Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кабаш (2391m), масив на Кораб - прво искачување - 09 јули 2011

Ова беше моето најрано станување за на планина 02:35 мин. Авантурата започна во 03:10 мин. кога сите заедно се сместивме во Реното Кангу на Перо кој безбедно и вешто вози како и што планинари не извозе до с. Бибај. Останати членови на екипата Марин, Ѓоре и јас-Светлана. Патот води преку Маврово и Националниот Парк и после 113 km еве не на 1200 m во с.Бибај. Во 05:30 стигнавме во селото, на патот не пречека многу убав голем коњ, не сакаше да не пропушти да поминеме па решивме да излеземе од кола и да го замолиме да се тргне. Во 05:50 спремни тргнавме од селото накај планината. Со добра подготвеност: анализа на теренот, промислен и пресметан пристап кон врвот главни водачи на оваа акција беа Марин и Перо.


поаѓање од село Бибај


на Попова ливада - поглед кон Кабаш и Гури Куј


поглед кон Шупла Стена, Плоча и Куртово Ќуле

Пристапот до подножјето на Кабаш е преку истата патека која се користи за приоѓање на Корабските водопади. Времето беше совршено - прекрасен ден, сонце, небо без ниеден облак. Преку Попова ливада намокрени или скоро водени од росата насобрана на ниската вегетација наоколу - навлеговме во шумата каде има планинарска патека по која се движиме се до околу 1600 м.н.в каде се отвора погледот и не пречекува огромен врв пред нас - Рибничка Скала. Го заобиколуваме, така не води патеката. Набрзо од другата страна на планината се покажуваат Корабските водопади, поднасмеани и занесени од кажувањето на Перо и Ѓоре за тоа колку вода имало пред месец дена на водопадите и за тоа колку се моќни и убави се запрепастивме кога видовме дека нема вода на другата срана од планината. Се беше суво - ја снемало водата и бучавата од неа и сега ќе треба да чекаме цела година за да ја видиме убавината за која сме слушале.


под Рибничка Скала

Стигнавме до местото на патеката каде решаваме да се одделиме од неа и да продолжиме по некоја наша нова патека, лево од нас гледам се издига Рибничка Скала, десно Кабаш. Имаше неколку опции како да се пристапи до врвот, избравме една линија на искачување која водеше директно нагоре и тргнавме по неа. Во одредени делови патеката беше многу стрмна, но со внимание и избирање на вистинското место за тоа каде да се стапне, за кој камен да се придржи стигнавме до карпестиот дел кој беше многу блиску до седлото помеѓу Рибничка Скала и сртот кој води до Кабаш. Јас, Ѓоре и Перо седнавме да се напиеме малку вода и да каснеме по некое зрно суво грозје, додека Марин реши да го испита теренот нагоре. Набрзо се врати и заклучил дека пристапот на врвот од страната каде планиравме да се оди е многу тежок, па се одлучивме за другата страна. Но ни тука не беше лесно, карпата и камењата најчесто беа ронливи, секој чекор се правеше со голема претпазливост. Стигнавме до еден кулоар – "кулоарот на спасот", кој изгледаше некако питомо и се израдувавме дека од тука многу лесно ќе стигнеме до седлото, но мешавината од земја и камења го направи искачувањето вистинска адреналинска авантура. Кога излеговме горе на седло останавме без зборовои од убавината која се протегаше на сите страни. Неверојатен пејсаж, остри врвови, зелени долини изшарани со големи карпи, во далечината се гледа Мавровско Езеро. Се полниме со позитивна енергија, сликаме и ја проверуваме надморската висина.


искачување кон Кабаш


прекрасниот врв Рибничка Скала (2305m)


"кулоарот на спасот"

Перо кажува дека се наоѓаме на 2225 м.н.в, АХ !!! - очекувавме да бидеме повисоко ама изгледа врвот ни се крие позади остриот срт пред нас. Продолжуваме по сртот - еден врв, уште еден, оди погоре, оди подолу, качи некој голем камен, слези и се така а врвот го нема, пак ја провериваме надморската висина и ете 2300 м.н.в и има уште, решивме да ги оставиме ранците и да продолжиме без ранци до последниот врв кој се гледаше пред нас, Марин вика: ако ова не е врвот тогаш се враќаме. Тргна тој така без штеки, без цепин само со апаратот во џеб да го извиди теренот кој го крстивме "Лавиринтот пред Кабаш", а јас се мислам нешто не ми фаќа око да продолжам, многу стрмно веќе качивме доста а врвот уште го нема, им викам на Перо и Ѓоре: јас ќе останам да ги чувам ранците не идам.Марин над нас ни вели - "Земете само штапови, апарати и за пола час сме горе" - Кабаш не чека.


Марин ја повикува екипата на последниот јуриш кон Кабаш


слободно солирање на Светлана по карпите


пробивање низ "лавиринтите" на Кабаш

Јас уште се двоумам, гледам пред себе, го премотувам филмот што се поминав до сега и како сум на ова место за прв пат како и сите други, а толку е убаво, поглед на сите страни, идеално време, го гледам стрмниот пристап, за момент се освестувам ја вадам маицата од П.Д Макпетрол ја облекувам ги земам штеките и тргнуваме да се приклучиме на Марин. За околу 30 минути вешто наоѓајќи го вистинскиот и најлесниот приод се качуваме на врв и весело, весело си честитаме се сликаме, урламе, се смееме, градиме кула од камења, која посакуваме за кратко време да биде се поголема и поголема затоа што Кабаш тоа го заслужува.


КАААБАААШШШ е наш - ние сме на Кабаш !!!


ѕидање на кулата од камења на врвот Кабаш (2391m)


целата екипа на врвот со знамињата


Ѓоре последен се насладува на глетката од Кабаш

Патот е пробиен, Кабаш чека посета од други сериозни планинари, Кабаш е голем врв и многу, многу важно, гостопримлив е само во идеален ден, како овој денешниот, а по влажно, лизгаво време, магла - искачувањето на него е голем залак и за најискусните и најспремни планинари. Ми се наполни срцето - леле си викам - како можев да помислам да не се качам за уште толку малку, прекрасно чувство. А времето убаво, совршено ни се отвори планината не пречека со целата своја убавина. Останавме скоро 30 мин. и тргнавме претпазливо назад.


некој погоре - друг подолу - ама сите кон ранците


имаше и вакви "возбудливи" моменти


сега е полесно - спуштање кон Длабока Река

Сега од горе имаме нов поглед кон патеката и избираме нова патека интересна на моменти и посигурна за да се спуштиме најпрво до ранците. Од таму се договоривме да се спуштиме до седлото и од таму надолу се спуштивме по патеката која Перо, Жика и Трајче ја испробаа на 04.06.2011. Слегувајќи надолу постојано се вртевме и погледувавме кон Кабаш, кон сртот кој води до него и не можеме да се изнагледаме. Спуштањето беше поедноставно од искачувањето, пред нас се појави веќе добро утабаната патека по која се оди до најдолгиот водопад во Македонија – сега само црна флека на карпите, буковата шума, ливадите, цвеќињата, вкусните шумски јагодки и еве не назад во Бибај, кратка средба со Бибајци, срдечен разговор, размена на телефони, ладна вода, освежување, влегуваме во Кангуто и некако натажени како да не ни се враќа назад се упатуваме кон врелото Скопје, ама така е секогаш кога е најубаво - некако секојпат кратко трае.


прекрасните пејзажи на Кораб


една од идните можни дестинации - резервирање на познатите телефони...


Перо како Кабаш и Ѓоре како Рибничка Скала - одмор во цветната ливада

Во 18 часот веќе бевме на асфалтот од патот Дебар – Маврово,19ч30 веќе сме во Скопје, побогати за еден нов врв, ново планинско доживување кое ќе се памети и жал што до сега овој планински предел не е веќе познат и признат планински локалитет широм светот, а има голем капацитет тоа да биде.


Технички податоци :

Должина на патеката : 19 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1515 m - Макс.процент.успон : 66%
Времетраење: 11 часа



приказ на изминатата патека - Бибај и Кабаш


патеката под Рибничка Скала до седлото меѓу Рибничка Скала и Кабаш


патеката од седлото до врвот Кабаш - подесната патека - искачување - полевата - спуштање кон Длабока Река


профил на патеката


Околината на Кабаш и патеката од Бибај до Кабаш

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KabashFirstAscent#

Текст: Светлана Стојаноска и Марин Стојановски
Фотографии: Петар Герасимов, Ѓоре Ѓоргиевски и Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje