Галчин и Орле : Take a Walk on the Wild Side - 23 октомври 2011
Некои планини се големи, високи. Некои планини се помали, но она што тие го нудат е чувство на сурова дивина - исконски диви предели каде се чувствуваме така нераскинливо споени со природата и толку мали и ранливи. Чувството кога тоа ќе се помине - на крајот на денот - е навистина катарзично.
Мошне мала група - Петар и Трајче од Скопје и од Боби, Жико и Трајче од Штип се упатија во раните утрински часови во правец на Кавадарци. Во далечината уште додека одиме по патот Росоман - Прилеп - ѕирка шилестиот гребен на Галчин - врвче познато меѓу македонските планинари како "Македонски Матерхорн". Времето облачно, но не премногу.
Околу 7 часот сме кај браната на вештачкото езеро Тиквеш. Ја паркираме колата до чуварската куќичка и поаѓаме по широкиот макадамски пат кон село Шешково. Патот е во одлична состојба така да може без проблем да се вози со теренско возило, па дури и со кола која е малку повисока во долниот дел. Растојанието од околу 9 km бргу го минуваме, дека до селото нема некоја голема висинска разлика, околу 350 m. Кога ја планиравме акцијата сакавме да се пристигне во Шешково претходниот ден и тука да се преспие, за да следниот дено полесно се изврши искачувањето и враќањето назад. Но, поради тоа што се пријавија малку луѓе и до последниот ден не беше баш извесно колку луѓе ќе одиме, се решивме да ја направиме акцијата еднодневна - физички позахтевна но затоа пак ќе бидеме ослободени од тежината на вреќите за спиење и повеќе другите работи што би ги влечкале доколку бевме решиле да спиеме.
срамежливото сонце ѕирка над езерото Тиквеш
Од селото Шешково поаѓа планинско патче во правец на југ - по десната страна на долот кој води во правец на село Праведник. Патеката е на некои места маркирана, со постара маркација, но - најверојатно поради тоа што многу ретко се оди по оваа патека - таа почнува да зараснува. На некои места и селаните придонесуваат да се изгуби вистинската патека со тоа што сечат од околните дрвја и ги фрлаат гранките баш на патеката.
Ние иако опремени со GPS си појдовме по патеката и во еден момент - поопуштени, не забележавме дека малку забегавме од патеката по друга патека во лево. Грешката ја откривме многу бргу, но поради густата шума и грмушки, не можевме да се вратиме веднаш на вистинската патека, туку продолживме по оваа патека во правец на врвот Мал Руен и таму, некаде пред врвот наидовме на убава патека која води десно во правец на седлото каде што требаше да одиме според планот.
Од седлото треба да се појде во десно (запад) под прав агол и тоа низ едни грмушки каде тешко се гледа дека има патека. Наскоро патеката е добро видлива и на места маркирана. Најчесто патеката е маркирана таму каде што е патеката очигледна, а таму каде што е проблематична навигацијата маркацијата изостанува. Патеката се движи сега околу 2 km по гребенот на ридот, со минимални промени на надморската височина. Од овој гребен на моменти се отвора поглед кон врвот Галчин - неговата источна и северна страна.
поглед кон Галчин
Стигнуваме до изворчето на висина од околу 1080 m - овој пат над изворчето се имаше срушено дрво и полнењето вода беше можно, но малку комплицирано. Тука направивме мал одмор пред последниот успон до врвот. Од изворчето патеката поаѓа пострмно, и на места има маркација, но на некои места патеката е премногу зарасната така да мора да се пробиваме низ гранките. На висина од околу 1250 m веќе полека излегуваме од шумскиот дел и движењето е полесно. Останува само искачувањето по убавиот стрмен гребен, на места со карпи, на места тревнат - до врвот Галчин. Искачувањето се движи по северниот гребен - другите страни се премногу карпести за да се изврши нормално планинарско искачување.
искачувањето по северниот гребен на Галчин
На врвот стигнуваме во 11:45. На самиот врв има стилизиран голем алпинистички клин и карабинер и на него мала метална плочка на која погрешно е напишано името на врвот (пишува Орле). Се сликаме тука со карабинерот. Рагледуваме околу, особено на досега невидливата страна на Галчин - и - што да видиш - дивина - суров но убав предел, карпи кои те канат да одиш кај нив да прошеташ, да се качуваш, да се чувствуваш како орел во дивината. Се спуштаме по стрмен но сепак не комплициран терен кон седлото помеѓу врвовите Галчин и Орле. Таму на седлото правиме мала пауза за ручек - по некој сендвич од нашите ранци.
групна фотографија на врвот Галчин (1472 m)
карпите под врвот Галчин - југозападна страна
помалата но многу интересна карпа под Галчин - јужна страна
поглед кон карпите на Галчин од седлото меѓу Галчин и Орле
Патот од седлото кон врвот Орле се движи по гребенот во првата половина по западниот гребен и тоа низ шума во која има и растенија со трнчиња - треба да се биде внимателен. Кога ќе се излезе од шумата почнува прекрасен карпест остар гребен кој сега се движи во правец на север. Одиме по гребенот, на моменти помагајќи си и со рацете поради природата на теренот. Облаците се кренаа на наша висина и видливоста почна да се намалува, што на ова патување по карпите му дава малку мистичен шмек. Околу 12:50 стигнуваме на врвот Орле.
по остриот гребен на Орле
Петар од Скопје и Трајче од Штип на пат кон врвот Орле
на врвот Орле (1480 m)
враќање назад кон Галчин - обаците се згуснуваат па се расчистуваат
поглед на убавата помала карпа на јужната страна на Галчин
прекрасните диви предели на овие планини
Следува враќање назад - придружувани од едно ловечко кутре кое се има изгубено и кое речиси целиот ден го мина во наше друштво. Во селото Шешково отидовме до селската црква - која е малку подалеку од селото и која е идеално место за логорување кога ќе се укаже потреба.
мал одмор кај црквата во Шешково
Потоа одиме по еден друг пат - колку да не биде по истиот по кој дојдовме и колку да провериме каков е патот за да знаеме за следното доаѓање.
Околу 18 часот, со почетокот на заоѓањето на сонцето - пристигнуваме кај браната. Се миеме на блиската чешмичка и се спремаме за пат накај дома. Кучето му го предадовме на чуварот на браната - му кажавме дека било цел ден со нас и да проба да ги исконтактира неговите газди.
На враќање - некаде кај Велес заврна силен дожд. Ни беше мило што тоа се случи сега, а не додека бевме таму горе во планината.
Убава планина, убави врвчиња. Би било добро домаќините од Кавадарци малку да се погрижат за расчистувањето и маркацијата на патеката. Оваа локација може да биде убаво место и за планинарите и за алпинистите.
Технички податоци :
Должина на патеката: 30,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2000 m
измината патека
профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/GalchinIOrle#
GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/10/25/galchin-1472-m-i-orle-1480-m/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски
|