Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Јакупица : Кале (2112 m) - 20 јули 2014

Во неделата 20.7.2014, некако се склопија коцките да ја посетиме планината Јакупица, но не онаа што ја знаеме по Солунска Глава, туку нејзината југоисточна верига. Овој дел од планината неправедно е одминуван од голем број посетители што патуваат до Папрадиште и Нежилово со цел да одат на Чеплес и Солунска Глава како највисок врв на планината. Иако во сенка на Солунска Глава, врвот Кале (со 2112 м.н.в., највисок на тој потег од планината) и искачувањето до него, нуди несекојдневно доживување. Село Бистрица ја одбравме како појдовна точка затоа што оттаму врвот делува најимпресивно, а кога ја гледаш целта со сета убавина, имаш поголем мотив да ја стигнеш без разлика на теренот. Инаку полесни начини за пристап се преку Нежилово (од запад) и Горно Врановци (од североисток) каде и патеките се во далку подобра состојба, но затоа погледот кон врвот е помалку импресивен.


Неколку стари куќи во горното маало од село Бистрица.

Планот да отидеме до Кале или до „прочуените“ Бегови Вирови се „готвеше“ одамна уште при првите посети на овој регион по текот на реката Бабуна. Секогаш кога возевме на потегот од Согле кон Богомила, при јасно време, посебно зиме, го вртев погледот кон врвот. На ист начин се воодушевував кон него и при посетите на Бистрица, село што дало многу борци во НОВ, меѓу кои и народниот херој Трајче Петкановски. При една таква посета, еден од мештаните ми кажа како најдобро може да се стигне до врвот. Истиот ден седнав пред компјутер, погледнав на мапа и ги преточив упатствата на бистричанецот во план за искачување во иднина, кога ќе се најде време и друштво. Ова второво тешко се најде во неделата затоа што очекував незгоден терен и затоа не можев да земам било кого, а оние што знаев дека се способни за ваква акција беа на други акции. Згора на тоа имав во план да се направи круг и преку Иванов Врв да се вратиме од другата страна, што значеше и должински и временски потешка акција. На крај останавме двајца, сосем доволно за вакви „underground“ патешествија.


Карпестиот ѕид на Крива Бука, со остриот врв Црквица (1627 м.н.в.) десно.

Упатствата што ги добив се покажаа како точни во првиот дел од акцијата. Возилото без проблеми го оставивме во 8.15 на излез од горниот дел на селото (на околу 650-700 м.н.в.) до каде се стига лесно по асфалт при секое двоење вртејќи во лево. Оттука продолжува земјен пат во правец на Кале, по долината на Бистричка Река. Патот е во релативно добра состојба во првите 2 километри што можат да се поминат лесно со теренец. На едно место патот го сече Мала Река, притока на Бистричка и веднаш после него се одвојува еден крак во десно кон црквата Св. Петар и Павле. Тука може да се згреши бидејќи нема друг патоказ, а вистинскиот пат врти во лево, малку бегајќи од насоката кон Кале, но потоа правецот си доаѓа на место.


Местото каде се одвојува патот кон црквата Св. Петар и Павле во десно.


Полето со папрат и капини.

Паралелно со Бистричка Река, патот минува низ големо поле од капини и папрат. За месец-два овде би можело да се направи голема берба на капини. Пред влезот на шумата еден крак од патот се двои на лево, тој е во подобра состојба, но не треба да се тргне натаму затоа што ќе ве однесе над село Црешнево и малку ќе ве оддалечи од дестинацијата. Ние продолживме право по патот што се уште одеше паралелно со Бистричка Река, според дадените совети. Но набрзо патот станува обраснат по целата широчина и движењето почнува да се одвива потешко.


Првата кривина од шумскиот пат обрасната со трева, а погоре со папрат.

На првата кривина наидовме на убава патека што продолжува по коритото реката и ние решивме да ја следиме. За среќа, навреме ми текна на советите дека мора да се поминат неколку кривини пред да се напушти патот и се вративме назад. Според количеството ѓубре заклучивме дека таа патека се користи за да се дојде до ливадата покрај реката што најверојатно претставува често посетувано излетничко место.

 


Поглед кон врвот Голем Јаор (1815 м.н.в.) и делот од шумата (десно) што го поминавме одејќи кон Бегови Вирови.

07
Височината на папратот, колку за споредба.


Убавата букова шума над обраснатиот пат.

Тоа „за среќа се вративме на патот“ излезе тотално промашување и губење време. Патот прави големи вртења и многу благо качува (добивме само околу 300 метри во висина за цел час), што во комбинација со се повисоките папрати, капини, малини, шипинки и останати „боцкасти“ растенија, како и браздите вода, по едночасовна „битка“ не принуди да се откажеме од понатамошно напредување и да фатиме „дијагонала“ кон седлото на Бегови Вирови движејќи се низ шумата. Уште овде приметивме дека планинава е богата со вода. Водата од браздите не доаѓаше од страничните потоци, туку од посебни изворчиња. Можеби тоа се должеше на фактот што минатите денови беа претежно врнежливи, па ги активирало и повремените мали изворчиња. На последната кривина каде што решивме да го напуштиме патот има направена и импровизирана чешма со дрвено корито, која најверојатно ја направиле дрварите бидејќи имаше многу отцепени дрва наоколу.


Импровизираната чешма со корито за потребите на дрварите.


„Страшното“ дрво.

Иако со поголема стрмнина и со влажни лисја, движењето низ шумата излезе неспоредливо полесно отколку по обраснатиот пат. На почетокот гледавме наоколу во надеж дека ќе најдеме некаква патека што би не однела побрзо на седлото, но немаше потреба од тоа. Шумата не е премногу густа, и иако на одредени делови има паднати дрвја, релативно брзо напредувавме нагоре. Ги игнориравме многубројните изворчиња затоа што сакавме да застанеме и да наполниме вода кога ќе дојдеме на Бегови Вирови. На последните 200 висински метри од шумскиот појас, почнуваат да се појавуваат првите поголеми карпи што лесно се заобиколуваат, за да на самиот излез од шумата наидеме на карпестиот појас под врвот Голем Јаор. Знаевме дека треба да испитуваме на десно, во правец на седлото, дали има „пукнатини“ во карпите и за кратко време најдовме две што не однесоа над појасот на околу 200 метри под седлото меѓу Голем Јаор и Кале, каде се наоѓаат вировите.


Карпестиот појас на излез од шумата.

Овој потег од шумата до седлото беше многу интересен, стрмен, на моменти и над 50 степени, со наизменична смена на камења и трева. Но затоа карпата е компактна и треба да се пази само на лизгање заради влагата. Во неколку наврати ни се случија помали лизгања и падови, но за среќа ништо посериозно. При суво време никој не би требал да има проблеми со минувањето нагоре.

 


На излез од карпестиот појас, одвај се наместивме и ние и апаратот за сликање. Во позадина се гледа Кале (врвот во средината).


Стрмното искачување кон Бегови Вирови.

Кога излеговме на седлото на околу 1750 м.н.в., се поделивме со цел побрзо да ги најдеме вировите. Наоколу имаше шаренило од различни цветови, меѓу кои доминираше мајчината душичка. Си мислевме кога се работи за вирови на некој бег мора да бидат големи. А ги имав видено на слики во домовите во Чеплес и Папрадиште, како и во ресторанот во Богомила, и таму изгледаат импресивно, но изгледа таква им е состојбата во друг период од годината. Среде лето одвај ги најдовме со помош на двајца берачи на боровинки од Нежилово и малку не разочараа, бидејќи изгледаа како обични мали изворчиња – ништо посебно. Од нив тешко може да се наполни вода затоа што немаат некој пад туку започнуваат како мали локви, а често од нив пијат домашните животни како во случајов што се напија коњите и кучето на берачите. Водата пребавно истекува за да чекаш да се исчисти.

 


На Бегови Вирови, средба со берачите на боровинки од Нежилово.


Поглед кон Папрадиште и Нежилово од седлото на Бегови Вирови.


Врвот Јалоарник (2104 м.н.в.).

Но затоа двајцата берачи ни кажаа други поважни информации за теренот околу вировите. Веднаш над вировите започнува еден карпест дел што оди се до под врвот Кале и се состои од интересни форми (некои од нив налик на фигурите од Велигденските острови) што имале и посебни имиња како коњот, орелот, сватовите итн. Наликува на теренот на планината Бабуна, посебно на потегот од Маркови Кули до Трескавец или пак на Куклица. Кога веќе им кажавме дека сме тргнале накај Кале, втората важна информација што ни ја дадоа беше што и нагоре може да најдеме на неколку места изворчиња (наспроти нашите очекувања) од каде без проблеми може да се наполни вода. Еден од тие извори излегувал директно од карпа. Кога тргнавме нагоре кон Кале успеавме да најдеме неколку од нив, но главниот не го најдовме. Веќе не можевме да губиме време и се упативме директно низ камените фигури кон врвот.


Карпестиот „обрач“ на врвот Кале од јужната страна. Крај купчето камења што го обележува врвот.
Да не беше тоа ќе се замислевме каде е вистинскиот врв меѓу неколкуте карпи со приближно иста височина.
Во позадина се гледа Иванов Врв (1909 м.н.в.)

 


Поглед од Кале кон североисточниот срт на Јакупица со врвовите Бел Камен (1948 м.н.в.)
во средина и Прерок (1718 м.н.в.) крајно десно.
Во позадина, планината Голешница со врвот Лисец (1935 м.н.в.).


Поглед кон селото Горно Врановци и езерото Лисиче.

Самиот врв Кале е карпа опколен со уште еден карпест „обрач“ (не порсети малку на врвот Дерза на Кораб, но овде барем камењата се стабилни и не ти бегаат под нозе), кој кога се приближивме не ни изгледаше многу висок и стрмен, и мислевме дека лесно ќе го минеме. Сепак на две места од јужната страна од каде пристапивме има два вертикални процепи од по 4-5 метри што мора да се поминат многу внимателно и со употреба на раце. Си мислевме како ќе се вратиме назад, но излезе дека тие и не се единствениот колку-толку безбеден премин кон врвот што навистина си го заслужил името Кале. Конечно во 12.45 ја освоивме „тврдината“. Правиме мала пауза за да уживаме во погледот кој сепак ни го поматија темните облаци. Тие дефинитивно не одвратија од намерата да продолжиме кон Иванов Врв, па со цел да избегнеме грмотевици решивме веднаш да се спуштиме надоле, приближно по истиот правец од каде што дојдовме.


Местото каде се наоѓа „камениот“ извор (на сликата доле десно во процепот).

На враќање од врвот кон Бегови Вирови го пронајдовме и најбезбедниот премин меѓу камените блокови околу врвот. Се наоѓаше на североисточната страна и затоа на доаѓање не бевме свесни дека постои. Излегувајќи од камениот лавиринт и преминувајќи десетина големи мравјалници, отидовме малку подесно, кон седлото меѓу Кале и исто така убавиот врв Јалоарник (последниот врв во насока кон Солунска Глава) за да ја ублажиме стрмнината, користејќи ги патчињата што ги направиле стадата овци. Случајно излеговме токму на изворот од кого водата блика од пукнатината на камениот блок, вистинско ремек дело на природата. Нешто слично имавме видено само на Стогово, под Канеш, но таму каменот беше пораспаднат, додека овде како некој да ја дупнал карпата со игла и оттука тече вода. Милина.


Коњот, сватовите и орелот надвиснати над Бегови Вирови.


Времето малку се отвори, па можеше да се види и Кале (врвот во средина) од седлото кај Бегови Вирови.


Иванов Врв, виден од седлото кај Бегови Вирови.

За кратко бевме повторно на седлото кај Бегови Вирови. И наместо да истури дожд, тука небото малку се отвори. Но нема зошто да жалиме што заради тоа не изодевме некој километар повеќе, планината ќе биде тука, ние живи и здрави кога ќе имаме време ќе појдеме повторно и кон Иванов Врв и кон другите места што мислевме да ги поминеме. Инаку тука приметивме дека единствената патека во подобра состојба на која излеговме е онаа што води од Нежилово и излегува тука на седлото, но потоа наместо да продолжи кон Бистрица, се губи во карпите под Кале во правец на Шауловец. Чекавме тука околу еден час поминат во берење мајчина душичка и двоумење дали да пробаме да најдеме некоја патека оттаму, но берачите веќе претходно ни рекоа дека единствен начин да се дојде до Бистрица е токму од каде што дојдовме и само надоле без да се заморуваме дали ќе најдеме патека или не.


Конечно јасен поглед кон Кале од полето над Бистрица.

Спуштањето по стрмнината од седлото кон шумата го направивме крајно внимателно, за чудо сега немавме пролизгувања како на качување. Набрзо ги најдовме процепите во камениот појас, иако одгоре тие се помалку воочливи и право по шумата, користејќи повеќе тесни дрварски патчиња што по десетина метри веднаш се губат, излеговме на претпоследната кривина од шумскиот пат. Овојпат за разлика од качувањето се движевме малку поблиску до потокот што се формира под Бегови Вирови, па затоа и повеќе скративме затоа што шумскиот пат како што оди нагоре, се оддалечува од него. Последната делница до село Бистрица ја поминуваме релаксирано, без брзање, за да ги одмориме нозете од долгиот спуст и така во 5.15 доаѓаме кај колата. Се на се 9 часови ни беа потребни за да ја поминеме оваа должински средна акција од околу 20 км. Но ова не значи дека толкаво е стандардното времетраење на акцијата затоа што сепак се работи за терен без патеки во добра состојба и времето на поминување зависи најмногу од тоа како ќе се снајдете со препреките пред вас, а не од тоа колку брзо ќе се движите. Во секој случај тоа е најмалку битно, најважно е пред се добро да се ужива во скриените убавини што ги нуди овој предел, а кога имаш разгазена патека секогаш ти вметнува доза на цивилизација во дивината.


„Базенчето“ на Мала Река, совршено за ладење нозе по напорната акција.


Бистата на Трајче Петкановски во долниот дел од селото.

Од Бистрица не тргаме веднаш. Застануваме во долниот дел од селото покрај бистата на Трајче Петкановски. Малку е запустена, човекот тоа не го заслужува, иако мештаните се гордеат со неговите потфати. Покрај бистата не сретнува еден човек што ни честита што сме успеале оттука да го искачиме врвот и ни рече дека и тој пред 5 години се качил со уште неколкумина, но преку Шауловец, а за надоле се спуштиле од кај Бегови Вирови. Преку Шауловец порано постоела убава патека која веќе е уништена така што и тој одел по тежок и стрмен терен нагоре. Беше задоволен што по подолго време гледа луѓе што од Бистрица се качуваат на Кале и се надева дека во иднина ќе доаѓаат се повеќе како нас. Ние се надеваме дека во иднина нешто слично нема да стане и со планината како и со бистата, луѓето да се гордеат со нејзе, а да дозволат да се уништи.


Преглед на движењето.

 

Текст: Велимир Граоркоски
Фотографии: Горан Стојановски, Велимир Граоркоски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje