Кобилица - септември 2006
- Кобилица - конечно -
На 16 септември 2006 година сосема мала група од планинарки и планинари конечно ја исполни својата дамнешна желба и се искачи на врвот Кобилица на Шар Планина.
Учесници: Марин, Ана, Марина, Деан и Трајче. Марин беше иницијаторот и организаторот на групата. Во минатото повеќе пати сме го збореле овој врв како многу привлечен, но поради војната и тоа што ретко кој одел натаму во последно време - никако да се организираме. Конечно се решивме. Ја испитавме картата за можни пристапни патеки, се распрашавме по некои луѓе од Тетово кои неоддамна биле таму.
Сабота наутро. Се собравме во колата на Марин и по патот до Тетово. Колата ја оставивме на бензинската на влезот во Тетово. Викнавме такси (2 коли) и преку Шипковица стигнавме до селото Бродец - во подножјето на Кобилица. Селото е на висина од околу 1000m.
село Бродец. Поглед од над селото (од страна на Кобилица)
Позади е Церипашина од страната на домот Јелак.
Трнавме по една патека која ја сметавме за добра, но по патот сретнавме едно момче на коњ кое ни рече дека треба да минеме низ селото. Си помисливме дека треба да го послушаме (да не има некои луѓе во црни облеки, или да не е нешто минирано, за што подоцна се испостави дека беа неосновани сомнежи). Го послушавме и се вративме да минеме низ село, при што се уцапавме во 5 cm длабока прашина поголем дел од патот. Како и да е, го минавме селото и продолживме низ шумата над селото.
Во еден момент дојдовме до една крстосница и решивме да одиме десно. Еден период малку ја "утнавме" патеката низ шумата, но бргу се снајдовме и по кратко време излеговме на една ливадка која гледаше во правец на село Вејце. Тука веќе се гледаше дека се ближи крајот на шумата.
При крајот на шумата над селото.
Уште пет минути и ----- се отвори поглед на една голема ледина - како да сме во Швајцарија - а пред нас - врвот Кобилица.
На излез од шумата на големата ледниа. Кобилица пред нас со облаче на врвот.
Десно на сликата е Голем Камен
Времето беше одлично, воглавно сончево иако прогнозата за тој ден не ветуваше толку многу. За жал, на висина над 2400 метри беше област на облаци и (како што ќе видиме и осетиме подоцна) на посилен ветар. На ледината имаше неколку бачила, неколку изворчиња на вода - прерасно. Овците (и кучињата) беа на спротивната страна, така да немавме никакви компликации. Продолживме нагоре - од десната страна на врвот - како што претходно имавме испланирано - над точката Голем Камен - една голема карпеста структура. Групата беше во одлична кондиција и бргу напредувавме. На висина од околу 2100 m правиме мала пауза (5 минути) и продолжуваме по сртот кон врвот. Наскоро навлегуваме во облакот - видливоста се намалува.
На пат кон врвот. Околу 2300 m.
На самиот врв ветрот дува прилично силно - толку е ладно што рацете почнуваат да мрзнат. Групата се собра на врвот. За жал не се гледа ништо од прекрасната глетка што треба да се отвори - на косовска страна до Призрен, околните прекрасни карпи - ништо. Се криеме 10-ина метри под врвот каде дува помалку и одмараме 10 минути. Се фотогртафираме и мораме надолу - нема логика на такво време да останеме на врвот.
На врвот Кобилица (2528 m). Марина, Деан, Трајче и Ана
(ветрот ги дува штеките)
Марин на врвот Кобилица (2528 m). Треба да се вложи напор да се остане исправен.
Поаѓаме надолу. Веќе стотина метра подолу ветрот ја нема таа јачина и се движиме нормално. На истото место каде што го правевме малиот одмор при искачувањето сега правиме одмор за јадење - 15-ина минути. Продолжуваме надолу постојано уживајќи во убавината на ледината под нас. На висина од околу 1700 метри повторно правиме сега подолга пауза - рано е а времето е толку убаво што не ни се спушта долу.
Пауза на 1700 метри. Позади е Голем Камен.(2068 m)
Марина имаше време и да дремне. Позади е едно од бачилата и патот од каде што дојдовме утрото.
Во близина се бачилата. Ни се приближуваат двајца - еден постар овчар и едно момче - разговараме 10-ина минути со нив. Тие ни велат дека многу ретко доаѓаат планинари, а дека е безбедно. Со нив се консултираме за патеката по која првобитно сакавме да се искачиме. Рекоа дека е во ред (додуша рекоа дека "болат ноги" - божем е пострмна од другата, но ние не го делиме истото мислење со нив). Решивме да се спуштиме по таа патека.
Почеток на патеката по која се спуштивме - во усекот меѓу двете брда.
Лево е ридот Kodra e Brevi (1781 m).
Десно е ридот Guri i Epr (1832 m).
Патеката по која се спуштаме е прекрасна - убава патека низ шумичка - со постојан нагиб, со чешма на патот. Ќе беше навистина штета да не поминеме по оваа патека. Подолу скршнуваме во лево кон селото - преку еден дел со папрат и капини.
Карпестиот дел на ридот Kodra e Brevi околу кој се движиме.
Во папратот. Во дното се наѕира селото.
Одиме понатаму - доаѓаме до една убава ливада на која има две големи карпи како со рака наместени една на друга - има и чешма - местото е идеално да се направи логор.
Додека ние го анализираме теренот Марин не фотографирал.
Наскоро доаѓаме до истата онаа крстосница каде утрото тргнавме десно - сега дојдовме од другата страна. За иднина има да се истражи уште една алтернативна патека - уште полево - за да не ја газиме прашината низ селото.
Последниот дел при спуштање во селото е со прашина и малку стрмен, па ние глумевме дека се движиме по сајлите на некоја висока планина.
Спуштање по "сајла" - за да не газиме прашина.
Пратени од зачудените погледи на децата во селото се спуштаме долу под селото кај мостот. Веќе претходно имавме викнато такси. Без никакви проблеми се враќаме во Скопје. Дома бевме околу 16 часот попладне. Да беше поубаво времето на врвот ќе се задржевме повеќе, но и вака ова беше прекрасна тура и сите бевме многу задоволни.
За крај еве една навистина прекрасна фотографија од Марин.
За оние кои сакаат да ја видат и download-ираат картата од овој предел со изминатата патека, може тоа да го сторат стискајќи <<тука>>.
За GPS записот download - во gpx формат - <<тука>>, во gdb формат <<тука>>, а во mps формат <<тука>>.
Должина на патеката во еден правец - 7.2 km - висинска разлика - окoлу 1500 m.
Профил на патеката Бродец - Кобилица и назад
Трајче Панковски
|