Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

3 Највисоки врвови во 3 земји - јули 2008

Миџор (2165m), Триглав (2864m), Гросглокнер (3798m)

(автор: Горан Николоски)

На 3.750 метри надморска височина, 50-тина метри под врвот Гросглокнер, застанавме чудејќи се дали и како да преминеме преку тесниот кулоар под кого лево и десно зјаеа длабоки провалии.

А, како доспеавме толку високо?

Па, ...., 6 дена порано од Зајечар, Србија, заедно со Борко и Селена, ја почнавме авантурата „Искачување на 3 највисоки врвови во 3 земји“ (Миџор (2.165 м.) во Србија, Триглав (2.864 м.) во Словенија и Гросглокнер (3.798 м.) во Австрија.

Во однос на третиот, првите два врва беа „ peace of cake ” . Миџор е како голем заринкан кит, сиот зелен и лесно достапен, а Триглав е каменит и обезбеден со сајли и клинови до врвот.

Миџор (2.165 м.) е врв на Стара Планина, највисок врв во Србија. Врвот воедно е и граница меѓу Србија и Бугарија. Сиот е зелен и лесно пристапен за искачување. Мојата рута кон Миџор беше: Гостивар – Скопје – Ниш – Књажевац – Планинарски дом „Бабин Зуб“ – Миџор.

На Миџор (2.165 м.)

Заедно со пријателите од Бор и Зајечар од Србија, Борко и Селена, тргнавме во авантурата. Борко е искусен планинар и алпинист кој пред 30 години првпат водел група на Гросглокнер.

После освојувањето на Миџор ги натоваривме ранците во колата на Селена и тргнавме кон Словенија. Рутата беше: Зајечар – Белград – Загреб – Љубљана – Мојстрана – Аљажев дом. Го искачувавме Триглав преку Северната Триглавска страна, преку преминот Праг. На крајот на јуни сеуште имаше снег по патеките кој поради топлото време се топеше. Тоа беше добро затоа што имавме вода за пиење.

Некаде на половина пат кон врвот шлемот ме спаси од камења кои ги уриваа стадо од 7-8 диви кози кое поминуваше над нас. Како да не предупредуваа со камењата да не им се приближуваме на нивните младенчиња кои потскокнуваа по стрмните карпи.

Борко кажуваше дека по снегот под Триглав, во лето, со помош на преносна жичарница, поставена само за него, се подготвувал прославениот скијач Бојан Крижај. Сега по снегот се движат само планинарите и дивите кози.

  

Снегот под Триглав          Планинарскиот дом Кредарица

Сите што имаат планинарска книшка по планинарските домови (на пример, во Кредарица под Триглав) добиваат значителен попуст за преспивање. Според мене една од најважните работи кои еден планинар треба да ги носи на повеќедневни патувања се тампоните за уши. Без нив нема мирен сон и одмор. А, храната во домот е одлична, или барем така ни се чини после 6-7 часа искачување. До домот има и мала црква во која посетителите можат да поѕвонат за среќа. Патеката кон Мал и Голем Триглав е обезбедена со метални сајли и клинови и препорачливо е носење на прусик, карабињери и шлем. Искачувањето трае 1,5 часа и при сончево време од врвот има прекрасен поглед кон соседните планини и долините.

   

Искачување кон Триглав         Сите тројца на Триглав (2.864 м.)

  

Слегување од Триглав    Слегување преку Праг

 

Повторно се симнавме преку преминот Праг и одлично ни дојде ноќниот одмор во Мојстрана.

Утредента преку Крањска Гора влеговме во Вилах, Австрија, каде што во тамошниот „Интерспорт“ купивме планинарска опрема со 20% попуст, која следниот ден веднаш ја испробавме при искачувањето на Гросглокнер.

Додека Македонија се „куваше“ на 35 степени, ние на 10 степени облечени во чизми, јакни, ракавици, и со големи ранци на грбот тргнавме кон врвот. Гросглокнер (3.798 м.), Големиот Ѕвонар, највисокиот врв на Високите Таври и во Австрија, е посебна приказна.

Поглед кон Гросглокнер од хотелската соба во Хајлигенблут

До паркингот на врвот Франц Јозеф на 2.451 м. стигнавме преку Вилах, Штубаи и Хајлигенблут и виулестата Hochalpenstrasse (Висока Алпска улица). Мала дигресија. Во Скопје на 255 метри надморска височина нема ниту една катна гаража, а Австријците направиле бесплатна, огромна 4 катна гаража на 2.451 м. Од паркингот има неверојатен поглед кон глечерот Пастерце и кон врвот Гросглокнер. Глечерот е огромен и извиен како река. Борко, кој слави 30 години од неговото прво искачување на Гросглокнер, не може да се изначуди колку се намалил глечерот. Глечерот Пастерце во 1875 година, на сликите, изгледал сосема поинаку од денес. Ако во 1875 година глечерот бил огромен и го исполнувал сето корито со снег, денес, коритото на глечерот е преполовено. Велат дека ако глечерот продолжи да се топи со денешната брзина за 100-ина на местото на глечерот ќе останат само неколку каскадни езера.

Во далечина мали подвижни точки преминуваат преку глечерот – тоа се планинари кои најверојатно тргнале рано наутро кон врвот. Но, ние на врвот Франц Јозеф стигнавме на пладне, и поради топлото време (10-тина степени над нулата) и многуте пукнатини во глечерот, ни препорачаа да одиме преку подалечната, но посигурна рута прво кон Планинарскиот дом Салмхуте (на 2.644 м.), па кон домот Адлерсруе (Орлова тишина) на 3.454 м. и потоа кон врвот.

Глечерот Пастерце (Гросглокнер е лево, горе, во облаците)

Патем друштво ни правеа љубопитните мрмоти, малечки неспретни животни кои изгледаат како дабри, а кои ги гледаме во рекламите за чоколадата Милка.

Во домот Салмхуте вечеравме, преспавме и утрото по снег, преку сајли и клинови тргнавме кон домот на Орловата тишина. Таму ги оставивме ранците, ги навлековме дерезите (челичните шилци за мраз и снег) врз чизмите, ги зедовме цепините (секирчиња за мраз и снег), ги навлековме ракавиците и капите, се врзавме во навез (меѓусебно поврзавни со јажиња) и тргнавме. Никој од нас не очекуваше таква глетка. Снегот по сртот на Мал и Голем Глокнер се стопил и останале само карпи и мраз. Дополнително се врзавме со јажиња, а се обезбедувавме и на металните шипки кои го покажуваа и правецот. По обележаната патека се мешаа јажиња, карпи, мраз, планинари од Словенија, Германија, Унгарија, ..., тесни премини над длабоки провалии и затоа беше потребна максимална концентрација. Секој стапнува на истото место каде што стапнал претходникот. Така врзани секој е одговорен за својот, но и за животот на останатите во навезот. Немаше простор за погрешен чекор.

И така стигнавме до последниот кулоар на 3.750 м. споменат на почетокот на написот. После 15-тина минути разгледување на разни опции како да преминеме преку кулоарот одлучивме да продолживме кон врвот. Се договоривме никако да не погледнуваме надолу, туку да гледаме или напред или во врвот од чизмите и стапка по стапка да преминеме преку 15-тина метри долгиот и 40-тина сантиметри тесниот кулоар додека од напред и од назад се држевме со затегнатите јажиња. Секој чекор беше усогласен со попуштање и затегнување на јажињата.

Тие 50-тина метри до врвот ги поминавме за 1,5 часа

Го освоивме Гросглокнер - 3.798 м.

Неописиво чувство на гордост, задоволство и умор.

На врвот има место за малкумина и остануваме меѓусебно врзани цело време, а се врзавме и за големиот крст. Така врзани може да се движиме околу крстот и да правиме снимки со двете раце. Далеку под нас е глечерот, катната гаража е мала како точка, а над нас се само облаците.

   

На врвот Гросглокнер (3.798 м.)     Сите тројца на врвот Гросглокнер

На врвот има место за малкумина и останавме меѓусебно врзани цело време, а се врзавме и за големиот крст. Така врзани се движевме околу крстот и правевме снимки со двете раце. Далеку под нас е глечерот, катната гаража е мала како точка, а над нас се само облаците.

После 15-тина минути тргнавме надолу врзани и со максимална концентрација. За среќа бевме последни на врвот и на враќање немаше гужва по тесната патека. Дури кога стигнавме во домот Орлова тишина почувствувавме колку сме изморени. Израчунавме дека сме се искачувале и симнувале цели 6 часа. Во домот се преслековме, јадевме и се запишавме во Книгата за планинари. Имаше две интересни работи во Книгата. Првата работа беше озбилна - јас сум првиот Македонец кој го освоил Гросглокнер во XXI век. Втората работа беше забавна. Еден германски (или австриски) пар на 07.07.2007 година се венчал на врвот Гросглокнер. Како го качиле матичарот горе, не ми е јасно, но се гледаше дека некому ептен му треперела раката кога се потпишувал во Книгата (веројатно на матичарот).

Сега, одмарајќи се во Македонија, размислувам каде сме се искачиле и си велам: „Горане, лудаку, кај ти беше умот“. Но, веќе во следната секунда, се радувам на врвовите кои допрва ќе ги искачувам.

Горан Николоски, Гостивар


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje