Вољата, решеноста, истрајноста се едни од клучните фактори кога учествуваш на ултра маратон.
Фрушкогорскиот маратон се одржува непрекинато од 1978 г. Првиот пат се одржал на 27-28 Мај 1978 г. на стазата Голем маратон со должина од 86 км. и 407 учесници. Ова е единствениот ултра маратон на балканот а и пошироко за чие учество не се плаќа котизација.
Денес маратонот се одржува на 17 стази со различна должина и висинска разлика. Од 2011 г. Стазата за Ултра маратон плус носи 2 квалификациони поени за учество на светски популарната трка “Ultra trail du Мont Blanc”.
Во 2012 година на стазите на Фрушка гора се појавија 14007 регистрирани учесници. Оваа година само ултра плус маратонот ( 111,151 км и 4.119 м висинска разлика ) го завршија 153 учесници. Најголемиот број учесници беа од Србија. Потоа имаше од Македонија, Словенија, Унгарија, Босна и Херцеговина. И тоа најразлични профили на луѓе од планинари до големи атлети.
Напорот кој се вложува за време на поминувањето на овие долги дистанци допринесува човечкиот организам да троши големи количини на енергија. Таа енергија најчесто се добива од храната и течностите кои ги внесуваме за време на трката, но и од складираните резерви во нашето тело. Поголем дел од луѓето кои бевме заедно направија тестирање кој колку ќе ослаби после трчањето на Ултра плус маратонот. Добивме резултати од 2-5 кг. Овие килограми поради зголемениот апетит наредните денови брзо се вракаат.
И овој ултра маратон сите го поминавме најдобро што знаевме. Секој си користеше своја тактика за да му биде што полесно и побрзо да стигне до целта. Побогати со уште едно големо искуство продолжуваме понатака во нови предизвици.
Целосната слика за овогодинешната ултра плус маратонска авантура, ќе ја доловите со читање на одлично напишаниот извештај од нашиот ултрамаратонец, алпинист, планинар - Жикица Ивановски.
екипата што настапи на Фрушкогорскиот планиски маратон
Макпетрол тим: Александар, Влатче, Бурим, Петар, Маја, Светле, Јовица, Жикица, Тања
Традицијата на учество продолжи и оваа година. За мене трето по ред, вкупно пет со 2007 година, за некои второ и за некои прво. Деветмина, исто како минатата година, но со променета постава од Скопје преку шопингот во Инџија стигнавме на Фрушка Гора.
Пристигнавме доцна попладне по малку уморни од патот. Прво си ги наместивме шаторите па потоа слеговме на ручек близу планинарскиот дом. Во меѓувреме највредните ги обезбедија пријавите за утредента.
ручек - мора да се обезбеди организмот со енергија
Утредента без никакви аларми сите како навиени околу 6:30 излеговме од шаторите. Каснавме секој од својата тајна храна пред трка и се придвиживме кон стартот. Овојпат таму беше поставена заштитна ограда и неколку редари се трудеа да не ги пропуштаат учесниците пред 9:00.
Тања, Светле, Бурим, Маја
Ние се позициониравме на неколку метри од оградата со што го избегнавме километарското буткање од претходната година. На самиот старт започнавме со брзо одење а веќе на првиот рамен дел и со трчање.
Пред старт
Некои останаа назад а Александар, Светле и јас веќе ги испробувавме првите удолници. На првата контрола фалеа перфораторите поради што се направи мала гужва кога ги донесоа. Веќе на втората контрола оставме само Александар и јас. По пат налетавме и на нашите пријатели од Словенија, Марјета и Сречко, кои пред неколку викенда финишираа на 100 милји во Истра.
Нешто пред манастирот Гргетег продолжив сам, а Александар заостануваше. Ми беше криво што не можеме да продолжиме заедно но договорот беше секој да си фати свое темпо за да се избегне префорсирање или евентуално откажување. Времето беше премногу топло и секој си има своја толеранција кон топлината при вакви активности. Поради тоа во ранците носевме само неопходни количини на храна и вода додека од облека јас имав единствено резервна маица. Поучени од претходните години знаевме дека храна и течности може да се купат по пат па некоја мала сума на динари беше потребна. Од храна во текот на трката искористив: 3 гелчиња, 2 протеински/енергетски барчиња, околу 10 свежи урми(мојата супер храна за трчање), 1 пакетка бомбони гроздов шеќер и банана(си ја купив во Врдник). Од течности испив околу 5 пакетчиња елетролити за по 500мл во, еден енергетски напиток кој го купив по пат и „огромни“ количини вода и чај кој се служеше.
На контролните точки се трудев да не се задржувам долго освен за дополнување на вода. Планот во текот на трката ми беше „пешачам, јадам и пијам на угорнини, а трчам по рамно и надолнини“.
Единственото мое фото од цела трка. За Марин!
Во Врдник се сретнав со едниот од двајцата словенци кои уште на прв поглед на самиот старт изгледаа многу искусно. Во краткиот разговор ми кажа дека неговиот пријател, Давид Кадунц, ќе биде прв и има намера да постави рекорд на патеката од околу 10 часа. Во секој случај првпласираниот постави рекорд но со време од 11:55.
Во текот на целата трка си давав задачи како „трчам до следната маркација каде има угорнина, или до дрвото каде започнува угорницата, следната сенка итн.“ и овие ситни задачки ми го дефокусираа умот од топлината, грчевите, напорот...
Одмор
На моето второ пристигнување на Летенка се сретнав со Светле која го почнуваше кругот, кратко разговаравме, позајмив еден Рехидромикс и се разделивме. Направив кратко истегнување за да ги намалам грчевите кои се појавија на некои места на кои до сега не сум имал, како на пример препонските мускули. Секој ултрамаратон си носи нови грчеви. Продолжив најпрвин со брзо пешачење а потоа и трчање зависно од теренот. На ранецот и облеката се беа појавиле трагите од сол па се принудував да пијам што повеќе елетролити. Но денот веќе изминуваше а со него и топлината. Доаѓаа подобри периоди за трчање. Морав да мислам позитивно. Се присетував на некои делови од лани на кои единствено можевме да пешачиме со Драган Чириќ а оваа година ги трчав. Пробував да се присетам и на тоа каде лани не фати мрак но без успех.
Искачувањето до највисокиот врв Црвени Чот(КТ 22) очекував да биде много потешко и пострмно. Напротив во голем дел трчав бркајќи се со денот кој полека заминуваше. Следуваше стрмен спуст до Осовље(КТ 23) и време беше за челна лампа. На Осовљле за разлика од другите години беше пусто. Единствено перфораторот даваше до знаење дека тоа е контролна точка. Минувајќи го Беочин(КТ 24), остануваа помалку од 20км, ми се залепија неколку деца без лампи на кои им бев водич до Бранковац. По нивното дишење знаев дека ги форсирам но што можев освен да си држам мое темпо. Остануваа уште неколку контролни точки што дополнително ме мотивираше да продолжам со трчање. Беше мрак и не знаев дали трчам по угорнина или рамница. На нозете им беше сеедно. Крајното искачувањето кон Поповица вистински ме изнамачи. А таму беше сеуште живо и не можев да поверувам дека е 22:31. Бев презадоволен од постигнатото време. Некој од организацијата ми спомна дека сум трет, дека некој дошол пред мене со седум пропуштени контроли но сепак пласманот не ми беше важен ниту во еден во момент. Си ја исполнив целта да бидам подобар од претходната година и тоа со неверојатни 3 часа и 25 минути. Примив честитки од луѓето кои беа таму и навистина беа воодушевени од мојот напредокот во однос на минатата година.
Потоа бавно се придвижив кон шаторите каде беа само Маја и Влатче и тие воодушевени од моето време, очекувајќи да стигнам подоцна за што имаа спремено и аларми. Пробав на спијам но ниедна позиција не ми одговараше па така полубуден ги дочекав остантите. Најпрвин Александар со време од 19:45, па Светле со време од 21:00, Јовица и Бурим со време од 24:10 и на крај во доцните утрински часови свеж како само да почнал Петар со време од 25:40. За жал Тања Манчева имала плоблеми со стапалата и се откажа на Летенка по изминати 77км. Маја и Влатче како за прв пат истрчаа солидно, Маја 40км а Влатче со 60км.
Со Фрушка Гора сум поврзан уште од 2007 година. Тогаш на покана на Трајче и Марин учествував прв пат на Ултра плус маратонот. Тоа е местото од каде многу работи почнаа за мене и секогаш ми е многу мило кога сум таму. Се надевам и следната година!
Текст: Жикица Ивановски
Фотографии: Петар Герасимов, Жикица Ивановски
П.С. Интересно е да се прочита и извештајот на Иван Симиќ за истата трка на овој <<линк>>