"По трасата на Гасоводот" - 16 мај 2010
На 16 мај 2010 година (недела) се одржа по трет пат традиционалната годишна акција на нашето планинарско друштво "По трасата на Гасоводот". Оваа година се определивме да понудиме можност за избор на патеката - па имавме две патеки : полесна и пократка - за рекреативци, постари планинари и подмладок и втора - подолга и потешка - за активни планинари. Одзивот на заитересираните планинари оваа година беше навистина голем и се пријавија повеќе од 200 планинари за двете патеки. Но, силниот дожд и невремето кое се случи во саботата - ден пред акцијата, најверојатно поколеба еден дел од пријавените така да на акцијата земаа учество околу 130 учесници. Но - како што подоцна се покажа - имавме среќа и времето добро не послужи, поголемиот дел од денот беше облачно со сончеви периоди и многу пријатно за пешачење. Во два кратки наврати падна и малку дожд, но не доволно за да ни го расипе доброто расположение.
Прва патека : ГМРС Жидилово - ман. Св Јоаким Осоговски, с.Чифлак - с.Мождивњак
Поголемиот дел од пријавените - околу 80 учествуваа на оваа патека. Појдовна точка беше главната мерна станица на гасоводот близу с. Жидилово, веднаш до границата со Р. Бугарија. Гасоводот доаѓа преку Бугарија и на оваа станица се мери количината, притисокот и сите дуги параметри на гасот што велгува во Р. Македонија. Пред да почне маршот, вработените од мерната станица ги пречекаа планинарите со кафе и чајче и им одржаа кратко предавање за функцијата и улогата на мерната станица, како и на гасоводниот систем. Нормално, пред поаѓањето направија и заедничка фотографија.
заедничка фотографија кај ГМРС Жидилово
Потоа колоната се упати по патот во правец на Крива Паланка. На околу 1 км понатау се одвои од главниот пат во лево и почна да се искачува во падините на Осоговските планини. Оттука па натаму - патот водеше по патеката направена за гасоводниот систем, а патокази (маркации) ни беа жолтите столбчиња од системот.
средина на мај - се е зелено
патека по цевките од гасоводот
По убаво време колоната се искачува по угорнините, правејќи повремени кратки паузи и една подолга пауза отприлика на половина пат до манастирот - кај една убава лединка со чешма. Потоа - повторно нагоре до сртот кој води во правец на Калин Камен. Оттука патеката се одвојува од гасоводните столпчиња и по маркирана патека се спушта до манастирот св. Јоаким Осоговски.
едно од последите искачувања - меѓу брезите
манастирот св. Јоаким Осоговски
Тука повторно групата се одмара - некои појадуваат, потоа се разгледува манастирот и околината. По околу половина час планинарите продолжуваат да се спуштаат кон мотелот Македонија каде што се паркирани автобусите.
Еден дел од планинарите го продолжува пешачењето од с. Чифлак до с. Мождивњак (отприлика уште еден час пешачење). Останатите, веќе изморени од досега испешаченото - со автобусите заминуваат за рибникот "Езерце" во с. Гиновци. Тука одмараат и ги чекаат останатите учесници на маршот.
Втора патека : Крива Паланка - врв Костадиница (1645m) - с.Мождивњак
За втората група појдoвна точка беше центарот на Крива Паланка. Во групата имаше околу 50 планинари. По широк шумски пат групата го измина првиот дел од искачувањето. Патот поголемиот дел минуваше низ шумовит терен и навистина беше пријатно. Кога пристигнавме на висина од околу 1200 m излеговме од шумата и уживавме во погледот кон повисоките врвови на Осоговските планини. Наскоро стигнавме и до првата чешма, каде што направивме кратка пауза, за да ги обновиме резервите со вода и да причекаме да се консолидира групата.
во Крива Паланка рано наутро
во близина на првата чешма
Без многу брзање - по убаво време - со умерен ветар - одиме нагоре. По некое време стигнуваме скоро под самит врв. Тука, од левата (источната) страна на врвот се наоѓа голема чешма богата со вода - позната како "Бела Вода" и тоа всушност претставува изворот на Дурачка река која тече до Крива Паланка и таму се влива во Крива Река. Тука кај чешмата правиме поголема пауза за појадок, бидејќи сме заштитени од ветрот кој на врвот секако ќе не пронајде.
одлично време за одлично расположение
одмор кај чешмата "Бела Вода" веднаш под врвот Костадиница
последниот напор пред врвот
По паузата имаме уште 5-10 минути и стигнуваме на врвот. Навистина горе дува повеќе, но не е многу силен ветрот, така да групата се собира за фотографирање, заедно со клубските и државните знамиња на учесниците.
на врвот Костадиница (1645 m)
Од врвот по убава патека се спуштаме надолу. Иако има уште 12 километри да се поминат, километрите бргу се нижат еден по друг, со разговор, со прогнози дали ќе заврне сега или за 10 минути, дали ќе се пие вакво или онакво пиво кога ќе стигнеме во рибникот. Така, пропратени во еден краток период со малку дожд, стигнавме во селото Мождивњак каде што дојде автобусот и ја пренесе групата до рибникот "Езерце".
Ручек во рибник "Езерце" и веселба
По ручекот во рибникот планинарите можеа да се одморат во убавата околина на рибникот а оние кои уште имаа енергија се фатија и изиграа по некое оро. Околу 19 часот сите среќни, весели и прилично изморени влегоа во автобусите и се упатија кон своите домови.
Акцијата помина во најдобар ред, без никакви повреди на учесниците, никој не се загуби, никој не се измори премногу. Се потрудивме да прошетаме во природа и да запознаеме некои нови делови од Р. Македонија во близина на Гасоводниот систем.
Ручек во рибник "Езерце"
за убаваата храна и амбиентот се погрижи газда Столе
најиздржливите имаа енергија и да заиграат
автор : Трајче Панковски
|