Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Длабока Река и Кабаш - 11 мај 2014

Се возиме. Не знам точно како одеше разговорот, но се сеќавам на два моменти и на музиката во колата. Музиката е Стинг, компилација најдобри балади. Кој одлучува дали една балада е поубава од друга? Или песна воопшто? И кој го прави изборот? Стинг?

Моево страшно длабоко размислување го прекинува реченицата : ” Еве ти напиши го изештајот! ” Не. Не сакам! Реков дека не сакам пак да пишувам извештај. Дека сите што ги среќавам по планини или ридови или било каде го имаат прочитано првиот. Единствениот додуша. Не можеш да направиш бест оф. Дури и луѓе што прв пат ги запознавам го имаат прочитано. Се запознаваме и ми споменуваат или прашуваат. Ти си?

Дури и ме плаши. Помислувам да го препрочитам кога ќе стигнам дома за да видам што точно можеле да заклучат за мене од него и дали сакам заклучокот да го имаат како сознание или не. Втората дури и посилна помисла е што ако не им се допадне овој вториов? Колку ми годеше кога ги воодушевив со првиот. Уживав во секој момент. Во тој некој чуден срам имаше големо задоволство. Табоже е мој успех што Македонија, земјата во која сум родена и живеам, излезе да биде толку убава. Кој би рекол? Кој би рекол дека ќе биде толку тешко да направиш бест оф Македонија. А уште немаш видено ни половина. Ниту четвртина, веројатно?! Се разбира дека не зборувам за бетонските, мермерни, или бронзоизлиени чудни структури и издатоци што изникнуваат од секаде и насекаде. Туку за...па за се друго освен тоа.

Во конкуренција денес влезе и Водопадот на Длабока Река. А денес е 11 мај. Бил поубав во јуни. По нечии други бест оф критериуми. Не знам. Кога ќе го видам во јуни ќе ви кажам. А ние уште се возиме. Се враќаме накај Скопје. Кој од Водопадот на Длабока река, кој од Кабаш, врвот кој со 2391мнв се издига над кањонот на Длабока река и со својата недостапност му пркоси на огромниот масив Кораб наспрам кој се наоѓа.

Но почнав од крајот. Порано од нетрпеливост сите книги или филмови по некое време ги вртев на крај за да видам како ќе завршат. Не можев да дочекам. Сега не сакам да знам каков е крајот. Сега сакам да бидам изненадена. Скроз. Да паднам на задник од вау ефект. Иако ми е доста веќе од паѓања ама затоа, потоа.

Let‘s start at the very beginning , a very good place to start... да го искористам стихот од филмот The sound of music, па да почнам и јас од почеток.

Се возиме во истата кола. Различна е музиката. И времето. Негде е после 07.30 часот, а ние сме го напуштиле патот Маврово – Дебар на местото каде Рибничка река се влева во река Радика, нешто после скршнувањето за Кораб. Се возиме бавно по макадам откако се упативме лево накај село Рибница. Десно останува село Нистрово.

И токму овие мои убедувања за факторот на изненадување ги споделувам во колата додека ми раскажуваат како денес ќе ја видам најубавата глетка во мојот живот од некој си таму видиковец што гледа накај некој водопад. Водопадот на Длабока река, конкретно. И како одиш долго долго и стигнуваш на тој видиковец и се отвара најубавата глетка. Во исчекување сум, точно, но делумно примам и со резерва. Сепак останувам на тоа дека бест оф е многу тешка, субјективна и неблагодарна работа посебно правена од богат избор.

А ние се доближуваме до крајната дестинација до која доѓаме со кола. Напуштеното училиште во село Рибница, општина Маврово-Ростуше. Толку напуштено како никогаш и да не се употребувало. Со сигурност влегува во бест оф “Напуштени ” листа. Рибничка река што тече крај него му дава малку живот. А нам свежина. Иако рано наутро, околу 08.00 часот, прилично топло време и ведро небо. 26 нови и стари пријатели од сите страни на Македонија. Дојдени да учествуваат на акцијата на ПСД Макпетрол, Водопадот на Длабока река.

Тргнуваме. Се движиме нагоре по широчок пат со блага острина, обраснат со трева. Селото се наоѓа на на 1040 мнв според некои податоци што ги најдов. Броело пет жители со пописот од 2002, останати од 216те жители попишани во 1961. Денес не видов никој. Видов скршено сино пластично корито по патот, па помислив дека можеби има уште некој останат што пере или нешто. Не видов други отпадоци по патеката која се повеќе се стеснуваше обрасната од листопадни и зимзелени растенијана кои те галат или гребат,зависно како се однесуваш со нив, како се движевме нагоре и нагоре. На моменти газевме преку вода на висина на ѓонот или малку кал. Не ни помислувало поточето дека планинарска патека ќе се испречи и смета на неговиот пат.

Застанавме кратко да се собере групата и продолживме до Попова ливада каде направивме пауза за доручек, модни совети и вода. По патеката досега имаше две чешми со пивка вода. Добро маркирана. Со црвена и бела боја. Можеле некои поинспиративни бои, ако се прашувам јас. Инспиративни како волшебно шарените, цветни, фантастично разнобојни, ултра раскошни женски марами, кои врзани преку чело, презадоволни од сопствениот избор, ги носат некои од учесниците на акцијата што планираат да ги качат Рибничка Скала и Кабаш денес.

Секој пат сум одново и одново воодушевена од луѓето со кои што сум на бест оф местата низ Македонија. ” Real men wear pink” , ми доаѓа слоганот од една кампањата за свесност за рак на дојка подржана од машката популација. Или уште некоја боја од виножитото, помислувам, и со восхит ги гледам планинарите. Како да го преведам зборот људини на македонски? Човечишта. А бидејќи ги гледам застанати и исправени оздола, седната на ливадата ми изгледаат уште пограндиозно. Ми пречи сонцето кое веќе грее со сета сила, дури те брка да побараш сенка да се затскриеш, но не престанувам да ги гледам.

Небото е чисто. Има само разлеани траги од авиони кои минале долго пред ние да гледаме во него.

Кога тргнавме од Попова ливада нагоре наидовме на уште една чешма со пивка вода. Водичот, Горан, уште едно човечиште со соодветно одличен избор на марама за на глава, напоменува дека ова е последната чешма до нашата крајна дестинација, водопадот.

После чешмата сме веќе навлезени во висока шума. Бука, предимно. Маркациите се многу разретчени. Како да знаат дека не сум воодушевена од боите, па за инает. Тоа е моето објаснување. Поискусните планинари во групата имаат пологични објаснувања. Исто знаат и дека лесно може да се залута на овој дел од патеката и со големо внимание го поминуваат. Радио станиците се веќе поделени на почеток, средина и крај на големата група за да се спречи било каква непредвидена ситуација.

И додека едни внимаваат на патот, некои неизмерно уживаат во шушкањето на сувите испопаѓани листови под кондурите и крцкањето на паднатите гранки. На пример, јас. Ако се заиграм не знам што попрво да прескокнам. Јасните сенки од високи стебла или скршени суви гранки по патот, или да шутирам листови со нозете, што секако би кулминирало со земање грст суви листови за да полетаат низ воздухот како конфети. Е, толку сум среќна! Но јас сум сериозен планинар! Така треба да бидам и сфатена. Сериозни планинари се среќни, но во себе! Можеби се издаваат со по некој детаљ како марама која како вистински одраз на животната радост што ја носат во себе, им стои на глава и со краевите паѓа на рамена, но не можам да бидам сигурна. Но сигурна сум дека сериозни планинари не се заигруваат од сенки, лисја и гранки! Никако! Тоа е за верверички и деца до 12 години!

И така сериозно излегувам на уште една преубава ширинка. Дешат и Крчин се од лево во далечина како дел од веригата Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман кога се движиш накај водопадот. Уште поубави и уште поголеми отколку кога ги гледав од Попова ливада пред околу саат време. Токму пред нас врвовите Рибничка Скала 2305мнв и Кабаш 2391мнв од Корабскиот масив. Не знам од што сум повоодушевена. Од големината на делот од масивот со врвовите пред мене, или големината на четворицата планинари кои од тука тргнуваат да ги искачат.

Ние 22 продолжуваме низ висока букова шума после кратка пауза. И маркациите продолжија на уредно растојание откако влеговме во буковата шума.

Тешко го констатирав ова букова. И сеуште не сум комплетно сигурна. Ги споредував зелениот лист, кафеавиот паднат исушен лист што ја покриваше патеката, беличесто стебло и огромните откорнати корења од фотографиите што ги направив по пат, со слики од дрва за да откријам кое е. Ми беше срам да не знам. Си ветив дека ќе ги научам сите мали или големи растенија што ќе ги сретнам по акциите. Дали е ова бука или бреза? Така и ми престана и играта со сенките, гранките и листовите. Од мисла низ каква шума проаѓам, поразена од фактот дека не знам да разликувам бука од бреза после 100 години фармација. Освен водена од нагон за знаење, фотографирав и поради стравопочит и потсетувањешто можат временските услови и природата да предизвикаат. И со колкава сериозност мораме тоа да го разбереме. За тоа размислував додека се провлекувавме или прерипувавме, низ или преку паднатите стебла откорнати од корен . Неверојатна е силата и моќта со која располага природата.

Како паднати стебла да не беа доволен потсетник дојде на ред снег. Почнуваа снежните јазици. Горан многу зборуваше за снежни јазици. И како искусен водич многу пати ја напомена опасноста од пролизгување при премин преку тие исти снежни јазици. И потребата од планинарски стапчиња и кондури со цврст ѓон. Посебно откако после високата борова, па ниската мешана листопадна и зимзелена шума излеговме на првата снежна угорнина. Немаше веќе шума. Сега се движиме над неа. Претпазливо и по снег.

Горан го пробиваше полека патот накај видиковецот. Позади него искусни планинари од Гостивар ги тапкаа стапките на Горан.

Истите оние кои по должина на целата шумска патека која за разлика од сега беше видлива и по неа лесно се движевме, ги расчистуваа паднатите гранки, фрлајќи ги далеку надолу настрана од патеката со вешто замавнување со планинарски стапови. Го расчистуваат патот за оние зад нив.

Ми се виде како многу џентлменска работа. Како по филмовите кога некоја мадам излегува од кочија паркирана пред театар со бела француска пудла во една рака, и главниот лик, скоро секој пат страшно галантен џентлмен со мустачиња го фрла неговото палто преку влажната земја за да мадам не ги извалка со кал потпетиците. Така го доживеав моментот додека пешачев токму позади нив двајца низ шумата.

Сега веќе не е толку џентлменска колку што е потребна, со цел да има добри стапки низ снегот за никој да не се излизга и сите безбедно го поминат овој дел од патеката. Како и да е тоа траеше. И кога ќе излезевме на места каде е снегот стопен мислам дека ни недостасуваше, со оглед на тоа што тревата беше уште полизгава и понебезбедна по стрмната падина, по која се движевме во права линија под врвот Рибничка Скала, заобиколувајќи ја. Така да траеше и тоа.

А водопадот веќе се појавил пред нас во далечина и не гледа. А ние гледаме во земја. Евентуално во кондурите на оној пред нас. И така се до 12.00 часот кога стигнавме на видиковецот пред водопадот. Пауза, храна,ветар, јакни, сликање, по некоја егзибиција, слобода и не многу силен ветар. Горан рече дека ова е најдобриот телевизор на светот. Но не видов дали гледаше накај водопадот или накај планинскиот масив Кораб кој се издигаше токму пред нас односно десно кога се движиме накај водопадот? Ја гледав во Кораб. Гледав и во водопадот. Можеби навистина во јуни е поимпресивен, помислив. И пак во Кораб. Всушност не можеш да го одвоиш водопадот на Длабока река од Кораб и да зборуваш одделно.

Водопадот на Длабока река, или Корабски водопад или Пројфелски водопад, како го сретнав некаде именуван, се наоѓа на масивот Кораб, под Мала Корабска врата, на кањонот на Длабока река, притока на Рибничка река. Водопадот се напојува од снеговите што се топат и од малите извори под Мал Кораб. Затоа е најраскошен во мај, јуни и јули кога ја достигнува и својата максимална висина од 136 метри што го чини да биде највисокиот водопад во Македонија. Горната точка на водопадот е околу 2050мнв, а долината е на надморска висина од 1950 м.

Се стигнува по две патеки до водопадот. Една е оваа, од село Рибница, под врвот Кабаш, другата води од село Нистрово покрај долината на река, но од другата страна. Онаа страна што се издига сега пред нас. На Горановиот телевизор. И Голем Кораб е таму. На истиот тој телевизорот под отворено небо. А на небото по некој облак, но ведро и сончево.

Кога се тргнавме од видиковецот и продолживме накај водопадот и ветрот запре. За отприлика саат време, преку снег, лизгава трева, две пострмни снежни парчиња, преку Длабока река стигнавме во непосредна близина на водопадот. Можеби го грдеа големите остатоци од нечист снег кои се простираа пред него, можеби е навистина фантастичен во јуни, но кога погледнав околу мене нагоре и видов голем дел од масивот Кораб како се издига пред мене, зад мене, и околу мене не можев веќе да го тргнам погледот и да гледам во водопадот.

Бев на полјана преполна со цвеќиња покрај која бучно шушти река додека се гали или препира со камењата на нејзиниот пат, опкружена со масив со највисок врв од 2754мнв и уште којзнае колку врвови над 2500мнв, кренати во височина веднаш тука, до мене. А јас бев на 1950мнв, а се чуствував како на морско ниво. Не можам поинаку да ја опишам големината покрај која се наоѓам. Не сум се чувствувала никогаш така, дури ни кога сум планинарела до некој врв или била на самиот врв.

А токму пред некој ден зборував дека кога ќе пораснам, за некои дваесет години, ќе се преселам засекогаш на местото каде е сликана Марија Вон Трап, онаа истата што пее за почетоците, за постерот од филмот The sound of music, чиј лик го толкува Julie Andrews . Со раширени раце на ливада со жолти цвеќиња, позади неа грандиозни планини, Алпи. И згора на тоа и на постерот можеш да видиш дека пее и блеска. За да дефинитивно бидеш убеден за нескротливата животна радост што ја носи во себе.

Таа иста животна радост што ја чувствувам сега јас, тука, во долината на Длабока река. Минус бела престилка и црн кецељаст фустан и потребни километри до Австрија, плус водопад , река и ранец. И таман да ги раширам рацете, макар почувствувала срам, само за да видам како е чувството да бидеш излезен од постер за мјузикл го слушнав Горан, “Оваа глетка ја има само на Алпите ” , “ Уживајте! ” . Му верувам. Посебно поради фактот што Горан не ги видел Алпите само на постер за мјузикл.

И сега додека пребарував, дојдов до податок дека е единственото место во Македонија со алпска клима, и повторно ми се вратија истите слики. Незаборавно. Најубавото место на светот. Долината на Длабока река под водопадот, скриена и оградена одоколу од Корабскиот масив. Моментално води на мојата бест оф листа.

Часот е нешто после 14.00. Заминуваме назад по истата патека со веста дека четворицата планинари ги развиориле марамите на врвот Кабаш. Со уште поголемо внимание се движиме на проблематичните места кои додека не беа воопшто, сега се преразгазени, раскашавени и лизгави.

Доаѓаме до еден стрмен дел, кој покриен со снег веројатно полесно би се минувал и надолу и нагоре, што и на пат кон водопадот го направивме без поголеми потешкотии. Сега веќе разгазен е многу лизгав, а каде завршува снегот почнува стрмна удолница покриена со скршени карпи и камења. Со сиот професионализам и спремност Горан на секој еден учесник му помагаше додека се минеше ризичниот дел.

Три чекора. Толку е потребно за да се помине делот. Три. Но само еден погрешен. И јас го направив.Традиционално. Се лизнав на севозможниот вибрам ѓон. Не е до препорачаниот ѓон. До мене е.

Со стаповите во една рака, а другата рака придржувана од Горан, исто како онаа претходно од кочијата пред театарот, заправ со лизгање дури на удолнината со камењата. Ја загрозив својата безбедност, безбедноста на водичот и некои од учесниците. Исплашив до срж некои од учесничките. Да го направеше тоа онаа иста благородничка со пудлата во рака, можеби и ќе разберев. Но јас требаше да знам подобро. Сега знам.

Стапчињата не се за да ги држиш во една рака како белата француска пудла од приказната, ниту пак смееш да чекаш галантен лик за да те симне од кочијата. Ниту пак вибрамот ќе те обезбеди повеќе од попетица ако не го искористиш правилно. Ние сме планинари и потребно е да се однесуваме така. Да бидеме подготвени. Безбедни и сигурни. Исто знам дека никогаш повеќе нема да се противам, муртам или инатам кога ќе ја чујам реченицата, тоа не е за тебе. Сега знам. Плус изгреботини на раце, ребра и нозе, минус сигурност при остатокот на спуштањето, но знам.

Остатокот од групата помина без проблем. Уште еден учесник се лизна, но сега веќе беа подготвени да го задржат.

Молчеа моите претходно размуабетени соговорнички, скоро до видиковецот телевизор, каде претходно го објавивме почетокот на серијата селфиа (множина од селфи) која продолжи кај водопадот и до крај на турата. Молчеа и одеа зад мене. Не ми изгледаа како да сакаат да чујат за мојата бест оф “ Падови ” листа, со која сакав да и ставам крај на непријатната тишината за која се чуствував виновна, па ја премолчев. Изгледа не им се допадна оваа последна глетка на која беа сведоци. Многу се вознемирија од неа. Требаше да знам подобро.

Кратка пауза направивме на видоковецот. Небото се заоблачи, за да се разведри кратко потоа. Сеуште пријатно топло и покрај ветрот за кој сега мислам дека е вечен придружник на видиковецот. Полека и дури премногу претпазливо продолживме назад по истата патека од видиковецот кон шумата. Откако го поминавме и последниот дел со снег, мислам дека сите се опуштија. Изгорени од сонцето, продолжија надолу низ двете шуми и преку двете ливади. Со паузи, разговори, и уште по некое селфи околу 19.00 часот стигнавме до напуштено училиште од почетокот на приказната. Онаму кај што се паркирани колите. Покрај реката. Дава одлична свежина исто како и утринава. Добродојдена за изморените учесниците на 24км тура со 1400мнв висинска разлика до водопадот. Но и тие како и реката се даваат уште себе си за да убаво и срдечно се разделат едно од други.

Некаде после Попова ливада се соединија и четворицата планинари кои беа до врвот Кабаш денес. Се гледа напорниот ден по нивните движења и мимики. Но не можеше да им се испушти и гордоста , самопочитта и чувството на задоволство по лицата и во очите.

Никој не кажува дека турите се лесни. И дека не се случуваат непланирани работи. И дека ако внимаваш и бидеш крајно претпазлив се ќе се одвива во најдобар ред. Никој не може да го гарантира тоа. Еднаш моја мудра другарка што само понекогаш мрчи рече: ” Па ова било исто како породување, многу е тешко ама само убавото го помниш!!! ” И навистина е така. Е сега како да објаснам породување на мажи баш и не знам. Ќе смислам нешто.

А дотогаш...се возиме. И слушаме бест оф Стинг.

Технички податоци: должина на патека 24 км, 1400 м. D+

Автор: Ирена Диков

 

 

 

Неколку зборови и за искачувањето на Рибничка Скала и Кабаш

За да не го шокирам читателот со сувопарни податоци ќе продолжам во сличен стил и во наредните неколку реченици, па ќе кажам...

„Неверојатно но вистинито“... или нешто слично , ќе беше спектакуларниот наслов за искачувањето на Кабаш во вакви услови, да беше Bear Grylls oд Discovery Channel главниот протагонист на оваа акција. Но, ние како скромни планинари-макпетролци, зборувам во името на четворицата што тргнавме во освојување на врвот тој ден, ќе дадеме малку поинакво гледање на целата ситуација, со намера, на сите оние што планираат да се упатат натаму да им ја претставиме што пореално состојба на теренот.

Ќе се вратам малку наназад, во јуни 2011 година кога го направивме нашиот прв, за жал неуспешен обид да го освоиме Кабаш. Трајче, Жико и јас на само 50-тина висински метри до врвот, поради невреме бевме приморани да се откажеме. Веќе наредниот месец, во идеални временски услови, овој пат Марин, Светле, Ѓоре и јас конечно успеваме во нашата намера. Веќе подолго време, уште пред нашиот прв обид за искачување на Кабаш, почнавме поинтензивно да ги експлоатираме овие предели. За жал, децении наназад овој дел од Македонија беше забранета погранична зона. Движењето беше строго ограничено и контролирано и скоро непристапно за обичните планинари. Од друга страна пак, благодарение на таквите околности целиот тој пограничен појас со Албанија останал ненаселен, неурбанизиран и за нас планинарите вистински рај, па токму затоа брзаме да го исконсумираме ваков, каков што ни го дал Господ, недопрен од човечка рака, плашејќи се дека нема уште за долго да го имаме во таква состојба. Изминативе неколку години навистина зачестивме со посета на овие краишта, еднодневни, дводневни, одевме на малку попристапни места и врвови, носевме големи групи планинари со намера несебично да им го покажеме, по мене, најубавиот дел од Македонија. Во една заедничка акција на Макпетрол и Трансверзалец, благодарение на Зоки-Москито, патеката која води од с. Рибница до Пројфелски водопад доби и соодветна маркација.

Кабаш... некако, на секое одење во тие краишта ни го привлекуваше најмногу вниманието, без разлика дали го гледаме од Голем Кораб или од Шупља Стена, од Бабин Камен, Веливар, Крчин или пак од Карбула секогаш со воодушевување и стравопочит гледавме во него. Направивме стотици фотографии буквлно од сите страни, во почетокот потајно посакувајќи да се видиме себеси на врвот, на некоја од тие фотографии, подоцна веќе со сериозни анализи на теренот и планови за тоа како да му пријдеме и од каде да го искачиме. Следеше еден неуспешен обид и како по некое правило, секогаш трудот и истрајноста на крај се исплатат, па така излезе и ние да го качивме Кабаш... не можеше повеќе да ни пркоси, немаше повеќе сили или можеби сакаше да ни возврати љубов, сакаше да не награди за нашата упорност. Како и да е, бевме вон себе од среќа. Како ли се чувствуваат оние што ги качуваат високите светски врвови е прашањето кое си го поставувам често.

Тој ден, 11 мај, 2014 тргнав доста резервирано, без некој строго зацртан план или намера да го искачам Кабаш „по секоја цена“. Искрено не верував дека, поради состојбата со снегот, ќе имаме некакви реални шанси да го направиме тоа. Останатите тројца членови дури и ми замерија за преголемата воздржаност и резервираност. Можеби јас како единствениот од денешната група кој претходно го имаше искачено Кабаш, знаев точно што не чека, поточно, ми беше страв од количините на снег во овој период од годината и екстремно топлиот ден по кој требаше да ги поминуваме остатоците од снег. Но, на наше големо задоволство моите стравувања не се остварија, ниту имаше снег колку што очекував ниту пак тој беше премногу раскашавен.

До последната букова шума под Рибничка Скала одевме заедно со групата што одеше до Пројфелски водопад во една пријатна и опуштена атмосфера. Некаде на средина од шумата Боро, Вања, Јани и јас се одвоивме од останатите и се упативме директно нагоре во правец на Рибничка. Теренот беше многу стрмен, лизгав од паднатите суви лисја и гранки и ни задаваше многу проблеми во напредувањето, па затоа враќањето решивме да го направиме по самиот срт што се испостави како одличен избор. Пробивањето низ шумата ни одзеде премногу сила така што кога стигнавме на Рибничка ни требаше малку повеќе да се соземеме и да се припремиме за проблемите што ни претстојат при искачувањето на Кабаш.

Оттаму, на височина од 2305 м. се пружаше величенствен поглед на Голем Кораб, Мал Кораб и целиот тој венец од една страна, позади нас Дешат, Крчин, малку полево Пелистер во далечина итн. Моментот кога почнавме да ги препознаваме убавините значеше дека силата ни се вратила и дека е време да се тргнува.

Нашата цел која стоеше токму пред нас и сериозноста на ситуацијата не ни дозволија да се опуштаме премногу, впрочем не бевме ни тргнале со намера да им се одушевуваме на пејсажите, берем не во овој момент. Кабаш е пред нас, не чека, мораме 100% да му се посветиме само нему, не смееме да дозволиме концентрацијата да ни летне лево или десно. Како му се приближувавме, така веројатноста дека ќе успееме стануваше се поголема. Патот до врвот на Кабаш од страната на Рибничка Скала без употреба на алпинистичка опрема е возможен само по југоисточната страна под сртот по тревнатиот терен.Тргнавме внимателно, штеките ги спакувавме, ги земавме цепините во рацете, го меревме секој чекор, ја испитувавме секоја карпа за која што требаше да се фатиме, секој бусен трева за кој требаше да се повлечеме за да се искачиме еден чекор повисоко, одевме, застанувавме, испитуваме терен за да го пронајдеме најбезбедниот пат.

Снежните јазици кои изгледаа застрашувачки и кои, цело време баравме начини да ги заобиколиме, се испоставија како најлесна и најбезопасна препрека од сите други што ги имавме на патот до врвот. Мократа трева, лизгавата земја, лизгавите мазни камени плочи, сипарот, поточињата кои се формираа поради топење на снегот над нас, беа всушност нашите најголеми проблеми. На тоа не потсети и едно непријатно пролизгување по мократа трева уште на самиот почеток, за среќа на почеток за да не натера крајно сериозно да ја сфатиме ситуацијата и дисциплинирано да си ги ставиме дерезите без кои искачувањето на врвот ќе беше скоро невозможно и крајно ризично.

Сега веќе со далеку посигурен чекор но и понатаму крајно внимателни, свесни за последиците од било каква грешка, продолживме кон нашата денешна цел. И како што веќе кажав, кога згазнавме на, со снег покриените делови под самиот врв веќе бевме свесни дека е конечно крај на нашите маки. После 2 и пол часа, сметајќи од врвот на Рибничка Скала од каде започнува техничкиот дел, под полна концентрација, крајно внимателни се искачивме на самиот врв. Времето беше преубаво, ни дозволи извесно време да се задржиме на врвот, да јадеме, да направиме победнички фотографии, уживаме малку во неповторливото чувство кога ќе се најдете на ваков врв, во погледот што тој ви го пружа...

Времето ни истече, преку радио станица добивме информација од другата група дека се веќе на пат за назад, според наша проценка ќе бидеме нешто повеќе од половина час во заостаток позади нив па побрзавме да ги стигнеме за да не не чекаат премногу.

Враќањето не беше ништо поедноставно и побезбедно од качувањето. Свесни дека во нашиот спорт сите несакани работи се случуваат со најголем процент токму при враќањето, се потрудивме, иако веќе на крај на своите сили, да ја задржиме концентрацијата уште малку барем до седлото помеѓу Кабаш и Рибничка Скала. Кога стигнавме до седлото, за да го избегнеме стрмното искачување од околу 100-тина висински метри повторно до врвот на Рибничка Скала, решаваме да фатиме по изохипса и да ја заобиколиме, што по мене не беше среќно решение и јас лично не би го повторил следниот пат (одењето по стрмен терен по изохипса знае да биде многу понепријатно и понапорно од одењето по нагорнина). Следеше рутинско релаксирано симнување низ шумите, по ливадите... се до спојувавање со останатата група негде пред с. Рибница каде сите си честитавме за успешно изведената акција, и нашата и нивната. Патот до дома ни мина релативно брзо во пријатен разговор... и како и секогаш ете ме... делник ден, во фаза на хибернација, во нестрпливо исчекување на викендот што доаѓа и се разбира, наредната заедничка акција.

Технички податоци: Должина на патеката 18.5 км. 1640 м. D+

Автор: Петар Герасимов

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje