Костадиница - Осоговски планини - 02 април 2010
Денешната акција имаше истражувачко-маркирачки карактер. Имено, на 16 мај оваа година треба да се одржи (по трети пат) нашата акција - "По трасата на Гасоводот". Оваа година решивме да воведеме мало освежување во однос на патеката, односно да направиме една варијанта до врвот Костадиница кој всушност со својата висина од 1645 m доминира над Крива Паланка.
Со Марин појдовме од Скопје во 6 часот и веќе околу 7 бевме во Крива Паланка. Паркиравме кај мотелот "Македонија" и потоа се вративме малку назад кон градот, од каде требаше да стартува патеката. На бензинската пумпа добивме коментар "Кај сте тргнале вака у ниедно време".
Оваа акција ни беше предизвик бидејќи овој терен досега не сме го оделе, туку исклучиво од карти и од Google Earth ја исцртавме патеката во GPS. Не само што требаше да ја поминеме, туку требаше и да ја маркираме (со мали црвени кругчиња) патеката, што значи дека не смеевме да си дозволиме грешка.
Во 7:20 појдовме од градот по една мала уличка која наскоро преминува во скали - нагоре кон сртот. Куќите од Крива Паланка одат во висина по околните ридови, така да во првиот дел минувавме покрај куќите и љубопитните погледи на оние што порано станале. Со еден - двајца направивме разговор - им кажавме каде одиме, но името Костадиница за нив не е баш најпознато, повеќе го знаат како Бела Вода, според чешмата која се наоѓа под самиот врв.
по скалите нагоре
Крива Паланка во празничен сон
Наскоро ги оставаме куќите и патеката постојано се искачува нагоре. Знаеме дека ова не е лесна патека, имаме околу 1000 m висинска разлика за совладување, а на должина од околу 9 km, што е слично, дури и малку пострмно од Попова Шапка - Титов врв преку Вакаф.
Од нашата десна страна постојано во погледот ни е Шар Планина, се уште богато покриена со снег. За време на речиси целата патека овој ден Шар Планина беше пред нас, што дополнително ни го подобруваше расположението.
Шар Планина со Љуботен во далечините
На висина од околу 1150 m се излегува на порамен дел, еден убав срт од кој од левата страна се гледа Калин Камен, Царев Врв. Тука се продолжува по сртот кој полека се искачува во правец на врвот.
поглед кон Царев Врв
По вака чист терен се оди уште отприлика 1500 m во должина и се стигнува во близина на една чешма за која Игор (кој подоцна ќе го претставиме) ни кажа дека се вика Љубино, а на карта пишува Митрово - засега го почитувам зборот на Игор. Одејќи нагоре, не изненади некој чуден звук - со Марин помисливме (независно еден од друг) дека се работи за млазен авион и почнавме со поглед да го бараме, но немаше ништо. Звукот се повтори и тогаш сфативме дека долу, во близина на нашите нозе, а практично на самиот пат - извира вода, на моменти со големи скокови и тоа го прави звукот. Зачудени гледавме неколку минути, па потоа почнавме да го сликаме - така да Марин успеа да направи фотографија во моментот кога водата скока.
чешмата Љубино е во близина на тополите
од изворот
блика вода
Продолжуваме понатаму, сега пак почнува еден дел со букова шума, со по некое иглолисно дрвце. Уште е рана пролет за таа висина, така да дрвата се без лисја - но во мај кога ќе дојдеме се ќе биде зелено.
Во далечината слушаме звук на мотор - мислиме дека некој со моторна пила сече дрва. По десетина минути, гледаме зад нас - доаѓа моторче, а на моторчето еден дечко - оптимистички вози нагоре. Застанува да се поздравиме. Тоа е Игор - дечко - љубител на мото спортот - а моторот најверојатно е постар од него. Игор за кеиф секоја пролет си го склопува моторот и го вози по планините. Моторот изгледа неугледно, ама Игор го има фризирано и влече одлично, а и Игор фантастично балансира по тумбите на планинското патче. Ни кажа од каде да фатиме за да дојдеме до Бела Вода. Игор продолжи - веќе на некои места имаше снежни јазици.
по шумската патека
Игор со своето моторче
на пат кон Бела Вода
Под врвот вртиме малку во десно - се упатуваме кон чешмата наречена Бела Вода, за која толку слушавме доаѓајќи наваму. Кога стигнавме - сфативме зошто и посветуваа толкаво внимание: голема чешма само 100 метри под врвот, а вода блика во неверојатен млаз. Водата - убава за пиење, свежа, од што беше силна водата во овој дел од годината - го префрлаше делот предвиден за течење на млазот. Се напивме вода, се сликавме и веднаш по чешмата поаѓаме нагоре и во десно, директно кон врвот Костадиница.
чешмата Бела Вода
под самиот врв Костадиница
на врвот
На врвот маркираме на камењата срце наместо кругче. Одмараме десетина минути, јадеме по еден сендвич.
Марин на врвот Костадиница
поглед кон патот по кој треба да се спуштаме кон Мождивњак - голите сртчиња
Поаѓаме надолу. Прво наидуваме на падина целата прекриена со качунки и на некои места снежни јазици, на некои места со поголеми наноси по кои ние малку си поигравме, качувајќи се горе - долу.
на снежните наноси
- маркација во снегот
Марин по снежниот ѕид со патики
врвот Костадиница погледнат од другата страна
Лежерно продолжуваме надолу, повремено маркирајќи ја патеката на камен или на дрво. Треба да се внимава и да се оди постојано во лево, дека ако се следи логиката на падината, патот ќе ве одведе во селото Конопница. Времето е малку сончево, малку облачно - идеално, ако беше само сонце ќе изгоревме.
маркирање на патеката
поглед кон Крива Паланка
над Мождивњак
И така, полека - полека се спуштивме до селото Мождивњак - изминавме овој ден 23 km и искачивме 1000 m, а се спуштивме 1100 m. До врвот се качивме за три часа, а за три часа и 15 минути се симнавме, но притоа правевме разни егзибиции со снегот, со сликање на цвеќиња и слично - знаевме дека имаме време и не се брзавме. Во селската продавница - веднаш до патот се напив едно пиво и потоа порачавме да ни дојде такси - кое за многу ефтини пари не однесе до автомобилот.
На враќање поминавме и до рибникот "Езерце" во с. Гиновци, за да видиме дали е таму газдата - за да му најавиме дека ќе дојдеме на 16-ти мај, но тој не беше таму, беше една од девојчињата. Поседовме малку, му пративме поздрави на газдата и тргнавме во Скопје. Дома бев во 16 часот, побргу бев дома отколку во нормален работен ден, а богат со едно прекрасно искуство и со веќе солидно исполнет ден.
Како заклучок за патеката : убава патека, има што да се види, но бара луѓето што ќе дојдат да имаат добра кондиција, не е за луѓе кои еднаш во месецот излегуваат на прошетка или на Водно со децата - напорна е како искачување од Попова Шапка до Титов Врв и назад, но за секој планинар кој редовно се движи во планина не е никаков проблем - напротив - вистинско уживање.
Топографска карта со патеката
патеката во Google Earth
профил на патеката
автор : Трајче Панковски
|