Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Езерски Врв - Бистра - Три Воде - 19 септември 2010

На 19 септември 2010 година изведовме еднодневна планинарска акција на Шар Планина - поточно во северниот дел на планината. Ги искачивме Доброшки Врв (2354m), Езерски врв (2586m) и неколку врвчиња од гребенот на Бистра, со висина од околу 2600m. Учесници во акцијата: Марин и Трајче од ПД "Макпетрол" и Ана и Ненад Радевски од СКК "Екстрем". Планот беше претходно разработен, а целта на оваа акција беше да се запознаеме со овој поретко посетуван, а многу убав дел од Шар Планина, како и испитување на силите - да се искачиме на Шар Планина од подножјето и да се вратиме назад во еден ден. Искачената висинска разлика од 2365 метри и изминатите 31 km за 12 часа доволно зборува за сериозноста на акцијата.

Поаѓање од Скопје во 5:15. Околу 6 часот сме веќе во Теарце - паркираме кај црквата и џамијата, кои се изградени една карши друга. Тука веднаш се полициската станица и општината. Во 6:10 поаѓаме од надморска висина од 550m по уличките на Теарце во правец на село Пршовце, кое практично е споено со Теарце.


рано наутро низ село Теарце

По десетина минути излегуваме од селото, минуваме еден (поточна два надоврзани) дрвен мост и излегуваме на асфалтниот пат кој води за село Јелошник. Селото се наоѓа на околу 800m. Во селото луѓето ни кажаа дека доаѓаат главно во лето и за викенди. По селото нема асфалт, продолжува во широк земјен пат. Го следиме патот до околу 1300m, каде се одвојуваме во десно и се упатуваме кон нашата прва цел - Доброшки врв - врв кој додека одиме нагоре доминира пред нас.


Доброшки врв доминира на овој дел од планината

Влегуваме на кратко во една мала шумичка и наскоро сме на 1500m - тука има едно бачило во кое немаше траги од скора посетеност. Нас патот сега не води директно нагоре - по грпката кон Доброшки врв. По патот береме крупни и вкусни боровинки.


Јажиначко бачило на 1507m


искачување на Доброшки врв (2354m)

По убаво сончево време стигнуваме на Доброшки врв - повеќе е тоа издолжен гребен. Тука веќе се појавува умерен ветар, кој понатаму ќе не прати со променлива јачина - некогаш речиси го нема, а некогаш засилува. Патот сега се спушта надолу до следниот гребен - Чаушиски срт. Уживаме во глетката од двете страни - на десно : Пирибег, Љуботен, на лево : Кучибаба, Црн Врв, подалеку Бакардан, Титов Врв, Мал Турчин, Бориславец... Пред нас се креваат двата езерски врва (десно) и гребенот на Бистра (лево). Во долината меѓу двата езерски врва се сместени двете Доброшки езера. Пределот е микс на трева и карпи / камени блокови, со тоа што во горниот дел доминираат камењата.


Чаушиски гребен - од Доброшки врв кон Доброшките езера и Езерските врвови


двата Езерски врва и долината со езерцата


горното Доброшко езеро


на Езерски врв (2586m)

На Езерски врв сме околу 11:30 часот. Има два врва кои се речиси со иста висина, разликата е 6 метри. Тука правиме мал одмор и правиме договор како да продолжиме понатаму. Од спротивната страна на планината - на косовска страна се гледа прекрасното тикизно Јажиначко езеро.


Јажиначко езеро


спуштање од Езерски врв

Почнува спуштањето кон седлото помеѓу Езерски врв и Бистра - длабоко седло - поголем дел од патот е по камењар од крупни камени блокови - како да си во некоја видео игра со скокање од камен на камен. Потоа, со филмска брзина следи искачувањето по гребенот на Бистра - исто многу каменест терен, но убав на свој начин - особено за мене бидејќи сакам малку посурови предели. Но мора да се брза бидејќи времето си тече и мора да се мисли на враќањето назад. По три искачени врвчиња со околу 2600m се откажувам од качувањето на највисокиот врв во овој дел и почнува спуштањето надолу - за да стигнеме пред мрак во Теарце.


гребенот на Бистра


долината на Три Воде

Се спуштаме стрмно и нагло губиме висина, но сепак и тоа не е брзо дека треба да се внимава да не се лизнеме на стрмниот предел и високата трева. Минуваме под Чаушица - одиме во правец на Три Воде - директно. На висина од околу 1800m веќе завршува тревата и почнува шумскиот појас.


на почетокот на пострмниот дел од спуштањето

Јас имав нацртано една убава патека за спуштање од топографска карта и GoogleEarth - но бевме доста изненадени на терен кога наместо патека наидовме на џунгла од висока папрат - поради слаба посетеност, особено од тоа што изгледа бачилата во овој дел веќе не функционираат - убавите патеки од минатото почнале да се губат. Но сепак успеавме да се снајдеме и да ја следиме патеката до долу. За околу еден час сме на Три Воде - ја минуваме Бистрица.


низ високата папрат


на Три Воде - Бистрица

Од Бистрица поаѓа широк шумски пат во правец на село Брезно и потоа една гранка се одвојува за Теарце. Веќе нема посериозни проблеми, па тука се преслекуваме во чисти чорапи, некој си смени патики. Патот малку здодевен но мора да се изоди - 7-8 km до Теарце. Во 18:15 - по 12 часа пешачење низ планината стигнуваме во Теарце кај нашата кола. Кондиционо захтевна тура но се исплатеше. Да беше малку поголем денот ќе можеше да се отиде и малку подалеку, но тоа ќе го оставиме за некој следен пат.


по шумскиот пат кон Теарце

Технички податоци :
- должина на патеката : 31 km во двата правци
- вкупно искачување : 2365 m
- вкупно изминато време (со одмори) : 12 часа

GPS записот можете да го симнете од следната адреса : http://www.stazeibogaze.info/2010/09/20/sar-planina-ezerski-vrv-bistra-tri-vode/

Повеќе слики можете да видите на : http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/EzerskiVrvBistra#


GPS запис на патеката


висински профил на патеката

Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje