Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

КОЗЈАК Планина – Куманово - 1 март 2014

Како што беше планирано на 1 март 2014 го реализиравме искачувањето на Козјак планина одалечена околу 20км северно од Куманово. Претходно контактиравме со ПД Козјак 2013 и многу им благодарам што се согласија да не водат и да дојдат како група заедно со нас.

Така околу 8.45 ч. се сретнавме кај меморијалниот центар Пелинце и заедно како група од 15 планинари тргнавме по маркираната патека кон врвот Китка – 1211м. Планинарите се дружељубиви и весели луѓе и набргу се спријателивме. Денот беше типичен зимски со малку ветар над 700мнв и малку посилен ветар и магла на врвот. Движењето е паралелно со граничната линија со Србија.

Движењето беше интересно затоа што беше разнолико – малку искачување по стрмна падина па малку рамен дел па некаде спуштање и трака наизменично. Од другата страна на границата убаво се гледа манастирот Прохор Пчински. Интересно е што северните падини се богати со шума а македонската страна е или гола или шумата е многу поретка. Со два-три кратки одмори после околу 3 часа пешачење стигнавме на врвот Китка. Самиот врв е шпицеста карпа. Моравме да побараме заветрина од ветерот и маглата. На врвот се сретнавме и со неколкумина млади планинари од ПД Козјак од Куманово.

По сликањето и окрепнувањето со храна продолживме со спуштање кон село Малотино. Пред селото се задржавме кај изгорениот планинарски дом и партизанскиот споменик. Се евоцираа спомени од времето кога домот функционираше. Штета е што повторно нема кој да го обнови домот. Село Малотино е мало село со многу стари куќи и со неколку жители старци. Продолживме по обичен земјен пат уште 2км до с. Жегљане каде на асфалтниот пат кај една убава борова шумичка не чекаше минибусот. Тука се разделивме со планинарите од ПД Козјак 2013 и се упативме во село Старо Нагоричане. Во селската продавница имаше пиво и сок и грицки. Потоа имавме едно пријатно изненадување – отидовме да го видиме отворениот базен со топла минерална вода. Штета што немавме гаки за капење – тоа е вистинско уживање, зимско време а внатре се брчкаат луге во топлата вода.

Здравје, ќе го имаме тоа на ум следниот пат.

Автор: Никола Доновски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje