Гуча - Србија : Етно фестивал - 13-14 август 2011
Оваа 2011 година беше 51 издание на оваа манифестација. За нашето планинарско друштво прва организирана посета на Гуча. И веднаш да се каже: голем пропуст досега. Гуча е грандиозна манифестација. Најголем српски бренд со милионска бројка на посетители од сите страни на Балканот, од Европа и посироко. Нашето патување започна навечер. На границата "само" 4-5 автобуси пред нас. По два и пол часа чекање ја минуваме границата и продолжуваме. Дремејки или спиејки поминуваат часовите. Утрото не осамнува после Крушевац. Околу 9 часот пристигаме во Овчар бања. Се наоѓаме со нашите пријатели планинари од Чачак и Белград кои ни помогнаа околу резервацијата за ноќевање. Прекрасно сместување.


Одиме во посета на блиските манастири. Ги има 9. Се одлучуваме за Успение на Богородица и Јовање.Тоа се впечатливи, средени женски манастири. Предусретливите домаќинки ни ја раскажуваат историјата на манастирите и не почастуваат со локум и вода.
Потоа одлучуваме да се искачиме на врв на Каблар - 890мнв. Со комбето донекаде а потоа пешки до врвот. А отаму прекрасен поглед на Овчарско - Кабларската клисура, манастирите и Овчар бања. Западна Морава прави С кривина и создава големо вештачко езеро. Возат бродови од браната до Овчар бања. Величествено. Се фотографираме и одиме да се одмориме.
  Попладне одиме во Гуча. А таму шок - невидена окупација на сите тротоари, ливади покрај улиците,дворови со коли и шатори, дури и ридот над Гуча опседнат со шатори.100.000 луѓе!!!! По улиците неброен народ, лево и десно шатри со скари и пијалоци и се разбира групи од музичари - трубачи. А долу на асфалтот купишта ѓубре и лименки. Седнуваме во една шатра и нарачуваме свадбарски купус и прасече печење. Купусот е феноменален а Јелен пивото грч ладно. Потоа со мака се пробиваме до стадионот каде е поставена огромна бина, рефлектори и озвучување.
 Нешто после 21 часот започнува такмичењето на избраните 18 дувачки оркестри. Сите се на бина и заедно ја свират "Са Овчара и Каблара чобаница проговара..." Се ори цела Гуча, сите пеат. И потоа се редат оркестрите еден по еден....Народот (95% се млади!) одушевено пее и игра во ритмот на ората! КОЈ ВЕЛИ ДЕКА МЛАДИТЕ НЕ САКААТ НАРОДНА МУЗИКА! Во 23 часот излегуваме и одиме на спиење.
 Утредента осамнува убав и топол ден. Повторно одиме за Гуча. Ливадите и улиците се испразнети од коли и шатори, ѓубрето собрано ама сеуште има гужва. Започнува дефиле на коњски коли во свадбена церемонија, а пред домот на културата веќе теце културно уметничка програма. Се фотографираме, пееме, играме, потоа купуваме по некој сувенир, уште еднаш јадеме од феноменалниот купус и заминуваме со констатацијата ГУЧА Е ГУЧА!
 
Попатно застануваме во Врњачка бања. Таму не пречекува мир, тишина, прекрасно уредени паркови со многу цвекиња и столетни дрвја, со убава пешачка зона и ресторани, хотели и впечатливи вили. Полниме минерална вода и со ветување дека следниот пат ќе одвоиме многу повеќе време за престој заминуваме кон Скопје. Во Предејане вечераме во убавиот хотел-ресторан и без никакво чекање на граница околу 23 : 30 часот пристигнуваме во Скопје. Живи и здрави полни со спомени го завршуваме и ова патешествие.
Коментарите упатете ги на нашиот mail. Јас лицно сум фасциниран од тоа што го видов и сигурно е дека треба секоја година да се посети Гуча и околината. Благодарам за толерантното и пријателско однесување на сите учесници, доброто и сигурно возење на Ненад и помошта при изведбата на концертот на враќање. Да се видиме на следните наси акции.
Автор на тесктот : Никола Доновски
|