Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

IZNIK Ultra, Турција - 17-20 април 2014

IZNIK - или во античките времиња познато како Никеа - мало гратче во Мала Азија во близина на градот Бурса и на брегот на истоименото езеро беше местото кое го посетивме и во кое поминавме неколку прекрасни денови во втората половина на април. Поводот за оваа посета беше дека се организираа неколку планински трки на различни должини. Набројани од најдолгата кон најкратката изгледаат вака : 130 km, 80 km, 42 km, 10 km. Од Скопје замина екипа од 9 членови. Осуммина бевме појдени со две коли, плус Иле од Прилеп дојде таму со татко му и со еден пријател. Накратко раскажана прикаската - супер си поминавме, убаво се истрчавме, малку поткривнувавме првиот ден по трките, собравме многу награди, запознавме многу фини луѓе од различни делови на светот и си дојдовме назад.

Местото за трката не го избравме случајно - секогаш кога одам некаде сакам тоа место да има некоја приказна зад себе, некоја историја. А Изник го има тоа во изобилство. Како населба постои многу оддамна кога било населено од Боетијци а потоа уништено од Мизијци. Еден од генералите на Александар Македонски (по смртта на Александар) - Антигон го обновува градот и го нарекува Антигонеа - но тоа кратко трае дека е свргнат од некои свои пријатели / непријатели. На власт доаѓа Лисимах кој на градот го дава името Никеа - во чест на својата жена - која пак е ќерка на еден од најпознатите генерали на Александар Македонски - Антипатар.

Си врвеле вековите, се одгледувале маслинки и паселе овци и кози на овој простор. Едни освојувачи доаѓале и други си оделе. Со појавата на христијанството целиот овој дел од Мала Азија е средиштето на случувањата по распнувањето на Исус - голем дел од неговите следбеници заедно со Богородица доаѓаат на овие простори и Црквата е многу јака. Во IV век - 325 година се одржува во Никеа првиот Вселенски Црковен Собор под покровителство на императорот Константин и тогаш се поставуваат многу значајни работи за понатамошното устројство и на верата - тука е донесен и текстот на познатото "Вјерују..." - Символот на Верата. Меѓу потпишаните на тој Символ е и Свети Никола помеѓу другите.

Во Никеа се одржува и VII Вселенски Црковен Собор во 787 година и тоа во Црквата во самиот центар на градот - Света Софија (Agia Sofia) која и денес стои - преправена во џамија и музеј.

Во Римско време и потоа во периодот на Византија се прават ѕидини околу целиот град, повеќе цркви и други објекти и патишта. Некои од нив по своите архитектонски и ликовни решенија спаѓаат меѓу најдобрите примери на византиската уметност во Мала Азија, како на пример Црквата - Успение на Пресвета Богородица.

Потоа доаѓаат турските освојувачи и Орхан Бег (Orhan Gazi) во 1331 ја зазема Никеа и многу други предели - се шири Отоманската Империја. Орхан е познат по тоа што на совет од еден од неговите советници ги создава јаничарите - војска составена од мали деца земени од освоените народи. Брат му на Орхан - Аладин е првиот Велики Везир - кој се грижел за логистика и организација на многу аспекти од функционирањето на Отоманската империја.

Во подоцнежниот период гратчето кое денес брои околу 20000 жители е познато по изработка на прекрасна рачно боена керамика и по производство на многу убави маслинки и други земјоделски култури.


еден од амамите во Изник

И така ние спремни со сознанија за важноста и светоста на ова место појдовме преку Грција и преку познатото Галиполе стапнавме на територијата на Азија. Низ Бурса и загледани во Олип на Мала Азија - планината УлуДаг - ги минувавме километрите и се најдовме на другата страна на езерото Изник - во гратчето Орхангази - наречено по нивниот император. Езерото по големина е слично, можеби нешто помало од Охридското - петто по големина езеро во Турција и познато по чистата вода.

Стигнуваме во Изник во четврток попладне - времето мирно - ништо од најавените дождови. Тоа супер ни одговараше дека можевме мирно да ги наместиме шаторите. Имаше покрај езерото две згради од спортските клубови и простор каде може да се постават шатори. Добар санитарен јазол со можност за туширање - проточен бојлер. Тука - во една од зградите беше и штабот на организацијата на трката. Веднаш појдовем да се видиме со Caner (Џанер) Odabasoglu - директорот на трката со кого сум во контакт преку интернет веќе три години - во исто време тој ја стартуваше оваа трка - ние трката Крали Марко.

Вечерта прошетавме по кејот а се вративме по централната улица. Мало гратче - со шетање се минува за 20 минути. Легнавме да одмориме од долгиот пат. Во текот на ноќта дуваше ветар, на моменти и засилен, а сабајлето почна да врне дожд. Тоа нормално не ни се допадна баш многу. Полежавме уште еден саат, дождот малку намали па ние појадувавме и полека - со кабаници и чадори тргнавме да го разгледуваме градот. А има што да се види - стари ѕидини, амами, џамии, потоа продавници за украсна керамика, слаткари со баклави, локуми, гевречиња и сите познати турски работи... Времето се подоправи па дури и огреа сонце. Уште вечерта забележавме едно СЕИР кафе и моравме да седнеме таму на кафе со локум, турски чај.


Аја Софија - црквата - сега џамија во која е одржан Седмиот Вселенски Црковен Собор

Кога се вративме се сретнавме во кампот со екипата од Бугарија - од трката Персенк заедно со директорот на трката Николај со кого си правевме шеги - све директори сме се собрале а боси и во шатори.


нашата и екипата од Бугарија

Попаднето појдовме во центарот да ја покажаме задолжителната опрема и да земеме стартни броеви за трката. Таму имавме средба со тимот од Велика Британија во кој имаше и неколку ѕвезди а беа предводени од Ian Corless - човек и самиот тркач кој последните години фотографира и прави репортажи за трки и прави интервјуа со познати ѕвезди. И тука беше дојден на покана од организаторот на трката а со себе повел и екипа тркачи за да уште подобро се презентираат. И ние имавме слични планови и амбиции. Интересна средба, особено кога одма се 'рчнаа спортски Марјан Бонев и нивната ѕвезда Robie Britton - и двајцата утре ќе трчаат иста трка и си ги меркаа можностите.


нашата и британската екипа плус една французинка и директорот на Iznik Ultrra - Caner

Пак назад во "хотелот" како што си го викавме - мораше да се јаде и оние кои ноќеска на полноќ стартуваат на 130 km да подремат малку. Ние останатите заминавме на Pasta Party во еден хотел во близината. Флаери од нашата трка оставивме на Caner веќе првиот ден и секој од тркачите во својот пакет доби по еден флаер за Krali Мarko Тrails. Времето пак се менуваше, малку дуваше, малку врнеше, па многу врнеше, па пак престана.


сонцето заоѓа зад езерото

Во 22:30 поаѓаме кон центарот - таму се загрева атмосферата пред трката. Бидејќи е ноќен стартот - мораа натпреварувачите да носат флуоресценти елеци и челни лампи. Нашите тројца претставници : Светлана Стојаноска, Жикица Ивановски и Јовица Јованчев изгледаат добро и решено да го издржат овој голем предизвик. Мал говор од директорот на трката и градоначалникот или гувернерот на областа - не разбравме баш на турски што кажаа - и потоа старт. За кратко време ни избегаа луѓето во темницата. Ние назад до кампот и на спиење - дека рано утрото нас ни претстојат километри за трчање.


Жико, Светле и Јоцо пред старт на 130 km

Во текот на ноќта нашите пријатели се бореле со километрите - Жико како и секогаш од почеток резервирано, но постојан така да со текот на времето секогаш преминува во првите редови. И Светле и Јоцо добро напредуваат во првиот дел. Ние добиваме информации преку Facebook каде има tracker за да се види кога некој поминал на одредена контролна точка.

Утрото е убаво, сончево, по малку свежо. Стануваме порано за да се подготвиме со се што ни е потребно, а и да имаме време да јадеме па да слегне храната, за да не ни претставува проблем при трчањето. Има финеси кои полека секој си ги учи и применува во трките за да се помине - ако може - во најдобар ред. Одиме на стартот и таму има веќе доста тркачи и тркачки, најмногу од Турција но и од други земји - млади, стари, слаби, дебелки, убави,... но сите со желба да се проба нешто ново, да се обидат да се надминат себе си овој ден. Имаше дури една девојка која со апостолки си ја истрча трката - мислам дека беше од Британија - приврзаничка на bearfoot running движењето - се движеше со многу лесен чекор. Заеднички е стартот на трките на 42 km и 80 km - во 7:30 часот. Тргнуваме - времето пријатно - ние весели - за мерак.


пред стартот на 42 km и 80 km


првите километри од трката - помеѓу стебла од маслинки

Минуваат километрите - прва контролна точка - требаше да се мине за три часа, ние ја минавме за помалку од два, па почнуваат математики ако се продолжи со ова темпо за кое време ќе се заврши трката. Па втора контролна - второ село. Малку нешто за грицкање и за пиење, да си ги истресеме патиките од камчиња и пак натаму. На некои места - особено по сртот на планината - не мава умерен ветар па дури и заладува. Па сонце од кое станува топло. Кон крајот на трката почнува да роси... и така - интересни работи се случуваат кога си многу часови на отворено. Но убаво во секој случај. А особено не трогнаа жителите на селцето Muskule - најмногу мали дечиња и баби кои ни аплаудираа и врискаа од радост, не поздравуваа - една баба лупаше на барабан - попријатен дочек не сум имал никогаш. Најмногу од се што во нивните очи се гладаше искреноста во она што го прават. И така - со малку болки во нозете кон крајот на трката - што е исто така сосем нормално - инаку не би било предизвик - стигнуваме јас и Софија на целта во Narlica каде не дочекува Марјан кој веќе ја имаше завршено својата трка.


на целта на трката - 42 km

Со Марјан разговор - како беше - што направи - Марјан до пред самиот крај го држел второто место кога го фатил силен грч на ногата. Следува борба со ногата за да го пушти при што губи многу драгоцено време. На крајот е на 11-та позиција. Но по трката се среќава со двајца французи - едниот што заврши втор Benoit Laval - испадна дека е долгогодишен искусен тркач плус сопственик на фирмата за спортска опрема RaidLight. Му кажале на Марјан совети како тие се спремаат, што јадат и пијат (главно обична храна) за време на натпреварите и дека особено е битна хидрацијата - каде веројатно нашиот колега потфрлил па го фатиле грчеви. Во секој случај - нешто губиш (позиција) но нешто добиваш - контакти со многу интересни и искусни луѓе.

Се качуваме во комби за да се вратиме во Изник - почнува да роси. Марјан возбуден раскажува гласно за сите детали од неговата борба со километрите. Во Изник веднаш прашуваме каков е поредокот на првите во трката на 130 km - ни кажуваат дека прв е Marcus од Велика Британија, втор е домашниот тркач Mahmut, а трет е број 42. Јас некако мислам дека Жико го имаше тој број, а верувам дека тој е спремен за таа позиција. Одиме до кампот и - го наоѓаме Жико во шаторот - значи третото место е негово. За време од 13 часа и 53 минути Жико ги помина 130-те километри и направи цел круг околу езерото.

Јадеме малку и пак се враќаме на целта, за да ги дочекаме другите. Наскоро доаѓа Јоцо - кој патеката ја помина за 16 часа и 55 минути освојувајќи го одличното 13-то место. И што е уште поважно - стигна на целта најсвеж и највесел од сите. Да не беше таа силна сол по маицата и хеланките - човек ќе си помислеше дека воопшто не учестувал на трка. Браво за Јоцо.


Јованчев на цела по истрчани 130 km

Во меѓувреме пристигнаа и двете Тањи - Манчева и Пенева кои многу успешно ги истрчале 80-те километри - за 11 часа и една / две минути освојувајќи го 29-то и 31-то место во вкупен пласман а 4 и 6 место во женска конкуренција, додека во свои категории Тања Пенева беше втора, а Тања Манчева беше трета. Пресреќни и двете дека пред стартот беа малку загрижени дали ќе успеат да го фатат лимитот од 13 часа за завршување на трката. Но - "луѓе како нас" секогаш прават такви работи од кои и самите се изненадуваат.

Ја чекаме Светле - веќе е темница. Имаме информација дека го минала 120-иот километар. Знаеме дека нешто се случува - има некој проблем но сигурни сме дека таа со својата упорност сигурно ќе ја заврши трката. И така некаде по 22 часот Светлана доаѓа на целта. Таа е втора жена што ја завршува трката. Во последните 20-30 километри имала проблеми со болка во коленото - беше преврзана и коленото и беше некако отечено - но издржа до крајот.

Малку јадење, раскажување што и како беше. Па на спиење после овој многу бурен ден.


Светла влегува во целта

Другото утро стануваме, појадуваме и се пакуваме - ги растураме шаторите. Номадски живот кој веќе станува наша втора, ако не и прва природа. Полека стануваме свесни дека имаме одлични пласмани во сите дисциплини. Одиме во центарот каде се одржува последната трка - на 10 km каде Илија Пајмакоски од Прилеп зема учество. Тој пристигна претходниот ден со татко му и со пријателот Сашо - Цапе. И нормално - Иле не потфрли - освои трето место после одличниот Robie Britton од Велика Британија и еден момак од Турција. Илија донесе и маички за промоција на нашата трка Krali Marko Trails со ознаки на општината Прилеп, ПСД Макпетрол и Здружението TREX. Делувавме многу убаво како екипа, а кога почна доделувањето на наградите се повеќе станавме забележани од присутните. Дека речиси на секое доделување излегуваше по една сива маичка на пиедесталот. Беше прекрасно.


ние со новите маички


победниците на 130 km


победничките на 130 km


победниците на 10 km

Се поздравивме со домаќините - тие беа заинтересирани да дојдат на нашата трка Krali Marko Trails и верувам дека ќе дојдат во поголем број. Интерес имаше и од Французите, од Бугарите. На најдобар - спортски начин достојно ја презентиравме и нашата држава и нашата трка. Потоа во кола и исто под хитно назад кон Скопје. Во ситните ноќни саати стигнавме дома, преполни со импресии од изминатите неколку дена.

 


целата патека околу езерото


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк - https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/IZNIKUltraTurkiye

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje