Шар Планина : Караниколица - зимски камп - 25-26 февруари 2012
На 25 и 26 февруари 2012 година се одржа редовниот годишен зимски камп на нашето планинарско-спортско друштво. За оваа година се определивме локацијата да биде Караниколица - дел од Шар Планина каде се наоѓаат две планински езера - Големо и Мало Караниколичко езеро. Дел од Шара кој поретко се посетува, а навистина е прекрасен и треба многу почесто да се шетаат овие преубави предели - како во зима така и во другите годишни времиња. Оваа акција имаше и меѓународен карактер. Уште пред неколку месеци ме контактираше еден планинар од Чешка кој ме пронашол преку www.Summitpost.org и ми кажа дека сакаат да направат зимска повеќедневна акција на Шара и Кораб - со снегохотки. Бевме во постојан контакт и координација и конечно во петокот пристигнаа во Скопје со своето комбе од Чешка. Во сабота рано наутро - акцијата можеше да почне.
Од нашиот клуб бевме 7 члена : Светлана Стојаноска, Тања Манчева, Александар Буцевски, Деан Тодоров, Владимир Сикавица, Петар Герасимов и јас - Трајче Панковски. Чесите дојдоа 6 луѓе - 4 дојдоа со нас, додека преостанатите двајца требаше да фатат автобус за Дебар и оттаму да појдат кон Кораб и Шара за да по околу 6-7 дена се сретнат со остатокот од групата.
Поаѓаме од Скопје кон Тетово во 5:45 наутро. Во Тетово паркираме кај "Веро" и го чекаме нашиот превозник кон Вешала - Рамадан. Патот за Вешала преку Шипковица и Бродец е авантура сама по себе, особено во услови на висок снег каков што беше изминатиот период. Тесните и стрмни улички од Шипковица се со по 3 метри снег од страните и понекое затрупано возило. За разминување со возила што доаѓаа отспротива Рамадан возеше наназад до првото проширување - вештина достојна за респект. Стигнуваме конечно до Вешала - ги истоваруваме тешките ранци и се подготвуваме за поаѓање. Се мачкаме со креми за заштита од сонце, дека денот е сончев. Тука долу во селото - на околу 1250 m надморска височина нема ветар и прилично е топло. Во 8:45 поаѓаме по горните селски улички надвор од селото - во правец на блиското бачило. Снег има доста, но изгазен е од луѓето кои одат до бачилото - во кое се уште имаше животни : овци, кози, коњи. Лаежот на кучињата не најави уште при излезот од селото. Кај бачилото не пречекуваат две момчиња и едното ми објаснува на албански јазик и со гестикулации дека ќе пропаѓаме до појас во снегот ако продолжиме понатаму. Јас му се поднасмевнав и го сминав ранецот - време беше да се ставаат снегохотки.
истоварување од комбето на Рамадан во с. Вешала
од бачилото нагоре во планината
Патот продолжува благо по изохипса кон запад и наскоро се преминува Караниколичка река. По длабокиот снег го следиме правецот на поширокиот пат кој се наоѓа под снегот. Додека се движиме уживаме во погледот кон врвовите на Средна Шара - Плат и Среден Камен. На висина од 1650 m се одвојуваме од патот и поаѓаме во лево - кон гребенот на Шерметица - забележуваме дека таму има многу помалку снег - на места се гледа и трева - за да заштедиме енергија и да не навлеземе во длабокиот снег во долот на Караниколичка река. Полека се искачуваме - тежината на ранците - некои потешки од 25 kg си го прави своето. На тој терен имало по се изгледа пожар есента - тревата беше позагорена и кога одевме по неа се креваа облачиња од пепел.
колоната оди по патот кон Шерметица
почнува пострмното искачување
Порамниот дел завршува - сега нагибот се зголемува, снегот на некои места е доста тврд. Се појавува ветар од северен правец и - што е уште понезгодно - со променлива силина - на моменти доживуваме силни удари од ветрот кои речиси не исфрлаат од рамнотежа, а послабо прицврстените работи, како што беш една капа - летаа 200 метри надолу додека еден дечко од чешката екипа со трчање не ја "улови". Одиме уште позападно, да го заобиколиме малку ридот и да фатиме каков-таков завет. Се покажува тоа како добра тактика. Наскоро сме на гребенот - погледот оттука е фантастичен - се гледа и Кораб, сите околни врвови на Шара се остро исцртани на убавото сончево време со по некое облаче.
Плат, Титов Врв, Среден Камен
Вртоп, Трескавец, Кобилица - трите убави врвови на оваа страна од Шар Планина
искачувањето кон гребенот на Шерметица
суровата убавина на карпестите врвови на Шара - фантастични терени за прекрасни зимски авантури
гребенот на Шерметица
карпест гребен, некои карпи покриени со снег, некои откриени
Гребенот на кој излегуваме е карпест и доста тесен - треба многу да се внимава како да се помине. Снегот почнал да се топи и меѓу карпите се создаваат места каде лесно може да пропадне ногата и да дојде до повреда. Одиме по гребенот внимателно - должина околу 1000 метри. Доаѓаме на највисоката точка 2342 m. Сега се гледа седлото под нас во правец на подолното - поголемо караниколичко езеро - местото кое го предвидовме за правење логор. И дечките од Чешка решаваат првиот ден да останат со нас, а потоа да продолжат понатаму со своето патешествие по Шара.
почнуваме да се спуштаме кон Големото Караниколичко езеро
се подготвува терен за поставување на шаторите
Во 13:50 стигнуваме кај езерото - односно до едно рамно плато покриено со снег. Се обидуваме да најдеме најпогодно место за поставување на шаторот - гледаме да е на крајот, каде веќе започнува мало издигнување на теренот - да не ставаме шатори врз вода. Се испостави дека сепак сме биле над водата - но што да правиме - сепак логорувањето си помина во најдобар ред. Ги симнавме ранците, ја извадивме опремата и со лопатите почнавме да расчистуваме терен за шаторите. Копавме надолу за да шаторите бидат заштитени од евентуалниот ветар - нашите шатори не беа зимски туку три-сезонски. Поради поволната прогноза во однос на минималната ноќна температура ги земавме овие шатори за да ни се намали малку тежината. Ги подигнавме шаторите, ручавме, малку прошетка околу логорот. Па подготвување на супа, чај. Момците од Чешка придружувани од Светле подоцна појдоа на врвот Караниколица - таму го чекаа заоѓањето на сонцето па се вратија. По пат виделе еден зајко како бега кога ги забележал.
квечерина во нашиот логор
зимски снежен мир
Рано легнување - долга ноќ во тесните шатори. Ноќта никако да помине... Обидите да се вртиме лево-десно само делумно се успешни. Ама се си има свој крај па така и ноќта помина. Не беше ладно. Надвор утрото беше -4 степени, во нашиот шатор со отворена вентилација беше +3 степени. Имавме сите добри вреќи и никому не му беше ладно.
Стануваме околу 6 часот. Едвај чекаме да ги истегнеме нозете. Почнува да вее ситен снег кој наскоро си почнува континуирано да паѓа. Тоа не убрзува малку - да почнеме да го пакуваме логорот пред да ни ги наврне шаторите посериозно. Појадок, пакување. Се поздравуваме со пријателите од Чешка - правиме групна фотографија и поаѓаме - околу 8:45.
групна фотографија пред поаѓање назад
Се постави прашањето што да правиме - каде да одиме. Се определивме за варијантата да се враќаме директно кон Вешала. Планот од дома беше да го искачиме Вртоп па оттаму да се спуштиме кон Вешала. Но снегот кој не престануваше, темните облаци во тој правец и прогнозата за целиот тој ден што ни беше уште од Скопје позната не определи да го одложиме искачувањето на Вртоп за друг пат - не дека можеби немаше да го искачиме - но во услови на лоша видливост немаше да ни вреди искачувањето ако ништо нема да видиме. А плус имавме тешки ранци на себе, снегот беше длабок. Појдовме по долот на караниколичка река полека надолу.
Околу 10 часот ми се јави Бурим од Тетово - планинар со кој се договаравме за оваа акција и кој ни помогна да го најдеме превозникот Рамадан. Тие - група од 6 планинари пошле да го искачат Вртоп. Разговаравме за тоа дека ако се искачат порано да се вратиме заедно со ист превоз. Поради тоа ние уште повеќе го успоривме спуштањето. По едно пролизгување на потврд снег ни текна да направиме поголема пауза и на една мала падинка да вежбаме кочење при пад со помош на цепин. Беше и поучно и забавно.
вeжби на кочење со цепин
приближување кон село Вешала
Продолживме надолу. Кога наближивме кон селото пак се слушнавме со Бурим - од малку недоречените одговори можев да заклучам дека нешто им се искомплицирало искачувањето - се договоривме ние да си одиме со Рамадан, а тие кога ќе се симнат дека ќе се снајдат за превоз. Ние во селото Вешала се симнавме околу 12 часот. Рамадан за 10 минути се појави со друго возило UAZ комби кое може да го извлече во секакви временски услови. Рамадан си го знае теренот и временските услови и го извади најјакиот адут - за да нема проблеми по пат. Ја товараме опремата и влегуваме во комбито. По пат постојано паѓаше снег скоро до Тетово, каде што преминува во дожд. За околу еден час сме во Тетово каде се префрламе во нашите возила, се средуваме малку колку да може да се појавиме во цивилизација и поаѓаме кон Скопје. По заслужената боза кај "Апче" - сите дома.
Групата на Бурим поприлично се задржала во планината, ги фатил посилен снег, ветар, минимална видливост - но успеале да се вратат во Вешала - веќе на стемнување. И самиот пат за Тетово веќе бил тешко прооден - го фатиле "последниот воз".
Со нетрпение чекаме нови информации од нашите пријатели од Чешка како си поминале - последните два дена горе дуваа силни ветрови...
Ете така уште една зимска авантура дојде до својот крај - за некои од екипата ова беше прво зимско кампирање и се надевам дека ќе им остане во пријатно сеќавање.
Технички податоци :
Должина на патеката (за двата дена): 13 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1140 m
Макс.процент.успон : 47 %, просек 20 %
Макс.процент.спуштање : -44 %, просек -16 %
измината патека
профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KaranikolicaLakeWinterCamp#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Тања Манчева, Александар Буцевски
|