Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Обука за планинарски водичи за зимски акции во Словенија (6-9 март, 2014)

„Преку сателитски телефон ми се јави еден мој пријател планинар, од Елбрус, Кавказ, и ме прашува што да прави со планинарот кој има силна висинска болест“, почна др. Миха Зајец од Медицинскиот центар во Словењ Градец, Словенија, предавачот за Прва помош во зимски услови на обуката за планинарски водичи за зимски тури. „Ги прашав за симптомите и за лековите што ги имаат. Тие што ги имале, не им помогнале и јас им предложив, додека полека го симнуваат болниот планинар, еден од нив да се симне долу во долината и во првата аптека да купи ... Вијагра!“. Ние, учесниците на обуката почнавме да се смееме. „Да, да“, продолжи др. Зајец. „И тие како и вие се зачудија на предлогот, но ме послушаа. Му дале Вијагра и ... болниот планинар закрепнал. „Вијаграта“, рече др. Зајец „го намалува отокот во мозокот и во белите дробови, додека истовремено „еректира оток“ на друго место“. Планинарскиот дом Koca v Grohatu на планината Радуха, каде што бевме сместени, ечеше од смеа. „Запамтете дека ова може да го применат и мажи и жени планинари кои имаат силна висинска болест“ заклучи др. Зајец.

Продолживме со обуката и стигнавме до делот за измрзнатини. „Ако во текот на планинарската акција некој планинар измрзне направете го следното: најдете 4 ќебиња, астро фолија и еден чаршав (на пример, во најблискиот планинарски дом). Прво 5 пати свиткајте го чаршафот (до димензии 30х40 см), натопете го во топла вода (38 ° -42 ° ), истискајте ја водата и ставете го на градите на измрзнатиот (не на гола кожа). Потоа само телото (не и рацете и нозете) завиткајте го со астро фолија и на крај почнете да го завиткувате целото тело со четирите ќебиња. И така чувајте го додека не дојде лекар. ... Но, каде ќе најдете топла вода за чаршафот?“ праша др. Зајец. Ние ќутевме. „Вака ќе направите“, продолжи др. Зајец. „Ќе ги викнете планинарите со најполни мочни меури, кои ќе го помочаат чаршафот, ќе ја истискате течноста од чаршафот и ќе го ставите на градите на измрзнатиот. Така ќе го спасите човекот“, рече решително др. Зајец. „Тогаш заборавете на срам, гадење и чудење и спасете го човекот“.

Тоа беше и целта на обуката за планинарски водичи во зимски услови, да се укаже дека сигурноста на учесниците во планинарската акција е поважна од се. Планинарскиот водич и неговите соработници ја превеземаат целата одговорност за учесниците на акцијата почнувајќи од збирното место, до врвот и назад. Обуката беше во организација на Планинарскиот сојуз на Словенија ( PZS) , кој се одржуваше на планината Радуха, на Камнишко-савињски Алпи во Словенија. Бевме присутни 23-ца планинарски водичи од Словенија, а обуката ја водеа 6 инструктори и 2-ца предавачи. Водител на обуката беше Франц Гричар, Претседател на Водичката комисија при PZS , сојуз кој одржува одлични односи со нашата Федерација на планинарски спортови во Македонија.

Обуката се состои од 3 дела: акција за проверка на физичката кондиција и избор на учесниците во обуката; 4-дневна практичко-теоретска обука на планина; изработка на Семинарска задача; тестови и Испитна акција. За сите делови се добива оценка, која одредува колку приправнички акции (5 или 8) мора да направи кандидатот за лиценцата за зимски акции под надзор на ментор. После завршетокот на приправничкиот стаж се добива лиценца за водич во соодветна категорија (во PZS имаат 10 категории водичи).

На обуката пробувавме „се живо и диво“: Одење по снег (по рамно, косо, нагоре, преминување, надолу, косо надолу); одење со дрезги; застанување на снег без технички средства; застанување со цепин; застанување со јаже;, осигурување околу колковите – бочно осигурување; изработка на сидриште во тврд снег со еден и два цепина, со ранец, јаже, планинарски стапчиња; изработка на хоризонтална и вертикална ограда од јаже; изработка на импровизиран појас од јаже; наврзување на главното јаже на појас; употреба на жолна за пронаоѓање на затрупани од лавини; изработка на снежен профил; грубо и фино сондирање (пронаоѓање на затрупани предмети во снег со сонда), итн.

Значи, мерак е да ги гледаш словенечките планинари кои се облечени соодветно на условите. Зимски обувки, задолжителна комбинација дерези + цепин + шлем, дрезги ако има длабок снег, појас, помошни јажиња и карабинери, јаже ако во текот на патеката има места каде што треба да се обезбедува. „Тројчек“ (жолна, сонда и лопата), ако има и најмала можност од лавини, мапи, компаси, GPS уреди.

Делот од обуката за спасување на планинари закопани од лавина беше многу интересен. Сите учесници имавме „Тројчек“ (сонда, лопата и жолна – инструмент со големина на мобилен телефон, кој звучно и светлосно покажува каде е затрупаниот под лавината). „Ако“во рок од 12 до 15 минути не дојдете до дишните патишта на затрупаниот под лавината“ кажуваа инструкторите „понатаму се е залудно, но во никој случај не смеете да престанете да го барате“. Инструкторите, додека стоевме свртени со грб, ќе закопаа една жолна во снегот, и секој од нас го баравме „затрупаниот“. Појак звук, послаб звук, лево-десно, ... тука е. Го обележуваме местото со сонда и копаме со лопатата како луди во потрага по „затрупаниот“.

Во денешно време кога и во зимски услови има се повеќе планинари и турно скијачи по планините, користењето на добра зимска опрема, дерези, цепини, дрезги, „Тројчек“, ... значи Живот.

Многу интересен дел од обуката беше и правењето на бивак во снег и преспивање во него. Се поделивме во групи по 2 /3 /4-ца и секоја група требаше да најде соодветно место за градба на бивакот. Едни најдоа високи смреки и почнаа да ги оградуваат со снежни плочи, борови гранки на подот и алуминиумски фолии над главата. Други копаа во снег на стрмни падини, трети на поблаги падини. Мене ми вели Томаж:„Ајде Горан, да видиш каква лукња (дупка на словенечки) ќе направиме ние“. „А, ти, досега си правел бивак во снег?“ го прашав. “Даааа“, вели Томаж. „Во дворот често правам биваци“. „Сигурно имаш стрмен двор, па се собира снег?“, продолжив со прашањата. „Не, не. Носам снег и правам биваци. Од забава“. Ха. „Некој игра фудбал, некој гледа телевизија, а Томаж прави биваци во двор“, си помислив.

Одбравме една поблага падина со навеан снег, и со сонда видовме дека снегот е длабок околу 2 метра, го обележавме местото и почнавме да копаме. Прво косо надолу (ходник), потоа лево влез во дупката, и потоа десно нагоре, „соба“. После еден и пол часа интензивно копање и обликување на просторот, направивме, според колегите водичи една од најдобрите биваци. Ставивме борови гранчиња на подот, и колегите почнаа да се сликаат испружени во „собата“ и да ги ставаат сликите на Facebook . Го нарековме нашиот бивак во снег - HILTON ICE . Сместувањето во биваците почна во сабота навечер, 8 март, во 22 часот, и требаше, според инструкторите, од нив да излеземе, на 9 март, во 6 часот наутро. Нашите 6 колешки, планинарски водички, за празникот 8 Март добија лалиња, и не се бунеа што мора да прават биваци во снегот и да спијат во нив.

Повеќето колеги следното утро „со пола уста“ кажуваа дека „дооооооооообро“ спиеле ноќта. Јас завиткан во вреќа за спиење и во дополнителна облека отспав околу 6 часа во HILTON ICE .

И уште еден совет на др. Зајец. „Во никој случај да не ги масирате измрзнатите делови од телото, туку што побрзо да ги затоплите!“.

Во продолжение се слики од обуката.

(Опис на сликите)


1 – Koca v Grohatu pod Raduho


2 – Радуха


3 – Сите


4 – Теорија


5 – Јазли рој


6 – Јазли во пракса


7 – Застанување со цепин


8 – Застанување со јаже


9 – Правење снежен профил


10 – Снежен профил „Норвешка метода“


11 – Хоризонтална ограда од јаже


12 – Дали ќе издржи оградата?


13 – Да


14 – Вертикална ограда од јаже


15 – Правење сидриште со цепин


16 – Правење сидриште со ранец


17 – Сидриштата држат


18 – Пребарување на скриени предмети од лавина


19 – Сондирање на лавината


20 – Пребавување на „затрупан“ од лавина со инструментот Жолна


21 – Одење со дрезги


22 – Снежен профил „Швајцарска метода“


23 – Снегот под лупа


24 – Мерење на тежина на снегот


25 – Дали горниот слој ќе издржи двајца планинари? Држи.


26 – Бивак No. 1


2 7 – Бивак No. 2


28 – Бивак No. 3


29 – Бивак No. 4


30 – Бивак No. 5


31 – Градењето на Hilton Ice (1)


32 - Градењето на Hilton Ice (2)


33 – Внатрешноста на Hilton Ice


34 – Ѕвездена ноќ


35 – Завиткување на измрзнат


36 – Завиткан измрзнат


Автор: Горан Николоски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje