Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Горна Белица - Парумба - Јабланица - 19 мај 2013

Испадна непланирано убаво семејно патување ...

Родена сум во Охрид, и се прекорувам себе си дека што ми требаа толку многу години за да се качам на Магаро, Галичица. И уште плус две години да скокнам до Јабланица...

Има нешто во имињата на овие две планини. Тоа “-ица” на крајот, не е случајно. И двете се вистински убавици.

Тргнавме релаксирано и мрзливо од Охрид околу 10.30 (не наликува на планинарска агилност ... ама сe подоцна во текот на денот испадна одлично темпирано). Знаевме само дека треба да стигнеме во Горна Белица, а од таму до некоја црквичка “Парумба”.

До Горна Белица се стигнува преку селата Грачани и Вишне (од Струга накај Ќафасан). Селата наликуваат на богати градски квартови, чии куќи веројатно се изградени во последниве десетина години.

Горна Белица се наоѓа на 1400 м надморска висина. Тоа што претходно го читав за местово, навистина важи ... прекрасно катче вгнездено во Јабланица со преубав поглед кон Охридското езеро.

Последните години се изградени и реновирани многу викенд куќи. (Голем дел од нив не го заслужуваат тоа име – попрво би ги нарекла замоци ...). Во селото има и црква и џамија.

Вредно е да се спомене дека до и околу селото има многу цркви кои за жал немавме време да ги посетиме, но со 2-3 саати станување порано на сабајле, може да се испланира нивна посета.

На излез од селото (кај што е хотелот) има табла со насоки. Тргнавме . На почеток, патеката беше добро обележана, но после 20тина минути пешачење и преминувањето на Беличката река, ознаките ги снема.


Премин преку полната Беличка река

Како и да е – продолживме онака како што мислевме дека треба – и не згрешивме. Поминавме низ шумичка, по средно стрмна угорница, после која излеговме на ледина каде што го направивме првиот одмор (после не повеќе од саат време релаксирано пешачење). Од тука се протегаше прекрасен поглед – кон Охридско езеро со Струга и Охрид пред нас ... Местово беше преполно со јаглика и лутиче (секако, собрав малку јаглика за чај против кашлица ).

После кусата пауза продолживме накај врвот што ни се чинеше најблиску и после околу пола час пешачење, на наше огромно задоволство ја здогледавме црквичката Парумба.

Впрочем, за местово дознавме претходниот ден од едно девојче кое работеше во некоја туристичка агенција во Охрид. Кога го слушнав името, ми звучеше некако африкански, ама подоцна разбрав дека тоа значело гулабица на влашки. Местото традиционално се посетува на Втор Ден Духовден.


Црква Св. Тројца


За водата се верува дека е лековита ...


Сеуште вкопана во снег ... веројатно во зима е целосно под снег

За да “добиеме во висина”, се качивме веднаш на врвот надвиснат над црквичката. Не знам како се вика, но измерив 1987 м надморска височина. Качувањето беше помалку од пола саат но доста стрмно.


Мал одмор на врвот ...

А горе – се почастивме со, за мене една од најубавите глетки доживеани на врв на планина. Добивме “сe ” во еден поглед: црква во снег, езеро, градови и села, планински врвови, рекички, локва .... Уште да може звуците да се доловат преку текст и фотографија ...

Симнувањето до селото траеше околу саат и половина. За враќање се решивме да одиме преку Вевчани. Оддалечено е околу 5 км. Првиот дел од патот е макадам, но понатаму е сосема солиден асфалтен пат.

Секако, се почестивме со заслужен ручек во Вевчани, а и со уште еден поглед на Вевчанските извори кои јас лично не сум ги видела побогати со вода.

Ех, моја чудесна земјо!

Текст и фотографии : Климентина Тунтева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje