во правец на планината Бистра - Меденица, Карбула, Галичник...


на самиот излез од шумаа - поглед кон врвот Рудина


групата кај малата црквичка


кај бачилото

Продолжуваме уште на југ и за кратко време стигнуваме до бачилото кое е на половина пат меѓу Голем Крчин и Рудина - за жал го наоѓаме празно - сакав да се сретнам со пријателите - овчари. Подоцна, кога веќе ние бевме повисоко кон врвот, ги забележавме како доаѓаа со овците. Останува да се сретнеме со нив на следното доаѓање. Од бачилото започнуваме со убаво цик-цак искачување по постоечка патека и се приближуваме до гребенот кој претставува и граница со Албанија. Тука се отвара преубав поглед на албанската страна, а на југ кон Дебарското езеро и градот Дебар, а уште поназад успеваме да го видиме и Охридското езеро. Сега следи пострмниот дел од успонот до самиот врв Голем Крчин и тука групата се развлекува поприлично но нема никаков проблем - времето е многу убаво и на оние кои се на врвот не им е проблем да причекаат да се собере целата група - напротив - уживаат во дремење на сонце и меѓусебни шеги и разговор.


поглед кон Мал и Голем Кораб


искачување по јужниот гребен на Голем Крчин - назад - Дебарско езеро


за тоа време првата група го искачи врвот Рудина и по сртот доаѓа кон нас

Првата група која се упати кон атрактивниот врв Рудина се поделила на два дела - еден дел пошол кон врвот од југо-источната страна, а вториот дел од северо-западната. Се сретнале заедно горе - ниту едната ниту другата страна не е лесна за качување но е вистинско уживање за оние кои сакаат стрмни предизвици.


на Рудина од југо-источната страна


последниот дел пред врвот Рудина од југо-исток


кон Рудина од северо-запад

Еден дел од оние што беа на Рудина (помал дел) се определија да не се качат на Крчин туку да појдат до црквичката и таму да одморат. Останатите по сртот преку Дели Сеница се упатија кон Голем Крчин и тука се споија двете групи. Време за одмор, храна и разговор. Се гледаше цела Јакупица, Шар Планина, Кораб, Проклетије, прекрасни други планини во Албанија, Јабланица, Пелистер, Ниџе, Стогово... имаше што да се види и за што да се разговара.


на Голем Крчин - разговор за околните планини


групна фотографија на Голем Крчин - 2341 m

Околу 13:30 поаѓаме надолу - се спуштаме од северната страна за да се запознаеме со нејзините стрмни и многу атрактивни делови. Внимателно, без некој поголем проблем, со внимание, минува целата група и за кратко време се спуштаме под врвот Голем Крчин каде правиме повторно одмор за да се консолидира групата.


спуштање покрај провалијата од северната страна


надолу кон седлото од северната страна

Потоа пак надолу по прекрасниот шумски пат. Во прекрасна атмосфера, сите весели и задоволни стигнуваме кај колите и потоа се спремаме за надолу. Убава акција на планинари од нашиот клуб но и на прилично гости од други планинарски друштва - одлична можност за запознавање на нови предели и за меѓусебно запознавање и дружење на планинарите.


под Крчинска краста - на враќање надолу


на крајот сите се собираме кај автомобилите

 

Технички податоци (за групата до Голем Крчин) :

Должина на патеката : 12,5 km
Висинска разлика : 1260 m


Измината патека - Голем Крчин


висински профил од качувањето и спуштањето на Голем Крчин

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк : https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/GolemKrchin

автор : Трајче Панковски
фотографии : Тања Манчева, Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Борче Гелевски, Жикица Ивановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje