Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Корчула во септември (7-11 септември 2011)

Завалатица е мало место на островот Корчула во Хрватска кое тешко се наоѓа на мапата. Таму живее Бранка Т., која ја запознавме во текот на нашата мајска авантура низ Чешка. Таа не покани да ја посетиме Корчула и нам толку ни требаше. Во близина најдовме врв за искачување, и ја објавивме понудата. Очекувавме дека ќе се пријават 15-тина луѓе, преку сила 20. Пријатно изненадување беше пријавувањето на 60-тина луѓе, но беше вистински кошмар за Бранка да најде сместување во Завалатица.

На акцијата „ Корчула 2011 “ во организација на планинарско спортсткото друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје се пријавија 54-ца, а уште 13 беа на листата на чекање. Искрено жалиме што и тие не можеа да дојдат, но и покрај нашиот труд не можевме да обезбедиме повеќе од места за сместување.

Во средата (7 септември) во 18 часот тргнавме кон Корчула. Смирениот Миле од „Стефан Травел“ сигурно не возеше по балканските патишта: Скопје – Урошевац – Призрен – Скадар – Тиват – Дубровник – Оребиќ – Корчула. 630 км во еден правец.

Утрото, на 8 септември, стигнавме во Оребиќ (на полуостровот Пељешац), од каде деветмина од групата се подготвивме за искачување на врвот над градот, а другите 45-мина продолжија кон Завалатица. Врвот Св. Илија е висок 961 м., но се тргнува од 0 мнв, па висинската разлика е значителна. Среќа, одлично уредената и обележана патека водеше низ шума скоро до врвот инаку ќе дехидриравме на топлото време. Од врвот, во сета убавина, ги гледавме Корчула, Хвар, Мљет, Ластово, хрватскиот брег, вливот на реката Неретва во Јадранско море, многуте јахти и големи бродови. Ние нашиот празник, Денот на независноста, го прославивме на врвот Св. Илија со пријатели.


Загледани од горе кон островот Корчула


На врвот Св. Илија (961 м.): Здравко, Александар, Никола, Горан, Ангелина, Јасмина, Миланка (Димитар К. не фотографира)

За 3 часа нагоре до врвот и 3 часа надолу, поминавме 17 км и висинска разлика од 1100 м.


Слика од Google Earth - стазата до врвот и назад


Висинска разлика и поминати километри

Околу 18 часот се истопоривме облечени во планинарски чизми и со ранци среде разголените туристи, чекајќи превоз до Корчула.


На пристаништето во Оребиќ, во позадина врвот Свети Илија

Се сместивме во Завалатица и веднаш се искапивме. Морето, топло, дури 27 степени. Плажи и каменити и песочни. Плажата „Житна“ на 10-тина минути пешки од Завалатица, е песочна, а водата со тиркизна боја како на слика. Домаќините љубезни и насмеани. Скоро сите произведуваат вина (Корчула има недогледни лозја), или прават маслиново масло. Островот беше полн со дрвја на смокви и калинки.


Куќите во Завалатица во кои бевме сместени


Плажа „Житна“

На 9 септември денот го почнавме со капење во топлото море. Нашиот мајстор риболовец, Љупчо Бошков, мислам дека ги улови сите риби во заливот. За време на ручекот, со рибите на жар и вината почна и песната.

     
Мајсторот риболовец – Љупчо                                        Б. Заеднички ручек

Продолживме со вечера во малата коноба чиј сопственик се фати за глава кога му најавивме 50 души за вечера. Вечерта прославивме и два родендена, на Дона Н и на Здравко А. Кога почнавме да пееме и играме мештаните почнаа да излегуваат на балконите да видат кој циркус дошол во нивното мирно село. Ни се придружија и полски туристи.


Забава до долго во ноќта


Клапа „Македонска убавина“

     
Славениците: Дона и .......                                           .... Здравко


Со нашите нови пријатели од Полска (загрнатиот пар во средина)

Во сабота, на 10 септември, бевме во Вела Лука (некои патнички го бараа Оливер Драгојевиќ во неговата родна Вела Лука), го посетивме и градот Корчула, родното место на Марко Поло, и плажата во Лумбарда. Но, најубаво ни беше во Завалатица. Убавината на градовите не можеше да го замени пливањето во топлата вода и прекрасниот поглед од апартманите кон морето.


Завалатица под ведрото небо

И вечерта, до доцна во ноќта се забавувавме во дворот на Бранка Т. Риби на жар, вина бели и црни, гитара и песни од цел Балкан.

На 11 септември, недела, за жал на сите, тргнавме кон Македонија. Го разгледавме Дубровник заедно со уште околу 10.000 туристи штотуку истоварени од трите големи патнички бродови и продолживме кон Албанија, Косово и Македонија. Околу полноќ бевме во Скопје.

Додека во текот на патувањето кон Корчула сите бевме нерасположени и намуртени, убавината на Корчула,, сонцето и морето веќе првиот ден ни ги озари лицата и не орасположи.

               

     

Голема благодарност до Бранка Т. и нејзините комшии во Завалатица што ни овозможија убав 4-дневен одмор на Корчула. Нивното гостопримство ќе не натера да ја направиме акцијата „Корчула 20хх“ традиционална.

Автор: Горан Николоски, ПСД Макпетрол – Скопје
Слики: Горан Николоски, Ирена Павлова, Јасмина Попоска, Здравко Андоновски.


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje