Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Семинар во Словенија : Обука за категорија B - јули 2013

Човек треба да се едуцира цел живот. Затоа, после основната, 12-дневна обука за планинарски водичи во Словенија во мај и јуни 2012 година, еве ме пак на убавите Алпи, во Словенија. Обука за Категорија Б.

Да се разбереме, обуката и испитот за Категорија Б не е за полагање на возачки испит. Тоа е обука и испит за организирање и изведба на напорни планинарски копнени акции.

Од 23 до 26 мај, 2013 година, Планинарскиот Сојуз на Словенија (ПЗС) организираше обука за планинарски водичи – Категорија Б, а, испитната акција и тестовите беа на 15-16 јуни 2013 година.

Читам во „Водничкиот учебник“ на ПЗС, дека тие за првпат организирале обука за планинарски водичи уште во 1906 година, таман кога во Македонија бил убиен Даме Груев и кога младотурците воделе борба против отоманската империја.

Нејсе.

Оваа обука се одржа во Чешка Коча, планинарски дом на 1.543 м. на Камнишко – Савињските Алпи, на крајниот север од Словенија и на неа учествуваа 28 учесници, сите водичи на ПЗС.

Инструктори ни беа искусните Franc Gricar (Претседател на Водичката комисија при ПЗС) , госпоѓата Dragi Baloh (водичка на обуката) и Aleksander Kelneric, Franc Kemperle, Ivan Sturm, Janko Mihev , сите искусни планинарски водичи.

Четворица од учесниците на обуката и тројца од инструкторите биле во Македонија, кој во војска, кој на работа, кој на одмор. И сите се интересираа како е кај нас, како е на Попова Шапка, во Струмица, во Охрид, во Демир Капија, ....

Учесниците на обуката беа со различна старост, и образование. Имаше млади, по 25-26 години, и постари, поискусни, по 55 години. Имаше магистри на науки и автолимари, куварки и лекари. Но, сите со голема љубов кон планинарството. Се води вистинска „битка“ во словениечките планинарски друштва кој/-а ќе оди на вакви и слични обуки. Секој сака да биде на листата за обука. Впрочем, затоа во Словенија има 65.000 регистрирани планинари (кои годишно плаќаат минимум 24 евра за членство) и околу 1600 активни планинарски водичи во разни категории (лесни, напорни, копнени, зимски, алпинистички, за турно скијање, .....).

Услов за учество на обуката за Категорија Б се поседување на важечка лиценца за категорија А од ПЗС, направени минимум 5 различни копнени акции по напорни и многу напорни патеки, направени минимум 15 различни копнени акции по напорни и многу напорни патеки над шумската меѓа (над 1.800 м.), направени минимум 5 различни акции по копнени беспатја, направени најмалку 3 различни напорни или многу напорни копнени тури во улога на помошник водич.

Да се вратам на обуката.

Само што стигнавме во планинарскиот дом Чешка Коча почна да врне снег. Снегот престана последниот, четвртиот ден од обуката.

На обуката слушавме теорија и имавме пракса од неколку области: лична и техничка опрема, движење и техника на водење, ориентација, психологија на водењето, подготовка, изведба и анализа на акциите, ...

Меѓу другото, научивме дека основна лична и техничка опрема за секој од планинарските водичи на напорни и многу напорни тури е:

•  Потребна основна лична опрема : високогорска облека и обувки соодветни на временските прилики, ранец, резервна облека, вреќа за спиење, комплет за прва помош, батеријска светилка, здравствена и планинарска легитимација и комплет за ориентација.

•  Задолжителна лична техничка опрема : планинарски стапчиња, водичко јаже (д =8,5-9,0 мм , долго 20 м), 5 карабинери со матица, 3 помошни јажиња (4,5 – 5 м.), 2 гуртни (4 – 4,5 м), помошно јаже (3 м), 3 помошни јажиња (1,2 – 1,5 м, д = 6,7 мм), појас (седечки и граден дел, или комбиниран), шлем, чекан, 10 клинови, ракавици, цепин, комплет за самоосигурување, дерези и осигурувач – реверсо.

Само што завршивме со обуката претпоследниот ден (јас со групата имав задача да забијам 10 клинови во цврста карпа, да направам вертикална „ограда од јаже“ и да осигурам планинари при симнување од стрмни падини со дополнително осигурување од закопан цепин), и заминавме на вечера, однадвор се слушна силна бука. Кога погледнавме низ прозорецот, видовме дека на местото каде што работевме цел ден паднала лавина. Јанко Михев инструкторот се пошегува: „Санди (другиот инструктор), ти го нема веќе работното место!!“.


Не пречека снег


Преку стрмни падини


10 клина секој


Докториравме на сидришта


Теорија ...


... и пракса


Нагоре ....


... и надолу


Сите


Не испратија тројца Дедомразовци


Горе снег, долу зелено


„Шкрипчек“


Преку реката на нозе и ...


... со жичарница

 

Дома, во Македонија, ме чекаше учење за испитот и подготовка на Семинарска работа за испитната акција.

Ги користев „Воднички уџбеник“ во издание на ПЗС, „Основи на техниката за водење“ од Бојан Полак, вежбање на јазли, интернет, пишување на Семинарска работа за испитната акција од минимум 10 страни, ....

После 20-тина дена, на 15 јуни 2013 година во Југозападна Словенија, имавме Испитна акција на таканаречената патека „Градишка тура“. И тестови.

„Градишка тура“ е многу напорна осигурана и обележана стаза – ферата (на италијански Via Ferrata – Железен пат).

Наизглед ниска планина, висорамнина Нанос, веднаш над градот Випава, со највисок врв од околу 1200 м, но со неколку каменити и многу стрмни делови, погодни за искачување на карпи.

Извлекувавме броеви во која група ќе бидеме и извлекувавме кој ќе ни биде инструктор. Се формираа 7 групи, сите со по 4-5 планинари и по еден инструктор.

И во текот на испитот, некој „ќе се исплашеше“ па ќе моравме да го извлекуваме нагоре; некаде божем беше скината металната сајла па мораше да поставиме одграда од јаже; некаде еден до друг, за да му даваме поддршка, моравме да се спуштаме со исплашениот планинар, осигурување на деца при искачување на ферати, ..... и разни други ситуации. На крај се искачивме на врвот на „Градишка тура“, „жива вода“ од напор и од топлиот ден.

Но, затоа, долу, на почетокот на стазата, во спортскиот камп, на крај се ладевме со пиво. И се спремавме за тестот.

А, на тестот, ни паднаа околу 200 прашања од разни области во планинарското водење. На словенечки.

Еве неколку прашања:

•  Ko moramo iti navzdol po visokem (cez glavo) rusju, ki se ga ne moremo izgoniti, gremo predvsem tako: Одговор: ....

•  Pri samovarovanem gibanju na navpicnih jeklenicah smo vpeti takole (Y system) Одговор: ....

•  Cez kratko (4 do 6 m) in tezko pokoncno mesto, kjer manjka del varoval, varno propeljem majnhno skupino manj izkusenih (2 do 3) takole : Одговор: ....

•  Pri vodenju izletov z najmlajsimi otroki moramo biti se posebejpozorni na to, da: Одговор: ...

И на крај, ручавме, се сликавме , се поздравивме и секој тргна дома.

И на сите ни почна приправничкиот стаж (5 или 8 многу напорни акции како помошник водич), се до здобивањето на лиценца за Категорија Б – за напорни копнени акции.

Јас после испитот во Љубљана купив планинарска опрема по поволни цени (со тнр. Водички попуст), зедов Tax Free , на граница ми удрија печат во формуларот, со што опремата доби поволни цени.


Осигурување на „несигурна“ патека


Водење на ферати


Кога виде орда водичи, побегна

 


Самоосигурување при искачување на ферати


Накитени со опрема како новогодишна елка


Внимателно при секој чекор


На врвот на „Градишка тура“


Пред тестот


Сите заедно

Кој рече дека словенците биле ладни и незаинтересирани? Мене сите словенци ми помагаа, некои околу покомплицираните словенечки изрази, други во потрагата на продавници за планинарска опрема во Љубљана, трети со превозот до планините. Франц Гричар и Драги Балох ми подарија реверсо и 3 метални клинови. Јас им однесов вино и тетовски грав. Тоа побараа.

А, им помагам и јас кога ќе дојат во Македонија. Сместување, водење, замена пари, што да видат, што да посетат, храна, ...

Еве, мометално, тука (на Титов врв, Галичица, Пелистер) е Аленка Робас со планинари од нејзиното планинарско друштво, а во август ќе дојде Марјан Гојкошек со негови пријатели. Тоа ми се колеги од обуката во Словенија.

Благодарение на финансиската поддршка на моето планинарско – спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје и поддршката на моите пријатели од Словенија, се здобив со нови знаења од областа на планинарското водење, со нови пријатели, планинарски водичи од Словенија, кои се сега пријатели и на моето планинарско друштво.

А, секако, помага и тоа што со лиценцата од ПЗС и со планинарската книшка од моето словенечко друштво (ПД Љубљана Матица) имам попуст во 1300 планинарски домови низ Европа и Турција, осигурување и хеликоптерско спасување во Европа, како и попусти за планинарска опрема во многу продавници низ Словенија.

„Предности рој“, што би рекол мојот пријател Томче С.

Многу ме радува што моментално (јули 2013) уште еден македонски планинар, Никола Петров, е на основната обука за планинарски водичи во Бавшице, Словенија.


Напишал: Горан Николоски
Фотографии: Матјаж Сусник

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje