Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

На Корчула со ПСД Макпетрол - Скопје - септември 2013

Сонце, камен, вода - три елементи од природата, без кои не се може. Со сонцето се будиш, топлината те грее, на каменот се ладиш и почиваш, а водата те освежува и прочистува... . Така и почна! Желба или предизвик. Овој пат бев сигурна дека мојот годишен одмор ќе почне со планинарење, а ќе заврши на крајбрежјето на плавиот Јадран. Oдмор или авантура ?

30 август, 2013. Почетно место - паркингот пред пошта на железничка станица во Скопје, како и секогаш. Пристигнав 30 минути порано а групата веќе се собираше. Се приклучив и јас, радосна на познатите. Се познаваме од поранешни акции во организација на ПСД МАКПЕТРОЛ и ПД 18 АВГУСТ од Скопје. Од рафтингот на Тара, од Титов врв, од Љуботен. 45 луѓе. Сите видно возбудени и спремни за дружба. По патот спиев. Утрото ме разбудија гласови и топлите зраци низ стаклото на автобусот... Убав поглед. Синило горе, синило доле, во далечините... море! Само таа глетка ми буди посебна топлина во душата! Стигнавме во Оребиќ на полуостровот Пељешац. Кога се приближивме кон пристаништето, над нас ни пркосеше сивиот масив, Свети Илија (961м.) кој требаше да го искачиме! Камена грамада. На Wikipedia пишува ... Змијско брдо... Monte Vipera … Се е тоа природа, а старите преданија, како и моите баба и дедо велеа... ако си добар и правиш добрини, секогаш позитивен, така ќе те чувствува и околината, природата, никој не те чепка! Па си реков: „Со оглед дека се моите почетни планинарења. Одам, ќе го искачам!“ Така и беше! Кога се приближивме кон пристаништето, не чекаше траект. Се беше добро организирано. Со нетрпение се качивме и потоа испловивме за Корчула. Пред нас морска шир и мали расфрлани копна. За 20 мин пристигнавме. Се сместивме во две групи, една за Завалатица, друга за Лумбарда, а таму бев и јас. Во Лумбарда не чекаше пријатно добредојде, медитеранска куќа, во дворот две смокви, од кој секое утро црпевме енергија од слатките плодови. „Наше мало мисто , поникло у окриљу камена и мора, одувејек је привлачило својом липотом ! “ За тоа и ден денес сведочат скаменетите страници на минатото, распрскани во пејзажот како траен потсетник на долг соживот помеѓу човекот и природата...

Островот е населен од Грците 3 века пред Исус, доселувајќи се од античкиот остров Вис. Тоа сведоштво, трајно е исклесано на гласовитиот каменорез на Лумбардската псефизма... ,,Neka e so sreka!'' Напишале авторите и навистина, среќни околности го прателе островот низ бурни времиња, менувајќи се различни народи и култури. Пријатно чувство не обземаше додека го шетавме секој дел од островот, наслушувајќи ги ветровите кој ги пренесува прераскажуваните приказни. Нуркајќи во сините длабочини, ја откривавме убавината во себе, убавината на ова поднебје. Сонцето ги впиваше зраците на нашата кожа,... Магичните капки на виното Грк, ги буди сите чула во тебе и те покренува. Се чувствуваш убаво... На здравје! Така и ни завршуваше секоја дневна тура по убавата Корчула... Заедничка дружба со групата... разговори, песна... Ни недостасуваше и Никола Доновски,со својот талент за песна и гитара.

Да се вратам на врвот Илија ... Свети Илија. Патеката кон врвот беше прекрасно бележана, та дури и каменот беше изделкан и направена патека, онаму каде што можеше - секако... За цело време дуваше медитеранско ветре а Миланка, нашиот водич од ПК Балкан од Белград, искусна планинарка, голем другар, водеше напред. Со неа беа уште четворица членови од Србија, а мене ме придружија Горан и Кире. На подножјето е лесно. Почнуваш од 0 м.н.в, каде е се зелено, ветар, маслина, смоква. Еден љубезен г-дин не повика од дворот на германски јазик, лесно се искачи на оградата и преку неа ни собираше и делеше прекрасни смокви, а ние бескрајно благодарни продолживме полни со енергија понатаму. По околу еден час, почнува голиот камен и се разоткрива прекрасниот поглед, од кој ги гледаш морето и островите на дланка, а во далечините Биоково... мала пауза, па продолживме...и така за 3 часа се искачивме. По патеката не среќаваа и многу други, за наше изненадување туристи. Тие беа „планинари“ во сандали, лесно облечени, од разни народи и култури, но решиле и ....!!! На врвот беше веќе жешко. Нешто каснавме, а Миланка не освежи со лубеница... повторно пријатно не изненади! Врвот бил култно место на старословенскиот бог Громовник, а сегашното име е добиено по црквата Свети Илија. На врвот има дрвен крст и мраморна плоча. Се сликавме за спомен, ставивме печат на планинарските книшки ...

Назад одевме по друга патека. Имаше малку зеленило, повеќе камен и ситен варовник кој лупаше под нозете како да газиш по монети. Се симнавме за 2 часа, онака како што е предвидено. Веќе беше пладне и сонцето силно печеше. А ние малку уморни, малку жедни, се спуштавме кон подножјето каде почнуваше лозјето и приватни поседи... На подножјето ја посетивме црквата Свети Илија каде одморивме во дворот во мир и спокојство ...

 

Еден ден на Мљет.

Осми по големина хрватски остров кој има 2.500 сончеви часа во годината. За него се испреплетени многу митови, легенди и историски преданија, митот за Одисеј, за Свети Павле. Другото име му е јадрански бисер. Не случајно е прогласен за национален парк. Богат е со растителен и животински свет. На некогашниот манастирски посед очувана е зимзелена шума од алепски бор, даб и др. Двете езера, мало и големо, се посебно убави, со бескрајно чиста и топла вода, додека пливаш, имаш чудесно чувство дека се наоѓаш во аквариум... насекаде риби од различни видови и големини!

Убаво се одморивме, прошетавме низ Корчула и околните острови и со тешко срце на 9 септември 2013. Тргнавме кон Македонија. Патем застанавме и во убавиот Дубровник.

Дома, во Македонија? Еве, сеуште „не држи“ убавината на јадранските острови, свежината на Јадранското море, плаветнилото на езерата на Мљет и дружењето со сродни души.


Оребиќ и Свети Илија


Смокви за среќно искачување


Убаво обележана планинарска


Сенка во врелиот ден


На врвот Свети Илија


Поглед од врвот


Поглед од траектот на Лумбарда


Дел од групата беа сместени во Лумбарда, а,


...другите беа во Завалатица


Плажата Житна во близина на Завалатица


Мљет


Големото езеро на Мљет


Поглед на заминување

 

Напишала: Снежана Катниќ, членка на ПСД МАКПЕТРОЛ – Скопје
Слики: Снежана Катниќ


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje