Искачувањето на највисокиот врв на Австрија, Гросглокнер како дел од масивот Hohe Tauern беше планиран подолго време особено затоа што временскиот период кога требаше тоа да се случи се уште се смета за “зимско качување“, особено на Алпи, и затоа што искачувањето требаше да биде по гребенот Штудлграт од југозападната страна кој е особено захтевен кога има снег. А оваа пролет како за беља, постојано врнеше дожд што таму и на тие височини секако беше снег а и моите метео анализи не ни одеа во прилог затоа што температурата на 3798 метри изминатите месеци не се покачи од -10/-15 а со windshield одеше и до -25. Времетраењето на искачување на Гросглокнер по Штудлграт гребенот во јули/август е околу пет/шест часа додека нас ни требаа неверојатни единаесет часа за искачување и околу шест часа за симнување од другата страна по стандардната рута до Локнерхаус паркингот на 1900 м.н.в. Тргнавме во 0400 часот утрината, на врвот бевме во 1500 часот попладне а се вративме околу 2130 часот вечерта. Но за наша среќа во цела таа одисеја во едно бевме сто отсто сигурни а тоа е дека времеските услови ќе бидат одлични со температура на самиот врв од околу два три степени над нулата и со слаб ветер. Но да почнеме со ред....
По пристигнувањето на паркингот на Локнерхаус на 1900 мнв (преку Јесенице, Караванки тунелот, Вилах и Линц) со партнерот Илија Ристовски веднаш пристапивме кон подготвување на опремата, проверка на истата и во меѓувреме решивме што да носиме од исхрана па добро натоварени тргнавме кон домот Штудлхат на 2801 м каде што требаше да ја преспиеме ноќта. Од опрема носевме речиси се, од комплети, до френдови, чокови, тубуларци, еден куп гуртни и алатки за осигурување и по некој карабинер за резерва.....солидно натоварени полека се движевме нагоре кога во пресрет ни дојдоа двајца руски планинари со водич од Австрија кои не известија дека планинарскиот дом е затворен но дека winter room -от е отворен за вонсезонски искачувања и дека можеме таму да преспиеме. Инаку за ваша информација во winter room -от се плаќа на доброволна база по 14 евра од човек– парите се ставаат во метална затворена кутија а за се останато можете да се информирате ако прочитате што пишува на вратите и огласните листови поставени насекаде. Само за споредба, нивниот winter room е опремен, чист и комотен и изгледа подобро од можеби повеќе од половина планинарски домови во Македонија(секоја чест на исклучоците кај нас)! Бидејќи носевме “троа“ храна решивме да ја поминеме ноќта со тоа што го имаме, топејќи снег за да се хидрираме а за другиот ден ни останаа неколку чоколатца и едно пакување пржени кикирики кое добро ни дојде за да го надокнадиме изгубениот натриум. И така со тоа што го имавме од 1700 часот попладнето некаде до 2200 часот вечерта со Иле ги анализиравме сите можни делови од Штудлграт особено А0-та, траверсот и некои тројки кои отприлика знаевме како би изгледале но на крај испадна дека сме се излажале. Особено обрнавме внимание на приодот до гребенот на што ни посочија и двајцата австријци кои ги сретнавме во winter room -от а кои се вратиле од врвот. Имено тројца пољаци кои предвреме влегле на гребенот имале потешкотии заради снегот и изгубиле додатни два до три часа што најверојатно ги чинело и искачување на врвот (другиот ден со Иле на враќање видовме бивак каде што најверојатно преноќиле истите).
Утрината станавме во 0300 часот одлично наспани и одморени во прекрасните услови што ги нуди winter room -от, се наврзавме во глечерска наврска и тргнавме по глечерот Teischnitzkees . З а оние што се помалку упатени приодот кон Гросглокнер по гребенот Штудлграт е од лево, значи од југозапад, додека стандардната рута е од десно односно југоисток ; глечерот лево од гребенот се вика Teischnitzkees додека глечерот десно од гребенот Штудлграт се вика Kodnitzkees.. По првиот одевме кога се искачувавме а по вториот кога се симнувавме. Опасност од паѓање во креваси искрено не приметивме бидејќи имаше премногу снег па кревасите беа добро покриени со замрзнати наслаги од снег и мраз.....иако заради предострожност нормално носевме пет тубуларци и бевме наврзани. Кога стигнавме на гребенот Штудлграт во почетните делови немавме некои потешкотии. Претежно се единици и двојки (како Новогодишен смер на Матка само повисоко) но сепак снегот и мразот ни го отежнуваа движењето. Иле реши да го поминеме тој дел во кратка наврска што беше ок и безбедно. Пред да стигнеме до “фрухштукплатц“ или по нашки кажано “жолтата плоча за доручек“ на 3550 метри почнаа посериозни проблеми заради тоа што патеката се губеше на неколку наврати, големиот снег што напаѓал ги беше покрил клиновите, местата за сидришта и ознаките па моравме да се снаоѓаме како знаеме и умееме......претежно се осигурувавме на карпи со гуртни и каубојски чворови, или со цепин а ретко каде ќе најдевме и по некој клин. Но после жолтата плоча почнаа тројките и двојките наизменично кои беа вистинска потешкотија во тие услови; се движевме бавно, правевме траверси во напаѓаниот снег и мраз понекогаш нагаѓајќи каде е патеката. Јас ги водев полесните делови додека Иле потешките. На плочата која е означена како четворка има фиксно јаже но и покрај тоа бара добро помачување земајќи ги предвид тешките ранци, лизгавата карпа, дерезите на кондурите и заморот. Траверсот е приказна за себе бидејќи беше доста лизгав и иако е пред самиот врв добро не изнамачи. А кога стигнавме некаде на стотина висински метри под самиот врв дојдоа можеби и најголемите потешкотии. Бидејќи не фати пладне значи беше некаде околу 1200 часот снегот почна интензивно да се топи, гребенот односно патеката нормално ја немаше па моравме сами да се закопуваме во снегот со тоа што мораше да допреме до се уште замрзнатиот снег кој се наоѓаше слој, два под снегот на површината кој се топеше. Тоа бараше големи напори на секој чекор а места за осигурување едноставно немаше...затоа мораше да бидеме многу внимателни и концентрирани – евентуален пад ќе значеше огромни проблеми.... Добрите ракавици на Salewa кои ги купив непосредно пред да заминам испаднаа можеби најбитниот дел од опремата. На сета мака тука ми падна од раце и алатката за осигурување ( ATC-guide -от ) па морав да ризикувам симнување ранец на срт на 3650 метри и вадење на нова резервна алатка.... Полека ги поминавме и тие делови и дојдовме до последниот цуг кога веќе го гледавме крстот на врвот од каде што патеката изгледаше многу лесно и претежно се двојки со единици но од напаѓаниот снег повторно имавме проблем (една голема избочина во лево) која Иле мајсторски ја помина па ми дозволи мене да го водам последниот дел и прв да излезам сосема осамен на врвот Гросглокнер што е навистина реткост за овој многу посетен највисок врв на Австрија...... и така конечно во 1500 часот бевме на врвот. Среќни, пресреќни си честитавме а јас ова искачување им го посветив на моите деца Виктор и Ивона.
Симнувањето од Гросглокнер исто така не е едноставно особено за планинари кои немаат алпинистичко знаење, но искрено за нас после сето она што го поминавме при искачувањето, симнувањето беше далеку полесно иако бевме максимално внимателни бидејќи и двајцата знаеме кога се случуваат несреќите. Имено, треба да се пристапи кон Мал Глокнер 3770 м кој е 28 метри понизок од Гросглокнер но тоа е и најтехничкиот дел од нормалната т.е. стандардната рута кој поради големата опасност од пролизгување со Иле решивме да го абзајлуваме. Абзајл без прусик нормално....кој ќе мисли на прусик во тие услови и капнат уморен. Потоа следи еден дел со голема експонираност на двете страни и повторно искачување на Мал Глокнер. Понатаму веќе беше многу полесно...инаку и тој дел не е за занемарување и на него има фиксни метални шипки кои помагаат во осигурување. Кога стигнавме на глечерот Kodnitzkees веќе беше доцна попладне и сончевите зраци не го допираа истиот па сосема сигурно и безбедно го поминавме (сепак повторно наврзани) и продолживме во долг трекинг се до колата каде што уморни но презадоволни заспавме во брзо поставениот шатор на самиот паркинг. (При искачуавњето на Гросглокнер во првите два дена беа поминати околу 25 км со висинска разлика од околу 2000 метри поминати во длабок снег и мраз; условите во мај на Алпи се специфични и треба многу да се внимава).
Гросглокнер ( во средина)
Партнерите
Средба со руските планинари со водич
Домот Штудлхат затворен
Штудлхат
Топењето снег за хидрирање
Log book -от во winter room -от
Објаснување за Штудлграт гребенот со глечерите околу него
Глечерска наврска утрината
Искачувањето на гребенот Штудлграт
Искачувањето на гребенот Штудлграт
Искачувањето на гребенот Штудлграт
Искачувањето на гребенот Штудлграт
Искачувањето на гребенот Штудлграт
Панорама
Поглед наназад
Фрухштукплатц 3550 м (почеток на тешките делови)
Потешиот дел од гребенот
Се глада Мал Глокнер
Место каде ми паѓа алатката
Френдот пред врв за осигурување
На врвот
На врвот
Поглед од врвот
Местото од Гросглокнер кон Клајнглокнер кое го абзајлувавме
Искачување кон Мал Глокнер
Штудлграт гребенот гледан од исток
Враќање по глечерот Kodnitzkees
Поглед кон Гросглокнер доцна попладнето
Триглав 2864 м - од Крма - 24 мај 2014
Трансферот Австрија / Словенија го направивме четвртиот ден во релаксирана атмосфера задоволни од постигнатото. Планот беше да се искачат Триглав и Мангарт на Јулијски Алпи. Некаде околу 1500 часот успеавме комотно да се сместиме во малото место Гозд Мартуљек помеѓу Мојстране и Крањска Гора и заслужено да се одмориме во прекрасен апартман со најубав поглед на Јулијски Алпи и алпинистичкиот врв Шпик 2472м кој претставува, барем за мене, поголем предизвик од многу повисоки врвови на алпите. Еден ден се надевам дека ќе успеам да се искачам и на него. Но не губевме време, после преспиеното попладне веднаш почнавме со анализи и подготовки за искачувањео на Триглав другиот ден. Решивме да одиме во полесна варијанта без алпинистичката опрема само со дерези и цепин, од оваа гледна точка очигледно потценувајќи го највисокиот врв на Словенија. Рано утрината тргнавме по Томиншек рутата знаејќи дека слаба циклонска активност ќе ги зафати Јулиски алпи но сметавме на домот Кредарица на 2530 м како засолниште од евентуални кумулонимбуси, грмежи и молњи. Но до Кредарица не ни стигнавме...некаде на 1830 метри после еден куп поминати лавини, одрони, провалии, сераци и ферати покриени со снег и мраз, Иле како поискусен реши дека не треба повеќе да ризикуваме бидејќи ситуацијата стануваше се потешка и посложена а и времето почна да се расипува (чувме грмежи во далечината). Фератите беа целосно под снег и мраз бидејќи сепак се работи за северна страна а ние без опрема само додатно ризикувавме поминувајќи ги соло и без никакво осигурување. Затоа после краток разговор решивме да се вратиме назад.
Другиот ден после направените анализи и разговори со локалните планинари дека приодот во тој период од годината е најбезбеден од јужната страна преку долината Крма, рано утрината повторно тргнавме “во напад“. Но овој пат ја земавме целата опрема не потценувајќи ја веќе планината. “Зајдовме“ од одење....долг трекинг со тешки ранци а Кредарица никако да ја видиме. После околу пет и пол часа одење со солидно темпо од паркингот пред планинарскиот дом Ковинарска коча (900 м.н.в.)стигнавме до Кредарица на 2530 метри и тогаш кога го здогледавме Триглав сфативме дека ова всушност нема да биде воопшто едноставно како што мислевме.....за што се работеше....имено, од Кредарица видовме дека “реки течат“ од врвот надолу заради тоа што беше веќе 1045 часот, релативно топло, па снегот интензивно се топеше; од друга страна увидовме дека многу од фератите се покриени со снег и мраз не оставајќи место за осигурување; сите што беа наумиле да се искачат тој ден на врвот Триглав (а не беа многумина) тоа веќе го беа направиле и сега седеа околу нас на Кредарица сончајќи се и гледајќи не дали ќе се откажеме или не (нормално тргнале многу порано кога снегот бил замрзнат и полесно се одело по сртот а преспале во Кредарица која е нон стоп отворена бидејќи воедно е и метео станица). Но, ние не се откажавме и многу внимателно со партнерот Иле тргнавме нагоре. Беше ризично, одевме по срт по кој снегот се топеше, се осигурувавме главно со цепини зариени во снегот и мразот бидејќи друг начин едноставно немаше а таму каде што фератите беа откриени ги користевме нив. Морам да признам дека тука заморот не стигна, веќе беше петти ден на интензивно искачување и пред самиот врв веќе си помислив “па каде е веќе тој Триглав.....“но тогаш го здогледав Аљажев столп прекриен со снег и всушност сфатив по колкав снег ние сме се движеле. Воодушевувањето беше огромно, си честитавме и знаевме дека не чека тешко враќање....на врв бевме во 1245 часот. На враќање Иле реши да одиме во кратка наврска по сртот. На едно место по сртот од стопениот снег левата нога ми лизна и се створи таква лавина и звук на прштење на снег кон северната долина Врата да тоа никогаш нема да го заборавам....знаев (од претходните разговори со Иле) дека во случај на не дај Боже пролизгување можам да се спасам закочувајќи со цепинот во првите два три метра, ако не успее кочењето во првите два три метра гравитацијата те влече надолу и шансите за self rescue се рамни на нула.... Но не пролизгав, бев внимателен...се свртев накај Иле, двајцата се насмеавме и продолживме надолу. Кога веќе бевме пред домот Кредарица почнавме и намерно да пролизгуваме и да вежбаме закочување со цепин и осигурување со истиот. Бевме среќни.....да, среќни и задоволни.
Кога се симавме на Кредарица повторно немаше никој(освен луѓето кои работат во метеролошката станица)...беше околу три часот попладне а сонцето беше на заоѓање на западната страна на Триглав. Од тука надолу двајцата партнери одеа на оддалеченост од неоки петнаесет до дваесет метри, секој од нас задлабочен во сопсвените мисли. Вечерта околу 1930 часот во планинарскиот дом Ковинарска Коча беспрекорно домаќински не пречекаа домарот Франц и неговата сопруга кои ни подготвија прекрасна вечера после која веднаш си легнавме и спиевме дури осум часа за прв пат во тие шест дена. Мангарт го одложивме и оставивме за некој нареден пат бидејќи веќе бевме исцрпени од петдневните искачувања и напори......(при искачувањето на Триглав во двата дена беа поминати околу 35 км и повеќе од 3000 метри висинска разлика)
И што да се каже на крај.......би завршил со една мисла која мене ме води низ животот а се надевам ќе ги води и моите деца:“ Најтешко од се е човек да се победи себе си“ ................и мојот натпревар е со себе самиот, не со другите.
Поздрав и секое добро
Подготвил: Благој Миленков-Синклер
П.С. би сакал да се заблагодарам на мојот одличен пријател од ПСД Макпетрол Горан Николоски за подршката и логистиката; на мојот тренер Слободан Соколовски-Цобе алпинистичката обука и на Димитар Попов од СКК Вардар за тренингот на болдер и обуката за спортско качување;
Соба со поглед и врвот Шпик
Партнерите
Лавини по Томиншек рутата
Северна триглавска стена
Експонирани делови
Ферати
Местото на Томиншек рутата на 1830 метри кое неможевме да го поминеме и се вративме назад
Отпењавање и враќање назад
Сераци со зум и без зум – по твој избор
Планинарскиот дом Ковинарска коча во долината Крма
Долината Крма
Низ долината Крма со тешки ранци/трекинг
Кон домот Кредарица
Кредарица 2530 метри
Партнерите пред конечниот успон на Триглав
“Реки вода“ течат од врвот
Почеток на успонот
Кредарица домот лево на сликата
Иле доаѓа на врвот
Долината Врата од врвот
Иле на врвот
Јас на врвот
Пред местото каде што ми лизна ногата на враќање по сртот
Враќање назад
Пример за планинарски дом/уште многу треба да учиме
Крај