од Жикица Ивановски :
Уште со самото појавување овој настан го разбуди љубопитството во нас. Побрзавме да се пријавиме за да го фатиме рокот од 5 евра до 15 мај после кој котизацијата изнесуваше 15 евра. Прифатлива цена со оглед на тоа дека на котролните точки единствено беше обезбедено вода. Стартот беше во селото Дојкинци одалечено 40км северо-источно од Пирот. Патот до таму исполнет со многу кривини и дупки што бара многу внимателно возење.
Копрен (1963m) е еден од највисоките врвови во Србија(инаку највисок е Миџор со 2169m и воедно највисок врв во Србија) на планинскиот масив Стара Планина, кој се протега од југо-источниот дел на Србија па се до Црното Море, и се наоѓа на самата граница со Бугарија.
Настанот опфаќаше трка со велосипеди и трчање/пешачење со две комплетно различни патеки. Натпреварувачите и во двете трки беа поделени во две категории: хоби и експерт. Разликата беше во тоа што единствено категоријата експерт се наградуваше. Велосипедската трка беше кружна за разлика од трејл-от кој беше искачување до врвот и симнување по истата патека. На прв поглед можеби изгледа монотоно но секое качување беше различна приказна.
Кампот
При пријавувањето натпреварувачите добиваат стартен број и книшка која треба да се перфорира на дадените контролни точки. Првите два круга(искачување и спуштање е еден круг) се чекираше на стартот, некаде на половина патека и на врвот додека по изминувањето на овие два круга беа додадени уште две контролни точки. Трката почнуваше во 10:00.
На стартот се појавија околу педесетина натпреварувачи во двете трки што за прва година е доволен број. Ние (Перо, Тања М., Светле и јас, единствено Ѓоре не сакаше да се натпреварува сепак си тргна со нас кон врвот) си тргнавме сосема полека не бркајќи се со времето кое онака го имавме во изобилство. Најголемата стрмина започнува веднаш по излезот од селото кое е на 875m. Потоа патот малку зарамнува и дозволува трчање се до првата контролна точка, а потоа повторно стрмо искачување кон врвот со мали рамни делови но зарастени со грмушки на кои може да се трча. Патот до врвот беше релативно добро измаркиран со црвено-бели маркации на дрвата но при спуштањето недостасуваа маркации што придонесе за кратки губења. Како што доаѓаа стрмнините така и нашата група се развлекуваше и јас на контроланата точка која требаше да се најде на врвот но беше спуштена нешто пониско(само на првиот круг) стигнав со Драган од Чачак. При спуштањето од врвот започна да врне комбинација од дожд и град со грмотевици. До самиот финиш на првиот круг веќе бевме потполно мокри. Сепак шаторите во близина на планинарскиот дом во кои преноќивме ни ги нудеа потребните удобности со храна и облека па нешто повеќе од пола час ги ползував тие поволности. За вториот круг односно за текот на денот немаше јасна прогноза па остануваше да се проба. Истата патека но овојпат со многу подобри услови со исклучок на врвот каде дуваше многу силен северен ветар. Овојпат се најдов со Драгиша, учесник на овогодинешниот Скопски маратон, и заедно кроевме планови за наредниот трет круг. Дури пробавме да го „врбуваме“ и Драган од Чачак кој го сретнавме при спуштањето. Светле и Тања беа на десетина минути позади него и ја завршуваа првата половина од вториот круг. На финишот на вториот круг бев прв и се двоумев што понатаму. Решивме со Драгиша да го сочекаме и Драган кој требаше за кратко да биде на финишот и заедно да тргнеме на третиот круг. Со секоја измината минута желбата да се тргне повторно беше се помала. Не сакав повторно да искусам ветрот на врвот кој ме смрзнуваше. Драган стигна и немаше намера да продолжи повторно. И Светле и Тања успешно го завршија вториот круг. Температурата постепено паѓаше па морав да позајмам и ќебе од планинарскиот дом кој се наоѓа на излезот од селото и нудеше евтино сместување за само 200 динари (2 еур).
На пауза за вода
Драгиша, Жико и Светле
Заедно со Драгиша и Светле решивме да пробаме рано изутрина повторно да направиме уште еден круг. Во 04:00 и бевме спремни да тргнеме повторно. Нов ден и нов почеток. Трет последен круг во кој најмногу уживав. Речиси сите контролори ги фативме на спиење(без замерка беше многу рано). Имаше само неколку луѓе на патеката кои решиле да го искористат преостанатао време до 10:00.
На врв Копрен (Драгиша и Светле)
На врвот, каде контролорот беше засолнет во шатор и само тој знае како ја поминал ноќта, повторно не дочека силен ветар. Имавме доволно време за спуштање до долу но сепак решивме со Светле да трчаме колку што можеме повеќе како еден вид на симулација за наредната трка, Лаваредо. Спуштањето ни одеше одлично и во 9:15 бевме на финиш токму кога нашата „експедиција“ тргнуваше кон водопадот Тупави. За кратко се спремивме со Светле и на целата должина од околу 90км за двата дена додадовме уште 10км пешачење.
Водопад Тупави (од лево кон десно Игор, Ѓоре, Марина,Жико, Светле, Тања, Перо)
На враќање од водопадот
Додека ние уживавме во прекрасниот водопад се одвивала церемонијата на доделување на награди но поради нашето отсуство наградите ги подигна Александар Буцевски кој поради мокри патики не тргна кон водопадот. Светле беше најсупешна во својата категорија и во генерален пласман во женска категорија што посебно ме радува додека јас бев втор во својата категорија.
Александар Буцевски – нашиот селектор и менаџер подигнува медаљи
Без форсирање Светле и јас за 24ч поминавме околу 90км со 3500m +D како една добра подготовка за Лаваредо. Тања Манчева помина одлични 60 km со 2500m +D додека Петар и Ѓоре поминаа 30km со 1250m +D.
од Светлана Стојаноска :
Со нетрпение ја чекав трката на Копрен. Нови предели, нови доживувања, нови искуства, нови познанства.
Временските услови не ветуваа многу. Но, ние бевме спремни на се. Ако желбата за учествување на некој трка е голема тогаш треба да се помириш со временските услови и да си спремен да ги прифатиш и совладаш какви и да бидат.
Поради тоа од дома тргнав со опрема помножена по 2 (2 пара патики, хеланки, маица, ракавици, капа и дебело палто за заштита од дожд).
Почетокот на трката не го доживевав најсјајно. Едната од моите нови штеки марка Зајо за трчање купени со цел да ми го олеснат искачувањето нагоре по стрмните делови се скрши.
Иако видов и Ѓоре ме предупреди дека карпата по која течеше вода е лизгава јас невнимателно згазнав и паднав на страна над едната штека од која во рака ми остана само капачето со гуртната.
Лошото расположение ме држеше скоро до пред врвот односно до контролната точка под врвот.
Само што тргнав надолу почна невреме со грмотевици, дожд и град. Поради брзање да слезам што подолу само што тргнав за назад ја изгубив маркацијата и фатив многу десно и долу. Среќа што Перо не беше многу зад мене, ме здогледал и ме повика да се вратам на патека. Слегувавме заедно до моментот кога патеката почна добро да се распознава помеѓу густите грмушки. Тогаш јас почнав да трчам побрзо надолу. Прво ја сретнав Марина која беше тргнала накај врвот. Ме прашуваше каде е Ѓоре, и поради лошото време се премислуваше дали да оди понатака. Подоцна ми кажа дека решила да се врати.
Како што трчав некаде пред контролната точка на средина на патеката здогледав една силуета со црвена блуза. Пради благото спуштање на патеката осеќав сила во нозете и решив да ја стигнам. Кога се приближив ја препознав Тања Манчева. Сега во добро расположение решив дека супер ќе ми додјде друштво и продолживме заедно надолу.
Уште пред да стигнеме кај шаторите се договоривме дека нема да правиме голема пауза и дека за брзо ќе тргнеме да го поминеме и вториот круг. Најголемата причина за кратката пауза беше тоа што бевме мокри до коска. Доколку застанеш и се изладиш тешко дека покрај топлата и удобна вреќа во шаторот ќе продолжиш понатака. Јас ја сменав маицата со сува и ги оставив 2 пара ракавици кои ми беа водени да се сушат во шаторот. Јадев малку салата од краставици, домати, сирење и едно праче леб. Пред да тргнеме решив да продолжам со водените патики и водените чорапи. Не дека ми беше удобно така, но поради подобрување на времето (почна да излегува сонцето помеѓу облаците) решив да ги тестирам и патиките и стапалата како ќе издржат подолго време во вакви услови. Сепак оваа трка ми беше замислена како добар тренинг. Патиките и чорапите не ги сменив, ама блузата која толку добро ме топлеше решив да ја понесам со себе.
Со Тања се договоривме заедно да го одиме 2 круг. Со многу зборување, зафрканции, смеи времето и километрите поминуваа како од шала.
Тања и Светле
На контролните точки се чудеја кога Тања им кажуваше дека е пријавена во класата хоби. Во тој момент ние бевме единствените женски кои беа тргнати на 2 круг. Некаде во густата шума на околу 25 минути со наше темпо пред врвот го сретнавме Жико заедно со Драгиша кои ни кажаа дека на врвот прилично дува и е доста ладно. Тогаш ми олесна што сосебе ја земав блузата. Да не биде залудно носењето.
Контролорите не пречекаа на врвот се чекиравме и одма надолу. Сега се е полесно. Иако мислев дека ќе можам да трчам надолу во првиот дел од спуштањето тоа изгледаше како забавена снимка поради големите бусени и дупките помеѓу нив. Потоа на истото место каде на првиот круг фатив многу десно и долу сега со Тања заминавме лево и нагоре. После 15 минути пробивање по грмушки и густеж Тања здогледа една маркација и се вративме на вистинската патека.
За време на движењето изедовме по 2 урми и по 2 коцки црно чоколадо.
Останатиот дел од патеката го поминавме без проблем. Уживавме во прекрасно виножито, им викавме на облаците да се растргнат и да го пуштат сонцето да грее.
Спуштајќи се накај целта со опуштено темпо трчавме скоро цело време.
Вториот круг го завршивме во 20:30 мин.
Нозете во водени патики и уште поводени чорапи беа во супер состојба. Пред да тргнам на трката цели стапала ги премачкав со тенок слој на вазелин, посебно на деловите кои се осетливи. За мене се покажа како одлична тактика, која ќе продолжам да ја применувам.
Кога стигнавме кај кампот Тања кажа дека си ја оствари својата цел и дека не планира повторно да оди нагоре. Јас сакав да продолжам но само под услов да имам друштво, односно чевек со ГПС.
Ме загрижуваше делот од патеката кој на слегување од врвот и двата пати го промаршпував а сега ќе биде темно и шансите за да се згреши ќе бидат уште поголеми. Не ми беше целта веќе уморна да лутам цела ноќ по планината до крајно исцрпување.
Кон врвот со јак ветер
Во кампот веќе подолго време Жико не чекаше и се размислуваше што да прави. Кога стигнавме ние ми кажа дека решил вечерта да одмара и рано сабајле да тргнат со Драгиша на трет круг. Ми предложи ако сакам и јас да одам со нив дека ќе се движиме заедно. Идејата ми се допадна и одма се фрлив на јадење, па дури потоа ги сменив водените алишта се стоплив и одма на спиење, да се искористи секоја минутка.
Жико и Светле
Станувањето сабајле ми падна малку тешко. Но само што тргнавме утринската свежина ме разбуди и бев пресреќна за вистинската одлука што ја донесовме со тргнувањето рано сабајле. Се осекав како тогаш да ја започнувам трката само со добро загреани нозе. Уживање. Темпото кое го држеше Жико за мојата кондиција се покажа супер. Можев да запнам а да не се уморам до крај, точно измерено.
До крај се помина во најдобар ред.
Многу сум среќна што за цело време од трката бев опкружена со луѓе кои ме прават среќна и тоа ја олеснуваше борбата да се помине што повеќе и да се оди што побрзо.
Текст : Светлана Стојаноска и Жикица Ивановски
Фотографии : Тања Манчева, Драгиша Филиповиќ, Петар Герасимов