Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Фрушка Гора : Планински Ултрамаратон Плус 111 km - 7 мај 2011

На Фрушка Гора во близината на Нови Сад, Војводина, Р. Србија секоја година во почетокот на месец мај се одржува една прекрасна планинарска и тркачка манифестација - веќе 34 години по ред - Фрушкогорскиот Планинински Маратон. Оваа година на 17 различни патеки, од 10 па до 111 km секој кој сакаше да се натпреварува, или пак само да шета и ужива во убавините на оваа ниска но прекрасна планина - можеше да си избере своја патека и да ја помине. Дури и за време на бомбардирањата на НАТО силите врз Србија овој планински маратон се одржал. Традиција навистина достојна за почит. Од Македонија секоја година земаат учество помал или поголем број на планинари и атлетичари кои сакаат да си ги испоробаат силите. Нормално, ние - како и во се друго - одиме до крај - така да и немаше многу двоумење - патеката од 111 km беше резервирана за нас.

Повеќе луѓе беа заинтересирани, но од разни причини некои од нив се откажаа, така да на крајот останавме само јас (Трајче Панковски) и Жикица Ивановски - член на АК Астрајон од Штип. Ние со амбиција да се подготвуваме и да собираме поени за легендарната трка околу Мон Блан (160 km, 9500 m висинска разлика)- оваа трка ја избравме како последен тест на нашите тренинизи кои наменски ги почнавме со почетокот на оваа календарска година.


на поаѓање од автобуската станица од Скопје

Појдовме од Скопје во четвртокот (5-ти мај) со автобус. Утрото околу 7 часот пристигнавме во Нови Сад. Имавме време (бидејќи ништо не беше отворено) да си прошетаме низ градот кој полека се будеше и да уживаме во овој навистина убав град - уште поубав сега во почетокот на мај - осветлен од пријатно утринско сонце.


Жико на плоштадот во Нови Сад

Околу 10 часот се најдовме со роднина на еден пријател (велосипедист) на Жико кој ни даде клуч од нивна мала викендичка на Поповица - местото од каде стартува трката. Дојдовме на автобуската станица за да фатиме автобус за Поповица. Таму веќе имаше поголема група планинари со ранци, вреќи, шатори од разни краеви на Србија, по некој и од Македонија. Се натискавме некако во автобусот и по половина час возење пристигнавме на Поповица - место на висина од околу 320 m. Тука утре ќе биде стартот на трката. Има неколку планинарски домови, а на ливадите околу може да се постават шатори. Ние се враќавме по патот од Поповица надолу нешто повеќе од километар и ја пронајдовме нашата викендичка. Целиот овој дел е запоседнат од викендички каде новосаѓаните а и други луѓе од цела Војводина доаѓаат на одмор и уживање.


Дел од Фрушка Гора (источниот) со ТВ кулата каде утре ќе трчаме


се е спремно за утрешниот голем настан


познатото лого и маркација на трката црвено срце во бел круг


еден убав двор на викендичка на Поповица


нашата викендичка

Се сместивме во куќичката, одморивме неколку часа а потоа појдовме пак кон Поповица. Во планинарскиот дом на ПСД Железничар од Нови Сад кои се организатори на трката пополнивме пријави кои утре треба да ги предадеме пред стартот, направивме контакт со еден од попознатите планински тркачи од Србија, одморивме малку, се напивме по едно пиво - за Б витамин. Остатокот од денот го поминавме во одмарање во викендичката - да бидеме спремни за утрешниот напор. Се слушнавме на телефон со нашите пријатели од Србија, пред се со Миланка и Ања кои исто така утре ќе учествуваат и се договоривме како утре да се најдеме, бидејќи на стартот има околу десет илјади учесници.

Осамна мирно утро. Ние станавме во 7:15, појадувавме, ги проверивме уште еднаш содржините на малите ранци кои ќе ги носиме со нас на трката. Мора се да имаш - ама не смееш да носиш многу повеќе од она што е неопходно, за да не влечеш голема тежина.

Пак нагоре кон Поповица - за 15 минути сме таму. Веќе има прибрано многу луѓе, повеќето млади, но има и ветерани. Сообраќајот ова утро е блокиран, само автобуси на јавниот превоз постојано носат нови групи учесници.


дел од надоаѓачката река на учесници

Се најдовме со нашите пријатели, поразговаравме што има ново, какви ни се плановите. Ги дадовме пријавите и добивме натпреварувачка книшка на која има мапа на патеката и 27 места за контролните точки, каде што со специјални перфоратори си правиме отисок - доказ дека сме ја поминале точката. Сретнавме и други стари а запознавме некои нови пријатели на нашите пријатели, некои од нив ги знаевме само преку Internet а сега за првпат се видовме "во живо". Меѓу нив и прекрасните Жељко Дуљиќ и Никола Кујунџиќ кои на 20-ти мај треба да појдат на експедиција да се качат на највисокиот врв на Северна Америка - Денали / Мек Кинли.


братско / сестринско дружење : Миланка, Трајче, Ања, Жико


планинари, алпинисти, тркачи... Жељко, Жико, Ања, Никола

Имав време на кратко да се запознаам и со Миленко Панин - еден дечко за кој можам да кажам дека е главен организатор на трката, иако други се напишани пред него - но се гледа кој ја турка работата напред. Дечко со модерни погледи на спортот - со него веќе бев во контакт околу тоа да ни се признае оваа трка и да носи поени за онаа околу Мон Блан (UTMB). Рече дека работата е во тек и дека ќе ја истера до крај. Му посакувам многу успех во понатамошната работа - не му е лесно во борбата со ветерници - како и кај нас, застарени сфаќања, недостиг на финансии, борба со разни "политичари".


организаторите на трката

Но ете, времето за старт се приближи. Се поздравивме со нашите пријатели и се обидовме колку толку да мрднеме малку понапред во толпата - да фатиме подобри стартни позиции - но тоа навистина беше тешко - потоа дознавме дека на стартот имало скоро 12000 учесници.

Одбројување : 10, 9.... 3, 2, 1 - СТАРТ. Уште неколку минути стоевме во место, потоа почнавме пола чекор по пола чекор. Повеќе од половина час одевме бавно, се обидувавме да искористиме и да се мушнеме некое место понапред. Дури кај првата контролна точка може да кажеме дека веќе може понормално да се движиме, иако постојано околу нас има многу луѓе. Како и секоја година, поголем дел од учесниците и не го чекале официјалниот старт, туку си тргнале нешто порано.


гужвата на стартот


во почетниот дел на трката

Не сите учесници се тркаат - всушност тоа го прави многу мал дел од учесниците - оние кои се запишани на поголемите километражи - од 50 km па нагоре. Останатите се дојдени да се прошетаат, да поминат убав ден во природа, да се дружат... што е сосема во ред. Има дури и учесници со mnt bike. Ние од првата точка натаму трчаме - не премногу брзо - се чуваме, но трчаме се освен кога имаме угорница - тука пешачиме. Се редат една по друга контролните точки, постојано поминуваме некои од учесниците, нас речиси никој не не минува. Имаме неколу ситуации кога или едниот или другиот се спрепнува од камен или од корен - едно паѓање кое за среќа минува без повреди. На контролните точки си боцкаме на картончињата, на некои од нив ни даваат и чај. Патеката минува покрај неколку големи манастири - тоа значи дека таму има чешма, можеме да ги обновиме резервите со вода. Минуваат часови, километри, времето се стоплува - среќа што поголемиот дел од патеката е во шума - во сенка. Кај КТ2 го сретнавме мојот пријател Ѓуро Милошевиќ па тука ми попушти концентрацијата, наместо лево, појдовме десно. По некои 500 - 600 метра сфатив дека не е таа патеката по која треба да одиме, па се вративме назад.


на патеката


поголемиот дел од патеката е низ шума


манастир Гргетег - КТ6


контролна точка и чај на КТ6 - Гргетег


КТ7 - ТВ Торањ - повеќето луѓе се шетаат

На едно место по пат си купуваме по еден сладолед - убаво ни доаѓа - не освежува. Во местото Врдник има предвидено ручек - гравче, но јас и Жико не седнуваме за јадење - јадеме по едно чоколатце и одиме натаму. Внимаваме на земање на храна и вода на редовни интервали за да може да издржиме до крај.


контролна точка - перфоратори, логото на трката, плакатот на трката


одвојувањата за разни патеки се добро означени


манастир Старо Хопово


КТ8 - манастир Ново Хопово - нов дел од патеката додаден оваа година за да се сторат 111 km


мала пауза во Врдник - КТ11


на излез од Врдник - внимававме да не ја пречекориме дозволената брзина


на КТ12 - Јазак - љубезните контролори кои најверојатно беа дедо и внук

Во Врдник сме околу 16 часот. Оттука по една асфалтна делница се оди по една константна угорница, за да потоа почне да се спушта, вртејќи во десно кон манастирот Јазак - КТ12. Оттаму до КТ15 - Летенка се бркавме со една маџарица млада - де она ќе не помине, де ние неа. Одлично се движеше. На КТ13 - спомен обележјето на Пинки јас "го удрив ѕидот" - израз кој се користи во маратонското трчање кога маратонецот ќе ги потроши резервите на гликоген, т.е. ќе остане "без гориво" - обично после 32-иот километар. Мене ова ми се случува за прв пат. Се препотив, нозете изгубија сила, особено на угорница. Знаев дека требаше да земем да јадам нешто, ама си мислев "Еве сега ќе дојде Летенка, таму ќе правиме убава пауза и таму ќе јадам". Така се влечкав 4 километри додека да стигнеме до главната контролна точка на Ултрамаратонот - Летенка. Тоа е една огромна ливада на која има и спортски терени. Тука беа поставени шатори, подвижна кујна. Веќе беше 18:20 кога стигнавме. Сонцето ја имаше изгубено силата, мене поради стресеноста од недостиг на енергија почна да ми студи. Кога стигнавме на контролната точка не запишаа во посебен список и ни дадоа едно ново ливче на кое треба да ни ставаат печати во кругот со должина од околу 21 km што треба да го направиме и пак да се вратиме на Летенка. Ни понудија крофни. Во тој момент кога ја загризав крофната ми се чинеше дека ништо поубаво во животот немам пробано - до толку ми беше паднат шеќерот во организмот. Изедовме по две крофни и испивме по два чаја, па отидовме малку на страна каде имаше сонце да јадеме уште нешто и да се стоплиме. Облеков јакна, ставив ракавици - недостигот на енергија ме доведе до тресење на рацете. Изедов и пола интегрална кифла која претходниот ден ја купив во Нови Сад. Полека дојдов на себе. По дваесетина минути пауза станаме и продолживме.


Жика на КТ15 - Летенка


КТ17 - Андревље

Од Летенка кон КТ17 - Андревље одиме - веќе не трчаме - сосема сами - нема никој околу нас на патеката. Само еднаш не помина Миодраг Миљковиќ од Ниш - поранешен победник на Ултрамаратонот, кој го правеше своето второ поминување тука - веќе го имаше направено додатниот круг од 21 km. Бев малку изненаден што го видов - очекував да биде побрз. Тој ни кажа дека оди по оваа патека иако треба по правило да оди по една друга - паралелна со оваа - и дека оваа е полесна и дека минатата година, поради лошо маркирање - ја згрешил патеката кога одел по другата патека. На Андревље веќе не фаќа мрак - таму сме во 20:10. Оттаму пак едно стрмно искачување, па долго движење наназад кон Летенка. Темница, ние со лампите на глава. Одиме - што си мислевме - сега не можам да се сетам. Знам дека во главата ми се вртеше дека Ок - оваа трка еве - заврши - добро ја поминавме - немаме повреди - почнав да правам некои планови за следните. Многу беше битно да не се повредиме за да можеме успешно да продолжиме понатаму со нашите зацртани планови.


на некоја контролна точка некогаш во ноќта - се добива други димензии

И така продожуваме. На Летенка стигнуваме по втор пат околу 23 часот. Пак не запишуваат. Сега има топла супа во чаша - пиеме по две супи, пак јадеме нешто. На едно место има запален оган, околу него исполегнале момци. Ветрот дува - со променлив правец и јачина - го разгорува огнот - искри летаат - дечките лежат - може некој да се потпали. Правиме тука пауза од околу половина час и продолжуваме натаму. Не ни е тешко во смисла да не болат нозе или да немаме сила - се е тоа во ред, но веќе сакаме оваа патешествие да заврши. Е за да заврши, мора да одиме. Со Жика решаваме да не го слушаме Миодраг и да одиме по полесната патека - сакаме "поштено" да си ја поминеме целата предвидена патека. Одиме по паралелната патека кон Андревље - навистина доста е потешка, се искачува горе, па се спушта долу, додека другата беше цело време благо спуштање. При крајот среќаваме една мала група која ни вели ова не била вистинската патека - оваа ќе не однела кај КТ20 - Тестера. По ова и изјавата на Миодраг, помисливме дека стварно е така, па тргнавме назад по угорница - да бараме каде сме ја утнале патеката. По десетина минути среќаваме нова група планинари кои ги прашавме за патот. Тие отпрвин беа сигурни дека е добрата патека, а кога им кажав за приказната што ни ја кажа Миодраг и оние долу - веќе не беа толку сигурни. Сепак, по малку размислување рекоа дека ова е добрата патека, сепак тие веќе 5 пати досега ја поминале оваа патека. Така и ние - пак назад. Се покажа дека е добра патеката, само ние изгубивме додатен половина час. Патеката во понатамошниот дел беше доста незгодна бидејќи за првомајските празници врнел дожд, се направиле многу нерамнини кога калта се исушила и ногата стално газеше по нерамен терен - внимававме да не ги повредиме зглобовите. На неколку места имаше останати барички со кал кои мораше да се заобиколат.

Се редеа контролни точки, но крајот беше блиску. Од Андревље - други пут - до крајот остануваат само 27 km. Следен битен момент беше да се искачиме на Црвени Чот - највисокиот врв на Фрушка Гора - доста долга угорница. На КТ22 - Црвени Чот сме во 2:45. Околу 5 часот почна да се разденува а со разденувањето почна да паѓа нешто од небото. Прелетуваа ситни снегулки. Ние во тоа време бевме на КТ25 - Бранковац. Оттука патот оди по асфалт кон Змајевац. Веќе почнува да врне ситен дожд - константно. Во друштво имаме два-три момци кои ги затекнавме на Бранковац. Одиме - се трудиме да се движиме колку што можеме - за да не не врне долго време и да можеме да ја избегнеме калта што ќе се формира од дождот. Но, калта не ја избегнавме. Еден од дечките пред нас се испружи во цела должина на една каллива удолница. Ние максимално внимававме да не паднавме и на крајот успеавме - само патиките беа направени со кал.

Но, крајот го краси делото. Во 7:08 ние се појавивме на Поповица, се спуштивме во домот на ПСД Железничар - за 22 часа и 10 минути изминавме 111 km (и малку повеќе поради двете грешки во патеката) и околу 4200 метри висинска разлика.

Се вративме некако до нашата викендичка - се истуширавме и во 8 часот легнавме малку да одмориме. Спиевме до 11 часот. Станавме - се спакувавме и оттаму пак нагоре до Поповица. Се видовме со Миланка - разменивме искуства - кој како си поминал. Разбравме дека Ања и Бранко Дикиќ се сега кај манастирот Беочин. Немаше време да ги чекаме да се вратат - сакавме да појдеме на пат за Скопје. Се поздравивме и појдовме. Како да ги порачувавме ни се погодуваа автобусите - до Нови Сад, до Белград, до Скопје. Во 22 часот истиот ден (неделата) стигнавме во Скопје - уморни, но не премногу - повеќе ненаспани. Битно што ниту имавме воспаление на мускули, ниту повредени зглобови, па ниту плускавци. Одличен тест на нашата издржливост - значи можеме и повеќе, а и побргу.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 111 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 4119 m
Најниска точка : 156 m
Највисока точка: 536 m
Времетраење: 22 часа 10 минути
Потрошени калории: 10000 CCal


приказ на изминатата патека


профил на патеката

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Миланка Арсиќ, Марин Стојановски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje