Килиманџаро (5895 мнв): Планините се на планинарите - искачување на кровот на Африка - мај, 2012 година
Всушност, се започна минатата, 2011 година. Мојата голема желба беше дел од моите колеги да ги навлечам на посериозни потфати и да ги изнесам надвор од границите на нашата Македонија. Добро, одевме со Петровски и Христов на Титов, Љуботен, Пелистер и слично, но сакав да им ја доловам убавината на Алпите. Мон Блан, мене ке ми биде трето качување по иста насока (2006, 2008-година), нив прво, но би жртвувал една година, само за нив. Но на моите желби, само еден од нив, Јани, покажа зрелост, сериозност и упорност. Останатите се посветија на тури со маунт бајк, тука низ Македонија. Да, Јани е малку е преголем, но се движи добро а и што е најважно има невероватно многу желба за истрајност.
Така и беше, на 06.07.2011 двајца го качивме Мон Блан, без проблеми, за 6 дена (Скопје-Шамони и назад). И тогаш се роди идејата за нешто повисоко.
на Mont Blanc - Јани
и Вања
Ке одиме на Килиманџаро, така решивме. Во 2012 година, нека биде продолжение на нашава активност. Ке биде rainy season во тој период, сите не предупредуваа. Но датумите беа избрани, резервациите направени, картите купени. Враќање нема.
Мојот близок планинарски пријател Марин Стојановски ми раскажуваше за своите патешествија при качување на Килиманџаро во 2005-тата година. Како лекар, нормално, најмногу грижа имав околу можноста за добивање на симптоми на висинска болест. Затоа и решивме да не брзаме и да го качуваме врвот 5-6 дена, за да имаме време за аклиматизација.
Која патека, беше следното прашање. Марангу ја одбравме затоа што беше најлесна (според повеке артикли) и најпостепена за искачување. Сепак близу 6000 метри н.в., не е важно како, важно е да нема грешка и да се искачиме.
Тргнавме на 28.04.2012 Сабота. Со помош на брзиот и пријатен за возење Деан од www.potrcko.com, за поволн a цена стигнавме во Солун, а од таму до Цирих , истото утро, во недела на 29.04. Веке во попладневните часови бевме во Танзанија и 4.5 милионскиот Дар Ес Саалам, и вечерта преспавме во хотел, кој го резервиравме претходно во близина на аеродромот и автобуската станица до Моши (околу 500 км на запад).
на аеродром во Солун
Ден 0 (30.04) : Станување во 05.00 часот по локално време, надвор истура дожд, топло и спарно време. Купуваме карти за Дар Експрес и веке сме во автобус. Патешествија, сообракајни незгоди, дефекти на автобусот поправки, застанување, собирање патници по пат и слично. Права џунгла, ама социјална. Не е важно, подобро е вака да се патува, впечатоците се поцелосни. Околу 17 часот сме во Моши. Врне, истура. Тука некаде во близина е Килиманџаро, но ние не го гледаме, во облаци е. Во хотелот ја препакуваме опремата. Во големи торби ги ставаме сите потребни алишта и опрема, поединечно во најлон кеси и во големи црни најлон вреќи, треба да останеме суви 6 дена. Хотелот е прав рај, има и други гости со бел тен, дојдени се за сафари.
Дар Ес Салам - автобуска станица
технички проблеми со автобусот
хотелот во Моши
Ден 1 (01.05) : Возбудата расте, денес треба да се сретнеме со водичите и екипата од нашата агенција и да го почнеме искачувањето. Подобро е 6-дневна тура, секаде тоа го прочитавме, подобра е аклиматизацијата на висина. Околу 09.30 часот, конечно се сретнавме со нашиот водич- Елиас од агенцијата Албатрос. Качувањето на Кили е возможно единствено со агенција и строга регистрација на сите планинари. Со едно полно комбе луѓе (6 члена) и потребни материјали- храна, опрема се упативме кон Марангу за да после 1 час стигнеме во Марангу Гејт и станицата на на националниот парк на Килиманџаро. Регистрација, мерење на тежината, потписи и качувањето може да почне. Не води помошник-водичот Алфонсо, кому му е 50 качување на врвот. Елијас веке и не знае колку пати се искачил, веке 15 години, што како портир, што како водич се качува на Килиманџаро.
Национален Парк Килиманџаро - Марангу Гејт
Почнуваме од 1850 мнв, постепено низ шума-џунгла. Повторно дожд, ги навлекуваме наметките. Топло е, но не претопло. По пат гледаме различни видови мајмуни, густа зелена вегетација и добро уредена патека, како низ парк. После 1.5 час, седнуваме на пауза и краток ручек. После 1 час сме на нашата дестинација - Мандара Хат (2720мнв). Речиси како Титов, но вегетацијата е комплетно различна, густа шума, бујна вегетација, убава природа, свеж воздух. Милина. Се сместуваме во комотни соби за 4 луге, ние сме двајца, место колку сакаш, барем малку да ја исушиме облеката, нема греење како на цела планина (забрането е палење на оган). Вечераме, Елиас ни мери пулс и сатурација, но ниско е, навикнати сме на овие висини, немаме проблеми и промени.
мајмуни во шумата
Мандара Хат
Ден 2 (02.05): Станување во 06.30, добар сон во топлите вреки, појадок и тргнуваме за нагоре. Дестинација Хоромбо Хат (3750мнв), некаде по 12-14км (зависно од мапите и картите). Сончево и топло време, дури и припек, дали ќе заврне? Почнуваме со качување, полека и без форсирање, потребна е добра аклиматизација и адаптација на висината. После 2 часа, почнува да се стемнува, повторно темни облаци и пороен дожд. Но овој пат трае и трае, никако да прекине. Ги ставаме наметките повторно, заштита на ранците и продолжуваме понатаму. Нема пауза, се до Хоромбо. Вегетацијата се разретчува, нискостеблести растенија, цветови и жбунови. Веке дождот почнува да ме загрижува, немам резервни чевли, уште треба да ми ги накисне овие и во повисоките делови да одам со влажни чевли. Околу 14 часот сме во Хоромбо, 3750 мнв.
Хоромбо
Нема главоболка, нема никави проблеми. И оваа висина ни е позната. Чевлите се сосема мокри, ги вадиме мокрите алишта и ги закачуваме во собата. Вечерта правиме план, што понатаму. Дали ке се аклиматизираме уште еден ден тука и ке пропешачиме следниот ден до Зебра Рок (4200 мнв) и повторно ке спиеме во Хоромбо. Времето не ни е баш наклонето. Марин од Скопје, заедно со Перо на смс ми јавуваат за нов влажен бран и снежни врнежи. Вечерта паѓа одлука, следниот ден продолжуваме до Кибо (4700 мнв) без да остануваме тука. Уште два вакви денови и ке се замрзнеме без суви алишта и чевли. Цела нок ги сушам чевлите со две шишиња врела вода, но сепак следниот ден повторно се влажни. Најдоброто спиење досега.
Ден 3 (03.05): 06.00 со тежина станувам од вреката, надвор сеуште е лигаво времето, час врне, час престанува. Денешната дестинација е Кибо Хат (4700 мнв), само 100 метри пониско од нашата максимална висина досега (Мон Блан, 4810 мнв). Доручек, подготовки и тргнување, некаде околу 09 часот. Чевлите се влажни, облекувам суви чорапи и со два пара најлон кеси на нозете ги облекувам чевлите.Важно е да биде топло. Треба да поминеме некаде околу 13км и да искачиме 1000 метри висинска разлика.
мокри чевли, суви чорапи, најлон кеси како изолација
Тргнуваме полека, без брзање, расположението е добро, се наближува врвот и summit day. Некаде околу 4300 мнв сме на седлото, блага висоравнина, кога почнуваат првите сончеви зраци. Наеднаш и расположението видно се поправа, чевлите за неколку десетина минути се суви, афричкото сонце и близината на еквадорот си го прават своето. Од лево се појавува убавиот Мавензи (5100 мнв) со снежните кулоари, во далечината го гледаме кратерот на Кили, но само за кратко. Повторно облаци, дожд, наметки и бавно чекорење. Прав alpine desert амбиент, оскудна вегетација, камен, ретки птици. Некаде по 4200 мнв почнува слаба главоболка, дали се првите знаци на висинска болест, ќе видам наскоро.
на висорамнината на 4300 мнв - малку сонце
Мавензи низ облаци
Се приближуваме кон Кибо, времето се расипува, повторно дожд. Стигнуваме во Кибо околу 14 часот, регистрација и сместување во соба. Студено е, нема сонце, влажно и темно. Нема мрежа на мобилните телефони, нема ел. енергија. Ги гасиме телефоните, ги вадиме мокрите алишта, облекуваме суви и легнуваме во вреките. Пијам многу течности, се со цел да избегнам посериозна висинска болест. Со еден Блокмакс ми минува главоболката. Вечерта мериме сатурација, имам 94-95% и срцева фреквенција околу 100/минута- тоа е многу во нормални услови, но сепак сме речиси на 5000 мнв. Ср сретнуваме и разговараме со водичите, утре одиме на врв, но не нокно качување, туку утринско, за да го избегнеме нокниот студ. Ноќта ја минувам во немир, несоница, ретка главоболка и многу анксиозност. Ме мачи мислата, дали ке се искачиме, какво ке биде времето и слично.
Ден 4 (04.05): Summit day. Едвај дочекав да се раздени, главоболката е слаба, се чуствувам добро, имам добро расположение. Лесен доручек, се сретнуваме со водичите кои доаѓаат без ранци и се договараме. Во 06.20 часот тргнуваме кон врвот. Почнувам прв, денес е турата најкратка (околу 7 км до ивицата на кратерот и 1000 метри висинска разлика) до Gilmans point и потоа по блага изохипса до врвот (Uhuru Peak) , но најстрмна (како на пример последниот дел на Титов Врв) .
Поаѓање од Кибо кон врвот
Наметнувам споро темпо без задишување, размислувам за многу нешта, само да не мислам на стрмнината, мислам на луѓе кои не сум ги видел долго време. Јани прашува за висината, наскоро ја минуваме границата на 5000 мнв и одиме натаму. На 5100 мнв (16500 фити) забележуваме знак Williams point, продолжуваме бавно нагоре. На 5200 мнв правиме пауза во Hans Mayer cave со една Бонжита и малку вода.
Hans Mayer пештерата
Патот станува пострмен, и потежок, се движиме во цик-цак линија и бавно одиме напред. Некаде околу 5500 мнв ме фака криза и паника, не можам да го исконтролирам дишењето и срцебиењето, ова го имав прв пат на Мон Блан во 2006 година кај Вало кога без аклиматизација за еден ден качив 3000 метри. Лошото искуство психички ме ослабува, дали ќе можам понатаму, одам се поспоро. Водичите тоа го забележуваат, одам се поспоро и поспоро. Размислувам за драги и блиски луѓе, личности кои ги почитувам и сакам, на моите деца, само да ми се тргне уморот од мене. И наеднаш, кога бев на крајот на силите, Елиас извика- ја гледаш ли онаа табла, тоа е Gilmans point. Урааа, се радувам како мало дете, ја пеам Гоцевата Раса и извикувам Македонијаааа - со трчање преку карпестите делови достигнувам до ивицата на кратерот и таблата.
На Gilmans Point
Пресрекен сум, сега ако треба и четвороношки ке го качам врвот, знам дека од тука (5685 мнв ) до врвот нема да имам посебни проблеми. За еден час бевме на Stella Point (5756 мнв ) а после 30 минути и на самиот Uhuru Peak (5895 мнв). Супер, го качивме, не чуствувам веке ни замор, ни никакви проблеми, 30 минути останавме горе.
На врвов на Килиманџаро - Uhuru Peak (5895 мнв)
Во тек на следните два часа набрзо се спуштивме во Кибо Хат (4700 мнв) и тука ја поминавме ноќта. Цела ноќ не можев да заспијам, да ми кажеше некој дека треба пак да одам нагоре, без проблем би го направил тоа.
Ден 5 (05.05): Следното утро, нов, сега веке прав зимски амбиент. 20 см нов снег на Кибо, според зборовите на Елиас во последните 5 години најмногу снег на планината. Почнавме со спуштање, денешната дестинација ни е Мандара Хат (2720 мнв), каде ке преноќиме.
невообичањено многу снег на планината
За 2.5 часа сме во Хоромбо Хат (3750мнв), но пред тоа ја пресековме планината и се спуштивме од страната на Зебра Рок (4100 мнв) Во Хоромбо за прв пат добивме мрежа по 3 дена, и се јавивме во Македонија, пуштивме повеке смс пораки. Некаде околу 14 часот сме во Мандара Хат (2720мнв)
Zebra Rock
кај Мандара Хат
Немам никакви проблеми, замор, главоболки, не чуствувам ништо. Правиме планови за следните денови. Правиме пресек на качувањето и среќни сме што успеавме без некоја подолга аклиматизација и без посебни проблеми со висината. Легнуваме во вреките во 20 часот, несоница, цела ноќ не склопив око, бев сеуште силно возбуден.
Ден 6 (06.05): Денес е последниот ден. Повторно се мати времето, силна влага. Се пакуваме, доручкуваме полека се спуштаме надолу Веке ни се пред очи следните денови и месеци кои доаѓаат. Аконкагва, 2013 во Јануари/Фебруари. Дали ке се реализира? Времето ке покаже.
на излезот од Националниот Парк
Следните денови ги минавме во одмор, разгледување на национални паркови, фотографирање на диви животни, купување сувенири и повторно долго патување. Три дена се собиравме од Картум, Аруша и Моши до Дар Ес Саалам, каде преспавме една вечер, за да следната полетаме за Цирих.
од дивиот свет во паркот
Во Цирих нов културен шок, дијаметрално различен амбиент на европски луксуз, германска педантност и раскош и организација. Веке полесно се дише и покрај високите температути. Алпите се сеуште под снежни наноси, има врвови до 3600 мнв кои преку цела година се белеат и му даваат посебен изглед на градот.
Јани во Цирих
Вечерта на 10.05 конечно летнавме за Солун, во 01.45 на 11.05 сме на аеродром. Да, тука е Деан повторно, надвор да погодам - пак врне, сега во Европа. Ништо не е важно. Импресиите се тука, влезени во глава, ништо не е заборавено.
Ова утро, односна пладне ќе одам на работа, доста беше одмор, да поработиме малку...
Скопје, 17.05.2012
Иван Милев, Јани Беака |