Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Krali Marko Trail 2012 - 13, 14 октомври 2012

Во деновите 13 и 14 октомври 2012 година Прилеп беше центарот на збиднувањата поврзани со неколку планински трки - празник на планинското трчање за оваа година во Македонија. За прв пат кај нас се одржа планинска (trail) трка на поголема дистанца - 60 km и со тоа се отвори пат за уште поголеми потфати во идниот период. Имаше трки и на 33 km, на 18 km како и трка на деца од основните училишта - наменета за промовирање на трчањето кај најмладите - иднината на спортот. Целокупната атмосфера околу овие трки, заинтересираноста на луѓето, задоволството на лицата на тркачите - сето тоа ни дава верба и сила во иднина да продолжиме со организирање на вакви настани.

Подготовките беа почнати кон крајот на 2012 година, во јануари го пуштивме сајтот на трката www.kmut.mk и тоа на англиски јазик, за да што порано ја заинтересираме тркачката јавност од Европа и светот со настанот. Последниот месец интензивно бевме (една група волонтери) на терените околу Прилеп и ги маркиравме патеките, расчистувавме каде беа патеките зараснати во гранки, трње, папрат и ги правевме сите други подготвителни работи. Мала екипа која даде се од себе за да може успешно да отпочнат трките.


технички состанок во петок навечер

Во петокот вечерта (12 октомври) почнаа да доаѓаат натпреварувачите во хотелот каде што ни беше "штабот" на акцијата. Околу 20:30 одржавме технички состанок, каде во детали ги објаснивме патеките за следниот ден (60 km и 33 km). Следуваше делење на стартни броеви и маички со логото на трката, а потоа одржавме Pasta Party - можност тркачите да се збогатат со јаглеродни хидрати и да се запознаат меѓусебно. Имаше и десетина натпреварувачи од странство - вкупно од 6 странски држави. Во весела атмосфера тркачита заминаа на спиење, а тимот одговорен за организација остана уште малку за да ги подготви сите работи за успешен старт идниот ден.

Другото утро наговестуваше убаво време - ведро, не многу топло - идеално за трка. Околу 8 часот сите бевме во центарот на Прилеп. Со краток говор тркачите ги поздрави г-н Зоран Димов, нашиот најуспешен ултрамаратонец и член на комисијата при АФМ за Маратонско и Планинско трчање. Во 8:30 се означи стартот на трките на 60 и 33 километри - вкупно стартуваа 37 натпреварувачи.


во исчекување на стартот


стартот на трките на 60 и 33 километри

Во придружба на полицијата натпреварувачите ги истрчаа првите 2 км низ градот, а потоа појдоа по полето во правец на село Дабница, за да по неколку километри скршнат кон ридот Кукул. По искачувањето на седлото од Кукул се спуштија во правец на Прилепското езеро, кое за жал во овој период имаше многу малку вода. Тука, кај чешмата до асфалниот пат - по истрчани 9,5 km ги чекаше првата освежителна точка, каде натпреварувачите можеа да земат храна и пијалок. Оттука продолжија покрај езерото, па во правец на селото Плетвар, со благ но долг успон. Во селото, кај селската чешма - на 15-от километар - ги чекаше втората освежителна станица. Оттука двете трки се разделија - натпреварувачите на 60 км го започнаа напорното искачување кон врвот Козјак, додека оние на 33 км се вратија околу 1 км по патот а потоа свртеа на десно - кон селото Ореовец.


дел од натпреварувачите во село Плетвар

Трката на 33 км продолжи до над село Ореовец каде што имаше нова освежителна станица. Потоа го искачија малото но стрмно и карпесто врвче Ќаве, за да потоа се спуштат пак кон чешмата до езерото и по пат сличен на оној на доаѓање - преку ридот Кукул, да се упатат кон целта - карпата Слонче во Варош.

На трката на 33 км победи Перо Тодоровски (Македонија) со време од 3 часа 53 минути и 20 секунди во машка и Тања Стојановски (Србија) со време од 5 часа 34 минути и 32 секунди - во женска конкуренција. На крајот на извештајот се дадени комплетните резултати.


победниците на трката на 33 км

 


убавото време ни подари и специјални ефекти

 

Тркачите на 60 км ги чекаа поголеми предизвици. Стрмниот врв Козјак со висина од 1747 метри и потоа "техничко" спуштање (што значи, камења, карпи, корења - места каде што треба да се отворат 4 очи за да не дојде до повреда) - појдоа по гребенот на планината Бабуна до селото Крстец. Тука од страна на селаните беше организиран дочек и освежителна станица - навистина прекрасен гест од нивна страна.


