Клепа Trail Run - 17 март 2012
Убаво сончево мартовско утро. Снеговите по планините почнуваат да се топат, но поради дебелиот слој снег тој процес бавно се одвива. На пониските планини веќе речиси ја нема снежната покривка, а по тревата почнуваат да се појавуваат пролетните цвеќенца. Нашата - веќе не толку мала група на луѓе што трчаат по планина trail runners - според договорениот план, се собира во Велес - на автобуската станица во сабота, 7 часот наутро. Екипата од Скопје има 6 членови, а од правец на Штип ни доаѓа 4-члена екипа. Заедно се упатуваме до местото каде реката Бабуна се влива во Вардар - околу 5 km после Велес. Тоа е местото каде предвидовме да заврши денешната акција и затоа тука ги оставаме нашите возила. Од Велес доаѓа мини-ван и не вози до стартната точка на акцијата - близу селото Камен Дол - на неколку километри по Росоман на патот кон Прилеп. Убав ден, весели лица - се е спремно и акцијата може да почне.
подготовки за поаѓање - близу Камен Дол
Како што се чини - интересот за трчање на долги дистанци по планина се повеќе се зголемува. Предизвикот да се измине големо растојание, со голема висинска разлика и притоа да се искусат најразлични предизвици, за многу луѓе е предизвик со кој вреди да се соочиш. А дали може да се издржи - секако дека може, ако се пристапи правилно кон задачата, ако се почне со редовни тренинзи постепено додавајќи километража и тежина, притоа оставајќи доволно време организмот да може да се одмори и да ги обнови силите. На денешната акција присутни се (од оние што трчаат) : Светле - единственото женско во групата, Иван од Кочани, Жико од Штип, Фарон од Струмица, Јоцо, Здравко, Данчо, Петар и Трајче од Скопје. Како придружба беше уште и Боби - алпинистот од Штип кој се движеше во делот околу клисурата Пешти и си вршеше свои истражувања и фотографирања на теренот. Ова е наша прва средба со Фарон - американец кој од скоро живее во Струмица и кој - се надеваме - повчесто ќе се дружи со нас во нашите трчачки прошетки по планините.
Поаѓаме од местото каде од главниот пат кон Прилеп се одвојува кракот кон селата Камен Дол и Мрзен Ораовец. Поаѓаме во 7 часот и 56 минути. Надморска висина на појдовната точка е 162 m. За почеток трчаме по асфалтот кон селото со побавно темпо, за да дозволиме телата да ни се загреат за трчање - да постигнат "работна температура". Наскоро стигнуваме во селото и продолжуваме нагоре кон ридот Спровирачка. Веќе трчаме по потесни козји патеки. Ридот Спровирачка го добил своето име според една карпа - од другата страна на ридот - во која има отвор и - така се верувало - ако човек се провре низ отворот - ќе биде здрав или ќе се излечи од некоја болест. Теренот - многу сув, измешано земја со ситни камчиња, песок на некои места. Нова трева не е никната, така да се е во некоја жолтеникава боја. На многу места - особено во повисоките подрачја - ја наоѓаме тревата полегната - како испеглана - последица од снегот кој до пред неколку дена ја притискал одозгора. Од Спровирачка пак излегуваме на асфалтниот пат и по него продолжуваме до следното село - Мрзен Ораовец - село на висина од 552 m надморска висина. Во селото не здогледуваат некои од жителите и не прашуваат каде сме пошле. Им кажуваме - "кон Клепа, па потоа накај Велес". - "Абе многу далеку ви е тоа" е нивниот одговор. Знаеме дека е така, но со трчање имаме шанса да изминеме многу подолго растојание - нешто што со одење е незамисливо да се оствари во еден ден - најверојатно затоа и ми се допаѓа овој спорт - желбата да видам што повеќе, да навлезам во подрачја каде ретко кој се движи и да се запознаам со нив.
Од селото Мрзен Ораовец може да се види врвот Клепа - во далечината. Прва цел ни е врвчето Рујен - врв со висина од 1005 m но со својата стрмнина е добар предизвик. Нормално дека тука не можеме да трчаме, но со силно одење се движиме нагоре. Времето е веќе топло, па почнуваме делови од облеката да складираме во ранците. Потребно е и да се намачкаме со креми за заштита од сонце. Крајот на патувањето ќе покаже дека сепак заштитата од сонце не била доволна - или пак сонцето беше многу јако - сите бевме зацрвенети, а некои од нас со понежна кожа дури и подгорени.
во подножјето на врвчето Рујен (лево)
Врвчето го искачуваме по гребенчето од левата страна - потоа следуваше едно седло и потоа уште малку нагоре до самиот врв. Некаде во седлото си ја извртев ногата во зглобот, но - поучен од претходните искуства - не застанав туку продолжив да одам и наскоро болката попушти и ногата - онака загреана - колку - толку се врати во нормала. Додуша до крајот на патувањето повремено чувствував мала болка во зглобот и колегите забележија дека накривнувам, но не беше тоа ништо сериозно што би го попречило извршувањето на акцијата.
мал одмор на врвот Рујен
спуштање од Рујен - делови со снег и качунки
Се спуштаме стрмно од Рујен кон еден прилично рамен гребен и потоа вртиме малку во десно кон Косматица. Дел со трева но со прилично големи остатоци од снег, па моравме да се снаоѓаме или да газиме преку снегот или да го заобиколуваме. Особено требаше да се внимава на границата помеѓу снегот и земјата - се формира кал на кој е особено незгодно да се лизнеш и да паднеш. Потов фаќаме малку во лево и се приближуваме кон селото Подлес - село во подножјето на Клепа. На патот ни се испречуваат две стрмни долчиња во кои има и боцкави гранки и снег и кои со разни техники на снаоѓање успеваме успешно да ги поминеме.
во правец на селото Подлес
обновување на резервите со вода на чешмата во Подлес
Стигнуваме во селото Подлес - има доста куќи но поголемиот дел се полусрушени и напуштени. На самиот влез во селото има убава чешма и тука правиме мала пауза за да ги обновиме резервите со вода. Потоа мала прошетка низ селото, разговор со еден жител. Малку под селото ја минуваме малата рекичка и оттука почнува долгото искачување кон врвот Клепа - главниот врв за денес. Малку одиме, малку трчаме, зависи од тоа колку сме физички спремни и колку е стрмен теренот. Колоната се развлекува, но сепак имаме увид во целата група. Во групата имаме неколку членови за кои ова е далеку најголемо растојание кое досега одеднаш го имаат изминато, па затоа мораме да внимаваме и на нивната физичка состојба и на нивната мотивација - за да бидат спремни до крај да ја издржат акцијата.
Искачувањето до Клепа беше долго и по терен прилично интересен - трева и камења и карпи со зеленкаста боја. На три пати има лажни врвчиња - си мислиш дека сега по оваа тумба е врвот, а кога ќе се искачиш таму гледаш дека има пред тебе едно широко седло па ново искачување. И така неколку пати. Самиот врв е една интересна не многу голема карпа која бара и потпирање со раце за да се искачи. Надморска висина 1150 m. Оттука па надолу - во правец на Градско каде теренот се спушта во континуитет - има 1000 метри висинска разлика - и прекрасен поглед на сите страни.
пред врвот Клепа
првите се искачуваат на Клепа
групна фотографија на целата екипа на врвот Клепа
На Клепа правиме пауза од околу 25 минути - појадок и заслужен одмор за сите. Од Клепа се спуштаме повторно стрмно, по терен со многу снег и карпи - на некои места пропаѓавме до колена со нашите нозе обуени во патичиња. Се движиме кон карпестиот врв Кал. Тежок терен, пробивање низ грмушки, снег и камења - но групата упорна и храбра - со насмевки и шеги одиме понатаму. Некои велеа - "многу убава патека за трчање ама нешто не ме се трча". Таквиот терен траеше следните неколу километри - доста го успори нашето напредување но беше интересен предизвик - искуство кое во друга ситуација доста ќе ни помогне.
низ снеговите и карпите кон врвот Кал
по лутиот варовник - еден погрешен чекор и се изврте зглобот
Така се движевме по гребенот до малите врвчиња Злова Плоча и Голо Брдо. Пред нас постојано пред очи ни стоеше масивот на Јакупица богато покриен со снег и највисокиот врв - Солунска Глава. Од Голо Брдо се спуштаме надолу во пониските предели и го бараме патот кој води кон селото Црквино. Наскоро го наоѓаме и потоа можеме пак да трчаме по убавата патека. Резервите со вода на некои веќе им завршија а на другите им се при крај, па ја делиме преостанатата вода за да има за сите по малку. Веќе се гледа селото Црквино на неколку километри пред нас и знаеме дека таму ќе има вода. Колку е прекрасно кога човек ќе стане свесен за најелементарните потреби - "вода за да преживееш" - тоа ретко го имаме во цивилизираниот свет.
по убавата патека кон село Црквино
на чешмата во село Црквино
Во село Црквино - поголемо село со многу куќи, голем дел од нив нови и обоени во најчудни комбинации на бои - на селската чешма пиеме вода и се миеме. Локалните жители не прашуваат од каде доаѓаме и зошто ова го правиме - "тренинг, тренинг" - еден им појаснува. А децата прашуваат - "и оваа женската трчаше со вас цело време?' - Женската не само што трчаше со нас, туку цело време беше насмеана - браво за Светле.
По малата пауза следи искачување - повторно стрмно - на брдото над селото и се упатуваме во правец на клисурата Пешти - прекрасно дело на природата каде реката Бабуна ги пресекла убавите бели карпи и направила длабока клисура. Во карпите има многу пештери и затоа местото се нарекува Пешти. Пет од пештерите се пештерски цркви, од кои најпозната е Маркова црква. Како и многу други работи во Македонија, секаде има по нешто "марково". Петар оди до работ на клисурата да ѕирне надолу, а ние останатите се спуштаме кон реката - Јовица има некои обврски во Скопје па внимаваме човекот да стигне на време. Трчкаме полека надолу по убаво тесно патче - вистинско уживање. Природата тука е поинаква - не е веќе така сува - има зеленило, мирис на вода во близината.
дел од карпите на клисурата Пешти
Петар на врвот на клисурата
Кога се спуштаме до реката се задржуваме малку кај висечкиот мост - него го оставивме како десерт на патувањето - мост на сајли а за газење снопчиња од гранки - на секој чекор се ниша - за некои од нас исто така прво искуство на ваков мост. После мостот следуваат уште неколку мирни километри по текот на реката и некаде околу 16 часот пристигнуваме кај нашите возила.
на висечкиот мост преку реката Бабуна
по текот на реката Бабуна кон вливот во Вардар
Убава акција, не беше лесна, имаше повеќе изненадувања, убаво сончево време, снег, карпи, трева, патеки, беспаќа. Групата од 9 луѓе одлично ја измина патеката, без големи заостанувања, прилично хармонично и во добро расположение. Ова значи дека оваа група, евентуално збогатена со уште некој нов член, може да планира понатаму нови амбициозни тркачко-истражувачки акции. Се надевам, односно ветувам, дека ќе има помалку беспаќа а повеќе патеки по кои ќе може да се трча, но сепак мора да има малку и такви места - тие го прават патувањето - авантура.
Технички податоци :
Должина на патеката : 38 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1750 m
Макс.процент.успон : 33 %, просек 9,4 %
измината патека
профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KlepaTrailRun#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски
|