Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Семинар во Словенија : Како до UIAA лиценца за планинарски водич? - јули 2012

Еден од начините за добивање на лиценца за планинарски водичи (UIAA - International Mountaineering and Climbing Federation) е учество на обука во организација на Планинарскиот сојуз на Словенија во Бавшице, Словенија. Пред тоа, треба да се положи приемниот испит. Уште пред тоа, заинтересираниот треба да е член на словенечко планинарско друштво и да има ментор, словенечки планинарски водич. Пред тоа, треба да има повеќегодишно искуство во организирање и водење планинарски акции. И на крај, но најважно, треба да го сака планинарењето и високогорството. Значи, обуката е петтиот степен после љубовта!

Моето матично Планинарско-спортско друштво МАКПЕТРОЛ – Скопје ја поддржаа идејата за учество на обуката за планинарски водичи во Словенија, за што сум им благодарен, и сега , после нејзиното завршување, искрено ја препорачувам оваа можност.

Сега подетално.

Каде се наоѓа PUS Бавшице?

Бавшице е на крајниот северозапад од Словенија, на 8 км од гратчето Бовец, во рамките на Националниот парк Триглав. Со автомобил, тоа е 138 км од Љубљана, преку Јесенице – Крањска Гора – преминот Тарвисио, Италија – селото Лог под Мангарт – Тврдина Клуж – Бавшице. Планинарскиот сојуз на Словенија ( PZS - Planinska Zveza Slovenije) во Бавшице изградиле Planinsko ucno sredisce (PUS) за одржување на обуки за планинари, армијата, горските спасители, ....

Детали за приемниот испит

Приемниот испит ( писмен тест) се полага еден до два месеца пред обуката. Не далечински , не во словенечката амбасада во Скопје, туку во Словенија. На приемниот испит имаше 100-тина прашања за: Организација и историја на планинарењето, Геологија и познавањето на горите, Познавањето на заштитата на шумите, Планинарски изрази и опис на стазите, Ориентација, Несреќи во горите, Лична и техничка опрема, Метеорологија и проверка на знаењето на јазлите. За подготовка ни ја дадоа книгата PLANINSKA SOLA, PZS, Ljubljana 2004 (од група автори). Утредента после приемниот испит ја проверуваат кондицијата на учесниците, познавањето на опремата и движењето во горите со акција до еден од врвовите околу PUS Бавшице.

После приемниот испит следува пријавување за 12-дневната обуката. Се пополнуваат повеќе документи: Prijavnica in osebni list, Porocilo o opravljenih torah kot pomocnik vodnika PZS, Pregled opravljenih tur, Zdravnisko potrdilo, Izjava o zdravstveni primernosti kandidata(ke) za vodnisko delo , ... . Сите документи ги има на интернет страната на PZS http://www.pzs.si/ 

Детали за обуката

Како што е редот, образованието за планинарски водичи во Словенија почнува, со напорна 12-дневна обука за лесни копнени акции (категорија А). Следните обуки за напорни ( B) , за многу напорни (C ) копнени акции, за лесни ( D ), напорни ( E ) и многу напорни ( G ) зимски акции, за лесни ( G) и напорни ( H) акции за турно скијање , лесни глечерски акции ( I) , акции со турно скијање на глечер (К) и искачување на карпи ( F) , траат по 4 дена и само го надградуваат знаењето здобиено на основната , 12-дневна обука.

За обуката на PZS владее голем интерес меѓу словенечките планинари. Годинава 60-тина планинари беа поделени на две групи учесници: првата група, од 23 јуни до 4 јули, 28 планинари од Словенија, Македонија и Италија, на возраст од 17 до 61 година (16 машки и 12 женски), а втората група дојде после нашето заминување. Сите искусни планинари и алпинисти, предложени и финансирани од своите планинарски друштва. Се чудев кога се претставуваа словенечките колеги. „Ние“, велеа сите, „имаме недостакот на водичи во друштвото“. А, според статистиката во Словенија има над 1.500 регистрирани планинарски водичи од разни категории. И другата статистика воодушевува: 276 планинарски друштва и клубови, 58.389 членови и 17.994 млади планинари (податоци од лето 2011), 176 планинарски домови со 6.000 кревети и 1,4 милиони посетители во домовите, 1.661 стази со вкупна должина од 9.000 километри.

PZS (Планинарскиот сојуз на Словенија) е член на: UIAA (Меѓународниот сојуз на планинарски организации -  International Mountaineering and Climbing Federation); IKAR (Меѓународната комисија за спасување во планини - Internationale Kommission fur Alpines Rettungswesen); придружна членка на BMU ( Здружението на планинарските сојузи на Балканот - Balkan Mountaineering Union); на Планинарскиот форум на ЕУ (EU Mountaineering Forum); и на други здруженија и асоцијации .

Инструктори ни беа: Јанко Михев, Јудита Валентинчиќ, Санди Келнериќ, Фране Кемперле, Иван Штурм, Јоже Каменшек и Дарја Јенко, сите искусни планинари и алпинисти. Иван Штурм, на пример, е првиот словенец - алпинист кој во 1969 година ја искачил северната страна на Eiger, во Швајцарија (Eiger е еден од последните три „проблеми“ на Алпите - Eiger, Matterhorn и Grandes Jorasses), а воедно е и член на Горската служба за спасување на Словенија. Санди, „Техничкиот“, беше виртуоз со техничката опрема, со начините за употреба на јажињата и карабињерите за обезбедување и спасување. Јудита има организирано многу планинарски табори, акции за деца и млади планинари. Дарја Јенко, алпинист, била предавач и во Школата за планинарска обука во Непал.

Цената за 12-дневната обука е 375 евра, плус 60 евра за приемниот испит. Значи вкупно 435 евра. Но, п риемниот испит и обуката делимично се финансираат од Европскиот социјален фонд и од Министерството за школство и спорт на Словенија, и PZS дава 30% попуст. Значи заинтересираниот, односно планинарското друштво, треба да платат вкупно 290 Евра. А, обуката вреди секое дадено евро. И повеќе. Превозот од Македонија до Словенија и назад не е вклучен во цената.

За обуката требаше да ја имаме следната лична опрема: ранец од околу 50 литри, прикладни спортски и планинарски обувки и облека за 12 дневен престој, за одење по беспатје, високогорје и снег), батериска светилка, заштитни очила, планинарски стапчиња, вреќа за спиење, армафлекс подлога, бивак вреќа, комплет Прва помош, тетратка, пенкала и фломастери, компас, ГПС уред, мапа Јаловец и Мангарт (1:25000), мапа Јулиски Алпи – источен дел (1:50000) и планинарска книшка. Задолжителната техничка опрема беше: појас (едноделен или дводелен), помошна врвка или лента за поврзување на појасот, комплет за осигурување (за ферати), шлем, 5 карабињери HMS со крушкаст облик и со матица, 2 помошни јажиња (дебелина 4-6 мм и должина 3-4 метри), 2 помошни јажиња (дебелина 4-6 мм и должина 1,5-2 метри), 3 гуртни (должина 60, 80, 120 см), еден од сигурносните елементи Reverso (Petzl) 2, 3 или 4, ATC- Guide (Black Diamond) или PIU 2 (Cassin) , дерези, цепин и единечно динамичко јаже (дебелина 9,1- 11,00 мм со должина од 60 м). За да не ја носам од Македонија техничката опрема мене ми ја позајмија во PUS Бавшице каде што имаат магацин.

Храната (доручек, ручек, вечера, чаеви и сокови, овошје, јадење за целодневните планинарските акции) е обезбедена од PUS Бавшице.

Тек на обуката

Од првиот до последниот ден обуката беше многу озбилна и напорна (теорија + пракса = 154 часа). Секој ден станувавме во 6 часот, доручек во 6:30, предавања од 7 до 19 часот навечер и до 3 теста дневно од разни области. Ако одевме по врвови, станувавме во 4:00, доручек во 4:30, поаѓање во 5:00. А, за тие 12 дена имавме предавања од разни области, секојдневна пракса, бивакирање, преминување река, искачување на 2 врва (Велика Рупа – 1.800 м., Брицељк – 2.346 м.), „Испитен врв“ (Мангарт – 2.679 м.) и изработка на семинарска задача. И 22 теста. На словенечки. Наставата на терен беше или во дворот на PUS , или на блиската ферата (сајли и клинови поставени во карпата), или на снег, или на карпи во долината Трента, или на некој од високите врвови околу PUS Бавшице .

А, кои области беа опфатени во обуката?

•  Подготовка и изведување на акции.
•  Психологија на водење.
•  Основа на водење на групи.
•  Ориентација во планини.
•  Планински патишта, описи и стручни изрази.
•  Тренинг.
•  Незгоди во планини.
•  Прва помош.
•  Организација на планинарски школи и кружоци, бивак и табор.
•  Исхрана.
•  Растенија во планините.
•  Влијание на планините врз човекот.
•  Време и метереологија.
•  Морална и правна одговорност, и многу други.

Литературата за обуката се учебниците PLANINSKA SOLA, PZS, Ljubljana 2004 (од група автори) и VODNISTVO, PZS ( од група автори).

Искачување на врвови и „Испитен врв“

Инструкторите сакаа да направиме разлика во водењето по беспатје, обележани стази и стази за кои треба техничка опрема. Затоа првата планинарска акција беше водење во беспатје, втората водење по обележана стаза и беспатје, и третата акција, „Испитниот врв“ Мангарт, е водење по обележани стази. На акциите не тргнувавме без да ги имаме следните работи во ранецот: компас, мапа од теренот, комплет за прва помош, појас, комплет за осигурување (за ферати), шлем, 5 карабињери , 2 помошни јажиња (должина 3-4 метри), 2 гуртни, Reverso и единечно долго статичко или динамичко јаже. И вода и јадење.

Искачувањето на Велика Рупа беше вистинска авантура. Со извлекување избравме 5 групи со по еден инструктор и рано наутро, во 5 часот, тргнавме нагоре. Прво, околу 30-тина минути по обележана стаза и потоа по вистинско беспатје, низ стрмни карпи, ниска шума и трева. Инструкторот Санди ни кажа дека до Велика Рупа досега се имаат искачено 10-тина планинари. И ние. Се менувавме со водењето (секогаш групата мораше да има водич и помошник водич). И после 3 часа напорно искачување стигнавме до огромниот камен амфитеатар опкружен со уште повисоки врвови. Надолу по истиот пат, односно беспатје.

Вториот врв што го искачувавме, исто така рано наутро, со друга група и друг инструктор (одбрани повторно со извлекување) беше Брицељк (2.346 м.). Прво по обележана стаза (околу 1 час одење), па по необележана стаза низ шума и потоа низ беспатје, по камења и трева. Одевме по ситен камен (сипар), па низ снег до врвот. Надолу низ беспатје, но со прекрасен поглед врз тектонската пукнатина Лепоч. Патем видовме заштитени алпски растенија (Планинка, Злато јаболко, Енцијан), видовме змија и елени.

Третиот, „Испитниот врв“ Мангарт (2.679 м.), беше со обележани стази, обезбеден со сајли и клинови и потполно каменит. За „испитниот врв“ моравме да подготвиме семинарска задача од 10-тина страни со наслов, опис на акцијата, профил и пресек на стазата, „Часовница“ (прецизен временски тек на акцијата) , „ Vetrnica “ (приказ со азимут на сите околни врвови кои се гледаат од врвот Мангарт), детална анализа на акцијата и у потребена литература.

Пред тргнувањето на „Испитниот врв“, утрото на 1 јули, 2012 сите бевме напнати и ќутливи (инструкторот ќе ни го оценува секој потег, а можеби ќе прави и намерни грешки). Станавме во 4 часот наутро, и во 5 тргнавме со автомобили. Бевме 5 групи, чии членови и еден инструктор по група ги избравме со извлекување. Во нашата група бевме: Аленка, Франц, Андреј, Грегор, инструкторот Санди и јас. Утрото така забрзани и замислени, се договаравме кои ќе бидат водичи и помошници, влеговме во колата и тргнавме. После неколку минути ни текна дека го заборавивме инструкторот (клиентот) во PUS Бавшице. Се вративме назад и кога не виде инструкторот, се насмеа и сега тргнавме сите заедно. А, инструкторот оценува се: подготовка на групата, избор на водич и помошник водич на групата (се менувавме сите петтмина како водичи), употреба на техничката опрема, темпото на одење, ориентација и познавањата на околните врвови, растенијата, историјата на околината, ..... На крај, инструкторот беше многу задоволен од нашата група.

Последната вечер и последниот ден

Последната вечер, после завршувањето на последниот, 22-ри тест, во 20 часот почна дружењето . Организиравме 5 игри: првата за инструкторите – со заврзани очи да препознаат 5 алпски растенија, потоа трчање со лажица на која има јајце, потегнување јаже меѓу 2 екипи, трчање со заврзани нозе и, трчање и држење балон со главите/градите. Победивме, ние, учениците. Потоа запаливмеголем логорски оган, печевме колбаси и компири. До рано утро.

На 4 јули, среда, последниот ден од обуката, ни ги дадоа Потврдите и ни ги кажаа следните чекори. Групно се сликавме, се поздравивме (имаше и солзи) и си заминавме.

Следни чекори

После завршувањето на обуката и добивањето на Потврдата за учество на обуката за планинарски водичи на PZS почнува приправничкиот стаж. Треба да се организираат 5 планинарски акции во текот на 1 година (и побрзо), да се напише извештај за сите пет акции, да се испрати до PZS . Потоа тие испраќјаат „Исказница (легитимација)“ и Значка „Планинарски водич на PZS”. Потоа стартува нострификација на добиениот назив во Македонија, и на секои 3 години обнова на лиценцата во Словенија. Комплицирано? Верувајте, вреди.

Импресии

Мене лично ме импресионираа неколку работи:

•  Организацијата на обуката од страна на PZS и масовното присуство на словенечки планинари/планинарки..
•  Искрената посветеност на инструкторите да ни пренесат знаење.
•  Начинот на привлекување на децата и младите во планините.
•  Инструкторите секогаш нагласуваа дека најважна е безбедноста на клиентите: „ Varnost, varnost, varnost!!! “

Сите учесници во обуката и инструкторите, одлично се согласувавме, си помагавме и се дружевме. Мене ми помагаа кога имав проблем со некој словенечки збор (посебно при тестот за Морална и правна одговорност), или при врзувањето на некој од јазлите. Словенечкиот јазик е разбирлив (јас разбирав 90%), а јас зборував српски, односно хрватски и ме разбираа.

Во текот на обуката имаше многу интересни моменти (освен неколку предавања на кои дремевме поради умор):

•  Искачувањето по фератата и обезбедувањето при несреќи
•  Искачување и симнување од карпи
•  Правењето сидришта
•  „Мал милион“ планинарски јазли
•  Секој водич МОРА „во сон“ да знае да врзе минимум 15 планинарски јазли и да знае за што се употребуваат (имињата на јазлите на на словенечки: Bicev, Polbicev, Ambulanti, Kravatni, Osmica, Najlonski, Prusikov, Varovalni, Podaljsevalni, ....).
•  Прелетувањето на жичарница од јаже поставена меѓу две дрва оддалечени 200 метри.
•  Преминување преку реката Коритница (ладна само 9 степени)
•  Ноќевање под ведро небо (во хотелот „Илјада ѕвезди“).
•  Најубавиот поглед во Јулиски Алпи (од Мангарт)
•  Испитот на Мангарт (2.679 м.) на кого се искачувавме „вселенски“ опремени со појаси, сигурносни системи, карабињери, шлемови, јажиња, ...
•  Вниманието со која Словенците се однесуваат кон заштитените растенија (Планика, Злато јаболко, Енцијан, ...)
•  Дружењето со другите учесници во Бовец на пиво
•  Одличната кујна во PUS Bavsice 

За крај

Македонските планинари и во Македонија можат да се здобијат со солидни знаења за планинарењето ако присуствуваат на обуките организирани од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина. Но , како што вели еден мој пријател, искусен планинар од Србија: „ Nema bolje skole za vodice u Evropi od slovenacke “. По својата озбилност, сеопфатност и долгогодишна традиција обуката на PZS им дава можност на учесниците да ја согледаат сета комплексност на водењето во планина.

Македонија нема многу алпски, карпести, остри врвови како Словенија, но има врвови за сите категории акции, и прекрасни терени за турно скијање. Сите мои нови пријатели од Словенија и Италија ветија дека ќе дојдат во Македонија.

Инструкторите повеќепати нагласија дека ќе ги радува ако се консултираме со нив за планинарски проблеми на нашите планини или надвор и со задоволство ќе ни предложат решенија.

На обуката, ни се придружи и Претседателот на Комисијата за водичи при PZS , Франц Гричар, кој рече дека досега, јас сум единствениот Македонец кој ја посетувал оваа обука. Но, тие се расположени да соработуваат со нашите планинарски асоцијации и друштва во секаков облик. На пример, лани на обуката биле двајца планинарски водичи од Босна, а во 2013 година во PUS Бавшице на обука доаѓаат 12 планинарски водичи од Русија. Тоа лесно може да бидат и наши, македонски планинарски водичи.

12-дневниот период во Словенија беше неверојатно концентрирано планинарско искуство и ќе го цитирам еден од нашите најомилени (и најстроги) инструктори, Иван Штурм, кој често велеше: „Madona, to je cudovito (Мајко Божја, тоа е чудесно / прекрасно)“.


Групна слика на сите учесници и инструктори

PUS Бавшице - 14.161 км. далеку од Хонолулу


PUS Бавшице


Секогаш полно

Распоред на часови, дежурни, мисли на денот


Училницата во PUS Бавшице

Книга за обуката


Ориентација со компас и мапа


Дневници за деца и млади планинари


Стаза за акцијата за деца и млади планинари


Носилка од гранки и јажиња




Проверка колку е сигурна носилката – го превртуваме „повредениот“


„Скршен“ скочен зглоб и „скршена“ надлактица


Пренос на „повредена“ со јаже и 2 гуртни

Јазли рој

„Bicev“ и „Polbicev“ јазол


„Kravaten“ и „Bicev“ јазол


Сигурно симнување


Искачување со свои сили


Со Reverso

Сидриште


По снег со дерези, цепини


Прелетување преку долина со „жичарница од јаже“

Искачување по карпи


Симнување по карпи


Санди ни покажува каде е Велика Рупа

Беспатјето кон Велика Рупа




Велика Рупа (1.800 м.)

Енергетска точка


Беспатје кон Брицељк (2.346 м.)

Надолу од Брицељк по снег


Гад (змија) на Брицељк

Планика (рунолист, Edelweiss)


Крањска лилиа или „Злато јаболко“

Шкорпија под вреќата за спиење


Стазата на Мангарт (2.679 м.) на GPS уред и Google Earth


Мангарт и длабокиот жлеб по кого се искачувавме

Кон врвот Мангарт


По клинови и сајли


На врвот Мангарт (2.679 м.) – Горан, Грегор, Андреј (стојат), Франц, Аленка, Санди (седат)

Алпски врвови (Триглав во последниот ред)


Сите работат на семинарската задача за „Испитниот врв“


Натпревар ученици - инструктори

Подарок за скриениот пријател


Околу логорскиот оган



Доделување на Потврдите за завршената обука

 

Автор: Горан Николоски, ПСД Макпетрол - Скопје

Слики: Горан Николоски, Грегор Водопивец, Љубиша Бојовиќ, Јоже Каменшек


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje