Во недела - 16-февруари-2014 група од 15 вљубеници во слободно трчање по терени во природа се собравме во Катлановска Бања на стартот на патешествието за тој ден. Интересно е дека и во месец ноември кога трчавме тука исто така бевме 15 души. За овој пат беа предвидени две делници - стандардната од 21 km и подолга - за оние кои треба да се спремаат за ултра-планинските трки и други големи потфати во наредниот период - 57 km. Иако прогнозата ветуваше дека во текот на денот температурата ќе се качи до 15 степени, сепак не пречека свежо утро со температура близу до нулата. Затоа на брзинка се спремивме и појдовме да трчаме - за да што побргу се загрееме.

на стартот кај црквичката во Катлановска Бања
Појдовме околу 8 часот двете групи заедно - по убавото сртче над Катлановска Бања. Се спуштивме до село Катланово и тука двете групи се разделивме - секој на своја страна. Во меѓувреме се загреавме и веќе беше многу пријатно за трчање. Првата гупа појде по асфалтниот пат директно кон село Блаце, а нашата група по патот кон Фазанеријата и оттаму се упативме по некои многу пријатни патеки од спротивната страна на ридовите - кон текот на реката Вардар - Зелениково, Тао, Пакошево, Ново Село.

по сртот над бањата

по патчињата во правец на Ново Село и Пакошево
Над главите неколку пати ни пролетуваа, на прилично мала висина големи патнички авиони - тука е рутата за спуштање на авионите на Скопскиот аердром. Се спуштивме прво до Ново Село, па по асфалтот продолживме низводно до следното село Пакошево каде ја направивме првата мала пауза од 5-10 минути. Потоа се искачивме на ридот над селото и продолживме до врвчето каде што имаше предавател и една камена кула Од тука се пружаше одлична глетка на почетокот на Таорската клисура, селото Зелениково, а во далечините рбетот на Шар Планина со Љуботен како најистакнат - малку одвоен од останатите врвови.
поглед кон Зелениково и назад - Шар Планина
Потоа тргнавме назад - но по други патчиња - на некои места имаше кал, некаде патеките беа подзараснати ма млаку се пробивавме низ грмушки - но за среќа овој пат сосем малку. Наскоро стигнавме до селото Блаце каде ја правиме втората пауза и дополнуваме вода од дворовите на љубезните домаќини. Продолжуваме по асфалниот пат кон село Кожле. Од селото се спуштаме во десно - кон текот на реката Вардар. На овој терен бевме минатиот пат и бидејќи ни се допадна решивме пак да го поминеме. Пријатна патека за трчање покрај реката Вардар и по некое време пристигнуваме до местото каде што се влива реката Пчиња во Вардар.

покрај реката Вардар

на висечкиот мост на Вардар

на вливот на Пчиња во Вардар
Продолжуваме од другата страна со искачување по многу убава патека која оди до село Кожле. Во Кожле правиме мала пауза и потоа се спуштаме до село Бадар. Наскоро после селото се минува преку мост реката Пчиња и се оди кон викенд-населбата. Од тука се одвојува во десно па кон село Брезница. Киломерите се множат, а и времето станува прилично топло, ни се зацрвенија лицата и вратовите. Од село Брезница по убава патека спуштање до Катлановска Бања каде што не чекаа автомобилите. Мал одмор, преслекување и назад кон Скопје - на заслужен одмор.

патеката кон село Кожле
Технички податоци :
Должина на првата патека : 21 km
Висинска разлика : 600 m
Должина на втората патека : 57 km
Висинска разлика : 1700 m

приказ на изминатите патеки

висински профил на подолгата патека
Текст и фотографии : Трајче Панковски