искачувањето кон врвот Козјак


на спуштање од Козјак

Од селото Крстец патеката продолжи по широк макадамски пат до селото Ореовец - на истата освежителна станица на која претходно наидоа тркачите на 33 км. Потоа се упатија - пак во благо искачување - до манастирот св. Ѓорги - Присад - ова е веќе половина на трката - 34-ти километар. На оваа точка покрај вообичаената понуда, се делеше и супа - нешто што е многу битно во оваа фаза од трката - за да натпреварувачите ги надокнадат потребите од сол и други минерали. А и времето беше веќе прилично топло. Но храбрите тркачи продолжија натаму - до седлото Дервен и оттаму спуштање до село Небрегово, каде што имаше нова освежителна точка. Веќе се ближи крајот на трката, но сепак има уште доста да се помине - тоа се најтешките делови од трките - силите полека се топат, но до израз доаѓа волјата и љубовта на тркачите да се издржи, да се заврши трката. Поголемиот дел од нив ги фати темница околу манасторот Трескавец, од каде имаа уште околу 7 км до целта. Поради ноќните услови овој дел им предизвика највеќе проблеми, но на крајот сите стигнаа на целта, уморни но задоволни.


од Небрегово кон Горно Село


на стемнување пред манастирот Трескавец


пристигнување на победниците на 60 км - Димов и Ивановски


првите тројца на 60 км


победничките на 60 км - Стојаноска (Македонија) и Gangemi (Австралија)

На трката на 60 км заедно во целта влегоа Зоран Димов и Жикица Ивановски - со време 8 часа 24 минути и 42 секунди. Во женска конкуренција победи Светлана Стојаноска со време од 10 часа 39 минути и 18 секунди.

Вечерта во 21 часот на плошадот во Прилеп се одржа церемонијата на прогласување на победниците - на кои пехарите и медалите им ги врачи и им честиташе градоначалникот на Прилеп - г-н Марјан Ристески.


прогласување на победници на 60 км - мажи


прогласување на победнички на 60 км


победниците на 33 км


победничките на 33 км

Вечерта по прогласувањето повторно имавме Pasta party за сите учесници на трките.

Утредента дел од натпреварувачите си заминаа, но дојдоа нови - оние на 18 км - пократка и доста побрза трка на која зедоа учество неколкумина од елитата на македонската атлетика на долги патеки. Утрото беше малку врнежливо но не беше ладно. Наскоро облачноста помина и повторно имавме добри услови. На стартот имаше присуство на новинари, сниматели за телевизиите, така да и по медиумите имаше одглас ова што се случуваше во Прилеп.

ж
интервју за телевизиите


старт на трката на 18 км - победниците уште од стартот го преземаа водството

По поздравниот говор на градоначалникот и некои технички совети, трката започна во 10 часот. На стартот имаше 35 натпреварувачи. Веднаш по нивниот старт беше и стартот на околу 100 ученици од погорните одделенија на основните училишта од Прилеп. Беше навистина вистинско задоволство да се видат толку млади деца спремни за трчање, а според резултатите, меѓу нив има и навистина големи таленти, кои само треба да продолжат да тренираат под водство на искусен ренер.


стартот на детската трка


групна слика со градоначалникот по завршувањето на детската трка

Во меѓувреме си течеше трката на 18 км - од Прилеп преку Варош (Слонче) до манастирот Трескавец и потоа пак до Слонче но од друга страна - по Прилепското поле. На две места имаше освежителни станици за натпреварувачите.


освежителна станица во полето под Трескавец


прекрасните есенски бои на Македонија и млади тркачи по патеката


Маркови Кули - landmark на Прилеп - тука некаде е целта на трките


приближување на победникот Ристовски кон целта


преубава е околината на Прилеп - општа констатација - особено на странските натпреварувачи


за некои полесно - за некои потешко - битно е да се заврши трката


за мнозина ова беше прва официјална трка - се надеваме дека сега ќе "им тргне"

Во пријателска но беспоштедна борба, победи Јовица Ристовски пред Кокан Ајановски, со кој неколку пати се менуваа во водството за време на трката. Времето на победникот - 1 час 28 минути и 45 секунди.

Во женска конкуренција победи - исто така во тесна победа Алексадра Герасимова пред Милена Чкрипеска. Времето на Александра беше 2 часа и 9 минути.

Во 15 часот се одржа церемонијата на прогласување на победниците. Покрај победниците во машка и женска конкуренција се прогласија и победници по старосни категории - помлади од 19 години, постари од 40 години.


прогласување на победниците на 18 км - мажи


прогласување на победниците на 18 км - жени


победничките на 18 км - над 40 години - мотив и за другите да трчаат без оглед на годините

Манифестацијата се приближи кон својот крај. Задоволни лица си заминаа секој кон својот дом, со убави спомени од Прилеп и од околните планини. Се надеваме дека идната година ќе ни дојдат во многу поглем број. На крајот голема благодарност до сите помагачи, спонзори, донатори и особено на волонтерите без кои немаше да може успешно да се организира овој настан.

Технички податоци :

Должина на патеката : 60 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2500 m


патеката на 60 km


пофил на патеката од 60 km


Должина на патеката : 36 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1150 m


патеката од 33 km


профил на патеката од 33 km


Должина на патеката : 18 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 880 m


патеката од 18 km


профил на патеката од 18 km

 

Резултати од трките :

60 км

Place Bib.no Name Time
1 119 Zoran Dimov 8:24:42
2 112 Zhikica Ivanovski 8:24:42
3 101 Aleksandar Simjanoski 9:21:52
4 105 Gjore Gjorgievski 9:59:45
5 102 Grzegorz Ziolkowski 10:18:16
6 106 Svetlana Stojanoska 10:39:45
7 111 Clarice Gangemi 10:40:18
8 109 Nikola Perac * 10:59:07
9 114 Petar Gerasimov * 11:15:13
10 107 Andrew Jones 11:15:40
11 104 Burim Baftiri 11:17:17
12 113 Angel Gorgievski 11:18:36
13 103 Daniel Kimovski 11:31:10
14 117 Boris Krivosheev * 11:31:15
15 118 Jovica Jovancev * 11:31:17
16 116 Jovica Stojanovski 11:35:48
17 115 Zdravko Spasev DNF

Заб : * – 1 час е додаден поради промената на патеката низ полето во текот на ноќта поради безбедносни причини – 5 km пократка патека

 

33 км

Place Bib.no Name Time
1 315 Pero Todorovski 3:53:20
2 301 Aleksandar Takovski 3:53:46
3 316 Vlatko Velickovski 4:02:26
4 308 Vasko Sazdovski 4:27:30
5 302 Zoran Kostadinov 4:29:45
6 314 Ilija Stefanoski 4:52:50
7 310 Dragutin Krstajic 5:11:12
8 313 Darko Nedanoski 5:12:33
9 306 Valdet Osmani 5:18:20
10 309 Tanja Stojanovski 5:34:32
11 311 Slobodan Leontijevic 5:34:32
12 304 Roberto Improta 5:43:44
13 318 Aleksandar Ivanovic 5:48:48
14 303 Tanja Peneva 5:58:59
15 312 Tanja Manceva 6:27:31
16 110 Cecilia Norgren 6:35:28
17 317 Kiril Stefanovski 6:43:57
18 305 Michelangelo Amparore 6:51:26
19 108 Bozidar Chausoski 6:51:26
20 307 Viktor Hadzi-Vasilev 7:18:50

 

18 км

Place Bib.no Name Time
1 518 Jovica Ristovski 1:28:45
2 508 Kokan Ajanovski 1:29:50
3 511 Jordan Atanasovski 1:44:16
4 311 Slobodan Leontijevic 1:47:11
5 515 Milan Pavlov 1:53:30
6 512 Darko Atanasovski 2:01:31
7 516 Nikola Pavlov 2:06:46
8 514 Alek Stardelov 2:05:10
9 523 Danco Markovski 2:09:00
10 510 Aleksandra Gerasimova 2:09:00
11 539 Milena Ckripeska 2:09:08
12 507 Darko Kostovski 2:09:11
13 517 Mitko Milosevski 2:11:22
14 527 Filip Tumanovski 2:12:21
15 528 Dimitar Kimovski 2:12:21
16 531 Nikola Srebrov 2:14:15
17 526 Marko Ivanovski 2:15:04
18 521 Tome Popcevaliev 2:22:24
19 524 Vesna Kiradzieva 2:22:25
20 520 Dejan Milosavlevski 2:22:26
21 522 Aleksandar Kiradziev 2:22:27
22 513 Ana Velkova 2:24:43
23 519 Kiro Nevcevski 2:30:40
24 530 Viktor Gerasimov 2:32:24
25 533 Aleksandar Nikolic 2:32:25
26 529 Meri Ckripeska 2:40:46
27 525 Branislav Nikolovski 2:43:14
28 503 Viktor Stefkovski 2:53:22
29 509 Aleksandar Dimitrievski 2:55:04
30 506 Veselinka Georgievska 3:06:34
31 532 Maja Canevska 3:06:50
32 501 Tatjana Gerasimova 3:07:02
33 502 Sofija Kostova-Pankovska 3:07:03
34 504 Lidija Velickovska 3:10:04
35 505 Iskra Jovanovska 3:10:33

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KMUT2012

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Марко Ивановски, Никола Пераќ, Тина Гирова


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje