ГОЛЕМА АКЦИЈА: КОРЗИКА (ФРАНЦИЈА), ГРАН ПАРАДИЗО (ИТАЛИЈА), МАНГАРТ (СЛОВЕНИЈА)
„Каде на одмор?“ - ме прашуваа.
„На Корзика, па на италијанските, и на словенечките Алпи“ – велев.
„Иииииии, што убаво.“ „А, со кого?“
„Па, со моето планинарско друштво Макпетрол“.
Поминавме 5.000 км, со добри луѓе, се искачивме на високи врвови (највисок 4.061 м.) , одевме по снегови и глечери среде лето, пливавме во Тиренско море (Корзика), па во словенечка бања (Чатеж), па на Ада Циганлија во Белград. Одмор за паметење. Еве, по ред.
17.07.2010 ( Петок)
Само половина час пред полноќ, од Белград, група планинари и излетници од Македонија, Србија и Бугарија, тргнавме на 16-дневна планинарско–излетничка акција низ средна и јужна Европа. Во Франција (Корзика), во Италија и во Словенија. Главни цели ни се искачувањето на највисокиот врв на Корзика, Монте Чинто (2.706 м.), врвот Гран Парадизо во Италија (4.061 м.) и врвот Мангарт во Словенија (2.678 м.). Патем ќе ги посетиме и градовите Љубљана, Блед, Крањска Гора, Венеција, Пиза, градовите на Корзика, Белград. Во акцијата учествуваат планинари од три планинарски друштва: „Макпетрол“ од Скопје , „Балкан“ од Белград, Србија, и „Рилски Турист“ од Самоков, Бугарија.
18.07.2010 (Сабота)
Утрото, после две поминати граници (Србија-Хрватска и Хрватска-Словенија) влеговме во ЕУ. И баш на границата сретнавме уште тројца авантуристи, планинари од Македонија, кои тргнале да се искачат на Гран Парадизо и Мон Блан, Виктор од ПД „Кораб“ со двајца негови пријатели.
На словенечка граница со планинари од Македонија
Среде Љубљана се сместивме во комотните соби на ученичкиот дом „Иван Цанкар“. А, Љубљана е како девојка чија што убавина никогаш не поминува. Убава, тивка, чиста. На Тромостовје, и покрај многуте туристи, се слушаше само звукот на саксофонот од уличниот свирач. Уживавме шетајќи низ стариот дел на градот, шетавме покрај реката Љубљаница, со туристичкото вовче се качивме на тврдината, бевме во шопинг центарот BTC . Приколката и покрај противењето на возачот Рајко, опасно почна да се полни со новокупени работи уште првиот ден од патот.
Во центарот на Љубљана Љубљанскиот „Змајчек“
19.07.2010 (Недела)
Околу 9 часот тргнавме кон Постојнска јама. Ни се придружи и Стане/Станко Соклич од ПД „Матица“ од Љубљана, долгогодишен планинар кој многупати бил во Македонија, а бил дури 29 пати на Корзика. Тој беше „кривецот“ што не поттикна да одиме на Корзика и чии препораки и совети за островот „ги пиевме со очи“. Не снабди со патни карти, ни ги обележа патиштата и местата за посета и ни посака среќен пат.
Со нашиот пријател Стане
Околу пладне тргнавме кон Венеција до чии канали стигнавме со воз од местото Местре каде што го оставивме минибусот. Неверојатна глетка. На самиот излез од бучната железничка станица во Венеција е на „речната автострада“ – канал по кого бродовите и кајчињата се разминуваат како на автопат со најгуст сообраќај.
„Водена“ автострада среде Венеција Bella Venezia
Во Венеција одевме низ тесните улици полни со туристи, преминувавме преку каналите, стигнавме до плоштадот Свети Марко и до Мостот на воздишките. Не фати квечерина во близината на железничката станица и бегајќи од комарците влеговме во возот. Минибусот не чекаше на копното и тргнавме на пат долг 350 км кон Ливорно.
Го прашувавме возачот: „Рајко, где ти је Џи Пи Ес?“ „Шта ќе мени то кад је ту Миланка“ вели тој. И Миланка, водичката, ќе го извадеше купот мапи, ќе почнеше да ги врти и превртува и ние стигнувавме до саканата дестинацијата без проблеми. Жив Џи Пи Ес.
20.07.2010 (Вторник)
После целоноќното патување од Венеција, утрото околу 5 часот стигнавме на пристаништето во Ливорно. Огромните траекти како китови со отворени усти, ги примаа во својата утроба реките патници, возила, камиони, автобуси.
Траект спремен за прием на возила и патници Сите овие возила само во еден траект
Нашиот траект „Corsica ferries – Sardinia ferries“ беше висок како повеќекатница, со 6 нивоа и палуба. Уживавме во погледот од горните палуби одмарајќи се на лежалките и клупите на пат кон Корзика. Поминавме и покрај островот Елба каде што Наполеон Бонапарта престојувал како затвореник.
После четири и пол часа пловење стигнавме во Бастиа, град на Корзика.
Во Бастиа со корзиканското знаме – Маор со бела лента околу челото
Го прошетавме стариот дел од градот, тврдината, пристаништето. Насекаде смоквини дрва и костени чии плодови почнуваа да зреат. Еден од рестораните во тврдината мислам дека го имаше најубавиот поглед на светот. Замислете вака: тврдина високо издигната над пристаништето, ресторан на нејзиниот раб, маса под чадор, и непречен поглед кон околните планини, кон отвореното море, стариот град и пристаништето.
Поглед врз Бастиа
Од Бастиа преку тесен пат со многу кривини тргнавме кон внатрешноста на островот, кон кампот со исто име како и највисокиот врв на Корзика, Monte Cintu . Куриозитет. Многу патишта низ Корзика, иако полни со остри кривини, по средината на патот се обележани со испрекината линија, што значи слободно претекнување. Затоа, внимание!!!
Патот кон кампот „ Monte Cintu “ во близината на селото Lozzi е тесен, надвиснат над дива река, изграден пред стотина години.
Стигнавме во гратчето Calacuccia , каде што пазаривме храна (цените на островот се високи) и тргнавме кон кампот, кој е на 15 минути возење од градот. Името на нашиот словенечки пријател Стане ги орасположи домаќините на кампот и ни го дадоа најубавото место за сместување. Во длабоките сенки, на тревнат терен, ги поставивме шаторите (вкупно 9) и се спремивме за утрешното искачување.
Мали и големи шатори
Во тишината на ноќта се ореше р'чењето на возачот Рајко и планинарот од Прилеп, Петар. Некои, за среќа, носеа и чепови за уши. Другите, .... броеја ѕвезди.
21.97.2010 (Среда)
Никој од нас не очекуваше такво искачување.
Утрото во 6:00 тргнавме кон врвот . По патеката стигнавме до планинарскиот дом на 1.650 м. каде што на кратко се одморивме и наточивме вода. Денот беше врел. Високо над нас се надвиснуваа каменестите врвови на планината, а кон долината од која што тргнавме се слеваа потоци од снегот кој сеуште го имаше под врвовите. Покрај нас кон врвот се искачуваа и други планинари од Франција, Италија, Чешка. Патеката беше обележана само со купови камења и овде-онде по некоја црвена точка на камењата. Стазата кон врвот беше толку стрмна и на неколку места просто висевме над амбиси. А немаше никакво обезбедување, сајли, клинови. Нагоре се искачувавме 7 души во две групи.
Планината Монте Чинто Хеликоптер под нас
Во далечина зачувме хеликоптер кој се приближи под нас. Од хеликоптерот излезе еден врзан спасител кој се спушти меѓу карпите. Кого вадеше, што правеше, не успеавме да видиме. Јас, Дима и Адам бевме погоре и помисливме, не дај Боже, дека им се случило нешто на групата која беше под нас (Миланка, Коле, Петар и Горан В.). Истото го помислиле и тие. За среќа, се беше во ред со обете групи при искачувањето.
После повеќе од 5 часа се искачивме на врвот Monte Cinto . Врвот е обележан со крст од гранки суво дрво, заглавено меѓу големите камења, околу кого на врвка беа закачени мали, шарени заставички. Застанати на врвот коментиравме дека во далечина се гледаат и други повисоки врвови, но сепак, Monte Cinto , е највисок врв на островот Корзика, 2.706 м.
На врвот Монте Чинто со Дима и Адам
Ги почекавме планинарите од другата група и заедно се сликавме.
На врвот на Монте Чинто – Адам, Петар, Коле, Горан В., Миланка
Пред да се разделиме се договоривме надолу да ја следиме патеката со црвени точки која водела кон некое убаво езеро. Тоа ни го кажаа чешките планинари. Се разделивме и заедно со Дима и Адам тргнавме надолу, кон езерото и кон кампот. Патем сретнавме двајца 18-годишни французи, Guyom и Louic, близнаци, облечени само во патики и во маици со кратки ракави. Од поголема група французи кои ги видовме утрото, само овие двајца млади луѓе успеале да се искачат на врвот, а нивниот татко и другите од групата се вратиле надолу. Неверојатно, но тие ги оставиле младите сами да се снаоѓаат на планината на која првпат се искачуваат. Близнаците не замолија да идат со нас и така нашата група се зголеми на петмина.
Маркацијата со црвени точки збунувачки не водеше нагоре-надолу по сртот од планината при што искачивме уште еден непланиран врв над 2.500 метри. Од сртот видовме дека патеката обележана со црвени точки води на другата страна од планината и ние логички решивме да следиме друга маркирана стаза, обележана само со купови камења која води кон „нашата долина“, лево од сртот.
Досега наученото во планинарењето го применив сега. Поради маглата ние петмина одевме блиску еден до друг, се облековме во потопла облека, им дадовме ракавици, капи, јакни на младите французи, а им дадовме и стапови за планинарење, за полесно симнување, затоа што Louic го болеше ногата. Слушнавме грмотевици во далечина и им кажав на младите французи да им се јават на родителите и да им кажат дека не се сами во планината, туку во група, и потоа сите ги исклучивме мобилните телефони и ГПС уредот.
Французите со наша облека и планинарски стапови Глечерско езеро
При симнувањето видовме два муфлона кои брзо се стрчаа и исчезнаа во маглата. Маглата се креваше и спушташе, а ние расположени што сме на вистинскиот пат, уживавме во околината. Обележаната стаза со купови камења не донесе до мало глечерско езеро и потоа покрај него, по каменест терен, покрај многу потоци и слапови, слеговме до домот од каде што тргнавме утрото.
Втората група ја следела стазата со црвени точки до крај и се нашле на другата страна од планината, низ борова шума и до друго езеро. Се слушнавме по мобилен со Миланка и организиравме нивни превоз до нашиот камп. Нашиот возач Радован-Рајко заедно со Ирена и Маријана отидоа да ги земат. Конечно околу 23 часот сите се собравме во кампот.
Преостанатите од групата кои останаа во кампот во текот на денот уживале во блиската река во природно издлабени џакузи, тобогани и базени.
Забелешка за планинари
Каква планина е Монте Чинто? Подножјето е питомо, со ниски растенија, но височините се каменети и испресечени со потоци. Патеките се обележани само со купови камења и ретки се стазите обележани со боја. До врвот Монте Чинто водат повеќе патеки, или директно нагоре од домот, или заобиколно по сртот. На добро подготвени планинари од кампот „Монте Чинто“ до врвот им треба околу 5 часа. Генерално, за да се стигне на врвот треба искуство од искачување на стрмни, камени и необезбедени патеки; високогорска планинарска опрема поради теренот и промената на времето и високи чизми над глуждот (со Вибрам) поради карпите. При топло време треба да се носи поголема количина вода за да се спречи дехидрација на карпестите, осончени делови од патеките. Препорачливо е да се користи и ГПС уред со вметната стаза симната од Интернет. Детали за планината Monte Cinto на Интернет http://en.wikipedia.org/wiki/Monte_Cinto.
22.07.2010 ( Четврток)
После вчерашниот напорен ден, денес се релаксиравме. Река, езеро, одмарање, уживање. На 24 км од Calacuccia се наоѓа почетокот на стазата кон езерото Lac de Nino и кон блиската река Голо. Дел од групата уживаше во сенките и ладната вода на реката, а женскиот дел од групата, предводен со Миланка, тргна кон езерото Lac d е Nino . Ние одејќи кон реката поминавме низ „Паркот на авантурата“ каде високите дрва беа меѓусебе поврзани со јажиња по кои, со шлемови на главата и појаси околу половината, прелетуваа луѓе. Од дрво на дрво со макари и преку висечки скали и мостови. Шумата ечеше од врисоци и смеење.
Групата која беше на езерото Lac de Nino беше воодушевена од убавината. Напорното искачување ги донело до езеро вгнездено меѓу планините, природно напојувалиште за коњи, опкружено со трева мека како тепих.
Езеро Lac de Nino
Вечерта со вино и гитарата на Коле уживавме прераскажувајќи ги денеска видените убавини.
23.07.2010 (Петок)
Утрото ги собравме шаторите, ги спакувавме ранците и после групната фотографија пред капијата на кампот „ Monte Cintu “, тргнавме кон градот Корте, поранешна престолнина на Корзика.
Пред кампот Monte Cintu
Убавината на малиот град Корте беше изненадување за нас. Одејќи полека по стрмните и тесни улички на стариот град стигнавме до Белведере, видиковецот. Стариот град е високо подигнат на еден рид од кого се простира убав поглед врз уште повисоката тврдина, кон околните планини и врз долината со нови згради и фабрики.
Корте
Во Корте веќе станавме свесни дека дел од групата ја има зафатено „шопинг треска“. Фрчеа најлони, сувенири и подароци. Тоа беше најочигледно кога во близината на Солензаро, од еден трговски центар излеговме олеснети за многу стотици евра и потешки за стотина килограми. Дефинитивно, рекордер во купувањето беше Маријана од Бугарија, која многу ја израдува касиерката со купените работи, но го фрли во очај нашиот возач. Шатори, столици на расклопување, стаклени вазни, папучи,... сето тоа запакувано во нови куфери за колку-толку да го залажат возачот.
Но, поради новодобиената тежина, едно од тркалата на минибусот не издржа. Пукна гумата на едно од најинтересните места на Корзика, Третињано, мост над длабока клисура. А, во темната вода на реката скокаа, се капеа и уживаа десетина австријци кои ние со завист ги гледавме од високиот мост. Неверојатна глетка.
Корзиканските реки и езера се многу посетени и едвај се наоѓа место за паркирање покрај нив.
Третињано – пливање во длабоката река
Доцна попладне стигнавме во кампот „ Sole D'Oro (Marine di Solaro) “, 3-4 км од местото Solenzara , гратче на источниот брег на Корика, со плажа со ситен песок, но со малку преостанати сенки за шаторите. Денот беше многу топол и ние се разладувавме во морето. Коле се трудеше со гитарата да ни ја направи попријатна топлата ноќ, ние тројца, јас, Дима, Горан В, решивме да спиеме на плажа, на песок. Ги зедовме вреќите за спиење, се наредивме еден до друг на песокот и уживавме во полната месечина и во музиката од блискиот ресторан.
Постела од песок Изгрејсонце на Тиренско море
Спиењето беше никакво, но, барем ветерот не ладеше. Утрото, околу 4:30 часот ветерот веќе стана толку силен што се разбудивме со песок во устата, ушите, во косата, во вреќата за спиење. Силниот ветер не им дал да заспијат и на тие во шаторите.
24.07.2010 (Сабота)
Денес во план ни беше посета на преминот Col de Bavella , 40-тина километри од Solenzara и околните врвови. Стигнавме на голем паркинг над кого се надвиснуваше белата статуа на Богородица, а под неа, на камењата, беа ставени многу плочки со посвета. Силниот ветер на преминот ги натерал околните дрвја да се искриват во неверојатни форми.
Статуа на Богородица на преминот Col de Bavella
Стазата кон врвовите беше лагодна, низ густа, зимзелена шума. Патем сретнавме Французи кои ни покажаа слика од „Око“. Тоа е вистинско чудо на природата. На врв од планината, има голем, природно направен отвор во карпата, со дијаметар од околу 8 метри, наречен Compuleddu или Trou de la Bombe ( дупка од бомба). Прво Дима, па јас, па Миланка и на крај Маријана, се искачивме до Окото и стоејќи на работ уживавме во погледот. Од едната страна има стрмен пристап до „Окото“, а од другата страна на „Окото“ е длабок амбис со поглед на морето и силен ветер кој не нишаше на ивицата.
Око
На работ на Окото
„Окото“ е многу популарно излетничко место и подоцна во денот, колони посетители одеа кон него.
На враќање ја најдовме патеката која водеше до врвот Punta Velaco (1.483 м.) . Многу лагодно се искачивме по стрмниот терен, како по скали. На врвот имаше убаво изработен крст во нечија чест и тетратка во која си ги напишавме нашите имиња. Од врвот имаше неверојатен поглед кон морето, кон околните планини и долини.
На врвот Punta Velaco (1.483 м.)
После пладне се вративме во кампот и уживавме во топлото море. Времето беше поладно и Коле повторно со гитарата ни ја развесели вечерта.
Коле со гитарата
25.07.2010 (Недела)
Утрото околу 9 часот тргнавме кон Бонифацио. Ја оставивме приколката во кампот и тргнавме кон крајниот југ на Корзика. Градот Бонифацио беше вистинско откритие. Веќе вообичаено се качивме на туристичко вовче кое не прошета околу градот. Потоа пешки, со карти во рацете го обиколувавме стариот град по тесните улички. Во туристичкото биро ми кажаа што да видиме и се сеќавам дека споменаа некакви интересни скали по кои може да се слезе до морето. Но, мене кажувањето на вработената во бирото не ми остави впечаток и затоа само поминавме покрај нив. Подоцна видовме дека сме пропуштиле првокласна атракција.
Прво за градот. Бонифацио е високо издигнат над морето и чиниш секој момент куќите ќе почнат да паѓаат во луто разбрануваното море. Од морето се гледа дека градот е издигнат на бело-жолти карпи издлабени од брановите кои прават неверојатен контраст со синото море. Шетавме низ тесните улички полни со туристи, со шарени куќи, со ресторани и продавници за сувенири.
Бонифацио
А, сега за скалите. Таканаречените „Скали на Кралот од Арагон“, 187 по број, издлабени во бело-жолтите карпи, водат од врвот на стариот град до морето. Легендата вели дека во 15 век кога Кралот од Арагон го завземал Бонифацио, неговите војници ги издлабиле скалите во една ноќ. Потоа, од дното на скалите, посетителите можат да се движат по стаза, паралелно со морето околу брегот, таман над лутите бранови.
Скалите на Кралот на Арагон под Бонифацио
Градот, бело-жолтите карпи и скалите, во сета своја убавина, ги видовме од морска перспектива кога пловевме со брод. Едносатната прошетка по морето, при што ги посетивме издлабените пештери, скриените заливи со тиркизна боја, пловејќи по високи бранови кои при ударот во бродот прскаа на сите страни, ...... вредеше секое евро (15 евра).
Да не биде дека не сме зеле некој спомен од Бонифацио, пак израдувавме неколку продавачки на облека и сувенири.
Околу Бонифацио со брод
Од крајниот југ, од Бонифацио, до крајниот север, до Бастиа, од каде што требаше да испловиме кон Италија, 171 км ги поминавме за 4 часа лагодно возење покрај море. Во Бастиа, во исчекување на траектот во 23:30, уживавме седнати на каменитите плажи. Откако падна мрак, прошетавме низ градот и видовме дека е градот е голем и многу жив навечер. Улиците и рестораните околу пристаништето беа полни со туристи. Го јадевме најосвежувачкиот сладолед на светот, направен од зелен лимон и босилек. Запамтете: слаткарница „ Rauqi “, на брегот на пристаништето.
Најубавиот сладолед на свет во Бастиа
Околу 23 часот дојде големиот траект од кого се истоварија многу возила и патници. Им завидувавме на тие што доаѓаат на зелената и дива Корзика, на островот создаден за авантури. Полека се качивме на траектот, си најдовме лежалки и се подготвивме за спиење на отворена палуба во тек на 6-часовното ноќно пловење до Ливорно, Италија. Замислени, и потпрени со нозете на оградата на највисоката палуба на траектот гледавме во светлата на градот додека траектот полека се оддалечуваше од брегот.
Вообичаено обележување на патеките низ Корзика Необично обележување на патеките низ Корзика
Уште неколку информации за Корзика: Островот е колку една третина од Македонија и со 300.000 жители, но со над 2 милиони туристи во текот на летото (посебно во август). Камповите по планините и покрај морето се многубројни, чисти, со топла вода, со продавници, електрични приклучоци. Патиштата се современи, патните знаци се бројни и двојазични (француски и корзикански); по патиштата честопати трчаат овци, кози и свињи; пешачките патеки се обележани, а има многубројни мапи, брошури за островот. На Корзика има повеќе луѓе по планините, реките и езерата отколку на плажите. Сите со ранците на грб и со мапите во рака талкаа по патеките уживајќи во убавините на островот. Интернет страна со повеќе информации за Корзика: http://en.wikipedia.org/wiki/Corsica
26.07.2010 (Понеделник)
Со траектот, по скоро 6-часовно пловење утрото околу 6 часот стигнавме на пристаништето во Ливорно, Италија. Траектот ноќта беше една голема спална соба каде што сите (освен посадата) спиеја по палубите, на лежалките, на клупите, по подот. Додека се освестувавме, веќе стигнавме во Пиза, на 17 км од Ливорно.
Блиску до паркингот каде што го оставивме минибусот беше оградениот имот во кого се наоѓаат Кривата Кула, Катедралата и Крстилницата. Во оградениот имот се влегува низ капии.
„А бе, оваа стварно била крива“, рече Горан В, гледајќи ја Кулата низ капијата. Кулата беше забележително искривена наспроти убавите исправени градби во близина. Утрото бевме први туристи кои кружеа околу кулата и низ паркот. Сонцето полека изгреваше и ние направивме одлични фотографии од градбите.
Влез кон Кривата Кула во Пиза Кривата Кула во Пиза
Катедрала и Крстилница во Пиза
Пакистанците кои работеа на тезгите знаеја што е сефте и малку ги намалија цените за купените сувенири. А, купувавме кој за своите блиски, кој за колегите на работа, кој за престојните родендени (три родендени во нашата група).
Од Пиза, преку Џенова, до градот Аоста на крајниот северозапад на Италија не чекаше пат долг 460 км. Од Аоста се е блиску. Тука е тунелот под Мон Блан, тука е скијачкиот центар Курмајер, тука е највисокиот врв во тој дел од Италија, Гран Парадизо, на кого планиравме да се искачиме. Гран Парадисо е висок 4.061 метар и е највисок врв кој е целосно на италијанска територија (всушност највисок врв во Италија е Мон Блан, но тоа е врв кого Италија го дели со Франција).
Во блискиот „Лидл“ супермаркет се снабдивме со храна и тргнавме кон Понт - Валсаверенче, последното населено место од каде што почнува искачувањето на Гран Парадизо. Патот до Понт е толку тесен и извиен, што нашиот возач Рајко на крајот од патот имаше мускули на рацете како Шварценегер.
Ние бевме сместени во кампот Pont de Breuil во мал хотел на скоро 2.000 метри, во комотни соби со топла вода и радијатори. Околу нас беа надвиснати огромни врвови и глечери и вечерта имаше греење во собите. На ливадата пред нас беа наредени многу шатори и трејлери (возила-приколки) со регистерски таблички од цела Европа.
Кампот Pont de Breuil
27.07.2010 (Вторник)
Утрото околу 9 часот, пред тргнување кон планинарскиот дом Vittorio Emanuelle II (VEII) на 2.732 м., направивме групна фотографија во кампот. Таман пред тргнување ни се придружија и Зоран и Бранко од Белград кои дојдоа во кампот со кола директно од Белград.
Пред почетокот на искачувањето
Добро уредената стаза низ шумата не водеше нагоре кон домот. Низ шумата на секој чекор имаше потоци, слапови, водопади, со вода од глечерите кои се топеа.
Домот VEII, таков светкав и заоблен, изгледа како вселенски објект кој слетал на карпите. Големиот и комотен дом, околу кој, што е реткост, има чешми со вода и езеро, тој убав и сончев ден, не пречека со отворени врати. Во предворјето имаше мешаница од планинари и излетници; едни слегуваа од врвот, други слегуваа кон долината, а трети уживаа на топлото сонце, потпрени на надворешните ѕидови на домот. Внатре во домот има голем ресторан, со одлични јадења ( Pasta Pesto – препорачувам!!!). Се сместивме во најгорниот (трет) спрат во домот во голема повеќекреветна соба за 10 евра по човек. Во домот има и 4-креветни соби, а надвор има и контејнери со по 9 лежаи за 30 евра по човек. Има и помал дом за 3 евра по човек.
Домот Vittorio Emanuelle II
А, кој бил Vittorio Emanuelle II по кој е именуван домот? Тоа бил првиот крал на обединета Италија кого италијаните го нарекуваат „Padre della Patria“ (Татко на татковината).
Дима, која што самата вели дека: “Не ја држи место“, веднаш отиде да ја разгледа околината и рече дека се искачила на 3.000 м. а ние останавме да уживавме на попладневното сонце пред домот.
Дел од луѓето кои останаа во Понт, дента со минибусот биле на разгледување и шопинг во Шамони, Франција.
Ние вечерта во домот ги подготвивме ранците, облеката, го повторивме распоредот за утрешното искачување, и повторно, кој со, кој без чепови за уши, заспавме.
28.07.2010 (Среда)
Скоро сите планинари во домот решија да се искачат на Гран Парадисо стартувајќи во 4 часот наутро. Утрото беше мирно и со ѕвезди на небото. Низ мрак, со запалени челни лампи еден по друг тргнавме кон врвот.
„Осумината величенствени“ во ноќта
Се раздени некаде на 3.000 метри каде што почна снегот и глечерот. Тука ги ставивме дерезите на чизмите, капите и ракавиците и се наврзавме во наврски. Во едната наврска беа Миланка, Горан В, Петар и Коле, а во другата наврска бевме Бранко, Дима, Зоран и јас.
Тука почнува снегот
Ние тргнавме први, бидејќи дерезите на Петар двапати се одврзаа патем. Нагоре се разминувавме со други наврски на планинари од цел свет. Мислам дека најбрза беше наврската од двајца јапонци, младиот водич со постарата јапонка, некаде во свои 60 години. Први се искачија и први се симнаа од врвот.
Како што изгреваше сонцето, така станувавме свесни на убавината околу нас, на неверојатни форми на теренот, длабоките пукотини во глечерот, на карпите расфрлани без ред, на облаците заобиколени со виножито.
Облаци со виножито
Единствено несвесен на околната убавина беше Зоран од Белград, кој едвај одеше и едвај дишеше. Јас бев задолжен за негово храбрење. Ќе се приближев до него и длабоко дишевме во ист ритам, за да се смири и внесе повеќе воздух во белите дробови. Патем поминувавме покрај глечерски пукнатини, од кои една беше навистина голема. Преку неа беа ставени метални скали преку кои ќе требаше да преминеме ако не беше новопаднатиот снег.
Скали преку пукотината во глечерот
Последниот дел од искачувањето, од седлото до врвот беше посебно стрмен, лизгав и напорен. По скоро 6-часовното искачување стигнавме во подножјето на врвот, односно до чудно искривените карпи. Карпите на врвот како да ги поставило некое детенце од расфрлани Лего коцки. Карпи без никаков ред, издигнати над огромен амбис.
На 4.055 м.
Ги симнавме дерезите и се искачивме до платото на 4-5 метри под вистинскиот врв на кого што се наоѓа бела статуа на Богородица. Бидејќи од платото до врвот немаше никакво обезбедување (јаже или скала), јас се сликав со статуата во мојата позадина, а Дима и Бранко се обидоа да го преминат 2-метарскиот ѕид користејќи ги своите прусици. И успеаа. Ги сликав од 10-тина метри оддалеченост како радосно ја загрнуваат Богородица, која мислам навистина им помогна да преминат преку амбисот. По кажувањето на Дима, преминот преку необезбедениот ѕид бил толку страшен што неколкупати, како за себе, повтори: „Никогаш повеќе, никогаш“.
Бранко и Дима на врвот Гран Парадизо
Личен рекорд постигнаа и Петар и Горан В кои за прв пат во својот живот се искачија над 4.000 м., стоејќи гордо на 4.030 м.
Горан В. на 4.029 м.
Петар и покрај огромниот ранец не престануваше да снима во секоја прилика. До платото под врвот се качи и славеничката Миланка која баш дента, на 28 јули, го славеше својот 50-ти роденден. Направивме групна фотографија на 4.030 метри и, повторно во наврски, тргнавме надолу.
Групна слика на 4.030 м
Надолу нашата наврска (јас, Зоран, Дима и Бранко) брзаше како да ја брка некој. Потајно имав за цел да не бидеме претпоследни кои слегуваат од планината (а последна беше наврската со Миланка) и видов во далечина уште една наврска пред нас. Затоа, молчејќи, „вклучив 4-та брзина“ и тргнавме надолу. Зоран постојано го затегнуваше јажето со кое беше поврзан со мене и понекогаш се чувствував како во спрега. Но, брзањето се исплати. Бевме скоро час и половина пред другите и, не бевме претпоследни.
Некаде на 2.900 метри, под снегот и глечерот, не пречека „Одборот за пречек“: Ирена, Маријана и Адам, за што сме им благодарни за грижата. Всушност, како што подоцна ни кажаа, до домот VEII се искачиле сите (освен возачот). И Љупка и Лила и Маријана и Цеца и Ирена и Адам. Сите беа воодушевени од убавините, од водопадите, од глечерите.
Успех – Цеца, Маријана, Љупка и Лила на 2.735 м.
Вечерта сите, среќни поради успехот и изморени од скоро 15-часовното искачување и слегување, се собравме во кампот Pont de Breuil на 2.000 м.
Забелешка за планинарите
Каква планина е Гран Парадизо? Неопходно е искуство од искачување на глечери, одење со дерези, цепин, одење во наврска, алпинистичко искуство за искачување на последните метри на врвот (дополнително јаже за обезбедување) и соодветна облека за над 3.000 м. Нормалното искачување на физички добро подготвени планинари од домот VEII до врвот трае околу 5 часа. Бидејќи домот VEII има одлични услови за сместување, исхрана и вода, не е потребно да се носи многу храна и вода до домот.
Повеќе детали за врвот на интернет страната http://en.wikipedia.org/wiki/Gran_Paradiso.
29.07.2010 (Четврток)
Утрото, расположени од вчерашниот успех, полека се пакувавме за пат кон Словенија. Почна да врне, темни облаци ги заобиколија врвовите околу Гран Парадизо, но тоа нас веќе не не засегаше. Ние бевме пресреќни што вчера и завчера успеавме да се искачиме на врвот по сончево време.
Во Аоста, во „Лидл“ купивме храна и пијалоци за планираната роденденска забава во Нова Горица за тројца славеници (Миланка, Коле и Адам) и тргнавме на скоро 700 км долгиот пат до Словенија. Патем, по вторпат ни пукна гума на минибусот, среде фреквентната автострада; патем пеевме и игравме во минибусот; гледавме филмови во минибусот; патем застанавме во пошта во еден непознат град за да платиме патарина; ......
Цвеќе за славеничката Миланка Македонско оро среде Словенија
Доцна вечерта стигнавме во Нова Горица каде што не пречека нашите драги Власта Завадлав и Мирјана и не однесоа во селото Рочињ, на 24 км од Нова Горица каде што се сместивме во објектот на нивната пријателка Дарја. Како да не ни беше доста од играњето и пеењето во минибусот, продолживме до 2 часот наутро со прославата на трите родендени. Игравме и пеевме околу масата на која имаше вина, шампањско, сокови, месо, сирење, .... и сето тоа во жарот на веселбата го изедовме и испивме. Коле и Адам за роденденот добија маици, а Миланка доби готварска престилка и капа.
30.07.2010 (Петок)
Денес беше релаксиран, слободен ден. Доручкувавме, полека освестувајќи се од вчерашната забава. Рано утрото, Ирена и Адам со нивно возило заминаа за Швајцарија каде што ќе учествуваат на Светско првенство во ориентација. Подоцна разбравме дека Ирена Јурас е 29-та на светот во ориентиринг во нејзината категорија. Честитки!
Ние отидовме во разгледување на Нова Горица (Словенија) и на Горициа (Италија), два споени града. Стоевме на поранешната граница, сега без граница, со една нога во Словенија, а со друга во Италија.
Лила и Љупка на границата меѓу Италија и Словенија Винарска визба
Посетивме винарска визба, дворец, се сликавме блиску до мостот со најголем камен лак на светот, мост над реката Соча. А, од Власта за подарок добивме по едно шише вино.
Вечерта ги подготвивме потребните работи за искачување на врвот Мангарт, а Коле повторно не развесели со гитарата.
31.07.2010 (Сабота)
Утрото тргнавме кон Бовец и кон врвот Мангарт. Приколката ја оставивме на бензинска пумпа во Бовец и по тесната извиена патека со минибусот се искачивме до домот под Мангарт, на 1.906 м. Таму не чекаа нашите словенечки пријатели Стане, Дарко Хрнчиќ, Алеш, .... Врвот Мангарт, кој изгледа како голема камена кугла сладолед, се издига високо над домот, утрото беше обвиен во облаци. Ноќта, ни кажаа пријателите, на Мангарт врнело снег. На 31 јули, среде лето. И ние се подготвивме за такво искачување. Шлемови, ракавици, капи, зимски јакни, прусици, карабињери.
Мангарт обвиткан во облаци
Искачувањето на Мангарт е вистинска авантура. Се оди по граничната линија меѓу Словенија и Италија, има сајли за побезбедно искачување, има големи амбиси. А, на врвот, снег.
Ние се искачувавме по тнр. Италијански пат, затоа што тнр. Словенечки пат, via feratta ( обезбеден со сајли и клинови) го поправаа. На голем дел од патеката кон врвот имаше поставено сајли за полесен премин преку стрмните делови што ја правеше патеката многу атрактивна.
Со помош на сајли до врвот
Последните 200 висински метри од искачувањето беа покриени со 30 см. снег. Видовме дека искачувањето ќе биде тешко, а слегувањето уште потешко, па одлучивме само ние тројца да се искачиме до врвот (јас, Дима и Бранко, предводени од Стане), а другите да се вратат назад (дури и дел од словенечките планинарски водичи се вратија назад). Но, на врвот сепак имаше претставници од сите три планинарски друштва: јас од ПД „Макпетрол“, Дима од ПД „Рилски Турист“ и Бранко од ПД „Балкан“. На врвот Мангарт, 2.678 м., обвиен во магла, има голем дрвен крст и книга во која се прибележуваат податоци за тие што се искачиле, име, презиме, планинарско друштво, насока на доаѓање и заминување (што е од помош ако се случи нешто патем).
На врвот Мангарт (2.678 м.) – Горан, Дима, Бранко
На слегување повторно се најдовме сите и со смеење тргнавме кон домот. Кратко застанавме и Коле, претседателот на планинарското друштво „Макпетрол“, удобно се смести на карпите. Го сликав неколкупати, што предизвика интерес кај странците во околината. И јас на шега, го претставив Колета како „Президенте де ла Мачедониа“ (на „овошната салата“ Македонија). Пред домот продолживме со дружењето откако Коле пак ја извади гитарата. Времето се поправи, облаците се растурија и врвот Мангарт се покажа во сета своја убавина.
„Президенте де ла Мачедониа“ Пред домот на Мангарт со словенечките пријатели
Врвот Мангарт
Нашите словенечки пријатели не придружуваа до првата раскрсница каде што се разделивме откако срдечно се поздравивме. Ние кон Вршиќ, а тие кон Љубљана и Ново Место. А, патот кон преминот Вршиќ (1.611 м.) е вистинска егзотика. Има точно 50 серпентини по кои нашиот минибус со прикачената приколка силно брефташе. Возачот Рајко бараше водичката Миланка за секој искачен врв со минибусот да му стави по еден печат на надворешната страна на минибусот. Мислам дека во текот на оваа тура минибусот постигна рекорд од искачени врвови и требаше белата боја на минибусот да биде прошарана со многу, многу печати.
До домот на Пошта и Телеком Словенија на преминот Вршиќ, каде што бевме сместени, стигнавме после 20-тина минутно пешачење. Вечерта Коле за последен пат ја активира гитарата, но ние не бевме толку расположени за пеење колку што „умиравме“ од смеење сеќавајќи се на разни смешни ситуации од веќе 14-дневното патување. Се смеевме на „шопинзите“ на Маријана, на љубовта на возачот Рајко кон ранците, на „Шанзелизе“ зборот, вежби за задникот,....
Релаксирана атмосфера во домот на Вршиќ
01.08.2010 (Недела)
Утрото од Вршиќ се симнавме во убавата Крањска Гора која не пречека со отворени врати. Буквално. Во „Интерспорт“, продавницата за спортска опрема, отворена и во ден недела, ги дотрошивме преостанатите пари од картичките на планинарски чизми, патики, ранци, облека, ... сето тоа на попуст. Среќа утрото тројца планинари (Зоран, Бранко и Дима) заминаа со свое возило за Белград, така што се ослободи место во минибусот и во приколката. Возачот Рајко веќе не реагираше кога ќе не видеше со нови торби и најлони полни со новокупени работи. Отрпна.
Кеси со купената опрема во Крањска Гора Со кајче кон островот во Бледското езеро
Застанавме и во Блед каде што со кајче го посетивме островот среде Бледското езеро. На островот има црква во која има „ѕвоно на желбите“. Се смеевме кога слушнавме дека некој силно го повлече јажето и ѕвоното ѕвонеше 10-тина пати. Тоа сигурно беше Маријана од Бугарија која посакала да бидат отворени минимум 10 продавници за нов шопинг. А, пробавме и од познатата бледска кремпита.
Доцна попладнето стигнавме во Терме Чатеж, во Словенија, на границата со Хрватска, каде што уживавме во комплексот базени, тобогани, џакузи и топла бањска вода. Вистинска релаксација после напорните искачувања, веселби и шопинзи.
Терме Чатеж – релаксација после долгиот пат
Околу 21 часот тргнавме кон Белград. Повторно граници, пасоши, проверки. Балкан.
02.08.2010 (Понеделник)
Утрото во 8 часот од белградската железничка станица ја испративме Маријана со воз кон Софија. Тешко се справуваше со многуте ранци, торби, најлони, но, тоа веќе беше нејзин проблем.
Нашите ранци и торби ги оставивме во просториите на Риболовниот сојуз на Србија и така слободни, како вистински туристи, отидовме на Ада Циганлија каде што уживавме во водата и во дебелите сенки.
После пладне го посетивме Спортскиот сојуз на Србија, и улицата Скадарлија и ... толку. Заврши авантурата која започна на 16 јули и која траеше, еве, 17 дена.
Сите патишта водат .... дома
На крајот срдечно се разделивме и брзо почнавме да се прилагодуваме на секојдневието.
Секој со свои впечатоци..... со новоискачени врвови, нови пријателства, и новопосетени места.
Корзика мора повторно да се посети, врвот Гран Парадизо е величенствен, а врвот Мангарт е забавен.
А, луѓето со кои што патував се вистински другари. Миланка, Лила, Љупка, Цеца, Маријана, Ирена, Дима, Коле, Петар, Зоран, Бранко, Рајко, Адам, Горан В.
Автор: Горан Николоски
Слики: сите
3D приказ и висински профил на патеките:
Monte Cinto
Monte Cinto профил
Gran Paradiso
Gran Paradiso профил
|