Секоја година трчачкиот дел на членовите од нашиот клуб заедно со членови на нашиот братски атлетски клуб Делта Маратон Клуб си организираме едно или неколку трчања во реонот на Катланово. Традицијата трае повеќе години и секогаш кога сме биле таму сме си поминувале многу убаво. Можеби е заради теренот, можеби заради позитивните луѓе кои доаѓаат да си истрчаат - има нешто. Така и оваа година се собравме 15 души во Скопје во раните утрински часови. Времето беше облачно, врнежливо, но ние бевме решени да се појавиме во Катланово и да си го истрчаме планираното.
на стартот кај Катлановска Бања
Околу 8 часот сме во Катланово, над бањата, на големиот земјен паркинг веднаш до црквата Св. Недела. Тука се подготвуваме за старт. Свежичко е па цупкаме малку во место да се загрееме. Правиме заедничка фотографија и поаѓаме - прво по скалите па преку мостот од другата страна на река Пчиња, низ Катлановска Бања па потоа на патот кон село Катланово. Почнува да роси ситен дожд кој не следи речиси цело време. На моменти знаеше да засили, па пак да намали, но дождот никогаш не беше толку силен да ни го расипе убавото расположение и доживување на околината. А околу се беше мирно, како сите да заспале, ретко ќе се разминевме со по некој автомобил. Ниски облачиња минуваа покрај нас, уживавме во убавите глетки во боите на доцната есен.
низ село Катланово
мистични моменти
Првиот дел од патеката - од бањата до село Катланово е релативно рамен, со мали искачувања и потоа спуштања. Но од село Катланово до следното село Блаце има добра угорница која трае некои 3 km. Тоа е најтешкиот дел од турата. Откако ќе се стигне до село Блаце почнува уживањето. По убаво патче кое малку се крева па малку се спушта, со тоа што има повеќе спуштање од качување - се оди следните 4 km кон село Кожле. Од Кожле пак се оди малку назад (по некои 800 m од центарот на селото) и тогаш се скршнува во десно преку една ливада - тука е делот од околу 2 km каде што нема асфалт. Оваа година имавме среќа па иако беше врнато, не наидовме на премногу кал. Пред селото Бадар има црквичка Св. Атанасиј и тука пак излегуваме на асфалт. Кај црквата има и вода за пиење.
кај село Кожле
преку ливадата
спуштање кон село Бадар
Од село Бадар вртиме во десно и го следиме текот на реката Пчиња извесно време па ја преминуваме реката преку мост. Потоа трчаме од спротивната страна -
помеѓу реката и автопатот кон Велес. На едно место се минува под автопатот и потоа одиме низ викенд населбата во Катланово.
Кај село Катланово не вртиме лево кон селото, туку продолжуваме право - под големиот вијадукт од автопатот Велес - Скопје. По тесното асфалтно патче одиме уште околуи 2 km до појдовната точка кај црквата Св. недела.
преку мостот на Пчиња по село Бадар
одмор после трчањето кај црквата Св. Недела
Се преслековме во сува облека па седнавме на кумовата маса кај црквата Св. Недела. Малку јадевме, па поделивме медали на сите учесници за да се сеќаваме на овој убав тренинг што си го направивме. Потоа некои си заминаа за Скопје, а еден дел отиде да се релаксира во пештерата со топла минерална вода во близината.
Технички податоци :
Должина на патеката : 19,6 km
Висинска разлика : 508 m
приказ на изминатата патека
висински профил
Текст и фотографии : Трајче Панковски