Екипата на тркачи која последните месеци упорно тренираше по македонските планини и по скопските кејови, конечно појде на првата официјална трка за оваа година. Фрушка Гора навидум ниска планина во средината на Панонската низина во Војводина, веднаш до Нови Сад е целта на нашето патување. Од Скопје поаѓаме група од девет натпреварувачи - 2 девојки и 7 момци - некои помлади а некои постари момци. Во петок околу 9:30 поаѓаме на пат - за да имаме време да стигнеме во Нови Сад, па на стартната локација - Поповица на Фрушка Гора, каде треба да ставиме шатори за да преспиеме. Уште имаше информации дека земјоделците штрајкувале и правеле блокади на патиштата - но се покажа дека автопатите биле поштедени од тие блокади.
нашиот мирен логор
Некаде околу 18 часот сме на Поповица. Одиме веднаш во домот на ПСД "Железничар" од Нови Сад - организаторот на трката. Се пријавуваме дека сме стигнале и се договараме со домаќините каде отприлика да ги ставиме шаторите и колите. По кратка прошетка најдовме уште подобро место за логорување - во дворот на еден постар господин - мирно место каде можевме да ја преспиеме ноќта пред трката - нешто подолу се јадеше, пиеше и пееше до доцна во ноќта, односно до рано наутро, а имаше и по некој истрел од вруќо оружје.
пред стартот - екипата од ПСД Макпетрол - и Ања е наш член - од Нови Сад
Се будиме околу 6:30. Редовна хигиена - јадеме, пиеме течности. Колку и да се нема апетит - знаеме дека мора организмот да се обезбеди со резерви на храна и вода - трката што следи е навистина исцрпувачка.
Околу 7:30 одам до пријавните места и ги давам веќе пополнетите пријавни ливчиња а добивам картичка за секој натпреварувач - на неа теба да се направи перфорација на означеното место за секоја помината контролна точка - вкупно 26 на број. Последни подготовки за трката на 111 km со висинска разлика од 4190 m. Со трчање, со одење, со лазење - кој како знае и умее - за 36 часа трасата треба да се мине, со два временски лимити по пат што треба да се исполнат.
момци македонци
Околу 8:15 одиме накај стартот. Луѓето, највеќе млади, но има и доста повозрасни, се имаат пријавено за патеки од 3 до 111 km, секој според своите проценки. На крајот добивме информација дека имало околу 14000 учесници тој ден на Фрушка Гора. Се обидуваме да се пробиеме што поблиску до стартот - поучени од искуството од минатата година кога повеќе од половина час скоро да тапкавме во место поради големата гужва. Таму сретнавме повеќе познати натпреварувачи,. а и некои нови пријатели - од Словенија тројца натпреварувачи кои ги поканивме на нашата трка Krali Marko Ultra Trail што ќе ја организираме во октомври. Низ разговор се приближи 9 часот, кога колоната почна полека да се мртка нанапред - значи трката започна.
гужва пред стартот
Полека ги минуваме луѓето пред нас - се до моментот - после некои 10-15 минути кога веќе може да почне и да се трча. Со повремени застои на колоната, се приближуваме до првата контролна точка. Тука чекаме неколку минути дека перфораторите уште не беа поставени. Потоа една по една се редат точките - нема што многу да се кажува - кога е рамно и удолница трчаме, по угорница пешачиме со појако темпо - километрите се редат. На втората контролна точка Жико се одвојува - ќе се обиде да направи добар резултат. Ние се движиме во група - главна цел ни е што повеќе луѓе да го завршат успешно ултрамаратонот - дека поголемиот дел од нив се почетници на вакви патеки.
по убавите патеки на Фрушка Гора
Временските услови може да кажеме дека оваа година ни се добри - најважно е што нема дожд и кал. На некои места имаше мали остатоци од кал дека до пред неколку дена паѓал дожд, но немаше критични места. Беше топло, можеби околу 27 - 28 степени, но поголемиот дел од патеките се во шума, во сенка, а повремено дувкаше и умерено ветре кое убаво не разладуваше. Имаше малку поголема влажност и на некои тоа им претставуваше проблем.
еден од неколкуте манастири по патеката - Старо Хопово
Минуваат километрите и контролните точки - отприлика 11 пати имаме искачување, па спуштање во текот на целата трка. На некои од контролните точки добиваме чај, вода, има доволно вода по патот да се наполни, а и да се купи храна и пијалоци од некои луѓе кои поставиле импровизирани шумски продажни места. На неколку места, кои се излетнички места за новосаѓани - има баш продавнички каде може да се купи сладолед, кока-кола, такви некои супстанци за преживување. Но обично на такви места и концентрацијата на оние кои се излезени во планината но не да се тркаат туку повеќе да се шетаат е многу голема, па на неколку пати заглавуваме во долги колони на тесни патчиња, каде претекнувањето е многу тешко. Но напредуваме...
само напред...
Некаде околу 42-от километар е местото Врдник во кое на пазарот е организиран ручек во природа - се служи грав во чинија и парче леб, а ти си наоѓаш место каде ќе седнеш да јадеш и да одмориш малку. Потоа пак по старо, оди - трчај - оди.... и пак така....
Некаде кај главната контролна точка - ливадата Летенка, двајца од членовите на екипата решаваат да се откажат - едниот веќе неколку пати осети слабост - можеби поради метеоролошкото влијание врз организмот, а другиот од многубројните плускавци по и околу телото. Со жалење се одделивме од нив. Тие подоцна нарачале некакво такси кое ги одвело до Поповица.
На Летенка бевме околу 19 часот. Тука добивме чај, крофни со мармалад. Малку одморивме и продолживме понатаму - сега следи најмачниот дел од трката - мора да се направи еден убиствено досаден круг од 20 km со само 2 контролни точки на него - одиш, одиш. крај нема. Новите членови на екипата повеќе пати ме прашуваат да не сме ја згрешиле патеката - но грешка немаше - само голема должина. Веќе е темница - челните лампи на глава и напред. Некаде по патот не пречекува медицинска екипа - "дали сте сите добро?" - "да, добро сме", за потоа да искоментираме - "а ако не ни е добро што ќе ни правеа?" - дека на нашиот пријател на Летенка не можеа да му го измерат притисокот - дека немаа апарат за мерење.
Потоа следеше средбата со овците во ноќта - Светле уште од порано ги очекуваше и кога конечно наидовме на нив навистина им се израдува. А една седеше баш на патеката и на грбот ја имаше маркацијата од трката - црвено срце на бела подлога. Стотина очи светкаа кон нас во темнината. Со нив беше и едно момче овчарче. Чудно што нема кучиња - најверојатно и волци нема...
длабоко во шумата и во ноќта
Конечно пак на Летенка - ситни саати - седнавме во една барака каде не служат со топла супа и гулаш. Ги гледам пријателите - заморот е јасно видлив - пред се потребата за сон - некој главата на маса, другите со полуотсутни погледи. Но по супите и освежување со вода состојбата е значително подобра. Љубезната госпоѓа ни свари дури и кафе. Потоа 15 минути одмор крај логорскиот оган со нозете нагоре - за да се спушти крвта од нозете и да станат "полесни". И навистина, кога станавме потоа, почувствувавме нова сила, како сега да сме ја почнале трката. Одиме околу 1 km надолу кога на Здраве му текнува дека ги заборавил хеланките на Летенка - одмараме на еден куп сечени дрва и уживаме во прекрасното ѕвездено небо над нас. Повремено проаѓаат осамени души и не прашуваат дали може да ни се приклучат - нашата поголема група им влева сигурност дека ќе успеат.
И така цела ноќ, па зазорува. Кај КТ21 на Јовица Тајфун му е неопходен сон - барем половина час. Го оставме да дремне на една тесна дрвена клупа. Тој си го мести телефонот да го разбуди. Продолжуваме. Епопеја која не може да се опише со зборови, секој има моменти на криза, по некој грч или триење на незгодни места по телото. Но упорноста и решеноста се големи. Напред и само напред.
при крајот на патеката
И така околу 11 часот другиот ден, по 26 часа и нешто минути стигнуваме на целта. Односно прво дојдовме до шаторите, се најдовме со двајцата наши пријатели кои истераа 61 km и со Жико - најпријатното изненадување - освоил 2-ро место на трката со време 16 часа и 56 минути - поточно го дели со уште двајца натпреварувачи. Одиме заедно до целта, тие не фотографираат и снимаат со камера како влегуваме во целта. Заврши напорот - уморни но среќни лица кои знаат дека направиле нешто што на "обичен" човек му е тешко и да го појми. А не е невозможно - дел од нив започнаа со трчање минатата година.
пристигнување на целта - по 111 km (Здраве 113 km)
Не можеме да престанеме да се радуваме на големиот успех на Жико - се роди нова ѕвезда на ултрамаратонското небо - веќе кога ќе доаѓаме следната година ќе прашуваат "а со вас ли е Жикица?", како што сега прашуваат "а со вас ли е Димов Зоран?"
Не запишаа во официјалните книги, се потпишавме, сите формалности ги завршивме. Потоа на мал одмор во близината - ги чекавме Тајфун, Тања Манчева, Ања и Бранко да пристигнат. За околу еден час и тие пристигнаа - од 9 на стартот - 7 успешно изминаа 111 km, а двајца 61 km. Тоа го сметам за голем успех, при што меѓусебната поддршка и тимскиот дух имаа голем удел за постигнување на овој резултат.
До денес уште не е појавена конечна листа за да видиме на кое место сме другите, но тоа и не ние толку битно - битно е дека знаеме дека можеме да се соочиме со разни предизвици во животот и успешно да се справиме со нив, па дури и кога самите по малку се сомневаме во тоа.
Наскоро одиме кај шаторите - логорот мора да се растури - се ближи времето за поаѓање назад. Поаѓаме со колите за Скопје - оние кои се посвежи ги возат колите, а на другите им "клапкаат" главите - се обидуваме да спиеме, да одмориме. Околу 23 часот вечерта - стигнуваме во Скопје. Сите решени идната година да дојдеме повторно на Фрушка Гора.
на пат кон дома
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/FruskaGoraUltramarathon2012#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски