Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Планинска трка - "По стапките на Крали Марко 2011" - 02 октомври 2011

Многу светски познати планински трки почнале сосема случајно, незабележано, ненаметливо. Со години убавината на теренот, предизвикот на тежината на патеката, добрата организација - придонесуваат трката да се здобие со светска слава. Минатата година - речиси без знаење на сите натпреварувачи по планинските патеки од Македонија - беше организирана трка на Трескавец - со учество на само неколку натпреварувачи. Оваа година ТА "Брацо" од Прилеп и ПСД Макпетрол од Скопје ги здружија силите за да организираат помасовна трка - резултатот беше 34 учесници. Убава бројка која се надеваме дека од година во година ќе ја зголемуваме, особено со учество на натпреварувачи и од други земји. Имавме мал хендикеп дека - повторно поради мала неусогласеност во договорите - оваа трка се поклопи со маратонска / полумаратонска трка во Скопје, па како што се вели - "ни се поделија" натпреварувачите. За идната година ќе се погрижиме тоа да не се случи.

Како што и беше предвидено по Програмата, поголем дел од учесниците појдоа од Скопје во утринските часови во сабота - околу 7 - 7:30 часот. Покрај натпреварувачите беа дојдени и поголем број т.н. рекреативци - планинари, навивачи, волонтери кои помагаа во организацијата.

Една група планинари застанува кај селото Плетвар и изведува искачување на врвот Козјак на планината Бабуна - убавиот разголен и карпест врв над патот кон Прилеп. Таа група - по успешното искачување - се приклучува на главната група во попладневните часови.

Остатокот од групата пристигнува во Прилеп и, по мал одмор во градот, од кај "Слончето" над месноста Варош поаѓа на седум километарската патека кон манастирот "Успение на Пресвета Богородица - Трескавец".


прекрасниот манастир "Успение на Пресвета Богородица - Трескавец"

Манастирот има капацитет од 80 - 100 места за спиење. Покрај гостите појдени од Скопје, имаше една поголема група од Крушево, имаше планинари од Кавадарци, од Штип, Кочани. Од странските земји имавме неколку гости и двајца натпреварувачи од Србија.

Попладневните часови некои од посетителите ги искористија за мошне атрактивното искачување на остриот карпест врв над манастирот - Златоврв. За некои од нив ова беше можеби прво искуство со искачување по таков терен, па кај некои од нив можно е да се јави љубов и желба за навлегување во тајните и техниките на алпинизмот.

Вечерта имаше убава манастирска вечера - кога сите бевме поздравени од главниот иницијатор и организатор на овој настан Зоран - Брацо.

Потоа, по вечерата, се одржа краток технички состанок за трката, кога беа објаснети некои детали за утрешната трка, патеката, контролните точки и освежителните станици, па беа поделени стартните броеви и убави квалитетни маици од организаторот на трката.


детал од техничкиот состанок и делењето на стартните броеви

Следното утро осамна убав сончев ден, повремено дувкаше свежо ветре, но не толку ладно за да го расипе доброто расположение на натпреварувачите. Малку пред 9 часот натпреварувачите се собраа пред стартната линија и - по кратки последни инструкции пред трката - во 9:05 беше означен стартот на трката. Натпреварувачите појдоа надолу по патот и наскоро се развлекоа по него формирајќи некаков вид на "змија". Наскоро исчезнаа од нашите погледи и ние ги чекавме - повремено контактирајќи со нашите луѓе на двете конторлни точки - кај "Слончето" и кај чешмата "Црквиште" - на 2 km пред целта. Од присутните подржувачи како и од повеќе присутни планинари од Прилеп, паѓаа нагаѓања до каде се сега натпреварувачите, кога ќе пристигнат првите...


моменти пред стартот на трката


веднаш по стартот - натпреварувачите се спуштаат по патеката надолу

По околу еден час и дваесет минути - нешто порано одошто очекувавме, на патеката кон целта се појави едно момче, наскоро уште едно. Александар Стојановски од АК "Перпетмобиле" од Скопје прв ја заврши трката со време 1 h 23 min. Потоа следеа останатите, прво неговите клубски другари Никола Кутаноски и Атанас Анчевски - кои го зазедоа второто и третото место. Во женска конкуренција најдобра беше Тања Манчева - членка на ПСД Макпетрол од Скопје со време 2 h 10 min 34 sec, во тесна трка пред Светлана Стојаноска од истиот клуб. Трета беше Александра Герасимова од АК (Алпинистички клуб) Матка од Скопје. Трката успешно ја завршија 32 натпреварувачи.


двајцата првопласирани на последната контролна точка - чешмата "Црквиште"


прво место - Александар Стојановски


второ место - Никола Кутаноски


трето место - Атанас Анчевски


првите тројца заедно - сите се членови на АК "Перпетумобиле"

На крајот сите учесници доста позитивно се изразија и за патеката и за организацијата на трката. Се надеваме дека идната година ќе направиме уште подобра трка, а имаме намера да направиме и една ултрамаратонска планинска трка - некаде околу 50 km која ќе се одржува паралелно со оваа трка од 16 km. Планираме да воведеме и категоризација на натпреаварувачите : јуниори, сениори и ветерани.

По ручекот се одржа церемонијата на прогласување на победниците кога најдобрите добија медали, а сите натпреварувачи диплома за учество во трката.


групна фотографија на најдобрите во женска и машка конкуренција - заедно со организаторите на трката


Наскоро потоа отецот Калист од манастирот ни одржа прекрасно предавање за историјата на манастирот по што се разви дискусија.

Околу 16 часот учесниците почнаа да се пакуваат и полека појдоа надолу во правец на Прилеп каде што не чекаа автобусите за Скопје. Во весела атмосфера, прераскажувајќи си ги најсмешните случки од изминатите два дена - си стигнавме во Скопје.

На крајот - еве ги резултатите во женска и во машка конкуренција.


Резултати - мажи

Поз. Ст.бр. Име и Презиме Време Пол Години Клуб / Место Разл.
1 30 Александар Стојановски 1:23:00 M 20 АК Перпетумобиле Скопје 0:00:00
2 32 Никола Кутаноски 1:24:05 М 25 АК Перпетумобиле Скопје 0:01:05
3 31 Атанас Анчевски 1:26:17 М 19 АК Перпетумобиле Скопје 0:03:17
4 36 Павле Коруноски 1:31:17 М 20 Крушево 0:08:17
5 16 Александар Таковски 1:33:26 М 33 Скопје 0:10:26
6 12 Жикица Ивановски 1:34:02 М 27 АК Астрајон Штип 0:11:02
7 7 Иван Ристов 1:36:11 М 34 Кочани 0:13:11
8 37 Велчо Горгиески 1:38:11 М 20 Крушево 0:15:11
9 38 Тони Станоески 1:46:45 М 20 Крушево 0:23:45
10 28 Јордан Атанасовски 1:58:00 М 27 АК Матка Скопје 0:35:00
11 15 Ѓоре Ѓорѓиевски 1:58:11 М 26 ПСД Макпетрол Скопје 0:35:11
12 18 Милан Крстески 2:04:36 М 13 КНСБ Мусица Крушево 0:41:36
13 21 Спирче Талески 2:04:37 М 14 КНСБ Мусица Крушево 0:41:37
14 23 Ташули Талески 2:06:11 М 13 КНСБ Мусица Крушево 0:43:11
15 19 Маријан Талески 2:06:12 М 13 КНСБ Мусица Крушево 0:43:12
16 4 Петар Герасимов 2:10:16 М 50 ПСД Макпетрол Скопје 0:47:16
17 1 Здравко Спасев 2:12:08 М 26 АК Матка Скопје 0:49:08
18 20 Велче Милошески 2:12:47 М 21 КНСБ Мусица Крушево 0:49:47
19 13 Александар Герасимовски 2:14:46 М 21 ПД 18 Август Скопје 0:51:46
20 14 Божидар Чаушоски 2:22:26 М 21 Прилеп 0:59:26
21 35 Живко Јордановски 2:31:58 М 44 Скопје 1:08:58
22 10 Владимир Сикавица 2:38:14 М 33 ПСД Макпетрол Скопје 1:15:14
23 11 Данчо Марковски 2:45:26 М 31 Скопје 1:22:26
24 3 Бранко Дикиќ 2:59:58 М 28 ПД Балкан Белград 1:36:58
25 34 Трајче Симонски 3:34:00 М 43 Скопје 2:11:00

Заб :
- АК Перпетумобиле е Атлетски Клуб
- АК Астрајон и АК Матка се Алпинистички Клубови
- КНСБ Мусица е Клуб за Нордиско Скијање и Биатлон
- ПСД Макпетрол е Планинарско Спортско друштво
- ПД 18 Август е Планинарско Друштво
- ПК Балкан е Планинарски клуб

Резултати - жени

Поз. Ст.бр. Име и Презиме Време Пол Години Клуб / Место Разл.
1 8 Тања Манчева 2:10:34 Ж 38 ПСД Макпетрол Скопје 0:47:34
2 6 Светлана Стојаноска 2:11:23 Ж 28 ПСД Макпетрол Скопје 0:48:23
3 27 Александра Герасимова 2:22:42 Ж 19 АК Матка Скопје 0:59:42
4 24 Марија Колароска 2:26:40 Ж 14 КНСБ Мусица Крушево 1:03:40
5 26 Дори Куртеска 2:26:58 Ж 13 КНСБ Мусица Крушево 1:03:58
6 25 Маја Куртеска 2:27:10 Ж 14 КНСБ Мусица Крушево 1:04:10
7 9 Ања Бубања 2:59:59 Ж 29 ПД Балкан Белград 1:36:59
8 17 Емилија Ристова DNF Ж 27 ПСД Макпетрол Скопје  
9 33 Љубица Неткова DNF Ж 11 ПСД Макпетрол Скопје  

Карактеристики на патеката

Должина : 16 km - патеката е убаво маркирана со мали црвени / бели линии и со знаменца каде е широк пат (каде нема камен за маркирање)
Висинска разлика : +770 m
/ -770 m
Старт во 9 часот пред ман. Трескавец (1250 m)
Цел : пред ман. Трескавец (1250 m)
Просечен успон / спуст: +9 % / -9 %
Максимален успон / спуст: +45 % / -27 %

 

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Александар Буцевски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje