Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кораб : Рибница - Длабока Река - Мал и Голем Кораб - Стрезимир - 3-4 септември 2011


Група планинари од ПСД Макпетрол заедно со група од ПД Трансверзалец и специјалната гостинка Ања од ПК Балкан (Србија) изведе дводневна планинарска акција во масивот на планината Кораб на 3-ти и 4-ти септември 2011 година. Акцијата гледавме да ја усогласиме со традиционалното искачување на Голем Кораб во организација на ПД Кораб од Скопје. Вкупно членови на нашата акција - 13 - 4 женски и 9 машки учесници.

Акцијата се обидовме да ја направиме интересна - по патека која поретко се минува, а за мене претставуваше мошне логично решение за дводневна акција. Поаѓањето од селото Рибница го усогласивме со Зоки (Москито) бидејќи тој со својата екипа од ПД Трансверзалец се одлучија да ја маркираат целата патека од Рибница до Големиот Корапски водопад.

Појдовме од Скопје со комбе во саботата околу 5 - 5:30 часот наутро. По пат ги собираме еден по еден учесниците на акцијата. Добрата временска прогноза ни дава надеж дека акцијата ќе се одвива во најдобар ред, па затоа сите ведри и полни со оптимизам го чекаме пристигнувањето до појдовната точка.


подготовки за тргнување - 7:10 под село Рибница (1000 m)

Околу 7 часот пристигнуваме под селото Рибница, пред дрвениот мост на Рибничка река. Тука слегуваме од комбето и по кратки подготовки поаѓаме со релативно тешко натоварените ранци нагоре кон селото Рибница. Уште на почетокот се договараме со Зоки и неговата екипа (кои поради маркирањето ќе одат побавно) дека ќе се чекаме кај Попова ливада.

Широк но стрмничок пат оди низ селото и продолжува нагоре. Над селото преминува во тесно патче кое на места се губи во високата трева, папрат... па пак се појавува. Наскоро се отвораат прекрасни глетки кон јужните делови на Кораб - кон Бабин Камен, Шупла Стена, Плоча... На падините почнуваат да се појавуваат есенските бои - жолта, портокалова, на места уште е зелено.


одмор на Попова Ливада (1450 m)

Прилично едноставно, со повремено барање на патчето - стигнуваме до Попова ливада - на околу 1450 m висина. Тука нашата патека се спојува со онаа која доаѓа од селото Бибај - патека по која веќе неколку пати се движевме. Правиме подолга пауза за да ја причекаме екипата на "маркантни" личности - екипата на Зоки. Кога доаѓаат, тие ни соопштија дека планираат уште еднаш да се симнат до селото Рибнница и пак да ја маркираат (поубаво) патеката. Затоа се договоривме веќе да не се чекаме на патот, туку да се најдеме вечерта над водопадот во Длабока Река каде ќе го поставиме логорот.


по убавата шумичка накај Пралуга


ливадата Пралуга под Рибничка Скала

Ние продолжуваме низ шумската патека. Оние извори и поточиња кои пролетта беа полни со вода беа речиси сосема пресушени, но за среќа на едно место најдовме доволно вода за да можат оние кои имаа поскромни ресерви со вода да си дополнат. Тешките ранци и релативно топлото време си го правеше своето. Но сега, по полнењето на вода - работите тргнаа полесно. Полека - полека стигнавме до ливадата Пралуга под Рибничка Скала. Тука правиме пауза од 15 минути. Навлегуваме во шумската патека која врти околу Рибничка Скала и на некој начин претставува влезна порта во убавините на долината на Длабока Река. За околу еден час сме на местото каде се отвора прекрасниот поглед долу и напред пред нас - кон долината - кон моќните карпи на Мал Кораб. Следува фото сесија на околните убавини - високи падини, карпи... А имаше и малини, боровинки покрај патот - одевме и беревме од сочните шумски плодови. Тука сретнавме и неколку локални жители кои береа боровинки. Од нив добивме корисна информација каде по патот има извор со вода - на спуштањето кон реката во правец на водопадот, но сепак се уште околу 100 висински метри погоре - некаде околу 1770 m висина. Изворот (чешмичка) не е многу упадлив, така да ако не го знаете и ако фатите по некое патче погоре или подолу, може да го промашите. Водата беше прекрасна. Ги наполнивме сите резерви. Планиравме логорот да го ставиме доста повисоко - за да што полесно се искачиме следниот ден. Не бевме сигурни дали нагоре има вода - по изјавите на локалните берачи требаше да нема, но сепак ние потајно се надевавме дека можеби не се во право.


по падините на Рибничка Скала - напред - Мал Кораб (Кепи Бард)

Одевме нагоре уште околу еден час и пристигнавме до едно помало плато на висина од 2070 m . Тука - во овој мал амфитеатар се сливаат неколку поточиња од околните високи падини. За наша среќа, во некои од нив имаше вода, течеше слабо поточе. Решивме тука да се залогориме. На околу 100 метри од шаторите, малку погоре - најдовме две убави изворчиња со свежа вода. Пресреќни што го најдовме најважното што ни беше потребно за убав престој во планината - одморивме малку, ги распнавме шаторите, ручавме... Првобитниот план да одиме до околните врвови го напуштивме - сакавме да бидеме добро одморени за идниот напорен ден. Сепак некои од екипата самоиницијативно прошетаа по околните падини и врвчиња.


поглед од високо на долината на Длабока Река (не мора да објаснуваме зошто така се вика)


карпата наречена СФИНГА


на чешмичката карши големиот водопад

Веќе почна по малку да се смрачува кога пристигна екипата од ПД Трансверзалец. Изморени од целодневната работа на маркирање на патеката и малку дехидрирани поради потрошените резерви со вода - беа многу среќни кога дознаа дека веднаш до логорот има вода. Им помогнавме да си го постават шаторот. Вечеравме, па малку дружење - разговор под светлина на батериски лампи. Бидејќи сите бевме рано станати, а некои беа и прилично ненаспани од претходната ноќ -- околу 9 часот скоро сите исполегнавме во шаторите.


нашиот логор на висина од 2070 m

Ноќта ппомина релативно добро - повремено имаше ветерче, но доста слабо. Теренот на кој беа поставени шаторите беше далеку од идеално рамен, па имавме случаи да стануваме и да се поместуваме погоре за да не "излизгаме" од шаторите. Но сепак, сите отспаа доволно за да утрото се разбудат одморени и со нови сили за денот што следи.


изгрејсонце сликано од вратата на шаторот

Станување во 6 часот наутро - заедно со првите сончеви зраци. Ги собираме шаторите - ноќта била релативно сува - скоро да нема роса на шаторите. Доручек, кафенце...


најсимпатичниот пар на акцијата - Станка и Ѓоко

Во 7:30 сите спакувани поаѓаме по цик-цак патеката нагоре кон повисоките предели на Кораб. Малку ја згрешивме работата упатувајќи се кон врвот Боази, но наскоро ја увидовме грешката и се упативне по убавата патека која оди по стрмната падина на Мал Кораб. Патеката иако е убаво пробиена, на некои места е стрмна, но сепак не претставува никаков проблем. Потоа се излегува на платото под Мал Кораб. Долу има едно прилично пресушено езерце. Екипата оди по изохипса под камењарот на спротивната страна. Правиме мала пауза и една група се упатува нагоре по каменестата патека кон Мал Кораб, а неколку членови на кои не им се качуваше врвот продолжија во правец на Голем Кораб.


гребенот на Кораб - граница со Албанија - врвот Боази


утрински поглед кон Рибничка Скала, Кабаш, Гури Куј


огромните карпести ѕидови на Мал Кораб

Искачувањето кон Мал Кораб е мошне интересно и убаво - камени блокови, погоре комбинација со трева. Погледот кон карпите - величествен - како да сме на Доломитите - ѕидот од спротивната страна 100% ти го покрива видикот. Од врвот пак се шири поглед по целата долина на Длабока Река, а на другте страни - да не набројуваме - многу врвови во далечините. Особено е убав погледот кон Голем Кораб и оние врвчиња до Голем Кораб на албанска страна.

На врвот серија на фотографии во разни комбинации. Потоа полека се спуштаме назад.


искачувањето на Мал Кораб


поглед надолу


на врвот Мал Кораб

Продолжуваме кон Голем Кораб, но и тука сакаме да направиме мал експеримент - одиме по гребенот, практично по граничната линија - не сакаме да се симнеме долу па потоа пак да се искачуваме. Ризикуваме да наидеме на непроодни делови, но повторно имаме среќа (додуша според картата и GoogleEarth и претпоставуваме дека нема да има поголем проблем). Преминуваме преку еден, па преку друг рид, го сечеме едниот од една, другиот од друга страна. Тука има еден постмен детал, но сепак има патека и екипата без проблем го минува. Среќаваме група од десетина планинари кои се враќаат од Голем Кораб. Застануваме да се поздравиме и да поразговараме - тоа се планинари (и планинарки) од Албанија. И тие, слично како нас, минатата ноќ спиеле некаде во близината, близу едно езерце и бачило од нивната страна. Пријатна средба на вљубеници во убавините на Кораб.


едно од езерцата под Мал Кораб - назад Рибничка Скала и Кабаш


поглед кон Голем Кораб (центар) и другиот врв на албанска страна (лево)


поглед наназад кон импресивните карпи на Мал Кораб - долу - Зоки Москито


пред Голем Кораб - се споивме со колоната од другата страна


групна фотографија на весели членови на ПСД Макпетрол

Потоа уште околу половина час качување по гребенот и стигнуваме пред Голем Кораб, каде што се "влеваме" во големата река искачувачи... Се гледаме и поздравуваме со бројни пријатели. Се запишуваме во книгата - списокот на оние кои се искачиле на Кораб. На врвот сме некаде околу 12 часот. Правиме поголема пауза малку под врвот, а потоа почнуваме со спуштањето надолу кон караулата и Стрезимир по стандардната патека.


на спуштање од Голем Кораб

Кај караулата застануваме да се видиме со организаторите на маршот и да се поздравиме со некои пријатели кои таму чекаа. По околу половина час се спуштивме долу до патот каде што беа паркирани автобусите и комбињата. По кратко барање (поради немање на сигнал за телефон) сепак го најдовме нашето комбе и наскоро - околу 17:30 појдовме по прашливиот пат кон Маврово, Гостивар, Тетово, Скопје...

Убава акција, со вистинска мерка, без некој премногу да се измори, а не па и некој да остане со "полни батерии" , "неистрошен". А убавината на Кораб не може со зборови да се опише - дури и фотоапаратите се недоволни да ја опфатат сета таа убавина - ви препорачувам да појдете таму и директно да ја осетите убавината...

 

Технички податоци :

Должина на патеката за двата дена: 32 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2800 m



измината патека за двата дена


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KorabDlabokaRekaMalKorabGolemKorab#

и уште фотографии на :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/Korab2DaysSecondEdition#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/09/12/korab-ribnica-dlaboka-reka-mal-korab-golem-korab-strezimir/

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Тања Манчева, Марин Стојановски, Петар Герасимов, Александар Буцевски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje