Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Trail running : Штип :: Кежовица trail - 14 април 2013

Недела - 14-ти април. Се собираме по Скопје со возилата. Пристигнати се и тројцата членови од Тетово кои овој пат ни се приклучуваат на нашата акција - тренинг во планинско трчање - за некои од нас подготовка за претстојните трки, за други можност за да си пробаат нешто ново. Поаѓаме во 6:50 од Скопје кон Штип. Пристигнуваме до бањата Кежовица - веднаш после крајот на градот во правец кон Радовиш / Струмица. Тука се спремаме за поаѓање. Наскоро ни се приклучуваат и луѓето од Штип. Се пребројуваме - 8 женски и 13 машки - вкупно 21 - досега најголема посетеност на една ваква акција.



на стартот на паркингот пред бањата Кежовица

Времето беше облачно не не беше ладно. Дувкаше среден ветар кој засега не правеше проблеми. Планот беше да се трча во две групи - едната патека околу 36 - 40 km и втората патека околу 23 km - се разбира - со можни импровизации на теренот. Појдовме заено - голема група на тркачи - следени од изненадените погледи на посетителите на бањата и ретките минувачи. Го пројдовме мостот на Брегалница и се упативме по патот покрај гробиштата кој што пат наскоро станува макадамски и благо и убаво се движи по и измеѓу ридовите.


на почеток - покрај гробиштата

Нaскоро колоната се развлече - сепак во оваа група на тркачи има големо шаренило - од оние кои трчаат побргу од 4 min/km до такви кои трчааат 6 min/km. Нормално дека ќе се развлече колоната - но тоа и не е важно - имаме и напред и кон крајот луѓе со GPS-и кои знаат како да ја водат групата по овој практично за нас непознат предел. Излегуваме на ридот Крст и го следиме гребенот - се движиме паралелно со патот Штип - Радовиш кој е некои 200 m под нас - а на растојание од 2-3 km. Стигнуваме до селото Долани - по прекрасни патчиња - убава нова трева. Малку пред селото има чешма - Митрина чешма.


патеките кон село Долани

По селото Долани следува искачување на ридот Руса - од кој потоа по релативно порамен терен се стигнува до селото Љуботен. Тоа село беше местото каде двете групи требаше да се разделат. Оние за пократката патека да скршнат во лево - кон север, а другите на десно - кон југ. Јас бев со групата на пократката патека. По краткиот одмор за да грицнеме нешто во селото, појдовме од спротивната страна на ридот. Сонцето веќе посериозно грее - моравме да се намачкаме со заштитни креми.


скок преку поточе


на излез од село Љуботен


имаше и парчиња со кал на кои требаше да им се најде решение

Некако ми се чинеше рано веднаш да се враќаме кон Штип - иако веќе имавме поминато 13 km, па решив нашата група да го направи "додатокот" кој беше од претходно подготвен - делницата до Липов Дол. Другата група беше по тркачки определена и знаев дека нема да завлегуваат во овие предели каде се можни драскања и пострми терени. Затоа - со побавните но затоа пак поупорните - појдовме прво во едно долго спуштање до почетокот на долот - преку една голема блага падина со трева и ниски пузавици кои често пати не сопнуваа па некои од нас и се спружија на тревата. Го преминавме потокот - некои прерипаа, некои се соблекоа боси па прегазија - потоа кратко сушење на нозете и повторно облекување на патики. Оттаму се искачивме преку ридот по кој следуваше едно стрмно спуштање во Survivor стил - моравме на новите членови да им ги доловиме комплет убавините на оваој наш спорт. Па уште едно преминување на истиот поток - овој пат во стилот - од камен на камен. Стигнавме до селото Липов Дол.


Windows XP near Shtip - со ситни пречки - пузавици


во прекрасното село Липов Дол

Краток одмор, некои појдоа до еден бунар во селото да наполнат вода. Потоа почнавме со пострмно искачување кон Цигански Рид - малку скративме кон десно и таман кога излеговме на главниот пат - се сретнавме со членовите на другата група - како да сме се договориле. Кај блиската Струмина чешма направивме пауза и потоа полека се спуштивме кон Штип, односно бањата Кежовица.


спојување на двете групи и враќање кон Штип

Во пријатна атмосфера, направивме убав тренинг, некои од учесниците за прв пат учествуваа во еден ваков trail run и се надевам дека им се допадна и дека ќе ни се придружат и на некој од следните тренинзи.

Нормално, потоа следеше бањање во бањата Кежовица - за тие што сакаа да се бањаат, додека другите ги чекаа и се рехидрираа со пиво. Потоа мал одмор со закуска во "Мал Одмор" и се упативме назад кон Скопје.


Технички податоци :

Прва патека
Должина на патеката: 39 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1250 m
Максимален успон : 21 %, просечен успон : 6 %

Втора
патека
Должина на патеката: 28,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1030 m
Максимален успон : 26 %, просечен успон : 7,3 %



патеките на движење - црвено - 28 km ; жолто - 39 km


висински профил на патеката од 28 km


висински профил на патеката од 39 km


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/ShtipKezovicaTrail

Текст и фотографии: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje