Не почитувајќи ја народната поговорка - "Пред Божиќ, зад Божиќ, дома да си..." ние решивме во раните коледарски саати да го фатиме патот кон Тетово - со цел да се искачиме на врвот Кобилица - уште еден македонски планински бисер. Временските услови знаевме дека нема да ни бидат премногу наклонети - нов снег, силен ветар беше најавен. Но ние бевме решени да си ја пробаме среќата - ако ништо друго ќе имаме уште еден убав - сериозен тренинг во лоши временски услови. Од Скопје поаѓаме четворица - Петар, Вања, Владо и јас. Во Тетово се среќаваме со Бурим и Абди. Тие поаѓаат со своја кола, а ние повикуваме такси - поради стрмните улички низ Шипковица - не сакаме да ризикуваме. Наскоро таа наша претпазливост се покажа оправдана. Уште во Тетово провејуваше снегче, а кога дојдовме во Шипковица - по стрмните улички имаше замрзнат снег, на места чист мраз. Моравме на два - три пати да излегуваме од кола и да ја буткаме колата на Бурим - бидејќи му пролизгуваше иако имаше зимски гуми. Некако сепак стигнавме до мостот под село Бродец - нешто после 7 часот наутро.

почеток на искачувањето - над село Бродец
Во 7:30 поаѓаме нагоре - прво влегуваме во селото кое се буди. Бурим разговара со некои од жителите - им кажува каде ќе одиме, а тие му одговараат дека нема шанси да се искачиме денес на врвот. Уште во селото дува студен и умерено силен ветар. Како што се качуваме над селото, ветрот е посилен. И во шумата, каде се надевавме дека ќе бидеме заштитени - нема врска - лисјата на буковите дрвја се паднати и фучи околу нас - носејќи ни во лицата и во очите снежни иглички. Но сепак не е многу лошо - се во границите на издржливото - ветрот не е премногу силен, ние сме добро заштитени со нашите јакни, капи, ракавици.
Низ шумата се движиме низ средно длабок снег, на места каде навеало - и подлабок. Се трудиме да процениме каде е потврдо и да го избегнеме непотребното трошење на енергија. Пред крајот на шумата застануваме во едно - божем "позаштитено" од ветрот место - за да појадуваме и да се договориме што понатаму. Дува и тука, ама му вртиме грб на ветрот. Знаеме дека ако во шумава волку дува - горе - на отворено, ќе дува уште повеќе. Но, сепак, решаваме да продолжиме - а ако почне да дува неподносливо и да не бутка долу, тогаш да се враќаме. Видливоста е слаба, но немаме проблем со навигација - тука е искусниот Бурим и поддршката од нашите GPS-и.

виулицата на излезот од шумата
Одиме полека нагоре - падината е стрмна и не се брзаме - во надеж дека временските услови ќе станат подобри. Но ништо од тоа - има периоди на многу слаба видливост, па периоди на малку поголема видливост, но затоа пак ветрот си е константа - само одвреме - навреме доживуваме по некој посилен налет на ветрот. Снегот главно е добар - не се пропаѓа многу, неколку центиметри, а на места е многу тврд - едвај се прави засек со тврдите чевли. Сепак не се решаваме за дерези - тврдите парчиња се кратки, секогаш успеваме да најдеме дел со малку помек снег и него да го искористиме за напредување нагоре.

нагоре по стрмните падини на Кобилица
пред врвот - слаба видливост
Во 11:25 се искачуваме на врвот. Слаба видливост и ветар. Чекаме да се собере целата група, се фотографираме. Иако беа сложени условите, сепак нашата упорност беше наградена.
групна фотографија од врвот Кобилица (2528 m)
Поаѓаме надолу - по патот надолу почна да се расчистува малку - низ облакот да продира повеќе светлина - и потоа почнаа да се гледаат делови од околните планини - се отвори времето. Ветрот дуваше, но чувството кога те грее сонце и гледаш околу обаво осветлени снежни врвови е многу поинакво од одењето во облак. Избравме правец на спуштање по едни стрмни снежни падини - подиректен спуст - со желба да уживаме во стрмнината и повремено да правиме тренинг на self-arrest.

времето почна да се расчистува

се води борба помеѓу сонцето и облаците - спуштање по снежните падини

од спуштањето од Кобилица - позади се гледа како уште ветрот го лета лесниот снег
Кај една истакната карпа - на висина од 1830 m застанавме да направиме пауза - беше убаво сончево време - ветрот поднамален, а време имавме доволно. Застанавме да јадеме и да пиеме - иако она што беше вода и Coca-Cola беше замрзнато - но се снаоѓавме некако. По половина час пауза продолжуваме надолу - уживаме во видикот на околните планини и во прекрасниот снег што го газиме. Наскоро навлегуваме во шумата и се спуштаме кон селото. Трагите што ги направивме утрото беа на многу места целосно избришани од новите навеви на снег.

прекрасна прошетка по снег
Кобилица - најубаво што можевме да ја видиме додека се движевме
враќање кон село Бродец низ шумата
Во 14:45 бевме слезени под селото. Претходно имавме договор со таксистот во 15 часот да дојде по нас, а и пак се слушнавме за време на слегувањето, за да бидеме сигурни дека ќе дојде. Се спакувавме, влеговме во колите... по пат пак буткање по мразот, па Бурим стави и ланци, нашиот возач се лизна па си ја удри раката така да возеше назад користејќи една рака - интересни се патувањата по овие западни села за кои ретко кој се грижи освен самите жители.
Во Тетово седнавме на едно кафе и со задоволство се потсетивме на она што го поминавме денес - убаво искуство за сите нас. Ни се приклучи и пријателот Валдет кој се опоравува од операцијата што ја имаше и се надеваме дека наскоро дека ќе почне да не придружува на нашите акции.
Технички податоци :
Должина на патеката: 13,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1560 m
Максимален успон : 50 %, просечен успон : 22 %
Потрошена енергија: 4500 CCal
патеката на искачување (полево) и на спуштање

висински профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KobilicaPeak