Шар Планина: Горна Лешница - Лешнички водопад - 16 јануари 2011
Горна Лешница е посебна убавица на Шар Планина, свет кој постои сам за себе и само понекогаш ние обичните смртници се решаваме да појдеме натаму, да примиме малку од таа вечна убавина - во себе. А движење на овој терен во зимски услови многу ретко се случува, поради вообичаено големите количини на снег што се собираат во тој дел на планината и опасноста од лавини. Јас морам повторно да истакнам дека она што - според мене - ја прави акцијата успешна е добриот план, секогаш со неколку алтернативни решенија и - 80% од успешноста - прецизна временска прогноза и прилагодување на акцијата, на составот на групата, на потребната опрема, храна и облека - на тие конкретни услови. За овој ден кога ние бевме знаевме дека ќе има засилен ветар од север, северо-исток и дека на гребенот Церипашина - Бакардан - Титов Врв тој ќе биде прилично силен. Знаејќи од акцијата од минатиот викенд дека во долниот дел - на патот за стариот дом Јелак има многу малку снег - се решивме да навлеземе во недрата на Средна Шар Планина - па кога ѓе бидеме таму - да видиме. Имаше план да се оди на Титов врв, друга варијанта да се искачи Среден Камен од кај седлото кон Титов Врв, но на крај испадна варијантата до замрзнатиот Лешнички водопад.
Оваа среќа ја имавме изминатиот викенд - во неделата 9 луѓе и едно куче - младата самоједка Бона. Придружбата на Бона беше фамилијата Герасимови (Перо, Тања, Александра), Јоцо со нив, Бранка и Зорица, Марин, Васко и Трајче. Од Скопје појдовме околу 5:15 со три возила. Времето по пат убаво, ведро. На Шапка сме нешто пред 7 часот, се подготвуваме. Во меѓувреме Бона има блиска средба со едно петнаесетина кучиња - скитници од Шапка, но се завршува на мирољубив начин. Во 7 часот поаѓаме во правец на пл.дом "Смрека" и оттаму по линијата на бандерите се качуваме на седлото во правец на Јелак. Во меѓувреме се јавуваат првите сончеви зраци и во портокалови нијанси ја осветлуваат Церипашина. Има ветар кој не е јак, но сепак многу ни е попријатно кога почна да не грее сонцето.
екипата поаѓа од Шапка во раните утрински часови
Патот до бачилото на пат за Лешница проаѓа убаво и лесно - тука ратракот повеќе пати поминал носејќи групи скијачи кои сега во услови на малку снег на јужните падини и кај ски-лифтовите бараат нови терени каде има повеќе снег. Одиме како по автопат - снегот пријатно крцка под нозете, ветрот тука е доста послаб, а сонцето супер не грее.
на патот кон бачилото - поглед на Средна Шар Планина: Плат, Среден Камен, Крива Шија
убавините на Шар Планина
Кај бачилото сме околу 9 часот - не брзавме многу. Тука правиме мала пауза - да јадеме оние што сме гладни, да се напиеме чај или сок. Тука се договараме да се подели групата на два дела - Марин, Васко и јас да продолжиме накај Среден Камен, а остатокот од груупата, меѓу кои имаше и некои кои имаа болки во грбот, во колената - да појдат полека во правец на седлото на Плат и да уживаат во убавиот ден и убавата глетка.
Александра и Јоцо одмараат во близина на бачилото
групата се договара за понатамошниот тек на акцијата
Поаѓаме по патот за Горна Лешница - прво на ридот над бачилото - малку подиректен успон. На неколку места пропаѓам во снег до колена - но не е целиот терен таков - со внимавање и мудар избор на патеката на движење - може да се качи доста лесно. Потоа патот се движи главно по изохипса, со благ успон во правецот на седлото на Плат. Снегот беше главно добар, стегнат - или со мало пропаѓање од 5-10 центиметри - што ни овозможуваше брзо напредување.
Васко и покажува на гравитацијата "кој е главен"
пред седлото под врвот Плат
Од седлото уживаме во за нас најубавиот поглед на Шар Планина - пред нас грандиозната стена на Среден Камен, лево Бакардан и Титов Врв, измеѓу нив долината на Лешничка река и бисерот -Лешничкиот водопад. Го гледаме од далеку и гледаме дека е замрзнат. Планот ни беше да се качиме до седлото меѓу Среден Камен и Титов Врв и оттаму нагоре до Среден Камен. Но кога видовме колку е часот и кога се сетивме како ни беше искачувањето на угорницата кога бевме овде во август месец - а сега уште снег - и потоа уште искачување на врвот - оценивме дека ако го правиме тоа сигурно не фаќа мрак. Самото тоа не беше некој голем проблем, но си направивме калкулација во главите - не сакавме да се исцрпуваме туку да уживаме во овој убав ден, а мразот на водопадот многу не привлекуваше - затоа се одлучивме да појдеме до водопадот, да си "поиграме" малку со цепините и бајлите, па да се враќаме назад кај нашите пријатели.
спуштање кон Горна Лешница - пред нас - врвот Среден Камен
Лешничкиот водопад се наоѓа на Лешничка рекичка која извира од длапката помеѓу Титов Врв и Бакардан од висина од околу 2425 m. Во почетокот тече во правец на северо-исток, а потоа наидува на еден блок карпи на висина од околу 2000 m. Тука се создава Лешничкиот водопад кој има висина од околу 20-ина метри и е вистинска атракција и освежување за време на летните планинарски тури во овој предел - а шумот на водопадот се слуша оддалеку. Сега - во зимски услови, наидовме на замрзнати завеси и еден подебел столб од зелен мраз (blue ice) - на карпите од левата страна на водопадот. Самиот водопад се уште течеше низ еден тесен канал - од сите страни окован од мраз. Долниот дел од водопадот беше (скоро половина) под снег и мраз - така да сега водопадот изгледа значително помал.
Лешнички водопад
мраз за мерак
Бидејќи не планиравме искачување на мраз - не понесовме со нас соодветно осигурување - јаже, појаси и карабинери имавме - едно време се мислевме да ставиме top-rope на некои од грмушките над карпите, ама ни се видоа малечки. Затоа само малку пробавме - по неколку чекори нагоре - колку да направиме проба на мраз на цепините и бајлите Petzl Summit и Aztarex кои неодамна ги земавме. И едните и другите одлично се покажаа и сигурно се брцаа на многу тврдиот мраз. Бидејќи висната е 2000 метри и има северна изложеност - речиси постојано во сенка - мразот е многу цврст - барем централниот столб - некои од страничните завеси беа помеки.
Васко на мразот
се подготвуваме за враќање - со ветување дека пак ќе дојдеме
Во сенката на водопадот беше свежо и Марин наскоро појде надолу за да излезе на сонце. Не долго по него јас и Васко ги спакувавме цепините и дерезите и појдовме и ние надолу. до рекичката што иде од кај Казаните пред Бакардан. Потоа фативме бочно према седлото под Плат.
Марин со од сонцето осветлениот Среден Камен
на пат назад - од Плат кон бачилото - по изохипса
Во меѓувреме остатокот од екипата прекрасно си поминала - искачувајќи се и таа до седлото под Плат. Самоједот Бона сметаме дека стана прво куче - самојед кое се има искачено тука во зимски услови. Убавиот сончев ден беше главен виновник за насмевките на лицата на сите... Со Бранка, Зорица и Бона се сретнавме некаде кај "Смрека" и заедно се спуштаме до Шапка каде сме во 16:15. Пакување и враќање за Скопје.
Тања, Бранка, Зорица и самоједот - Бона
Бона
Среден Камен ѕирка зад седлото под Плат
Среден Камен - одблизу
дува силен ветар во горните делови
бачилото
атрактивните врвови Трескавец и Кобилица
крај на денот и крај на нашата акција - карпата близу "Смрека"
Технички податоци :
Должина на патеката : 19 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1140 m - Макс.процент.успон : 40% - Просечен.проц.успон : 12%
Најниска точка : 1710 m
Највисока точка: 2168 m
Потрошена енергија: 4669 CCal
3D GPS-регистрирана патека
профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/GornaLeshnica16Jan2011#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски
|