Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Езерски Врв - 20 април 2013

Идејата, да се помине уште еден убав сончев ден на снег заврши со спонтано собирање на една поголема група планинари, заљубеници во високогорството. Имаше повеќе предлози за тој ден, од Шапка, Љуботен, Кожуф и што уште не, сепак, се одлучивме за предлогот на Бојан, Езерски Врв кој се наоѓа на потегот помеѓу Кобилица и Љуботен, некаде на средина. Се решивме за овој врв бидејќи ниту еден од нашата денешна група од Макпетрол се немаше до сега искачено таму, па затоа им го препуштивме водењето до таму, на нашите пријатели планинари од ПСД Кораб кои веќе биле таму неколку пати во изминатите година-две, со кои што во последно време соработуваме и се дружиме се почесто.

Целата група требаше да брои 15 планинари, но кога стигнавме до Јелошник, селото каде планиравме да ги паркираме нашите возила, разбравме дека 6 члената група на Иво од ПСД Кораб, по пат го промениле својот план и се одлучиле за н a Пирибрег. Како и да е, ние 9-мина, 5 макпетролци и 4 корабци, по кратко спремање на опремата, го фативме џадето што не извади од шумата, не однесе до едно бачило со убава ладна изворска вода па уште малку понатаму до раззеленетите ливади под Доброшки Врв. Иако спремни за снежни услови со високогорски тешки кондури, доста долго, скоро 1000 висински метри моравме да газиме по сув терен, првиот снег во кој што загазивме беше на околу 2000 мнв. под самиот Доброшки Врв.

 

Кога го качивме Доброшки кој е на околу 2350 мнв. се отвори поглед кон гребенот на Шара по граничната линија со Косово, со нејзините врвови но за жал во облаци, сосема спротивно од најавите за убав мирен сончев ден. Имаше и ветер кој не натера да ги извадиме јакните, капите и ракавиците од ранците и убаво да се забрадиме. Во прв момент бевме малку разочарани од временските услови но како се приближувавме накај врвот така времето стануваше се поубаво, облаците се дигнаа и се појавија врвовите, интензитетот на ветерот се намали и расположението во групата се врати.

,

Со мали паузи за јадење, пиење и по некоја фотографија, со едно умерено темпо и во еден нов амбиент за повеќето од нас, се движевме нагоре-надоле по еден многу убав гребен со стрмни падови де од левата де од десната страна, цело време внимавајќи да ги избегнеме стреите што се беа надвиснале како да едвај чекаат да паднат.

Многу интересен терен но во исто време и доста ризичен во зимски услови на пониски температури. Ние ја немавме таа среќа во саботата да го почувствуваме напливот на адреналин кој би го предизвикал овој стрмен терен во вистински зимски услови со екстремно ниски температури, па затоа си оставивме во аманет тоа да го сториме наредната зима. Ние тој ден имавме температура можеби еден или два степени над нулата, мек снег поради што, само ревијално ги прошетавме цепините во рацете и дерезите во ранците од пуста носталгија по зимата на заминување.

 

И ете не конечно на врвот, GPS- от покажува 2601 метар надморска висина. Како што обично бива неизоставната процедура на честитање за постигнатиот успех, фотографирање на самиот врв, малку јадење и пиење и тргнуваме по иста патека назад до колите . T ука ги сумираме резултатите – 18 км. и 1950м. D+ , за 9 часа и 20 мин. и решивме како и многу пати до сега успешно реализираната акција да ја крунисаме со по едно ладно пиво, овој пат Јелен во с. Сиричино, по предлог на Боро.

Технички податоци :

 

Текст и фотографии : Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje