Ниџе : Кајмакчалан - 5 - 6 август 2011
Освојување на Кајмакчалан... белата мешалка за кајмак, врвот на карпи, историја и човечки коски...
5 Август, 20 часот, во караулата на поранешна ЈНА во с. Скочивир, а денес гостољубив дом на планинарското друштво 18 Август...
домот на ПД "18-ти Август" во Скочивир
Во воздухот се чувствува дождот и невремето кое штотуку заврши. Сега веќе не врне, само мирисот на косено сено го освојува сетилото за мирис... но не за долго. Иако сме на самиот почеток на нашата приказна, морам да ја споменам единствената црна точка на овој поход. Тоа е реката Црна. Се чувствува страшната реа на мртвата река, задушена од страна на грст несреќни луѓе чие средно име е “Профит” и ”Негрижа” . Се чини сета нечовечност е потопена во оваа, некогаш преубава вода. Се молиме вечерва за нејзиното повторно оживување.....
Го правиме планот за утрешниот ден. Скочивир се наоѓа на 576 м надморска височина. Нe делат околу 35 км или речиси 2000 м искачување до Кајмачалан и неговите 2521 м надморска височина.
Утре, во сабота, ќе тргнеме најпрвин со џип, па пешки ... и со надеж дека времето ќе биде поубаво од денес.
6 Август, 8 часот ....
Времето како порачано. Ни трага од вчерашното невреме. Многу сонце и понекое облаче кое е повеќе од добредојдено во Мариовската жега. Пецо веќе нe чека со своето возило. Ќе нe вози околу 25 км нагоре, до горната караула, а наредните 10-ина км ќе ги испешачиме до врвот.
Пецо вози како цел живот да возел рели. Патот (кој никако не може да се мине со лека кола) го возиме како песна. Ниедна дупка не е несовладлива за нашиот Нисан. Природата наоколу е убава. Многу шума и ловишта. За точно 2 часа стигнуваме до горната караула. Со добро расположение и многу муабет. На околу 1900 м почнува нашата пешачка делница. Испратени од стадото овци, овчарот и неколку овчарски кучиња, поаѓаме кон врвот. Шумата веќе ја губи својата сила и ја отстапува на широките пасишта во кои на секои неколку десетици метри се исфрлени големи карпи со необични форми. За момент помислувам дека карпите ги создал некој познат архитект, но веднаш ја напуштам оваа глупава мисла свесна дека единствено природата може да биде толку добар архитект. Никој друг. Во секоја карпа може да видите сопствена приказна, да ја крстите со име кое ви одговара во моментот, да ја видите формата која ја посакувате во моментот ....
Нагоре, по левата страна од патот се надвиснува Ниџе со својот срт кој ги дели Македонија и Грција, а надолу прекрасните пасишта и шуми кон Мариово. Пасиштата од време на време, покрај со невообичаените карпи, ишарани се и со жолти купчиња цвеќа (налик на крупни лутичиња) кои жедно ја црпат водата од планината.
Целиот пат е питом и лесен, со благ наклон. Понекогаш посакувам посурова патека, не го слушам своето срцебиење кое е вообичаено за пострмни и потешки патеки. Но ваква каква е што е, ви озможува со лес да чекорите низ природата, со лес да се споите со неа и да станете дел од неа. .... Од време на време го гледаме Кајмакчалан пред нас, на дофат, со препознатливата црквичка ...
Првата пауза ја правиме после нецел час, на споменикот на загинатите борци во Втората светска војна. Го препознавам името на Естреја Овадија –Мара.
Таа и уште неколку млади борци, не постари од 20-30 години ги оставиле своите животи тука, за ние денес да може да грабиме нагоре кон врвот. И овде, на ова место (барем за мене) почнува историјата и враќањето во минатото ... а Кајмакчалан е токму тоа ....
После кусиот одмор, закрепнат со малку вода и суво овошје продолжуваме натаму, чекорејќи сe повесели - а станувате повесел со секој изминат метар и секој метар поблиску до врвот... Во еден момент, еден од планинарите се стаписа во место и извика “луѓе, пред нас, таму зад карпата истрча едно животно. Големо беше, мора да е мечка!”. А претходниот ден, веќе се изнаслушавме од мештаните дека има доста диви животни – мечки, волци, диви свињи .... Без било какво оружје, помалку (или повеќе) уплашени, со помалку (или повеќе) двоумење, но сепак без намера дури ни некое огромно животно да нe спречи во нашиот поход, се доближивме до карпата и ја видовме “мечката”. Тоа беше само стројна крава - всушност ги имаше десетици мрзливи крави, кои на над 2000 м надморска висина си го консумираа својот пладневен оброк. Насмеани и охрабрени продолживме понатаму. Сепак, овие неколку минути исчекување нe потсетија колку сме сами, незаштитени и малечки во таа дивина.
После дваипол часа пешачење стигнуваме речиси до врвот. Додека пешачиме, небото над нас се менува – час се мурти, час сонцето се насмевнува. И ете ја најпосле црквичка на дофат, целата во ситна магла, како од бајка. Желни час поскоро да стигнеме, ја кратиме последната делница и наместо по патот се качуваме по стрмно патче .... и ете нe на врвот.
Ова и порано ми се случило –иако облачно, во моментот кога стапнуваме на врвот да огрее сонце. Понекогаш не сум сигурна дали навистина тогаш се разотидуваат облаците или само душата се разведрува. И тогаш, настапуваат единствените мигови .... кога си таму горе, кога сфаќаш дека ти не го освојуваш врвот, туку тој те освојува тебе ... кога сета позитивна енергија од универзумот е насочена токму кон тој врв .... кон тебе .... кога се потсетуваш дека вредноста на животот се мери со ваквите моменти на освоени врвови – планински или инакви (кој како си ги сфаќа сопствените врвовите). Убавина. Само убавина и полна душа.
На запад се гледа Пелистер (само малку повисок од Кајмакчалан, на 2601 метар). На североисток Мариово и Селечките планини. Од другата страна – Грција. Веднаш, не повеќе од 100 метри подолу се гледа жичарата на грчкиот ски центар Ворас. На југоисток, на дофат се гледа Науса (Негушка планина), а југозападно е Островското езеро. Самото место (врвот на врвот Кајмакчалан) го викаат врвот на Пророкот Илија. Тука е спомен црквата на паднатите војници од Кралството Србија за време на Првата светска војна. Во 1916 токму овде погинале околу 6000 војници.
На дваесетина метри под црквата е спомен костурницата. Се симнавме во гробницата и бевме сведоци на стотици черепи и други коски од загинатите.
Потсетуваат и опоменуваат!
Ова место дише со историја. До 1918-тата овде се гинело! И после 95 години, се гледаат ископаните ровови од Солунскиот фронт кои времето сe уште не ги израмнило. Со децении, секој случаен патник како нас, наоѓа по некое парче метал од оружје. Најдовме и ние - игла од пушка. Колку ли ги има!
Прошетуваме уште малку наоколу. Низ рововите, меѓу пограничните коти, па на Грчко тло (без пасош!) и повторно назад до црквичката да поткаснеме. После слатката закуска, пријатниот муабет, малку ракиичка и двајца нови стекнати пријатели, се враќаме полека назад, по истиот пат. Исполенети и среќни, за помалку од дваипол саати го наоѓаме Пецо кај што нe чека за да нe одведе назад до Караулата. По пат ни раскажува како во бачилото, претходниот ден, волци заклале седум овци, а само во последните неколку часа (додека ние се плашевме од нашите ”мечки”) повторно волк заклал уште две овци. Кога ние минувавме, тие испуштаа душа. Велат – кога волк ќе гризне овца, раната не заздравува .... таа сигурно умира....
Влеговме во џипот и полека назад .... по истиот пат, надолу, кон караулата. Нe чека прасенце, 6-7 саати печено на тивок оган, доволно вино, убаво друштво, нови пријатели ....
.... и сето ова отвора апетит за нови врвови....
Благодарност до 18 Август и Синиша што живи и здрави н e прошета низ Кајмакчаланската авантура!
Автор: Климентина Тунтева
Фотографии: Синиша Алексовски и Борче Гелевски
|