Кожуф планина - патување во земјата на боровинките - 13-14 август 2011
Овој термин на летото - средина на август - обично ни е резервиран за повеќедневни излети во планина со шатори. За оваа година планот ни беше да поминеме на Кораб неколку дена, но поради обврски на членовите на екипата, таа идеја не можевме сега да ја реализираме. На барање на Деан сепак да направиме акција, барем само за викенд - произлезе идејата да поминеме два дена на Кожуф планина - прекрасна планина на југот на Македонија која исто така ретко се посетува од планинарите, а е навистина многу убава.
Екипата брои 9 члена од два града - Скопје и Штип. Од Скопје поаѓаме 7 души со три коли во 3:20 часот наутро. Во Велес ги земаме Жико и Ангел кои до таму доаѓаат од Штип со нивно возило, па потоа продолжуваме заедно во правец на Гевгелија. Останати членови се : Тања, Владимир, Ѓоре, Васко, Деан, Марин и Трајче.
Од Гевгелија одиме западно, преку селата Ново Коњско и Коњско - до селото Смрдлива Вода - 25 km од Гевгелија. Патот е асфалтен, но на места оштетен - по патот има на места одрони од поситни но и покрупни камења. Околу 6:15 стигнуваме во селото Смрдлива Вода. Паркираме во центарот - во близината на црквата св. Илија. Во 6:30 поаѓаме со ранците - спремни со шатори, подметачи, вреќи за спиење.
Екипата спремна за старт - село Смрдлива Вода
Од селото нагоре патот е во изградба - се гради новиот пат до ски-центарот "Кожуф", но поради тоа и стариот асфалтен пат е во прекин. Одиме во почетокот по земјен пат во изградба прекриен со дебел слој ситен прав - на секое газење се прави облаче од прав - како да одиш по брашно. Еден од мештаните не предупредува да побрзаме за да не ни наиде некој од камионите што учествуваат во изградбата на патот - дури тогаш ќе биде страшно.
Ние по овој пат одиме кратко време - наскоро наидува еден џип од селото, баш во моментот кога јас на GPS-от гледам дека треба да се одвоиме од патот по кој одиме, ама нема каде да се одвоиш. Луѓето од џипот, ни објаснија дека треба да се искачиме преку купот земја создаден од градењето на патот малку погоре - до стариот асфалтен пат кој на места е пресечен од трасата на новиот пат. Едно сино пластично црево се протега по кратката стрмнина која треба да ја искачиме - македонска via ferrata - plastificata. Одиме кратко по тој стар асфалтен пат и потоа наидуваме на местото каде треба да се одвоиме по текот на реката Цреша (другата - во соседниот дол е Сливка и кога ќе се спојат ја формираат Коњска река) - во правец на Чичи Ќаја и потоа лево кон Мала Рупа. На едно дрво има маркација и стрелка со напола избледен натпис "Мала Рупа".
по патот во изградба во правец на интересното врвче Чичи Каја
Патеката сега е пријатен шумски пат кој постепено но постојано оди прво по текот на потокот Цреша, а потоа почнува да се искачува по падините нагоре - во правец на долот Смрека - во правец на Зелен Брег. Но таму теренот е незгоден и со густа шума, па затоа се мислиме од каде да скратиме. Шумскиот пат кон Мала Рупа многу врти нагоре. Додека се двоумиме што да правиме поминува втор џип - пак како порачан. Ни кажува дека се наоѓаме баш на местото (ни фалеле уште 10 метри) од каде има маркација и поаѓа маркирана планинарска патека нагоре. Луѓето се од ПД Кожуф кои нешто погоре имаат една колибка.
по патеката низ шумата до колибата на ПД Кожуф
Нивната колиба е на околу 1350 m. Застануваме, има чешма со вода. Малку одмор, разговор со домаќините. Тие не канат да поседиме повеќе, но нашиот план не предвидува подолги застанувања. Продолжуваме уште некои 250 висински метри низ шумата, патеката е маркирана и испресечена со мали делови расчистени за сеча на шумата. Потоа минуваме покрај една карпа и тука завршува шумскиот појас - излегуваме во делот на еден широк амфитеатар - Мала Рупа. Висока трева, но најмногу - боровинки. оттука па до крајот на акцијата боровинките се наши постојани придружници. Рацете, устите, па и светлите панталони кога ќе седневме - се се боеше во сино - модро - не можеш да најдеш парче трева каде можеш да седнеш а да не се офарбаш. Затоа (поради сината боја) почнавме да се викаме "Штрумфови во земјата на боровинките". А имавме и една штрумфета.
Мала Рупа
На Мала Рупа правиме пауза од околу половина час. Веќе сме на гребенот кој претставува граница помеѓу Македонија и Грција. Отсега поголемиот дел од движењето се одвива по граничната линија - постојано наидуваме на гранични камења. Се искачуваме до врвчето Мала Рупа кое е околу 2000 метри. Потоа патот (гребенот) оди малку надолу, па пак нагоре во правец на горните делови на ски-центарот. По пат наидуваме на мали групи берачи на боровинки.
по гребенот кон врвчето Мала Рупа
поглед кон грчката страна на планината
Доаѓаме кај крајот на жичарницата од ски-центарот. Гледаме надолу - гледаме внатре во објектите - никој не продава сладолед и Coca-Cola. Што да правиме. Деан и Марин си седнаа на еден од ски-лифтовите и чекаа да падне снег па да поскијаат малку. Останатите појдовме да го искачиме врвот Зелен Брег - највисок врв на Кожуф планина. Највисок но заоблен, не баш атрактивен за искачување. Одиме нагоре по високата трева и ниска смрека и наскоро стигнуваме на врвот - нашиот врв е 2165 m. На грчка страна, околу 300 m на грчка територија се наоѓа втор врв - 2173 m. На врвот сме околу 13:10 часот. Под врвот има спомен плоча на планинар од ПД Кожуф.
На врвот одмараме околу половина час - јадеме, некои од нас кои помалку или воопшто не спиеле претходната ноќ малку си задремаа. На врвот ни се приклучи и еден дечко - грк кој дојде од нивната страна - рече дека бил биолог и барал ретки растенија на планината.
на врвот Зелен Брег (2165 m)
поглед од Зелен Брег кон врвовите Порта и Дудица - а уште подалеку - Кајмакчалан (Ниџе)
Од Зелен Брег до местото за нашиот логор - караулите под врвот Порта - нема многу - треба да се симнеме по благата падина од врвот и потоа уште малку по широкиот земјен пат. За помалку од еден час сме таму - кај двете полусрушени згради на караулата. Досега имаме изминато околу 20 km и тоа на поголемиот дел од групата им е доста - особено поради тоа што некои од нив за прв пат носат толку тешки ранци. Наскоро повеќе од половината се во хоризонтална положба - некои веќе и спијат. Останува уште едно битно прашање да се реши во врска со нашиот престој тука - да најдеме вода. Јас и Марин поаѓаме со еден ранец наполнет со празни шишиња и со помош на GPS апаратот наскоро го пронаоѓаме изворот кој претходно го имав внесено - на околу 200 m под караулите, но поради тоа што ретко кој доаѓа тука, голем дел од патот, а особено изворот беше обраснат со висока трева и трње.
караулите под Порта- нашиот "базен логор" na 1875 m
Ги поставивме шаторите, јадевме и одморивме малку. За 17 часот закажавме поаѓање кон врвот Порта - последниот предизвик за првиот ден. Одиме по најдиректната линија кон врвот - стрмно но интересно - како што се искачуваме погледот оди се подалеку. За 45 минути сме на врвот. Се собира целата група, се фотографираме, гледаме на грчка страна - не може да се види ниту морето, ниту Олимп - има некоја измаглица - нечистотија, можеби смог од Солун во тој правец.
стрмниот успон кон врвот Порта
на врвот Порта (2087 m)
враќање од Порта кон логорот - на седлото
Се спуштаме од врвот од другата страна - правиме полукруг и по убава патека се спуштаме до караулите. Имаме доволно време да си подготвиме супи и да вечераме. Полека почнува да се стемнува и да заладува. Наскоро зад ритчето почнува да ѕирка полната месечина што предизвикува една нова фото-сесија на членовите на екипата. Околу 9 часот полека кампот се стивнува. Чекаме уште малку време да видиме некој метеор од метеорскиот рој Персеиди (и успеваме да видиме еден прекрасен примерок) и потоа - на спиење.
Ноќта мина воглавно мирно, со тоа што некаде околу 1 часот по полноќ се појави чуварот на кравите од грчка страна за кои цела вечер се чудевме кога ќе си одат дома - не се појави никој да ги прибере. Викаше по нив и конечно ги прибра надолу.
во вечерните часови
Недела - 14 август
Будење беше закажано во 6 часот. Сите станаа убаво наспани и одморени. Околу 6:10 почнаа да не греат првите сончеви зраци. До 7 часот појадувавме и се подготвувавме за денешната акција - без ранци или со лесни ранци да појдеме до врвот Дудица и потоа назад до логорот. Патот води до седлото од каде вчера се спуштивме од Порта - на висина од околу 2000 m. Оттаму по убаво планинско патче постепено се спуштаме надолу - до следната караула - пред врвот Дудица. На некои места патот е зараснат, а на еден дел минуваме низ дел од шумичка надополнет со дел од високи треви и планински билки - повисоки од 2 метри. Се спуштаме до потокот под врвот Дудица кој подолу се нарекува Стара Река. Тука има направено убава чешма - "Капетанова чешма". На висина сме од 1740 m. По малиот одмор се спремаме за стрмниот успон кон врвот Дудица - многу симпатично врвче на кое оддамна сакам да се качам ама еве дури сега дошло времето тоа да се случи. За околу 35-40 минути се искачуваме на врвот. Има прекрасен поглед од горе - особено на грчката страна има убав карпест амфитеатар. Гледаме долу како од грчка страна се качува помала група планинари.
караулата и врвот Дудица
кај Капетановата чешма
стрмниот успон кон врвот Дудица
поглед од Дудица на грчка страна
на врвот Дудица (2132 m)
Горе мал одмор од десетина минути и пак спуштање од другата страна назад до чешмата. Тука се миеме и ги дополнуваме резервите со вода така да ни стигне за целиот ден - да се вратиме до Смрдлива Вода. По истиот пат се враќаме назад до караулите под Порта. Таму сме нешто пред 12 часот - се според планот.
низ прозорите на старите караули
групна фотографија на екипата пред поаѓањето назад
Ручаме и почнуваме да се пакуваме - ги собираме шаторите, ги пакуваме ранците. Во 13 часот поаѓаме назад - по широкиот пат кон крајот на жичарницата под Зелен Брег. Таму правиме пак мал одмор и продолжуваме по патот - гребенот на Џибарица - се до излезот на патот во изградба.
на враќање по патот кон ски-центарот
Се спуштаме надолу - отпрвин по новиот асфалт, а подоцна - бидејќи знаеме дека по некое време новиот асфалт ќе го снема - по стариот асфалтен пат. На места кратиме каде може да се скрати, но нема многу такви места. На други места стариот асфалт е пресечен од новиот пат па мораме да одиме по земјен - многу прашлив пат. Но вака - така - конечно се спуштаме до селото Смрдлива Вода.
новиот асфалтен пат до ски-центарот
спуштање надолу - делови од патот кои треба да се афалтираат
Во селото Смрдлива Вода пристигуваме во 17.30. Се одмараме малку, а потоа ранците во кола и --- до првата бензинска пумпа каде купуваме сладоледи и ладни газирани пијалоци - претеравме со здравиот живот претходните два дена.
Потоа пак секој во своите возила - до Велес каде се разделуваме со нашите штипски пријатели и --- назад до Скопје.
Убаво патување за два дена - ако сам не си го направиш - кој ќе ти го направи...
на патот Гевгелија - Скопје
Технички податоци :
Должина на патеката за двата дена: 52,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 3500 m
измината патека за двата дена
профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/Kozuf2Days#
Видео запис од кај караулата под Дудица можете да видите на следниот линк :
http://vimeo.com/27756617
GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/08/15/kozuf-planina-mala-rupa-zelen-breg-porta-dudica/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Марин Стојановски, Тања Манчева, Ѓоре Ѓоргиевски, Владимир Сикавица
|